
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.75/2025
Скопје, 08.07.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 8 јули 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Одлуката У.бр.94/2019 на Уставниот суд на Република Северна Македонија, донесена на седницата одржана на 12 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.136/2020).
Образложение
I
Славчо Десподов од Делчево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за преиспитување на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, Уставниот суд со Одлуката У.бр.94/2019 од 12.05.2020 година, требало да го поништи, а не да го укине член 18 став 2 од Законот за извршување.
Во иницијативата се наведува дека по донесувањето на Одлуката У.бр.94/2019, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.136/2020, извршителите, врз основа на укинатата одредба, ретроактивно наплаќале средства од должниците и по неколку години од неговото укинување.
Одлуката на Уставниот суд У.бр.94/2019 од 12 мај 2020 година не е во согласност со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, поради што се предлага Судот да ја смени Одлуката, на начин што ќе го поништи член 18 став 2 од Законот за извршување.
II
На седницата Судот утврди дека со Одлуката У.бр.94/2019 од 12 мај 2020 година е укинат член 18 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).
Оваа одлука е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.136/2020 од 27 мај 2020 година.
III
Според член 112 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во член 81 од Актот на Судот, е уредено дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и правно обврзувачки за сите правни субјекти.
IV
Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот бара преиспитување на Одлуката У.бр.94/2019 на Уставниот суд, донесена на седницата одржана на 12 мај 2020 година година, со која Судот го укина член 18 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).
Со оглед на тоа дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и истите не подлежат на преиспитување ниту од Уставниот суд ниту од друг орган, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски