У.бр.186/2025

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.186/2025
Скопје, 15.07.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 15 јули 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Игорчо Точев од Скопје, на седницата одржана на 22 април 2026 година, со Решението У.бр.186/2025 поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нејзината согласност со начелото на владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025), во член 208 во ставот (8) зборовите: „Државната Комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“ се заменуваат со зборовите: „Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен“.

Во ставот (9) зборовите: „Државната Комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“ се заменуваат со зборовите: „Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен“.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 47 од Законот за инспекциски надзор во животната средина (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99/2022 и бр.3/2025), со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат член 194 ставови 6 и 7, членовите 196, 197, 205, 205-а, 206, 207, 207-а, 208, 208-а, 209 и член 211 став 1 точки 24) и 25) од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016 и 99/2018), член 170 од Законот за заштита на природата („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2004, 14/2006, 84/2007, 35/2010, 47/2011, 148/2011, 59/2012, 13/2013, 163/2013, 41/2014, 146/2015, 39/2016, 63/2016 и 113/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 150/2021) и член 231 од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2008, 6/2009, 161/2009, 83/2010, 51/2011, 44/2012, 23/2013, 163/2013, 180/2014, 146/2015 и 52/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 151/2021).

IV

Судот ја анализираше одредбата од член 34 од Законот од аспект на нејзината содржина, но и од аспект на нејзината јасност и предвидливост.

Со оспорената одредба се врши измена во член 208 ставови 8 и 9 од основниот текст на Законот за животната средина, поточно, законодавецот извршил замена на зборовите „Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“ со зборовите „Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен“.

Од друга страна, Законот за инспекциски надзор во животната средина е донесен на 19 април 2022 година и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99 од 21.04.2022 година. Овој закон влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето, односно од 29.04.2022 година. Со член 47 од истиот, законодавецот определил дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи, помеѓу другите, и член 208 од Законот за животната средина, што значи дека оваа одредба не е дел од правниот поредок од 29.04.2022 година. Законодавецот, без да ја има предвид оваа околност, со член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/2025), извршил измена во содржината на член 208 ставови 8 и 9 од Законот за животната средина, поточно интервенирал во одредба што не е дел од правниот поредок.

При уставно-судската анализа на член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, се постави прашањето дали оспорената одредба може да се сведе на пропуст од страна на законодавецот или станува збор за уставно релевантен проблем во однос на правната сигурност на оваа одредба со која законодавецот извршил измена на содржината на член 208 од истиот закон. На ваков начин, законодавецот интервенирал во одредба чијашто важност претходно престанала, при што не е создаден јасен нормативен основ за нејзина повторна примена.

Со оглед на тоа дека престанокот на важност на една законска одредба значи дека таа ја губи својата нормативна сила и обврзувачко дејство, истата формално може да остане дел од текстот на Законот, но од моментот на престанокот на важноста, таа одредба не произведува правни последици и не може да биде основ за уредување на права, обврски или правни односи.

Со уредувањето во член 47 од Законот за инспекциски надзор во животната средина престанал да важи член 208 од Законот за животната средина, додека со член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина се врши измена во норма којашто престанала да постои, со што се создава правна несигурност. При една ваква правна ситуација субјектите на правото не можат со сигурност да утврдат дали таа одредба е дел од правниот поредок и дали произведува правни дејства. Таквата состојба не може да се надмине со толкување, ниту пак може да се смета за обична номотехничка неусогласеност, бидејќи се работи за противречност којашто создава забуна во операционализацијата и примената на Законот.

Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот оцени дека со оспорената одредба се врши измена на законска норма, којашто претходно престанала да важи со друг закон, што претставува повреда на темелната вредност владеење на правото, утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваa одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски