У.бр.40/2025

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.40/2025
Скопје, 10.06.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 10 јуни 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 1 во делот „актите” и член 26 во делот „акт” од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека истите се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Се цитира член 19 став 1 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, според кој Програмскиот совет е стручен орган на Академијата, а во став 3 на истиот член се пропишува кој може да биде назначен за член на Програмскиот совет. Додека во член 20 од истиот закон се пропишуваат надлежностите на Програмскиот совет.

Исто така, во иницијативата се цитира содржината на член 22 став 1 од Законот, којшто се однесува на правото на месечен надоместок на членовите на Програмскиот совет, со исклучок на директорот. Според наводите, ваквиот надоместок на членовите на Програмскиот совет не може да биде повисок од 45% од просечната месечна плата исплатена во Републиката во последните три месеци како што е предвидено во член 22 став 2 од Законот. На ваков начин законодавецот оставил можност висината на надоместоците да се пропишува со подзаконски акт за кој не е јасно по чиј предлог треба да се донесе тој акт, ниту во Законот се содржани критеруми, што доведува до арбитрарно определување на висината на надоместоците.

Понатаму, се наведува дека во ниту една опдредба од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, не е пропишано кој орган на Академијата го донесува актот или по чиј предлог се донесува истиот, ниту пак се предвидени критериумите врз основа на кои ќе се определува надоместокот на предавачите.

Ваквите формулации на овие одредби, според наводите, се нејасни и непрецизни, поради што се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите и истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека член 22 став 1 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024), предвидува дека членовите на Програмскиот совет, со исклучок на директорот, имаат право на месечен паричен надоместок согласно со актите на Академијата.

Исто така, Судот на седница утврди дека член 26 од истиот закон предвидува дека предавачите имаат право на надоместок во зависност од извршената работа, односно реализираните наставни часови, обемот на подготвени прашања и студии на случај за испит, ангажман по експертски ден и слично, кој поблиску се уредува со посебен акт на Академијата.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 110 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 1 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, е утврдено дека со овој закон се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академијата), нејзиниот статус, дејност, органите на управувањето, финансирањето, почетната и континуираната обука.

Во член 5 став 1 од овој закон се предвидува дека основен акт на Академијата е Статутот, а во став 2 алинеја 9 од истиот член е наведено дека со Статутот поблиску се уредуваат, помеѓу другото, и начинот на финансирање и употреба на средствата за работа на Академијата.

Според член 8 од Законот, Управниот одбор, директорот и Програмскиот совет се органи на управување на Академијата.

Со член 11 од Законот, се уредени надлежностите на Управниот одбор на Академијата. Според став 1 алинеја 1 на овој член, Управниот одбор донесува Статут и други општи акти на Академијата и го следи нивното извршување, а согласно со алинеја 14 од истиот член, Управниот одбор донесува акти за прашања за кои во овој закон е утврдено овластување да ги донесува Академијата.

Според член 19 став 1 од Законот, Програмскиот совет е стручен орган на Академијата, додека според став 2 на овој член, Програмскиот совет е составен од седум члена и нивни заменици, кои ги назначува Управниот одбор.

Во член 20 алинеи 1-14 од Законот утврдени се надлежностите на Програмскиот совет:донесува деловник за својата работа; утврдува Предлог-програма за приемен испит; почетна обука и завршен испит; утврдува предлог-програми за континуирана (задолжителна и доброволна) обука; утврдува Предлог-програма за новоизбраните судии во основните судови и јавни обвинители во основните јавни обвинителства; утврдува Предлог-програма за специјализирана обука на судиите поротници, судските службеници и други специјализирани програми; го следи реализирањето на програмите и нивната ефикасност и успешност; ги следи и обновува програмите за обука; дава насоки за наставните методи и техники; дава мислење за листата на предавачи; врши оценување и евалуација на работата на предавачите на Академијата; врши оценување и евалуација на работата на менторите; врши верификација на базите на прашања и базите на студии на случај; дава совети, предлози и сугестии на органите на Академијата за подобрување на квалитетот на наставатa и врши други работи согласно со овој закон, Статутот и актите на Академијата.

Согласно со член 66 од овој закон, средствата за работа на Академијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија преку буџетот на „судска власт“, како и од други извори на финансирање, односно донации и подароци, самостојни приходи и приходи преку издавање на публикации, реализација на обуки за други целни групи кои се надвор од областа на правосудството и во правосудството, реализација на проекти, грантови, кои не се во спротивност со дејноста на Академијата, а во согласност со Управниот одбор.

IV

Од наведените законски одредби произлегува дека со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители е уредено работењето на Академијата како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуват во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.

Во член 22 став 1 од Законот во кој е содржан оспорениот дел, предвиден е месечен паричен надоместок за членовите на Програмскиот совет, со исклучок на директорот, согласно со актите на Академијата. Според став 2, надоместокот од ставот 1 на овој член се утврдува согласно со актите на Академијата и се определува врз основа на обемот на извршените работни задачи и не може да биде повисок од 45% од просечната месечна плата исплатена во Републиката во последните три месеци. Во став 3 на истиот член, на членовите на Програмскиот совет кои имаат живеалиште или престојувалиште надвор од седиштето на Академијата, имаат право и на надоместок на реално направените патни трошоци, согласно со актите на Академијата. Ставот 4 предвидува дека месечниот надоместок предвиден за работа на членот на Програмскиот совет се исплаќа на членот и на заменикот-член пропорционално на бројот на седници на коишто присуствувал во тековниот месец за кој се врши исплатата.

Оттука, за Судот, не е спорно дека на членовите на Програмскиот совет им следува надоместок, но како спорно со иницијативата се постави прашањето врз основа на кои критериуми ќе биде определена висината на надоместокот.

Според Судот, наводите во иницијативата се неосновани од причина што во став 2 од оспорениот член јасно се определува под кои критериуми се утврдува надоместокот на членовите на Програмскиот совет, односно истиот се утврдува согласно со актите на Академијата и се определува врз основа на обемот на извршените работни задачи и не може да биде повисок од 45% од просечната месечна плата исплатена во Републиката во последните три месеци.

Од анализата на Законот, видно е дека Законот содржи критериуми односно рамка врз основа на која Академијата во своите акти ќе ја определи висината на тој надоместок.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата и содржината на наведените членови, Судот оцени дека со даденото законско овластување Управниот одбор на Академијата, согласно со член 11 од Законот, има надлежност да ја утврдува висината на надоместокот, согласно со параметри, критериуми и рамка за утврдување на висината на надоместокот согласно со Законот, кој неспорно може да биде разработен во актите на Академијата, со што не се доведува во прашање согласноста со уставната одредба на која се повикува во иницијативата. Овие критериуми се во непосредна причинско-последична врска со извршената работа и се соодветен основ за утврдување на висината на надоместокот.

Според Судот, неосновани се наводите дека е нејасно кој го носи подзаконскиот акт кој треба да ги содржи параметрите за висината на додатоците на плата на предавачите, кои исклучиво мора да бидат предмет на уредување на закон, а не на подзаконски акт.

Ова од причина што Судот утврди дека формулацијата е јасна и прецизна. Имено, во член 11 од Законот јасно е наведено дека Статутот и општите акти на Академијата ги носи Управниот одбор. Во став 1 алинеи 14 и 17 од истиот член е уредено дека Управниот одбор донесува акти за прашања за кои во овој закон е утврдено овластување да ги донесува Академијата и Управниот одбор го утврдува начинот на користењето на средствата за работа на Академијата.

Исто така, во член 26 од Законот во кој е содржан оспорениот дел, јасно е пропишано дека предавачите имаат право на надоместок во зависност од извршената работа, односно реализираните наставни часови, обемот на подготвени прашања и студии на случај за испит, ангажман по експертски ден и слично, којшто поблиску се уредува со посебен акт на Академијата. Оттука, Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата и во овој дел од причина што Законот јасно утврдува право на надоместок на предавачите и се дава експлицитно овластување на Академијата да го доуреди начинот и критериумите со свој акт, односно да утврди конкретни, објективни и мерливи критериуми што ја одразуваат извршената работа како број на реализирани наставни часови, обем на подготвени прашања и студии на случај за испит, ангажман по експертски ден и слично.

Ова од причина што Судот утврди дека критериумите наведени во член 26 се јасни и прецизни, истите се во непосредна врска со извршената работа од страна на предавачите и се соодветен основ или критериум за утврдување на висината на надоместокот на предавачите.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата и содржината на член 22 став 1 и член 26 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, Судот оцени дека со даденото законско овластување на Академијата со свој акт поблиску да ја утврдува висината на надоместокот, согласно со параметрите, критериумите и рамката за утврдување на висината на надоместокот предвидени во Законот, оспорените делови од Законот не се во спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски