У.бр.198/2025

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.198/2025
Скопје, 17.06.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 17 јуни 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 3 алинеја 1 во делот „раководен“, член 10 став 3 алинеја 3 во делот „инспектор“, член 10 став 3 алинеја 3 во делот „државен инспекторат“, член 10 став 3 алинеја 3 во делот „инспекциска служба“ и член 10 став 9 во делот „Член на“ од Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.144/2025 и 252/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите, оспорените делови се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9 и 32 од Уставот на Република Северна Македонија.

Оспорените делови не се јасни и прецизни и се дава предност на раководен државен службеник, инспектор со осум години работен стаж во државен инспекторат или инспекциска служба наспрема сите оние кои не се членови на Програмскиот совет.

Понатаму, според наводите, член 10 став 9 во делот „Член на“ од Законот ги пропишува само условите за разрешување на член на Програмскиот совет, а тоа значи дека претседавачот на советот е изземен од можноста за разрешување и е ставен во повластена положба во однос на членовите, а сето тоа доведува до повреда на член 9 од Уставот.

Поради наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од Законот и истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека во член 10 став 3 алинеи 1-3 од Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 144/2025 и 252/2025), е предвидено дека за член на Програмскиот совет може да биде избран: раководен државен службеник со најмалку шест години работен стаж како раководен државен службеник; член на универзитетската заедница од научна област во која е опфатено работењето на јавната администрација или инспектор со најмалку осум години работен стаж во државен инспекторат или инспекциска служба.

Судот, исто така, утврди дека во член 10 став 9 алинеи 1-6 од овој закон е уредено дека член на Програмскиот совет може да биде разрешен: на негово барање; поради утврдена неактивност, односно ненавремено или неучество во работата на Програмскиот совет во текот на најмалку три последователни состаноци; ако престане да ги исполнува условите од став 3 на овој член или доколку престане потребата од негово учество во Програмскиот совет базирана на неговата стручност и компетенции; поради повреда на етичките стандарди или нанесување штета на угледот на Академијата или поради трајна спреченост.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Рерпублика Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 9 од Уставот е предвидено дека граѓаните во Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според став 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според став 5 од овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно со член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон . Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, според став 2 на овој член.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста законите со Уставот.

Согласно со член 1 став 1 од Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници со овој закон се уредува постапката на организирање и спроведување на стручно усовршување и обука на административните службеници, основањето и работењето на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, како и други прашања од значење за стручното усовршување и обука на административните службеници. Во став 2 од истиот член е уредено дека одредбите од глава V од овој закон не се применуваат на посебните државни службеници и службени лица со посебни овластувања согласно со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

Целта на Законот согласно со член 2 од овој закон е обезбедување на квалитетно, професионално, непристрасно, ефективно и ефикасно работење на административните службеници преку нивно постојано стручно усовршување и обучување.

Според член 4 од Законот, за вршење на работите на стручно усовршување и обука на административните службеници се основа Академија за стручно усовршување и обука на административни службеници, како орган во состав на Министерството за јавна администрација со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон.

Согласно со член 7 став 1 од Законот со Академијата раководи директорот на Академијата.
Надлежноста на директорот е уредена во член 9 од Законот. Согласно со член 9 алинеја 2, меѓу другото, спаѓа и надлежноста на директорот да именува и разрешува членови на Програмскиот совет од членот 10 од овој закон.

Член 10 став 1 од Законот уредува дека Програмскиот совет е советодавно тело на директорот на Академијата, составено од три члена, кои ги избира и разрешува директорот на Академјата за период од четири години, со право на уште еден избор.

Согласно со став 2 од истиот член, членовите на Програмскиот совет од своите редови избираат претседавач. За член на Програмскиот совет, согласно со став 3 од истиот член, може да биде избран: раководен државен службеник со најмалку шест години работен стаж како раководен државен службеник, член на универзитетската заедница од научна област во која е опфатено работењето на јавната администрација или инспектор со најмалку осум години работен стаж во државен инспекторат или инспекциска служба.

Став 4 од истиот член од Законот уредува дека лицата од ставот 3 на овој член, треба да имаат искуство во подготовка на наставни планови или програми за обука и стручно усовршување што се докажува со соодветни документи приложени кон нивната биографија, која се објавува на веб-страницата на Академијата, а истите според став 5 од истиот член, се избираат преку јавен оглас, кој се објавува на веб-страницата на Академијата.

Согласно со став 6 од истиот член јавниот оглас од став 5 на овој член, содржи услови за кандидатите, потребни документи, рок и начин на доставување на пријавите и критериуми за селекција. Јавниот оглас трае 15 дена од денот на објавувањето.

Според став 7 на овој член, пријавите ги разгледува комисија составена од тројца вработени која го проценува исполнувањето на условите и изготвува ранг-листа на кандидати кои ги исполнуваат условите од ставовите 3 и 4 на овој која комисија е формирана од страна на директорот на Академијата.

Во став 8 од истиот член е уредено дека врз основа на ранг-листата од став 7 на овој член, директорот на Академијата донесува одлука за избор на членови на Програмскиот совет во рок од 15 дена од денот на завршување на јавниот оглас и ја објавува на веб-страницата на Академијата во рок од три дена од денот на донесувањето.

Согласно со став 9 од истиот член, член на Програмскиот совет може да биде разрешен: на негово барање, поради утврдена неактивност, односно ненавремено или неучество во работата на Програмскиот совет во текот на најмалку три последователни состаноци, ако престане да ги исполнува условите од став 3 на овој член или доколку престане потребата од негово учество во Програмскиот совет базирана на неговата стручност и компетенции, поради повреда на етичките стандарди или нанесување штета на угледот на Академијата или поради трајна спреченост.

Директорот на Академијата, според став 10 од овој член, донесува решение за разрешување на членот на Програмскиот совет со образложение, коешто се објавува на веб-страницата на Академијата во рок од 15 дена од денот на донесувањето на решението.

Програмскиот совет, согласно со член 11 став 1 од Законот ги врши следните работи: донесува деловник за својата работа, дава мислење за содржината на програмите за обуки за административни службеници доставени од институциите, ги подготвува програмите за обуки за административните службеници кои ги донесува министерот, на директорот на Академијата му предлага членови на испитните комисии и врши други стручни работи за потребите на Академијата. Во став 2 од истиот член е уредено дека при изготвувањето на специфичните содржини и аспекти на програмите за специјализирани обуки, Програмскиот совет може да ангажира домашни и странски експерти од соодветната област.

Согласно со член 12 од Законот, членовите на Програмскиот совет имаат право на месечен паричен надоместок кој се определува врз основа на обемот на извршените работни задачи и пропорционално на бројот на седници на кои членот на Програмскиот совет присуствувал во тековниот месец за кој се врши исплатата и не може да изнесува повеќе од 20% од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во Република Северна Македонија за претходната година. Висината на надоместокот од поблиску ја утврдува министерот, на предлог на директорот на Академијата.

IV

Со Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, се врши усогласување со принципите на Европскиот административен простор – ЕАП коишто се предвидени во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ 2021-2025 (НПАА) и со ЕПП број 2023.0007.8351.

Законот претставува нова нормативно правна рамка во системот на уредување на правата и обврските на административните службеници.Основна цел на Законот е обезбедување на квалитетно, професионално, непристрасно, ефективно и ефикасно работење на административните службеници преку нивно постојано стручно усовршување и обучување.

Академијата за обука и стручно усовршување на административните службеници е орган во состав на Министерството за јавна администрација, надлежна за спроведување на Законот. Академијата е самостоен субјект којшто е задолжен на еден системски уреден начин да може да одговори на потребите за стручно усовршување и обуки на административните службеници вработени во јавниот сектор.

Во член 10 ставови 3 и 4 од Законот се пропишани услови коишто треба да ги исполнат кандидатите за членови на Програмскиот совет.

Оттука, произлегува дека кандидат за член на Програмскиот совет може да биде избран раководен државен службеник со најмалку шест години работен стаж како раководен државен службеник, член на универзитетската заедница од научна област во која е опфатено работењето на јавната администрација или инспектор со најмалку осум години работен стаж во државен инспекторат или инспекциска служба, што според Судот, претставува еден вид гаранција за кредибилитетот на Советот.

Определувањето посебен услов за избор на член на Советот, според Судот, произлегува од потребата со закон да бидат уредени прашањата за постоење на подобност на лицето за ефикасно вршење на советодавната функција, со што не се создава можност за постоење сомнеж за недостојност на вршење на функцијата на член на Советот.

Во конкретниот случај, остварувањето на правото на работа и начелото на еднаквост е детерминирано со исполнување на условите коишто се однесуваат за сите лица кандидати за членови на Програмскиот совет.
Судот оцени дека е неоснован наводот дека со член 10 став 9 во делот „Член на“ од Законот се уредуваат само условите за разрешување на член на Програмскиот совет, со што претседавачот на Советот е изземен од можноста за разрешување и е ставен во повластена положба во ооднос на останатите членови.

Оттука, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел со член 9 од Уставот, од причина што, Програмскиот совет е советодавно тело коешто се состои од три члена, кои ги избира и разрешува директорот на Академјата. Членовите на Програмскиот совет од своите редови избираат претседавач кој претседава со Советот, но истиот и покрај изборот за претседавач воедно е и член, така што може да биде разрешен.

Оттука, Судот оцени дека член 10 став 3 алинеја 1 во делот „раководен“, член 10 став 3 алинеја 3 во делот „инспектор“, член 10 став 3 алинеја 3 во делот „државен инспекторат“, член 10 став 3 алинеја 3 во делот „инспекциска служба“ и член 10 став 9 во делот „Член на“ од Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9 и 32 од Уставот на Република Северна Македонија од аспект на наводите во иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски