
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.52/2025
Скопје, 15.07.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членoвите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 15 јули 2026 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за поништување на одобрен урбанистички проект за село со намена А4.7 – куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште, бр.02-1509/1 од 29.05.2025 година, донесена од Советот на Општина Сопиште („Службен гласник на Советот на Општина Сопиште“ бр.6/2025).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Државниот инспекторат за локална самоуправа преку неговиот директор, со Решението УЗ.бр.52/2025 од 13.05.2026 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од диспозитивот на оваа одлука, затоа што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и член 36 од Законот за локалната самоуправа.
II
На седницата Судот утврди дека Одлуката за поништување на одобрен урбанистички проект за село со намена А4.7 – куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште, бр.02-1509/1 од 29.05.2025 година, е донесена од страна на Советот на Општина Сопиште и е објавена во „Службен гласник на Советот на Општина Сопиште“ бр.6/2025.
Согласно со воведот на оваа одлука, Советот на Општина Сопиште на 6-та седница одржана на 23.05.2025 година ја донел Одлуката врз основа на член 62 став 1 и член 22 став 1 точка 1 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024) и поднесено барање бр. 08-1154/1 од 24.04.2025 година за поништување на Урбанистички проект за КП1526/8 и 1532/5КО Сопиште – Вонград од жители на ул.14.
Член 1 од Одлуката уредува дека се донесува Одлука за поништување на одобрен Урбанистички проект за село со намена А4.7 – куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште од инвеститорите Горан Ханџиски и Сунчица Ханџиска, изработена од Друштвото за проектирање и услуги ПЛАН ДИЗАЈН ДОО Скопје со техн.бр. 265/23 од февруари 2024 година и Потврда за заверка од Општина Сопиште, Одделение за урбанизам со бр. 28-868/9 од 09.04.2024 година.
Согласно со член 2 од оваа одлука, истата се донесува врз основа на поднесено барање од страна на жители од ул.14 Сопиште во кое се наведени причините: постојаната инфаструктура е недоволна и несоодветна за поддршка на дополнителна урбанизација, застареност на водоводната и канализациона мрежа, преоптовареност на електричните инсталации како и неприлагодената патна мрежа за зголемен сообраќај.
Со член 3 став 1, се задолжува Одделението за урбанизам и градоначалникот на Општина Сопиште да не издаваат одобрение за градење со намена А4.7 – куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП1526/8 и КП1532/5 КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште.
Согласно со став 2 на овој член, се задолжува Одделението за урбанизам и градоначалникот на Општина Сопиште да донесат Решение за одбивање на барањето за издавање на одобрение за градење на КП1526/8 и КП1532/5КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште со намена А4.7 – куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште, а согласно со донесената одлука од страна на Советот на општина Сопиште.
Донесената Одлука од Советот на Општина Сопиште се доставува до Одделението за урбанизам во Општина Сопиште за понатамошно постапување, согласно со став 3 на член 3 од оваа одлука.
Според член 4 од Одлуката, истата влегува во сила со денот на донесувањето и истата ќе се објави во „Службен гласник на Општината Сопиште“.
III
Судот, врз основа на доставената документација и одговори од Советот на Општина Сопиште и од градоначалникот на Општина Сопиште, ја утврди фактичката состојба како што е изложено подолу во оваа точка од Одлуката.
Урбанистичкиот проект за село со намена А4.7 – куќи за потребите за селскиот туризам, во урбанистичкиот план за село Сопиште на КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште-Вонград, Општина Сопиште со техн.бр.265/23 од февруари 2024 година, доставен преку информацискиот систем е-Урбанизам, со број на постапка 59617, е одобрен од градоначалникот на Општина Сопиште на 09.04.2024 година со Потврда за заверка од Општина Сопиште, Одделение за урбанизам, број 28-868/3.
Врз основа на одобрениот урбанистички проект, на 16.05.2025 година склучен е Договор за плаќање на надомест на градежно земјиште бр.23-52/5 помеѓу Општина Сопиште и Горан Ханџиски и Сунчица Ханџиска, кои претходно на 02.04.2025 година преку информацискиот систем е-дозволи за градба, како инвеститори поднеле Барање за одобрение за градење (бр.23-52/2025) со прилог: основен проект, Извод од план, ИЗИИС, административна такса, полномошно, имотен лист, податоци за градба ДЗС, геодетски елаборат за нумерички податоци, елаборат за енергетска ефикасност и ревизија. Врз основа на комплетната документација и добиените согласности и позитивни мислења од субјектите надлежни за енергетска, водоводна и канализациона инфраструктура во постапката за издавање на одобрение за градба, на 16.05.2025 година, Општина Сопиште издала Пресметка за надоместок за уредување на градежно земјиште бр.23-52/4, при што надоместокот е уплатен на 23.05.2025 година во висина од 1.321.320,00 денари.
На седницата одржана на 23.05.2025 година, Советот на Општина Сопиште, ја донел сега оспорената одлука за поништување на одобрен урбанистички проект за село со намена А4.7-куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште-Вонград, Општина Сопиште, со бр. 02-1509/1 од 29.05.2025 година и објавена во „Службен гласник на Советот на Општина Сопиште“ бр.6/2025 од 03.06.2025.
Градоначалникот на Општина Сопиште, на 29.05.2025 година донел Заклучок за прогласување на Одлуката за поништување на одобрен Урбанистички проект за село со намена А4.7-куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистичкиот план за село Сопиште на КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште, со бр.08-1509/2 („Службен гласник на Општина Сопиште“ бр.6/2025 од 03.06.2025 година).
На 16.07.2025 година, директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа – Скопје, врз основа на член 23 став 3 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа, го донел Решението бр.02-118/1, со кое е запрена примената на оспорената одлука.
Во образложението на ова решение се наведува дека Државниот инспекторат за локална самоуправа, врз основа на член 18 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа и член 71 од Законот за инспекциски надзор, извршил вонреден инспекциски надзор над законитоста на прописите донесени од Советот на Општина Сопиште, по поднесена претставка од физичко лице. При извршениот вонреден инспекциски надзор е утврдена фактичката состојба како што е наведено подолу.
На седницата на Советот на Општина Сопиште, одржана на 23.05.2025 година, било дискутирано за барањето од жители на улица 14 Општина Сопиште, за поништување на урбанистичко-планската документација за КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште, со бр.08-1154/1 од 24.04. 2025 година. За предлогот гласале 11 члена на Советот, ниту еден советник не гласал против ниту пак бил воздржан, при што е констатирано дека е усвоена точката на дневен ред и било задолжено Одделението за урбанизам и градоначалникот да донесат решение за одбивање на барањето за издавање одобрение за градење.
При увидот во целокупната документација приложена од Советот на Општина Сопиште, како субјект на инспекциски надзор, Државниот инспекторат констатирал дека Одлуката за поништување на одобрен Урбанистички проект за село со намена А4.7-куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште-Вонград, Општина Сопиште, не била во согласност со член 36 од Законот за локалната самоуправа, односно Советот немал законска надлежност да поништува урбанистички проект.
IV
Владеењето на правото, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, утврдени во член 8 став 1 алинеи 3, 9 и 10 од Уставот.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.
Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот.
Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.
Согласно со точка 1 став 1 на Амандманот XVII на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено од областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Во член 22 став 1 алинеја 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), е пропишано дека општините се надлежни, меѓу другото, и за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон и уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Надлежностите на советот се утврдени во член 36 од овој закон, при што советот: 1. Го донесува статутот на општината и други прописи; 2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на општината; 3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамки утврдени со закон; 4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа; 5. Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа; 6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала општината; 7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината; 8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон; 9. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината; 10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината; 11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на буџетот на општината, во согласност со закон; 12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон; 13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител; 14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и 15. Врши и други работи утврдени со закон.
Во член 62 став 1 од Законот, е пропишано дека во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Согласно со член 1 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020, 111/2023, 171/2024, 224/ 2024, 40/2025, 101/2025 и 127/2025), со истиот се уредува системската и хиерархиската уреденост на урбанистичкото планирање во системот на просторното и урбанистичкото планирање, целите и начелата на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот, видовите и содржината на урбанистичките планови, условите за вршење на работите од областа на урбанистичкото планирање, постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови, надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон, како и други работи од областа на урбанистичкото планирање.
Член 6 став 4 од овој закон, уредува дека урбанистичките планови од член 10 став 1 точки 2, 3, 4 и 5 од овој закон, се спроведуваат со поединечни акти како што се урбанистичкиот проект и актите за градење, согласно со Законот за градење.
Според член 20 став 6 од Законот, органите надлежни за донесување на урбанистички планови од ставови 1, 2, 3, 4 и 5 од овој член, се надлежни за нивно изменување и дополнување, како и спроведување и следење на спроведувањето.
Во член 23 со наслов „Важење на урбанистички планови и нивна суспензија“ во став 2 е уредено дека ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине во целост, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на нов урбанистички план за истиот плански опфат по постапка од член 21 од овој закон, а ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине за дел од планот односно за одредени негови плански одредби, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на изменување и дополнување на укинатиот дел од планот по постапка од член 31 од овој закон.
Урбанистички план од член 10 став 1 точките 1, 2, 3, 4 и 5 негов дел или планска одредба, согласно со став 5 на член 23 од Законот, се суспендира од применување од страна на донесувачот на планот, доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес.
Акти со кои се спроведуваат урбанистичките планови согласно со член 56 став 1 овој закон се урбанистички проект и урбанистички проект со план за парцелизација.
Прашањата за начинот и постапката за одобрување на урбанистичкиот проект, како акт со кој се спроведуваат урбанистичките планови, се уредени во членовите 58 – 62 од Законот за урбанистичко планирање.
Согласно со член 58 со наслов „Урбанистички проект“ од Законот, во став 1 е пропишано дека урбанистички проект е планско-проектна документација што се изработува врз основа на урбанистичките планови од член 10 став 1 точки 2, 3, 4 и 5 од овој закон и служи за нивна разработка и спроведување. Со урбанистичкиот проект се врши детално разработување на градежни парцели и на градежното земјиште за општа употреба за кои во урбанистичките планови не се дадени детални одредби за градење и уредување на земјиштето.
Во став 2 точка 5 на овој член од Законот е утврдено дека во зависност од видот и намената на градежното земјиште и градбите што се предмет на разработка, урбанистичкиот проект може да биде урбанистички проект за разработување на урбанистички план за село од член 14 став 2 точки 2 и 3 од овој закон, каде што не се формирани градежни парцели, а катастарските парцели ги задоволуваат условите за формирање на градежна парцела пропишани согласно со член 24 од овој закон.
Постапката за одобрување на урбанистички проект е утврдена во член 62 од Законот и според став 1 на овој член, постапката за изработување на урбанистичкиот проект започнува на иницијатива на државниот орган, единицата на локална самоуправа или правно лице кое е надлежно за реализацијата на планот и изградба на планираните градби, физичкото или правното лице кое е учесник во изградбата на планираните градби како инвеститор согласно со Законот за градење.
Согласно со став 5 на истиот член, стручна ревизија на урбанистички проект изработува правно лице со лиценца за изработување на урбанистички планови кое ги исполнува условите за вршење на тие работи согласно овој закон.
По извршената стручна ревизија и вградувањето на забелешките од стручната ревизија во урбанистичкиот проект, субјектот од ставот 1 на овој член, го доставува урбанистичкиот проект со барање за одобрување до органот надлежен за неговото одобрување (став 6 од член 62).
За одобрувањето на урбанистичките проекти што служат за спроведување на урбанистичките планови од член 10 став 1 точки 2, 3 и 4 од овој закон, надлежен е градоначалникот на општината и општината во Градот Скопје, кој е надлежен за одобрување и на урбанистичкиот проект од членот 58 став 6 од овој закон (став 7 реченица прва на член 62).
Урбанистичкиот проект со стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија и барањето за одобрување на урбанистичкиот проект, субјектот од ставот 1 на овој член, го доставува до органот надлежен за неговото одобрување (став 9).
Надлежниот орган од ставовите 7 и 8 на овој член, го одобрува урбанистичкиот проект во рок од 15 работни дена од доставувањето на барањето, по добиеното позитивно мислење од комисијата за урбанизам од член 38 од овој закон, со кој се потврдува дека урбанистичкиот проект е изработен во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон (став 10 реченица прва).
V
Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок уредена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, меѓу другото, подразбира органите на општините (совет и градоначалник) во границите на нивните овластувања и надлежности да ги извршуваат врз основа и во рамки на Уставот и законите преку донесување акти и преземање дејствија само во границите на овластувањата. Од тие причини, законодавецот има уставно овластување со закон да ги утврди надлежностите на единиците на локална самоуправа и да ги пропише условите и начинот на донесување на правните прописи од нивната страна.
Начелото на законитост, како составен елемент на владеењето на правото, се изразува во општата обврска за почитување на Уставот и законите, како и обврската за доносителите на правни акти да обезбедат нивна усогласеност со Уставот и со законите со што се обезбедува хиерахијата и супремацијата на Уставот во правниот поредок. Оваа обврска се однесува и на општините кога тие носат правни акти со коишто се уредува остварувањето нивните уставни и законски овластувања.
Оспорената одлука е донесена врз основа на член 62 став 1 и член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа коишто ги уредуваат прашањата за надлежностите на општините и прописите што ги донесува советот, како и поднесено барање од група жители за поништување на Урбанистичкиот проект за КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште – Вонград.
Од анализата на горенаведените одредби од Законот за локална самоуправа, произлегува дека општините се надлежни, меѓу другото и за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон и уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште (член 22 став 1 алинеја 1 од Законот).
Предметната одлука се оспорува од аспект на нејзината несогласност со член 36 од Законот за локалната самоуправа во кој се утврдени надлежностите на советот на општината. Од анализата на оваа одредба произлегува дека при утврдување на надлежностите на советот на општината во овој член не се уредени прашањата за надлежноста на советот на општината за донесување, изменување, дополнување на урбанистичките планови ниту пак за одобрување или поништување урбанистички проекти.
Прашањата за постапките за изработување, донесување, изменување, спроведување, суспензија на урбанистичките планови, како и прашањата за постапката за одобрување на урбанистички проект се уредени со Законот за урбанистичкото планирање.
Од одредбите на член 23 од Законот за урбанистичкото планирање, произлегува дека ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине за дел од планот односно за одредени негови плански одредби, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на изменување и дополнување на укинатиот дел од планот. Урбанистички план, негов дел или планска одредба, се суспендира од применување од страна на донесувачот на планот доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес не биле воочени во постапката за негово донесување.
Во конкретниот случај од утврдената фактичка состојба произлегува дека не е извршено изменување или дополнување на донесениот урбанистички план, ниту пак е извршена негова суспензија поради постоење на јавен интерес, ниту пак е утврдено постоење на јавен интерес за поништување на урбанистичкиот проект.
Оттука, Советот на Општина Сопиште не донел одлука за суспензија на урбанистичкиот план или негов дел туку донел одлука за поништување на урбанистичкиот проект, поради што, Судот смета дека додека е во важност донесениот урбанистички план не може Советот на Општината по барање на граѓани и без утврдување на јавен интерес да го поништи урбанистичкиот проект за спроведување на урбанистичкиот план.
Од уредувањето во член 58 од Законот за урбанистичко планирање, коешто се однесува на урбанистички проект, произлегува дека урбанистички проект е планско-проектна документација што се изработува врз основа на урбанистичките планови и служи за нивна разработка и спроведување. Воедно, пропишана е соодветна постапка за изработување на урбанистичкиот проект, но не е предвидена можност за поништување, укинување или суспензија на урбанистичкиот проект за спроведување на важечки урбанистички план.
Во конкретниот случај, по спроведената постапка предвидена со закон, градоначалникот со Потврда го одобрил урбанистичкиот проект. Меѓутоа, Советот на Општина Сопиште по барање на група граѓани со одлука го поништил урбанистичкиот проект поради несоодветна инфраструктура, нарушување на квалитетот на животот на жителите и недостаток на транспарентност и јавна расправа иако пред истиот да биде поништен од Советот на Општината, инвеститорите за поништениот урбанистички проект, склучиле Договор за плаќање надомест за уредување на градежно земјиште со Општината, извршиле и уплата на средства за надоместок за уредување на градежно земјиште.
Со одобрувањето на урбанистичкиот проект, одредени правни субјекти се стекнуваат со право да можат да градат на градежните катастарски парцели опфатени со истиот, но во конктретниот случај, според Судот, поради поништувањето на урбанистичкиот проект со Одлуката на Советот на Општината се оневозможува правниот субјект, којшто се стекнал со одредени права, истите да ги оствари.
Од друга страна, од наведените одредби од Законот за урбанистичко планирање, произлегува дека одобрувањето на урбанистичкиот проект е во надлежност на градоначалникот на општината, а не на советот на општината (член 62 став 7 од Законот).
Сето ова наведено, доведува до заклучок дека со постапувањето на Советот на Општина Сопиште, односно со донесената Одлука за поништување на урбанистичкиот проект би довело до поднесување на ново барање за издавање на Одобрение за градба за катастарските парцели што се дел од овој урбанистички проект, а со тоа и изработка на нов урбанистички проект, започнување на нова постапка, нови надоместоци за уредување на земјиштето, што ги изложува заинтересираните лица на непланирани материјални издатоци и правна несигурност.
Владеењето на правото како една од темелните вредности на правниот поредок предвидува дека сите учесници вклучени во постапката за урбанистичко планирање, а особено локалната самоуправа како носител на процесот на урбанистичко планирање, треба да го обезбедат системот на урбанистичко планирање преку континуираниот процес на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на плановите бидејќи тоа е единствениот начин преку кој може да се обезбеди правната сигурност на граѓаните во важењето и спроведувањето на донесените акти додека со постапувањето на Советот на Општина Сопиште и поништување на предметниот урбанистички проект се нарушува континуитетот на планирањето, а тоа доведува до правна несигурност.
Оттука, според Судот, со донесената одлука за поништување на конкретниот урбанистички проект без законско овластување на Советот на Општината за тоа, се повредува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а со тоа и принципот на правна сигурност како нејзин составен елемент од причина што доколку постоела несомнена штета по јавниот интерес истата требало да се утврди во текот на донесувањето на урбанистичкиот план и во постапката за одобрување на урбанистичкиот проект како акт за негово спроведување, а не по целосно спроведена постапка за донесување и одобрување на урбанистичкиот проект.
Oд цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа и Законот за урбанистичко планирање, Судот оцени дека совет на општина нема овластување за поништување на донесен урбанистички проект како планска документација за спроведување на донесен урбанистички план со што всушност се оневозможува спроведување на веќе донесениот и важечки урбанистички план. Советот може да измени, дополни или стави вон сила исклучиво акт којшто тој го донел, односно советот на општината е надлежен да ги донесува, изменува, дополнува или суспендира урбанистичките планови. Во конкретниот случај, Советот поништил акт одобрен од друг орган, односно од градоначалникот на Општина Сопиште, што е надвор од неговите законски овластувања.
Имајќи го предвид наведеното, во отсуство на законско овластување и со закон пропишана постапка за поништување на одобрен урбанистички проект, според Судот, оспорената одлука донесена од Советот на Општина Сопиште не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 9, член 51 и член 115 став 2 од Уставот, како и со член 36 од Законот за локалната самоуправа.
VI
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VII
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски