УЗ.бр.10/2026

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.10/2026
Скопје, 17.06.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 17 јуни 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка 43 во делот „и 2“ од Одлуката за методологијата за изработка на план за опоравување на системски значајни банки („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.25/2026).

О б р а з л о ж е н и е

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на дел од одредбата од актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите, истиот го повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Се наведува дека со точка 1 став 2 од Одлуката за изменување на Одлуката за методологијата за изработка на план за опоравување на системски значајни банки („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 25/2026), ставот 2 од точката 32 од основниот текст на Одлуката е избришан.

Според тоа, со оспорениот дел се упатува на примена на одредба од Одлуката, која по измените од 2026 година, повеќе не е дел од правниот поредок.

Ваквото упатување на непостоечка одредба, создава правна нејасност и заблуда во примената на прописот, што е спротивно на владеењето на правото.

II

На седницата Судот утврди дека точка 43 од Одлуката за методологијата за изработка на план за опоравување на системски значајни банки („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.25/2026), предвидува дека по исклучок на точката 32 ставови 1 и 2 од оваа одлука, банката којашто до 30 април 2017 година Народната банка ја известила дека е идентификувана како системски значајна банка, е должна да го достави планот до Народната банка, најдоцна до 30 јуни 2018 година.

III

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Одлуката за методологијата за изработка на план за опоравување на системски значајни банки е донесена од Советот на Народната банка на Република Македонија врз основа на член 47 став 1 точка 6 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015 и 6/2016) и член 65-ѓ став 7 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015 и 190/2016).

Оваа одлука е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2017 од 3 март 2017 година.

Согласно со точка 42 од Одлуката, истата стапува на сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Во точка 1 од Одлуката, се утврдува дека со истата се пропишува методологијата за изработка на планот за опоравување на банка, којашто согласно со методологијата донесена од Народната банка на Република Македонија (во понатамошниот текст: Народната банка) е идентификувана како системски значајна банка.

Според став 1 на точка 32 од истата одлука, рокот за доставување на планот до Народната банка е шест месеци по датумот на кој Народната банка ја известила банката дека е идентификувана како системски значајна банка, согласно со методологијата на Народната банка за идентификување системски значајни банки,

Став 2 на оваа точка, предвидува дека по исклучок на ставот 1 на истата, банката којашто за прв пат е идентификувана како системски значајна банка е должна да го достави планот до Народната банка, во рок од девет месеци по датумот на кој Народната банка ја известила дека е идентификувана како системски значајна банка.

Согласно со став 2 на точка 1 од Одлуката за изменување на Одлуката за методологијата за изработка на план за опоравување на системски значајни банки („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.25/2026), ставот 2 на точката 32 од Одлуката е избришан.

IV

Имајќи предвид дека одредбата во којашто е содржан оспорениот дел е од преоден карактер и утврдува обврска која треба да се исполни во определен рок, се постави прашањето дали истата е исцрпена во својата примена.

Имено, со неа е предвиден исклучок од општото уредување од точка 32 ставови 1 и 2 од Одлуката и се однесува на правниот режим по влегувањето во сила на истата во однос на банките коишто до 30 април 2017 година се известени од Народната банка дека се идентификувани како системски значајни банки и врз основа на што треба да достават план најдоцна до 30 јуни 2018 година.

Овој рок е истечен, поради што самата одредба е исцрпена во својата примена. Притоа, имајќи ги предвид наводите во иницијативата, потребно е да се укаже дека e погрешно толкувањето дека се работи за упатување на одредба, туку за предвидување исклучок од таквата одредба во однос на периодот по влегување во сила на Одлуката до определениот рок.

Од тие причини, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски