УЗ.бр.50/2025

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.50/2025
Скопје, 08.04.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 8 април 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 ставови 2 и 4 од Правилникот со кој се утврдуваат стручните и научните називи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/2023 и 194/2023).

Образложение

I

Дејан Алексов, од Адвокатското друштво Алексов, Мемиши и партнери Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од актот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека според член 4 став 2 од Правилникот, со академски назив „дипломиран инженер“ може да се стекне само студент кој завршил прв циклус на академски студии, додека студентите од прв циклус на стручни студии не се опфатени. Терминот „инженер“ не ја регулира професијата, и ова создава неоснована разлика, иако и академските и стручните студии се изедначени со 180 ЕКТС и ниво VI-Б. Поради тоа, со одредбата се повредува начелото на еднаквост, бидејќи Законот ги изедначува академските и стручните студии и студентите стекнуваат идентичен назив „Bachelor“ и исто ниво на образование VI-Б.

Во однос на оспорениот член 4 став 4 од Правилникот, се наведува дека со истиот се предвидува доделување на стручниот назив „висок стручен“ со додавка на соодветната дисциплина, што е спротивно на член 137 став 6 од Законот за високото образование. Законот утврдува стекнување диплома со назив на струката, но не и воведување нов стручeн назив „висок стручен“. Поради тоа, Правилникот создава дополнителна категорија квалификации и права коишто не се утврдени со закон, со што Правилникот излегува надвор од законската рамка.

Понатаму, се наведува дека со оспорените одредби се создава нормативна поделба меѓу лицата со исто ниво на квалификација (180 ЕКТС, ниво VI-Б), при што едните се нарекуваат „дипломиран инженер“, а другите „висок стручен“. Оваа разлика, иако формално се однесува на називите, може да има реални последици врз пристапот до работни места, особено кога во огласите се бара конкретен назив, со што се доведува во прашање уставно загарантираниот еднаков пристап до работа.

Дополнително, член 32 став 2 од Уставот обезбедува еднаков и недискриминирачки пристап до работа во јавниот и приватниот сектор и според наводите, иако Законот ги изедначува дипломците по назив и ниво, Правилникот воведува разлика меѓу нив, што ја нарушува правната сигурност и предвидливоста и може да влијае на пристапот до работните места.

Согласно со хиерархијата на правните акти, пониските акти, во конкретниот случај Правилникот мора да биде во согласност со повисоките акти, односно со Законот за високото образование. Оттаму, произлегува несогласноста на Правилникот со законските одредби со што се повредува начелото на правната сигурност, како составен дел на владеењето на правото, загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Поради горенаведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Правилникот и истите да ги укине или поништи.

II

На седницата Судот утврди дека со Правилникот за утврдување на стручните и научните називи, донесен на 01.06.2023 година и изменет на 07.09.2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/2023 и 194/2023) се воспоставува систематизирана рамка за доделување на стручни и академски називи на дипломците од првиот, вториот и третиот циклус на студии.

Член 4 став 2 од овој правилник, уредува дека без оглед на првиот став на овој член, по завршувањето на академските додипломски студии (прв циклус на академски студии) од подрачјата на техничките, технолошките, земјоделските, шумарските и сродните науки со 180 ЕКТС или 240 ЕКТС студентот се стекнува со академски назив – „дипломиран инженер“ со додавање на назнака изведена од студиската програма и наведување на бројот на ЕКТС. Назнаката изведена од студиската програма и наведување на бројот на ЕКТС може да се запише и меѓу зборовите „дипломиран“ и „инженер“.

Во оспорениот член 4 став 4 од Правилникот се уредува дека по завршувањето на стручните додипломски студии (прв циклус на стручни студии) од 180 ЕКТС, студентот се стекнува со стручен назив – „висок стручен“ со додавка на струката. По завршувањето на кратки стручни додипломски студии (прв циклус на стручни студии) со 60 до 120 ЕКТС студентот се стекнува со стручен назив – „виш стручен“ со додавка на струката.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Во член 51 став 1 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 43 став 2 точка 11 од Законот за високото образование (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2019, 76/2020, 178/2021, 58/2024 и 124/2025), Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност донесува Правилник со кој се утврдуваат стручните и научните називи, во согласност со закон.

Член 133 став 2 од овој закон ги определува студиите на прв циклус: 1. прв циклус на академските студии (додипломски студии) и 2. прв циклус на стручните студии.

Со член 134 став 1 од истиот закон уредува дека првиот циклус на академски студии (додипломски студии) трае три или четири години и со неговото завршување се стекнуваат 180, односно 240 ЕКТС кредити. Според ставот 5 од истиот член, лицето кое ги завршило додипломските студии се стекнува со назив дипломиран и додавка на соодветната област, ако со закон поинаку не е уредено. Согласно со став 6 од истиот член од Законот, квалификациите кои се стекнуваат со завршување на студиска програма на додипломските студии припаѓаат на нивото VI Б за тригодишните додипломски студии, односно на нивото VI А за четиригодишните додипломски студии од Националната рамка на квалификации утврдена со Законот за националната рамка на квалификации и соодветствуваат на ниво VI од Европската рамка на квалификации.

Во член 137 од Законот се уредени стручните студии, меѓу другото, институциите каде се спроведуваат студиите, условите за запишување, траењето на студиите, називот кој се стекнува студентот со завршување на студиите, квалификациите кои се стекнуваат со завршување на студиите и меѓународниот назив по завршувањето на студиите на прв и втор циклус.

Согласно со член 138 од Законот, стручните и научните називи се определуваат согласно со закон и со општиот акт на Националниот совет со кој се утврдуваат стручните и научните називи.

Според член 139 став 1 од Законот, студиските програми се вреднуваат со кредити по ЕКТС. Секоја година на студиската програма содржи 60 кредити, додека согласно со став 2, секој предмет од студиската програма се вреднува со одреден број ЕКТС кредити.

Правилникот за утврдување на стручните и академските називи е донесен врз основа на член 43 став 2 точка 11 и член 138 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 178/2021) и со истите Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност е овластен да донесува подзаконски акти за утврдување на стручните и академските називи. Правилникот, како подзаконски акт, ја дефинира рамката за стручните и академските називи, обезбедувајќи прецизност, конзистентност и транспарентност во нивното доделување.

Со член 1 на Правилникот се регулираат стручните и академските називи стекнати по завршување на прв, втор и трет циклус на студии, додека член 2 ја нагласува целта да се дефинираат елементите што ги чинат називите за студентите кои завршиле акредитирани студиски програми, овозможувајќи им да ја вршат професионалната дејност или да ја продолжат академската кариера на повисоко ниво.

Член 4 ставови 2 и 4 произлегува дека Правилникот воспоставува јасна систематизација на називите. Академските студии од прв циклус (180 или 240 ЕКТС) во техничко-технолошките и сродни области доделуваат академски назив „дипломиран инженер“, со задолжително додавање на назнака изведена од конкретната студиска програма, при што се регулира и начинот на запишување на оваа назнака.

За стручните студии, Правилникот утврдува два вида стручни називи: „висок стручен“ за студии од 180 ЕКТС и „виш стручен“ за кратки стручни студии од 60–120 ЕКТС, секој со назнака на конкретната дисциплина. Со ова се создава логична диференцијација помеѓу различните нивоа на квалификација, при што се почитува природата на академските и стручните студии.

IV

Од извршената анализа на уставните и законските одредби при оценката на оспорените одредби од Правилникот, според Судот, наводите во иницијативата се неосновани од причините наведени подолу.

Со оглед на тоа дека Законот за високото образование прави суштинска разлика помеѓу академските и стручните студии, поради фактот дека академските студии се ориентирани кон теоретски и научни основи, а стручните имаат практична насоченост и обезбедуваат специјализирани компетенции, разликата во називите е оправдана и не претставува дискриминација.

Иако двата вида на студии се во рамки на првиот циклус, нивните квалификации не се идентични, односно ниво VI-Б, тоа не значи идентична содржина или назив. Називот „дипломиран инженер“ е исклучиво академска титула, која се доделува на студенти од академски програми со посебна теоретска и научна компонента, додека стручните студии обезбедуваат диплома со додавка на соодветната дисциплина. Во овој контекст, Правилникот ја операционализира законската рамка, обезбедува унифицирани термини и ја зајакнува правната сигурност и владеењето на правото, при што прецизираните називи ја одразуваат разликата во квалификациите и овозможуваат соодветен пристап до работно место и понатамошно образование.

Имајќи го предвид горенаведеното, Судот оцени дека член 4 ставови 2 и 4 од Правилникот со кој се утврдуваат стручните и научните називи се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 32 став 2 и член 51 став 1 од Уставот и со Законот за високото образование.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски