
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.146/2025
Скопје, 18.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 18 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/2020).
Образложение
I
Дарко Костовски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според иницијативата оспорените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 52 став 4 и член 55 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
Имено, со член 6 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/2020) е интервенирано во член 68 од основниот текст на Законот за градење, на начин што е пропишан рок за изградба којшто не може да биде подолг од десет години од денот на правосилноста на одобрението за градење во кој инвеститорите се должни да ги изградат градбите од прва и втора категорија.
Додека, пак, со оспорениот член 62 став 1 од истиот закон е пропишано дека овие рокови ќе се применуваат и за одобренијата за градење издадени до денот на влегување во сила на овие законски измени, со што е повредена забраната за повратно дејство утврдена со член 52 став 4 од Уставот.
Имено, законодавецот со оспорените одредби, предвидел рок за изградба на градби, којшто претходно не бил пропишан со Законот за градење.Инвеститорите односно граѓаните кои претходно поднеле барање за одобрение за градба и истото им било одобрено, по што отпочнале со градење, а поради одредени причини не завршиле со изградбата, со оспорените измени се обврзани да го почитуваат новововедениот рок за изградба со што се воспоставува ретроактивна примена на овој рок којшто не е поповолен за граѓаните поради што истите се онеправдани и без своја вина трпат негативни последици од ваквата состојба и не можат да ја довршат отпочнатата градба.
Ваквото повратно дејство ја повредува правната сигурност на граѓаните и не е во согласност со владеење на правото како темелна вредност и претставува директно кршење на основните слободи и права загарантирани со Уставот.
Во иницијативата, се посочува на Решението на Уставниот суд У.бр.51/2025 од 09.07.2025 година, со кое Судот одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2020).
Според наводите, иако Судот оценил дека законодавецот предвидел рокови за градбите од прва и втора категорија во член 68 од основниот текст на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2009), како и дека со измените од 2020 година само се прецизира почетокот на текот на тие рокови, се укажува дека во претходниот Закон за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 82/2008 и 106/2008) воопшто не биле предвидени рокови за градење.
Во иницијативата понатаму се истакнува дека оспореното законско решение се применува и на одобренијата за градење донесени согласно со претходниот закон, поради што граѓаните кои стекнале одобренија за градење во периодот од 2005 до 2008 година се доведени во нерамноправна положба. На овој начин тие трпат негативни последици без своја вина, што, според наводите, претставува повреда на начелата на правна сигурност и еднаквост на граѓаните пред закон.
Со иницијативата се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине или поништи.
II
На седницата Судот утврди дека во член 6 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/2020) е предвидено дека инвеститорот е должен градбите од прва и втора категорија да ги изградат во рок не подолг од десет години, од денот на правосилноста на одобрението за градење.
Согласно со член 62 став 1 од истиот закон, одредбите од член 6 од овој закон со кои се менува член 68 од Законот, се применуваат и за одобренија за градење издадени до денот на влегувањето во сила на овој закон, согласно со Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 82/2008 и 106/2008) и Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.244/19)“.
Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението У.бр.51/2025 од 09.07.2025 година одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби односно оценил дека овде оспорените членови од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/2020), не се спротивни со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 52 став 4 и член 55 став 2 од Уставот.
III
Согласно со член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на фактот дека оспорените член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/2020) биле предмет на оцена од страна на Уставниот суд од истите аспекти наведени во иницијативата, Судот утврди дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед на тоа дека нема основи за поинакво одлучување.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски