УЗ.бр.67/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.67/2025
Скопје, 10.06.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 10 јуни 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Наредбата за затворање на постоечката нестандардна локација за отстранување на комунален отпад во село Никуштак, Општина Липково, донесена од министерот за животна средина и просторно планирање, бр.02-3864/1 од 15.09.2025 година.

Образложение

I

Општина Липково, преку полномошникот Ратко Димовски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека Наредбата е спротивна на член 8 алинеи 3, 9 и 10, член 15 и член 43 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Според наводите, член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа предвидува дека министерот донесува наредби и други акти за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон, но, во конкретниот случај, во оспорениот акт не е наведена конкретна законска одредба што му дава изречно овластување на министерот да донесе ваква наредба.

Повикувањето во наредбата на начелата од членовите 6 и 14 од Законот за животната средина не претставува доволен правен основ, бидејќи тие имаат принципиелен карактер и не содржат конкретно овластување за донесување управен акт со кој се затвора одредена депонија.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот акт не ја прецизира точно локацијата на која се однесува, со оглед на тоа дека не содржи катастарски податоци или други просторни идентификатори, ниту пак определува субјекти на кои се однесува, поради што, истиот е нејасен и правно неопределен.

Се наведува дека управувањето со отпадот е во доменот на локалното планирање и дека во Општина Липково не постои друга депонија освен нестандардната, додека во тек е постапка за воспоставување на регионална депонија во Свети Николе.

Затворањето на постоечката депонија без обезбедување алтернативно решение би довело до фактичка состојба во која отпадот од домаќинствата нема каде да се одложува, што би имало негативни последици врз правото на граѓаните на здрава животна средина.

Дополнително, се наведува дека согласно со член 200 од Законот за животната средина, надлежноста за преземање мерки во врска со надзор и постапување при неправилности му припаѓа на државниот инспектор за животна средина, поради што се тврди дека министерот со донесувањето на оспорениот акт навлегол во област што е во надлежност на инспекциските служби и други органи.

Се укажува и на фактот дека непосредно пред донесувањето на оспорената наредба, Министерството склучило договор за јавна набавка на услуги за одржување на нестандардната депонија во Никуштак за период од шест месеци, како и дека изведувачот бил воведен во работа за активности поврзани со порамнување, покривање и обезбедување простор за депонирање на отпадот до отворање на регионалната депонија. Според наводите, ова укажува на недоследност и на отсуство на целисходност на оспорениот акт, како и дека е спротивно на претходно преземените плански и договорни обврски.

Се истакнува дека Општина Липково учествува во регионален систем за управување со отпад преку заедничко јавно претпријатие и дека се спроведуваат проекти поддржани од Европската Унија за воспоставување на регионален систем за управување со отпад, што, според подносителот, укажува дека затворањето на депонијата треба да се реализира во рамки на долгорочни плански документи, а не преку поединечен акт.

Поради сето горенаведено, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост и истата да ја поништи.

Воедно, се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, бидејќи со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 110/2019 и 121/2024), а во врска со членовите 6 и 14 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016 и 99/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2022, 171/2022, 3/2025 и 124/2025), министерот за животна средина и просторно планирање донел Наредба за затворање на постоечката нестандардна локација за отстранување на комунален отпад во село Никуштак, Општина Липково.

Во член 1 од Наредбата се предвидува дека со оваа наредба се затвора постоечката нестандардна локација за отстранување на комунален отпад во село Никуштак, Општина Липково.

Согласно со член 2 став 1 од истата, врз основа на начелото на висок степен на заштита и начелото на превенција, се затвора постоечката нестандардна локација за отстранување на комунален отпад во село Никуштак, Општина Липково.

Во став 2 од истиот член е предвидено дека оваа мерка се презема заради заштита на животната средина пред да дојде до штетни последици и да се обезбеди висок степен на заштита на животната средина и животот и здравјето на луѓето.

Според член 3, оваа наредба влегува во сила со денот на донесувањето.

III

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024), предвидува дека министерот донесува правилници, наредби и други акти за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон.

Одредбите од членовите 6 и 14 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016 и 99/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2022, 171/2022, 3/2025, 124/2025 и 191/2025) ги утврдуваат начелото на висок степен на заштита и начелото на превенција, но тие имаат принципиелен и насочувачки карактер и не содржат конкретно управно овластување за донесување поединечни мерки од ваков вид.

IV

Оспорената наредба е донесена врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, во врска со членовите 6 и 14 од Законот за животната средина.

Основна процесна претпоставка за постапување на Судот е оспорениот акт да има својство на пропис, односно да содржи општи и апстрактни правила на однесување со повторливо дејство.

Доколку актот нема нормативен карактер, туку претставува поединечен акт, тогаш не се исполнети процесните услови за уставно-судска оцена.

Од содржината на наредбата произлегува дека со неа се затвора точно определена локација, конкретна депонија во конкретна општина. Актот не пропишува општи критериуми, не уредува постапка применлива за неопределен број субјекти, ниту воспоставува правило со повторливо дејство. Неговото дејство се исцрпува со уредување на конкретна ситуација.

Оттука, според својата содржина и правно дејство, актот претставува поединечен акт.

Формата на актот како „наредба“ не е одлучувачка за неговата правна природа. Согласно со член 56 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со наредба се наредува или забранува постапување во определена ситуација која има општо значење. Во конкретниот случај, ситуацијата е индивидуализирана и се однесува на конкретна локација и конкретен субјект.

Дополнително, актот не е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а согласно со член 52 од Уставот, прописите стапуваат во сила по нивното објавување. Овој факт претставува дополнителна индиција дека актот не бил донесен како нормативен пропис со општо дејство.

Исто така, одредбата дека наредбата „влегува во сила со денот на донесувањето“ упатува на заклучок дека се работи за акт со конкретно и непосредно дејство, а не за пропис со општ карактер.

Наводите кои се однесуваат на евентуална ненадлежност на министерот, на пречекорување на овластувањата (ultra vires), како и на евентуална несогласност со Законот за управување со отпад и Законот за животната средина, претставуваат прашања на законитост на поединечен акт.

Таквите прашања се предмет на судска контрола во управен спор пред надлежен суд, а не на уставно-судска оцена на пропис во смисла на член 110 од Уставот.

Имајќи предвид дека оспорената наредба по својата содржина и правно дејство не содржи општи и апстрактни правила на однесување со повторливо дејство, туку уредува конкретна ситуација што се однесува на точно определена локација и конкретен субјект, како и дека не е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ согласно со член 52 од Уставот, Судот оцени дека истата нема својство на пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски