
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.131/2025
Скопје, 20.05.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 точка 27, член 38 став 4 алинеја 10 и ставови 7 и 8, член 63 ставови 1 и 4 во деловите „ловечка легитимација“ и член 85 став 1 точка 13 во делот „ловечка легитимација“ и став 2 од Законот за дивечот и ловството (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023, 170/2024 и 132/2025).
О б р а з л о ж е н и е
I
Друштвото за лов и одгледување на дивеч „ВОЛФ“ ДООЕЛ од Ресен, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби и делови од одредби од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, истите ги повредуваат член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и став 2, член 20 став 1, член 51 и член 55 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, како и член 38 став 1 и 2 од Законот за дивечот и ловството и член 12 став 1 и член 19 став 1 од Законот за здруженија на граѓани и фондации.
Имено, на граѓаните кои веќе имаат положено ловечки испит и за тоа им е издадено уверение од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како доказ за исполнување на законските услови, дополнително им се наметнува и обврска за поседување ловечка легитимација.
Оваа легитимација ја издава единствено Ловечката федерација на Македонија, којашто всушност е здружение на граѓани коешто работи согласно со Законот за здруженија и фондации, при што со оспорените законски решенија на оваа федерација и се дава монополска положба.
Задолжителното поседување ловечка легитимација, покрај уверение за положен ловечки испит, како и задолжителното членување во Ловечката федерација, создаваат правна несигурност и се спротивни на темелните вредности на уставниот поредок – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.
Во иницијативата, се цитираат повеќе одредби од Законот за дивечот и ловството и Законот за здруженија и фондации, од кои се изведуваат неколку заклучоци: корисниците на дивечот во ловиштата, како правни лица, можат да се здружуваат во Ловечката федерација, но и во други форми на здружување; здружувањето и членувањето во Ловечката федерација е доброволно и не е задолжително; законодавецот доверил право само на еден субјект – Ловечката федерација, да издава ловечки легитимации; граѓаните кои веќе имаат положено ловечки испит, се принудени да поседуваат ловечка легитимација издадена од Федерацијата и за тоа да ѝ плаќаат надоместок, иако не се членови на истата; поседувањето ловечка легитимиција е задолжително само за државјаните на Република Северна Македонија, но не и за странци; ловењето дивеч без легитимација, покрај глоба за ловецот, има за последица – одземање на средството за лов.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 4 точка 27 од Законот за дивечот и ловството (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023, 170/2024 и 132/2025), „ловечка легитимација“ претставува документ со кој се докажува дека физичкото лице е оспособено за ловење на дивеч и ги исполнува условите за добивање на легитимација согласно со овој закон.
Понатаму, според член 38 став 4 алинеја 10 од истиот закон, Ловечката федерација на Македонија, меѓу другото, ги врши работите на издавање ловечка легитимација со која се утврдува статус на ловец на домашно физичко лице кое има положено ловечки испит, согласно со член 64 од овој закон.
Став 7 на истиот член предвидува дека за издавање ловечка легитимација, домашното физичко лице плаќа годишен надоместок, кој не може да биде повисок од 3% од просечната месечна нето-плата исплатена во Република Северна Македонија во претходната календарска година според податоците на Државниот завод за статистика, додека според став 8 на истиот член, надоместокот од ставот 6 на овој член, е на товар на кандидатите.
Согласно со член 63 став 1 на овој закон, за ловење на дивеч, ловецот треба да поседува ловечка легитимација, дозвола за ловење на дивеч издадена од корисникот на дивечот во ловиштето, односно управувачот на државното ловиште или ловиште со посебна намена, како и важечка дозвола за оружјето наменето за ловење.
Според став 4 на овој член, дозвола за ловење на дивеч, корисникот на дивечот во ловиштето, односно управувачот на државното ловиште или ловиштето со посебна намена може да ја издаде на ловец кој има положено ловечки испит и поседува ловечка легитимација или поседува потврда за ослободување од ловечки испит и има важечка дозвола за оружјето наменето за ловење.
На крајот, согласно со член 85 став 1 точка 13 од Законот за дивечот и ловството (*), глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице, меѓу другото ако лови дивеч без ловечка легитимација, дозвола за ловење на дивеч и важечка дозвола за оружјето наменето за ловење на дивеч (член 63 став 1). Според став 2 на истиот член, за сторен прекршок од став 1 точки 1, 2, 3, 6, 7, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18 и 19 на овој член ќе се изрече и прекршочна мерка одземање на уловот, односно трофејот, како и на средствата и предметите употребени за извршување на прекршокот.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓаните признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок.
Граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба согласно со член 9 од Уставот, додека став 2 на овој член предвидува дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.
Согласно со став 2 на овој член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Член 55 став 1 од Уставот ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, додека според став 2 на овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Со член 56 став 1 од Уставот е предвидено дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Во член 68 алинеја 2 од Уставот е утврдено дека Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 1 од Законот за дивечот и ловството (*), со истиот се уредуваат одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот и неговите делови, заштитата, зачувувањето и унапредувањето на живеалиштата на дивечот, востановувањето, уредувањето и одржувањето на ловиштата, начинот на давањето на дивечот на користење, како и други прашања од значење на дивечот и ловството.
Дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес за Република Северна Македонија ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон и Законот за заштита на природата, согласно со член 3 став 1 од Законот.
Во член 4 точки 1-27 од Законот се содржани дефиниции за одделни поими употребени во овој закон.
„Дивеч“ се определени/одредени видови на животни и птици кои живеат слободно во природата или во оградени површини во кои интензивно се одгледуваат, размножуваат, заштитуваат и ловат (точка 1 на овој член).
„Ловството“ е стопанска дејност којашто претставува одгледување, заштита, ловење и користење на дивечот и неговите делови (точка 2).
„Ловец“ е физичко лице кое е оспособено за ловење на дивеч и ги исполнува условите согласно со овој закон и други закони (точка 26).
„Ловечка легитимација“ претставува документ со кој се докажува дека физичкото лице е оспособено за ловење на дивеч и ги исполнува условите за добивање на легитимација согласно со овој закон (точка 27).
Според член 38 став 1 од Законот, корисниците на дивечот во ловиштата можат да се здружуваат во Ловечка федерација на Македонија и други форми на здружување согласно со закон, додека според став 2 на овој член, Ловечката федерација на Македонија е доброволна национална асоцијација на ловците и корисниците на дивечот во ловиштата во Република Северна Македонија.
Ловечката федерација на Македонија ги претставува своите членки на промоции на ловството во Република Северна Македонија и странство (став 3 на истиот член).
Согласно со став 4 алинеи 1-10 на овој член, Ловечката федерација на Македонија ги врши следните работи: уредува и издава ловечко списание и останата ловечка литература; организира ловечки натпревари (стрелаштво); организира обука за спроведување на биосигурносни мерки во ловиштата и препознавање на болести кај дивечот во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство; се грижи за ловечката култура и традиција; се грижи за сертификатите за одгледување на ловечки кучиња, сертификатите за практична обука на ловечките кучиња и регистрација на ловечки кучиња; организира изложби на ловечки трофеи и издава каталог на трофеите од изложбата; организира курсеви за обука за проценка на трофеи од дивеч; води евиденција на ловечки кучиња во хартиена или електронска форма согласно со прописите за електронското работење; учествува во постапката за полагање на ловечкиот испит со спроведување на обука на кандидатите за полагање на ловечкиот испит и издава ловечка легитимација со која се утврдува статус на ловец на домашно физичко лице кое има положено ловечки испит, согласно со член 64 од овој закон.
Според став 5 на овој член, начинот на спроведување и содржината на обуката на кандидатите за полагање на ловечкиот испит, формата и содржината на потврдата за спроведената обука, како и начинот на издавање и формата и содржината на образецот на ловечката легитимација ги пропишува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство го утврдува надоместокот за спроведување на обуката за полагање на ловечкиот испит по кандидат, врз основа на реално потребните трошоци за спроведување на обуката, кој не може да биде повисок од 4% од просечната месечна нето-плата исплатена во Република Северна Македонија во претходната календарска година според податоците на Државниот завод за статистика (став 6 на член 38).
Согласно со став 7 на овој член, за издавање на ловечка легитимација, домашното физичко лице плаќа годишен надоместок, кој не може да биде повисок од 3% од просечната месечна нето-плата исплатена во Република Северна Македонија во претходната календарска година според податоците на Државниот завод за статистика, додека според став 8, надоместокот од ставот 6 на овој член, е на товар на кандидатите.
Член 63 став 1 од Законот предвидува дека за ловење на дивеч, ловецот треба да поседува ловечка легитимација, дозвола за ловење на дивеч издадена од корисникот на дивечот во ловиштето, односно управувачот на државното ловиште или ловиште со посебна намена, како и важечка дозвола за оружјето наменето за ловење, додека според став 2 на овој член, дозволата за ловење на дивеч е документ кој го содржи времето за нејзината важност, видот и бројот на дивечот дозволен за ловење и обврските на ловецот за време на ловењето и по извршеното ловење.
Според став 4 на овој член, дозвола за ловење на дивеч, корисникот на дивечот во ловиштето, односно управувачот на државното ловиште или ловиштето со посебна намена може да ја издаде на ловец кој има положено ловечки испит и поседува ловечка легитимација или поседува потврда за ослободување од ловечки испит и има важечка дозвола за оружјето наменето за ловење.
Дозвола за ловење на дивеч може да се издаде на странски државјанин ако поседува соодветен документ за ловење, односно документ за оружје за лов издаден од надлежен орган од државата во која странскиот државјанин има постојано живеалиште и писмена покана напишана на македонски и англиски јазик од корисникот на дивечот во ловиштето, односно управувачот на државното ловиште и ловиштето со посебна намена или од државен орган (став 5).
Корисникот на дивечот во ловиштето, односно управувачот на државното ловиште или ловиште со посебна намена е должен да води евиденција за издадените дозволи за поединечно и групно ловење на дивеч (став 6).
Согласно со член 64 став 1 од Законот, ловечкиот испит од член 63 став 4 од овој закон се полага пред стручна комисија за полагање на ловечки испит која ја формира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според член 65 став 1 од Законот, право на полагање на ловечкиот испит имаат сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои имаат поднесено барање за полагање на ловечки испит, уплатиле средства за полагање на ловечкиот испит и доставиле потврда за спроведената обука за полагање на ловечкиот испит издадена од Ловечката федерација на Македонија.
IV
Од анализата на одредбите на Законот за дивечот и ловството (*) произлегува дека законодавецот уредил област која по својата природа спаѓа во доменот на користење и заштита на добро од општ интерес.
Дивечот е утврден како добро од општ интерес и е во државна сопственост, што значи дека законодавецот има уставна основа и обврска да воспостави режим на управување, контрола и одржливо користење.
Ловот е активност што се врши под услови и во постапка утврдени со закон, при што државата има легитимна цел да обезбеди заштита на биодиверзитетот, јавниот интерес и безбедноста.
Во тој контекст, пропишувањето на задолжително поседување ловечка легитимација како услов за ловење претставува инструмент на правен статус во рамки на уреден режим, а не ограничување на одредено уставно право.
Ловечката легитимација, согласно со законската дефиниција, е документ со кој се докажува дека физичкото лице е оспособено за ловење и ги исполнува условите утврдени со закон.
Таа не е членска карта, ниту пак со неа се воспоставува членски однос со Ловечката федерација на Македонија. Законот не го предвидува членството како услов за издавање на легитимацијата, ниту ја поврзува легитимацијата со права и обврски што произлегуваат од членство во здружение.
Според тоа, не може да се прифати дека на овој начин се воспоставува прикриено задолжително членување, ниту дека се повредува слободата на здружување од член 20 од Уставот.
Слободата на здружување гарантира доброволност во основањето и пристапувањето кон здруженија, но не ја исклучува можноста законодавецот во строго регулирана област да утврди дека одреден документ го издава конкретен субјект определен со закон.
Доверувањето овластување на Ловечката федерација на Македонија да издава ловечка легитимација е утврдено со закон и е дел од системски уредената организација на ловството.
Суштинските елементи на режимот – условите за стекнување статус на ловец, потребата од положен ловечки испит, задолжителноста на легитимацијата и санкциите за непочитување – се пропишани со закон. Федерацијата не нормира самостојно, туку врши функција во рамки на законски определена надлежност.
Со тоа е испочитуван принципот на законитост од член 51 од Уставот, бидејќи правата и обврските на граѓаните произлегуваат од закон, а не од автономна регулатива на приватен субјект. Самото доверување на извршна, техничко-организациска функција на субјект утврден со закон, не претставува недозволено пренесување на овластување, туку организациско решение во рамки на уставно дозволената дискреција на законодавецот.
Наводите дека положениот ловечки испит е доволен и дека воведувањето на легитимација претставува неосновано удвојување на услови не се основани. Ловечкиот испит претставува доказ за стручна оспособеност, додека легитимацијата е инструмент на евиденција и тековна потврда на статус во рамки на законскиот режим.
Разликата меѓу стекнато знаење и актуелен правен статус е правно оправдана, особено во област што е под постојан надзор. Законодавецот има право да предвиди дека за вршење активност како што е ловот не е доволно еднократно положен испит, туку и поседување важечки документ што ја потврдува усогласеноста со актуелните законски услови. Таквата конструкција не создава правна несигурност, туку напротив – воспоставува јасен и предвидлив режим.
Во однос на пропишаниот годишен надоместок за издавање на ловечката легитимација, истиот е законски ограничен со утврдена горна граница, што исклучува произволно финансиско оптоварување. Издавањето на ловечка легитимација не претставува пазарна услуга во услови на слободна конкуренција, туку издавање документ (исправа) во рамки на јавноправен режим.
Фактот што документот го издава единствен субјект не значи создавање недозволена монополска положба во смисла на член 55 од Уставот, туку организациско решение во регулирана област од јавен интерес.
Член 55 од Уставот ја гарантира слободата на пазарот, но не ја исклучува можноста законодавецот да утврди единствен носител на одредена јавна дејност кога тоа е функционално оправдано.
Што се однесува на прекршочните одредби со кои се санкционира ловење без задолжителните документи, вклучително и без ловечка легитимација, се дел од механизмот за обезбедување ефективност на законскиот режим.
Ловењето без легитимација не е само формален пропуст, туку повреда на системот на контрола и евиденција во област што е под посебна заштита. Мерката одземање на уловот и средствата употребени за извршување на прекршокот е поврзана со спречување на незаконит лов и не претставува очигледно несразмерна санкција, имајќи ја предвид природата на дејноста и јавниот интерес што се штити.
Во однос на прашањето за странските државјани, треба да се има предвид член 29 од Уставот, според кој странците во Република Северна Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународните договори.
Оваа уставна одредба јасно дозволува законодавецот да утврди посебни услови за остварување на одредени активности од страна на странци. Ловот, како активност поврзана со користење на природен ресурс од општ интерес, може да биде предмет на различен правен режим во зависност од статусот на лицето.
Разликувањето меѓу домашни и странски ловци е засновано на објективен критериум – државјанство и поврзаност со националниот систем на евиденција и контрола и не претставува произволна дискриминација.
Уставната еднаквост не подразбира апсолутна идентичност на правната положба во сите случаи, туку еднаков третман во еднакви ситуации. Странските државјани не се исклучени од можноста да ловат, туку тоа го прават под услови утврдени со закон.
Од целината на анализата произлегува дека оспорените одредби претставуваат дел од кохерентен и системски уреден режим на ловство, воспоставен со цел – заштита на дивечот и јавниот интерес.
Поради сето претходно наведено, според Судот, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби и делови од одредби од Законот за дивечот и ловството (*), со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 20 ставови 1 и 2, член 51 став 1, член 55 ставови 1 и 2 и член 56 став 1 од Уставот, од гледна точка на наводите во иницијативата.
По однос на наводите за несогласност со член 38 став 1 и 2 од Законот за дивечот и ловството (*) и член 12 став 1 и член 19 став 1 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, за истите Судот нема надлежност да ги оценува со оглед на тоа дека тоа е барање за испитување на меѓусебна согласност на одредби од закон со одредби од истиот, односно друг закон.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски