У.бр.153/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.153/2025
Скопје, 03.06.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 3 јуни 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 99-а став 3 во деловите „се одзема”, „одземање” и „точки 1 и 3”, став 4 во деловите „одзема” и „одземање”, став 5 во деловите „ одзема” „одземање” и „3-а”, став 9 во деловите „одзема сообраќајна дозвола” и „забрана за движење” и став 10 во делот „трошоците” од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија” бр. 68/2004, 127/2006, 114/2009, 50/2010,83/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013, 187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 44/2015, 97/2015, 124/2015, 129/2015, 193/2015, 37/2016, 71/2016, 64/2018, 140/2018 и 163/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/2019, 67/2022, 170/2024, 3/2025, 17/2025 и 101/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите на одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Се наведува дека деловите на ставовите 3, 4 и 5 на член 99-а од Законот за превоз во патниот сообраќај, не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 30 од Уставот на Република Северна Македонија. Одземањето на возилото, кое се спроведува по решение на инспектор за патен сообраќај и со асистенција на униформиран полициски службеник, претставува мешање во правото на сопственост, односно негово ограничување, а во случај на трајно одземање и фактичко одземање на сопственичкото право. Ваквата мерка не е сразмерна со целта што се настојува да се постигне, не обезбедува правична рамнотежа меѓу јавниот интерес и индивидуалното право на сопственикот и може да добие карактер на експропријација без праведен надомест. Во таа насока, се повикува и на стандардите од член 1 од Протоколот бр.1 кон Европската конвенција за човекови права, според кои секое мешање во мирното уживање на сопственоста мора да биде законито, легитимно и пропорционално.

Понатаму, се оспорува член 33 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија” бр. 124/2015) со кој во член 99-а став 3 од основниот закон зборовите „точка 3“ се заменуваат со зборовите „точки 1 и 3“.

Оваа одредба се оспорува од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Со ваквата измена се создава нормативна неконзистентност и несогласност меѓу претходното и новото законско решение, со што се нарушуваат правната сигурност, јасноста и прецизноста на правните норми како елементи на владеењето на правото. Се истакнува дека законските измени мора да бидат внатрешно усогласени со нормите што ги изменуваат, за да се избегне арбитрарно толкување и примена.

Со иницијативата се оспорува и член 99-а став 5 во делот „3-а“ од Законот за превоз во патниот сообраќај. Подносителот наведува дека оспорениот дел упатува на прекршок од член 99-а став 1 точка 3-а, кој, според неговите наводи, бил претходно избришан од правниот поредок со член 33 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај. Оттука, според подносителот, нормата предвидува мерка за прекршок кој повеќе не постои, што ја прави неприменлива, нејасна и спротивна на барањата за правна сигурност, јасност и предвидливост на законите.

Се оспорува и член 99-а став 9 во деловите „одзема сообраќајната дозвола“ и „забрана за движење“. Овие делови се оспоруваат во однос на член 8 став 1 алинеја 3 и член 12 став 2 од Уставот, а во аргументацијата се повикува и на Законот за прекршоците.

Овие мерки по својата правна природа имаат карактер на санкции или посебни прекршочни мерки, кои може да ги изрече само суд или надлежен прекршочен орган во постапка утврдена со закон. Наспроти тоа, оспорената одредба овозможува нивно преземање од страна на инспектор за патен сообраќај, што според подносителот излегува надвор од рамките на инспекцискиот надзор и Законот за прекршоците. Во однос на делот „забрана за движење“, подносителот дополнително наведува дека се ограничува слободата на движење, која согласно член 12 став 2 од Уставот може да биде ограничена само со одлука на суд и во постапка предвидена со закон.

Во однос на оспорениот член 99-а став 10 во делот „трошоците“, според кој трошоците што ќе настанат за времетраење на спроведувањето на решението за времено или трајно одземање на возило паѓаат на товар на сторителот на прекршокот, подносителот наведува дека Законот не содржи јасни параметри, критериуми и мерила за определување на висината на трошоците, поради што се создава можност за арбитрарно постапување на органите и правна неизвесност за лицето врз кое се применува мерката. Дополнително, се наведува дека таквите трошоци, доколку не се однапред определиви и ограничени со законски критериуми, може да добијат карактер на дополнителна санкција и да доведат до несразмерност меѓу тежината на прекршокот и финансискиот товар што го сноси сторителот.

Во целина подносителот смета дека оспорените законски одредби не обезбедуваат доволен степен на јасност, прецизност, предвидливост и нормативна усогласеност, со што се повредува начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Воедно, во делот на времено и трајно одземање на возило, подносителот наведува дека се врши несразмерно мешање во правото на сопственост, спротивно на член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот, додека во делот на забраната за движење смета дека е повреден член 12 став 2 од Уставот. Поради тоа, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и по спроведената постапка истите да ги укине како спротивни на Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека во член 99-а став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 127/2006, 114/2009, 50/2010, 83/2010, 17/2011, 53/2011 и 6/2012) е определено дека глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко или правно лице, ако: 1) врши јавен превоз, превоз за сопствени потреби и такси превоз без лиценца (член 4 став 1); 2) злоупотреби потврда за членство и возен картон спротивно на член 33 став 4 од овој закон; 3) врши превоз на патници во меѓуопштинскиот и меѓународниот патен сообраќај без дозвола (член 25 став 1) и 4) врши такси превоз спротивно на условите пропишани од страна на советот на општината, односно на Советот на градот Скопје (член 54 став 1).

Според став 2, за прекршоците од ставот 1 на овој член барањето за поведување на прекршочна постапка се поднесува до Министерството за транспорт и врски пред Комисијата за водење на прекршочна постапка (во натамошниот текст: Комисијата).

Согласно со став 3, освен глобата од ставот 1 на овој член за прекршоците од ставот 1 точки 1 и 3 на овој член, возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот од ставот 1 точки 1 и 3 на овој член времено се одзема од страна на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот на период од шест месеци до една година, а по издавање на решение за времено одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај. На физичкото или правното лице на кое му е издадено решение за времено одземање на возилото согласно со овој став, може да му се врати времено одземеното возило пред рокот определен во решението за времено одземање на возилото, доколку физичкото или правното лице добие лиценца за вршење превоз, но возилото во никој случај не може да се врати пред истекот на три месеци од денот на донесување на решението за времено одземање на возилото.

Според став 4, против решението на инспекторот за патен сообраќај не е дозволена жалба.

Согласно со став 5, против решението на инспекторот за патен сообраќај може да се поднесе тужба за управен спор во рок од осум дена од сторувањето на прекршокот.

Според став 6, тужбата за управен спор не го одлага извршувањето на решението за времено одземање на возилото донесено од инспекторот за патен сообраќај.

Согласно со став 7, трошоците кои ќе настанат за времетраење на спроведување на решението за времено одземање на возило до истекот на рокот за враќање на возилото паѓаат на товар на сторителот на прекршокот

III

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува уставноста на член 99-а став 3 во деловите „се одзема“, „одземање“ и „точки 1 и 3” и член 99 – а став 4 и став 5 во деловите „одзема” и „одземање”.

Оспорените одредби кои ги цитира подносителот се донесени со член 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013 од 14.02.2013 година), на начин што ставот 3 на член 99-а се менува и ја добива оспорената содржина, а по ставот 3 се додава нов став 4 со оспорената содржина и истите гласат:

„Освен глобата од ставот 1 на овој член за прекршокот од ставот 1 точка 1 на овој член, возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот од ставот 1 точка 1 на овој член трајно се одзема во сопственост на Република Македонија со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за трајно одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај.”

По ставот 3 се додава нов став 4, кој гласи:

“Освен глобата од ставот 1 на овој член за прекршокот од ставот 1 точка 3 на овој член, возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот од ставот 1 точка 3 на овој член времено се одзема со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот за период од шест месеци до една година, а по издавање на решение за времено одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај. Во случај на повторување на прекршокот од страна на истиот сторител или со истото возило, возилото што било користено за превоз трајно се одзема во сопственост на Република Македонија со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за трајно одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај.”

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија” бр. 42/2014 од 03. 03. 2014 година) со член 20 став 3 се менува член 99-а став 5 и истиот ја добива содржината којашто ја цитира и оспорува подносителот и истата гласи:

„Освен глобата од ставот 1 на овој член за прекршокот од ставот 1 точка 3-а на овој член, возилото што било користено за авто-такси превоз со кое е сторен прекршокот од ставот 1 точка 3-а на овој член времено се одзема со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот за период од шест месеци до една година, а по издавање на решение за времено одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај. Во случај на повторување на прекршокот од страна на истиот сторител или со истото возило, возилото што било користено за авто-такси превоз трајно се одзема во сопственост на Република Македонија со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за трајно одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај.”

Овие оспорени одредби (член 99-а став 3 и став 4) биле предмет на уставно-судска оцена пред Уставниот суд и истите со Одлуката У. бр. 66/2014 од 28 јануари 2015 година се укинати.

Во тој поглед Судот оценил дека „имајќи ја предвид наведената законска регулатива со која се уредува прашањето на одземањето или ограничувањето на сопственоста како казнена мерка, произлегува дека ваквата казнена мерка единствено може да ја изрече суд. Оттука, произлегува дека инспекторот за патен сообраќај може времено да отстрани од сообраќај одредено возило со кое е сторен прекршок (во која смисла има повеќе казнени и прекршочни одредби во Законот за превоз во патниот сообраќај), но одземањето на сопственоста, и тоа трајно во корист на Републиката, е прекршочна мерка која единствено може да ја изрече суд. Фактот што против решението на инспекторот не е дозволена жалба, но против истото може да се поведе управен спор, според Судот, не е замена за судска одлука со која се изрекува конфискација. Напротив, тоа укажува дека токму со решението на инспекторот, пред истото да стане правосилно и без водење прекршочна постапка се одзема сопственоста на возилото, и тоа во моментот на сторување на прекршокот, што несомнено значи навлегување на извршната во судската власт, но исто така и повреда на принципот на презумција на невиност, гарантиран со член 13 став 1 од Уставот, според кој лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Дополнително, се поставува прашањето каква е примената на ставот 2 на членот 99-а, кој пропишува дека за прекршоците од ставот 1 на истиот член, што ги вклучува и спорните прекршоци, барањето за поведување на прекршочна постапка се поднесува до Комисијата за водење на прекршочна постапка при Министерството за транспорт и врски. Каква е функцијата на оваа комисија во однос на спорните мерки, кога истата не е вклучена во постапката за изрекување на прекршочните санкции, туку истите ги изрекува инспекторот за патен сообраќај, иако во член 91 од Законот се пропишува дека ако при вршење на надзорот овластениот инспектор за патен сообраќај дојде до сознание дека постои основа на сомневање дека е извршен прекршок со кој е сторена повреда на овој закон или друг пропис, должен е без одлагање да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд, односно пред комисијата за прекршоци во Министерството за транспорт и врски. Со оглед на тоа дека ваквата обврска на инспекторот е исклучена со оспорените одредби, внесени во Законот дополнително, како негови измени и дополнувања, според Судот, истите го изместуваат системот на изрекување на прекршочни санкции утврден со другите одредби на овој закон, како и со одредбите на Законот за прекршоците, како lex generalis во прекршочната материја, поради што основано се поставува прашањето дали спорните законски одредби го одразуваат начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Притоа, иако Уставниот суд нема надлежност за оцена на меѓусебната согласност на одредби од ист закон, како што може да се сфати од наведеното, оспорените одредби, поради основаното сомневање во нивната уставност и нивната противречност со другите одредби од Законот, според Судот, претставуваат упад во системот на прекршочни санкции и нивното изрекување, поради што основано може да се постави прашањето дали со истите се повредува начелото на владеењето на правото.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека начинот на уредување на изрекувањето на прекршочната мерка со член 99-а став 3 и став 4 во оспорениот дел од Законот за превоз во патниот сообраќај, води кон повреда на начелата на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, поради што основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 13 став 1, член 30 став 3 и член 51 од Уставот.”

Понатаму, со Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 71/2016 од 11. 04. 2016 година) со член 33 став 3 во член 99-а се додава нов став 9 и истиот ја добива содржината којашто ја цитира и оспорува подносителот и истата гласи:

„За прекршоците од ставот 1 точка 3 на овој член на странски превозник му се издава мандантен платен налог во износ од 1.500 евра во денарска противвредност, времено му се одзема сообраќајната дозвола и му се изрекува дополнителна мерка забрана за движење на возилото на територијата на Република Македонија до исплата на изречената глоба. Инспекторот за патен сообраќај задолжително ги известува надлежните погранични служби за изречената дополнителна мерка забрана за движење на предметното возило на територијата на Република Македонија.“

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија” бр. 140/2018 од 30. 07. 2018 година) со член 77 се менува содржината на целиот член 99-а и истата гласи:

„ Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице, физичко лице-трговец поединец или правно лице, ако:
1) врши јавен превоз, превоз за сопствени потреби, слободен или посебен превоз на патници и авто-такси превоз без лиценца и извод од лиценца (член 4 став 1 и член 4-а);
2) врши авто такси превоз спротивно на решението од член 10-а став 2 од овоj;
3) врши општински линиски превоз на патници спротивно на условите пропишани од страна на советот на општината, односно на Советот на градот Скопје (член 22);
4) носителот на семејно земјоделско стопанство врши превоз за сопствени потреби спротивно на членот 9-а;
5) злоупотреби потврда за членство и возен картон спротивно на членот 33 став 4;
6) врши превоз на патници во општински посебен линиски превоз, слободен превоз на патници со елементи на линиски превоз на патници, меѓуопштинскиот и меѓународниот патен сообраќај без дозвола (член 25 став 1 членови 19 и 44 став 1);
7) врши такси превоз спротивно на условите пропишани од страна на советот на општината, односно на Советот на градот Скопје (член 54 став 1);
8) врши превоз на патници спротивно на членот 27-а;
9) на инспекторот за патен сообраќај не му овозможи вршење на инспекциски надзор не му дава потребни известувања и не му ја стави на увид потребната документација;
10) во возилото нема или е изминат рокот на важење на потврда за исполнување на техничко – експлатациони услови (член 5 став 3);
11) во возилото нема сертификат за сообразност за моторно и приклучно возило (член 5 став 4, член 70 став 7 и 8);
12) ЕКМТ тест сертификатот за подготвеност за сообраќај на товарните моторни и приклучни возила е со изминат рок (член 70 став 8 од овој закон);
13) не поседува сертификат за авто-такси возач или сертификатот за автотакси возач кој го поседува е со поминат рок на важност;
14) не поседува СПК на возач или истиот е со изминат рок;
15) превозникот при вршење на авто такси превоз постапува спротивно на членот 55 став 5 од овој закон;
16) возачот при извршување на превоз на патници или стока во внатрешниот или меѓународниот патен сообраќај во возилото нема патен налог;
17) во возилото нема поединечна транспортна дозвола или ЕКМТ дозвола или посебна зелена дозвола за вршење на меѓународен превоз на стока (член 70 ставови 1 и 3, член 71 ставови 1 и 3, член 79 став 1 и 4);
18) во возилото земено под наем или на лизинг нема соодветни документи кои го докажуваат истото (член 70 став 10);
19) поседува фалсификувана поединечна транспортна дозвола или прецртана или со менувани податоци, или издадена на друг превозник или користи фалсификувана или поништена ЕКМТ дозвола или ЕКМТ патен дневник или сертификат за сообразност или ЕКМТ тест сертификат за подготвеност на возилата во патниот сообраќај (член 70 став 6, 7 и 8) и
20) за група возила на пат има меѓународна транспортна дозвола за приклучно возило спротивно на членот 70 ставови 4 и 5.

За прекршоците од ставот 1 на овој член барањето за поведување на прекршочна постапка се поднесува до Министерството за транспорт пред Комисијата за водење на прекршочна постапка (во натамошниот текст: Комисијата).

Освен глобата од ставот 1 на овој член за прекршокот од ставот 1 точки 1 и 6 на овој член, возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот времено се одзема со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот за период од шест месеци до една година, а по издавање на решение за времено одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај.

Освен глобата од ставот 1 на овој член за прекршокот од ставот 1 точки 2 и 7 на овој член, возилото што било користено за авто-такси превоз со кое е сторен прекршокот времено се одзема со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот за период од шест месеци до една година, а по издавање на решение за времено одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај.

Против решението на инспекторот за патен сообраќај не е дозволена жалба.

Против решението на инспекторот за патен сообраќај може да се поднесе тужба за управен спор во рок од осум дена од сторувањето на прекршокот.

Тужбата за управен спор не го одлага извршувањето на решението за времено одземање на возилото донесено од инспекторот за патен сообраќај.

Трошоците кои ќе настанат за времетраење на спроведување на решението за времено одземање на возило до истекот на рокот за враќање на возилото паѓаат на товар на сторителот на прекршокот.”

IV

Од утврдената фактичка состојба и релевантните законски одредби Судот утврди дека содржината на одредбите во кои се содржани оспорените делови, со член 77 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија” бр. 140/2018 од 30.07.2018 година) се менува.

Измената на член 99-а, е во насока на претходно донесената Одлука на Уставниот суд У. бр. 66/2014 од 28 јануари 2015 година со која Судот ги укинал член 99-а став 3 и став 4 (а кои според наведената содржина се предмет на оспорување во оваа иницијатива) со образложение дека инспекторот за патен сообраќај може времено да отстрани од сообраќај одредено возило со кое е сторен прекршок (во која смисла има повеќе казнени и прекршочни одредби во Законот за превоз во патниот сообраќај), но одземањето на сопственоста, и тоа трајно во корист на Републиката, е прекршочна мерка која единствено може да ја изрече суд. Фактот што против решението на инспекторот не е дозволена жалба, но против истото може да се поведе управен спор, според Судот, не е замена за судска одлука со која се изрекува конфискација.

Врз основа на наведените уставни одредби, утврдената фактичката состојба, како и наводите во иницијативата од кои произлегува дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/2018), оспорените одредби на ставовите 3,4, 5, 9 и 10 на член 99-а, се изменети содржински, односно истите не се повеќе во правниот поредок, Судот оцени дека согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, иницијативата се отфрла.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски