
Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.21/2025
Скопје, 08.04.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 8 април 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА барањето на Амар Мециновиќ од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на слободата на јавното изразување на мислата, политичко дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност.
Образложение
I
Амар Мециновиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на слободата на јавно изразување на мислата, политичко дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност.
Во барањето подносителот наведува дека со дејствија и пропуштања на Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги му биле повредени уставно загарантираните слободи и права што се однесуваат на политичкото дејствување, слободата на јавното изразување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност. Според наводите, не станува збор за изолирана повреда, туку за кумулативно и координирано постапување на два органи на јавна власт, што довело до негово нерамноправно и дискриминаторско исклучување од изборната кампања за Локалните избори 2025 година.
Во барањето се наведува дека подносителот е основач и член на раководните тела на Политичката партија „Левица”, нејзин портпарол и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија. Партијата е регистрирана согласно со Законот за политичките партии и претставува парламентарна опозициска партија со формирана пратеничка група.
По распишувањето на Локалните избори 2025 година, партијата и подносителот ги исполниле законските услови за учество во изборниот процес, а неговата кандидатура за градоначалник на Град Скопје била потврдена од надлежната изборна комисија. Во првиот изборен круг подносителот освоил над 30.000 гласови и влегол во вториот круг, во кој, според неговите наводи, бил ставен во суштински понеповолна положба во однос на противкандидатот поради исклучувањето од платеното политичко рекламирање и ограничениот пристап до медиумскиот простор.
Во однос на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, подносителот го оспорува Упатството за радиодифузерите за Локалните избори 2025 година бр.01-4137/1 од 26 септември 2025 година, особено точка 3 алинеја 2, со која времето наменето за двете најголеми опозициски партии било распределено на СДСМ, односно коалицијата предводена од оваа партија, и на ДУИ, односно Националната алијанса за интеграција – НАИ. Според подносителот, со ваквото уредување „Левица“ била изоставена од кругот на политички субјекти со право на платено политичко рекламирање, поради што нему му било оневозможено рекламирање како со средства од државниот буџет, така и со сопствени партиски средства.
Подносителот смета дека со ваквото постапување Агенцијата придонела за нерамноправност на изборната трка, извршила дискриминација врз основа на политичка припадност и го повредила неговото право на слободно примање и пренесување информации.
Во однос на Државната изборна комисија, се наведува дека, иако била надлежна за распределба и исплата на средствата за платено политичко рекламирање, на подносителот не му доделила медиумски простор ниту средства за таа намена. Комисијата, според него, не презела дејствија за надминување на правната празнина во Изборниот законик, иако во други случаи ја доуредувала изборната постапка со подзаконски акти. Како пример, се посочува актот од 17 август 2025 година во врска со собирањето потписи за учество на независните кандидати и граѓанските листи.
Во барањето се наведува и дека Комисијата спровела ждрепка за распределба на рекламни билборди и паноа без присуство и без известување на подносителот. Нова ждрепка не била спроведена ниту по неговото влегување во вториот изборен круг, иако, според него, настанала нова изборна состојба што наложувала повторна распределба на просторот за политичко рекламирање.
За настанатата состојба подносителот се обратил и до Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и Народниот правобранител.
Во прилог на барањето се доставени Известувањето за примена на одредбите од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање за Локалните избори 2025 година од 16.09.2025 година, доставено до Собранието од страна на АВМУ, ДИК, ДКСК и ДЗР, во кое било укажано дека е потребно законско доуредување на член 75-ѓ ставови 1 и 12 и член 76-д став 5 од Изборниот законик, известувањето за покренување постапка од 02.10.2025 година по претставка на Димитар Апасиев, како и Решението од 24.10.2025 година на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер по жалба изјавена против Државната изборна комисија.
Според подносителот, наведените дејствија и пропуштања не претставуваат изолирана повреда, туку повторена и продолжена дискриминација во текот на изборната кампања, особено во вториот изборен круг. Тој тврди дека постапувањето на АВМУ и ДИК довело до негово системско маргинализирање од медиумскиот и политичкиот простор и до фаворизирање на противкандидатот Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин, според наводите, биле ограничени неговото политичко дејствување и можноста да се обрати до избирачите, била нарушена еднаквоста на кандидатите, а тоа имало влијание врз информираноста на гласачите и изборниот резултат.
Подносителот смета дека изборите не можат да се сметаат за слободни и демократски доколку еден кандидат е фактички лишен од можноста да му се обрати на електоратот преку медиумите. Оттука, заклучува дека со оспорените дејствија и пропуштања се повредени темелните вредности на уставниот поредок, особено политичкиот плурализам и демократските избори, правото на еднаков третман, забраната на дискриминација и правото на политичко дејствување како составен дел од демократското учество. Имајќи го предвид наведеното, подносителот предлага Судот да утврди дека постапувањето на ДИК и АВМУ претставува повреда на неговите уставно загарантирани слободи и права, да утврди дека овие јавни органи извршиле дискриминација врз него како физичко лице и како кандидат на Политичката партија „Левица“ за градоначалник на Град Скопје во делот на платеното политичко рекламирање за Локалните избори 2025 година, да забрани идни дејствија или пропуштања со кои би се вршела директна или индиректна дискриминација врз него по основ на политичка припадност и да ги задолжи овие органи во иднина да му овозможат пропорционално остварување на законското право на платено политичко рекламирање во медиумите.
II
На седницата Судот ја утврди фактичката состојба како што следи подолу.
Уставниот суд, согласно со член 53 став 5 од Актот на Судот, до Основниот граѓански суд Скопје го достави барањето за заштита на слободите и правата со цел да се утврди дали се исцрпени сите редовни и вонредни правни средства.
Во Одговорот на Основниот граѓански суд Скопје заведен под СУ-03-17/26 од 08.01.2026 година се наведува дека по извршена проверка во АКМИС системот констатирано е дека пред истиот нема заведено тужба за утврдување на дискриминација од страна на лицето Амар Мециновиќ од Скопје.
III
Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно со член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да подесе барање до Уставниот суд за нивна заштита. Во ставот 3 на истиот член е наведено дека барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни или вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Надлежноста на редовните судови за заштита од дискриминација е утврдена во член 32 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 258/2020). Овој член предвидува дека лицето кое смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд. Согласно со ставот 2 на овој член, во постапката соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, освен ако со овој закон не е поинаку уредено. Ставот 3 од истиот член предвидува дека постапката е итна.
IV
Правото на еднаквост односно забраната за дискриминација претставува едно од правата коишто Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити во постапка по поднесено барање за заштита на слободите и правата, согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот.
Согласно со наведените одредби од Актот на Уставниот суд, произлегува дека непосредната заштита на слободите и правата пред Уставниот суд има супсидијарен карактер, односно дека може со поднесување на барање за заштита на слободите и правата да се побара заштита пред Уставниот суд само откако ќе се исцрпат сите редовни и вонредни правни средства за заштита на правата пред редовните судови.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за постапување по поднесеното барање на лицето Амар Мециновиќ, поради следните причини. Имено, во поднесеното барање подносителот наведува дека бил дискриминиран од страна на Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги бидејќи му било повредено правото на фер третман во предизборната кампања, односно еднаков третман во предизборната кампања, изразено преку право на еднаков пристап до медиумскиот пристап и уставното „право на примање и пренесување информации“ со што се врши директна дискриминација и повреда на еднаквоста и рамноправноста и се нанесува материјална штета на кандидатот за градоначалник. Притоа подносителот не дава информации, ниту пак каков и да било доказ од кој може да се заклучи дека тој ги исцрпел сите редовни и вонредни правни лекови согласно со барањата од член 53 став 3 од Актот на Уставниот суд, односно да се утврди дали овие наводи за дискриминација на подносителот на барањето ги има истакнато пред редовен суд во постапка врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Уставниот суд се обрати до Основниот граѓански суд Скопје со барање за достава на податоци дали подносителот на барањето има поднесено тужба по основ на утврдување дискриминација и од доставените информации, Судот утврди дека за конкретното лице нема заведено тужба ниту се води постапка по наведениот основ.
Врз основа на наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на барањето.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски