Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски, судиите Добрила Кацарска, д-р Осман Кадриу, проф. д-р Ана Павловска-Данева и самостојниот советник и шеф на протоколот Симона Герасимова-Јовановска, на 9 и 10 јули 2026 година престојува во билатерална посета во Уставниот суд на Република Србија.
Во рамки на посетата, претседателите Костадиновски и Петров потпишаа Меморандум за разбирање и билатерална соработка меѓу Уставниот суд на Република Србија и Уставниот суд на Република Северна Македонија, по што беше одржан и стручен разговор меѓу членовите на делегациите на тема „Извршување на одлуките на Уставниот суд“.
Со оваа посета, по речиси 15 години, е обновена билатералната соработка меѓу уставните судови на Република Србија и Република Северна Македонија и е отворено ново поглавје во меѓусебната институционална соработка.
Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Костадиновски, се заблагодари за гостопримството и, меѓу другото, истакна дека уставните судови имаат исклучително важна улога, бидејќи нема ништо повредно од заштитата на човековите права и слободи.
– Ваквите средби се можност да ги размениме нашите драгоцени искуства и да разговараме за бројни теми што можат да бидат од корист за двата суда – рече претседателот Костадиновски, запознавајќи ги учесниците на средбата и со надлежностите на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Во своето воведно обраќање, претседателот на Уставниот суд на Република Србија, Петров, меѓу другото, ја истакна неопходноста двете соседни држави, поврзани со историја и култура, институционално и редовно да соработуваат во областа која, покрај економијата, е најважна за животот на граѓаните – владеењето на правото.
– Ќе се согласите дека нашите две институции се во одредена мера поодговорни од која било политичка институција или поединечен политичар за јакнењето и унапредувањето на владеењето на правото не само фундаментално, туку и животно начело на современата уставна демократија, рече претседателот Петров. Тој додаде дека се надева оти конечно е научена лекцијата дека владеењето на правото не е збир на апстрактни принципи и вредности, ниту нормативна конструкција создадена одозгора или однадвор, туку систем на темелни принципи и вредности што се гради однатре преку правно засновани и добро образложени судски одлуки, особено на уставните судови, и однадвор преку континуиран институционален дијалог, од кој особено значаен е оној што се остварува меѓу уставните судови.
Како што нагласи, владеењето на правото се остварува и преку градење и зајакнување на довербата на граѓаните во уставните судови и другите правосудни институции и мора да се темели на внимателен баланс меѓу правото и политиката, кој не е можен без посредување, односно модерирање од страна на правната наука.
Судијката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, проф. д-р Ана Павловска-Данева, исто така одржа излагање за извршувањето на одлуките на Уставниот суд, осврнувајќи се пред сè на извршувањето на одлуките во областа на апстрактната контрола. Таа укажа на начините на извршување на одлуките, кои се задолжителни за сите што треба да постапуваат по нив, како и на можноста Уставниот суд да го определи рокот и начинот на извршување на својата одлука. Исто така, посочи дека постојат и сличности и разлики во извршувањето на одлуките на уставните судови во правните системи на Северна Македонија и Србија.
Судијката на Уставниот суд д-р Наташа Плавшиќ во своето излагање за извршувањето на одлуките на Уставниот суд, меѓу другото, нагласи дека извршувањето на одлуките е клучно за ефикасната заштита на уставноста и човековите права и дека вистинската ефикасност на уставно-судската заштита не завршува со донесувањето и објавувањето на одлуката, туку со нејзиното целосно и навремено извршување.
Посебно внимание во своето излагање посвети на разликувањето на правното дејство на одлуките на Уставниот суд, отстранувањето на штетните последици и самото извршување на одлуките, истакнувајќи дека токму извршувањето претставува завршна фаза во која уставноправните ставови на Уставниот суд добиваат конкретен ефект во правниот поредок. Како што нагласи, одлуките на Уставниот суд го добиваат своето целосно уставно значење дури тогаш кога нивните правни ставови стануваат составен дел од постапувањето на законодавецот, судовите и другите државни органи, со што се обезбедува ефикасна заштита на уставноста и човековите права.
Во рамки на стручниот разговор, раководителката на Службата за информатички технологии на Уставниот суд, Душица Вуковиќ, одржа презентација за процесот на дигитална трансформација на Судот и воведувањето на електронскиот поднесок.
На стручниот разговор присуствуваа и амбасадорот на Република Северна Македонија во Србија, проф. д-р Никола Тупанчески, претседателката на Високиот совет на судството Бојана Чогуриќ, потпретседателот на Високиот совет на обвинителството д-р Мирослав Ѓорѓевиќ, в.д. директорот на Институтот за споредбено право д-р Милош Станиќ, претседателката на Управниот одбор на Институтот проф. д-р Слободанка Периќ, научниот соработник во Институтот д-р Милош Васовиќ, поранешната судијка на Уставниот суд Катарина Манојловиќ Андриќ, заменик-секретарот на Уставниот суд, како и раководителите на службите на Уставниот суд.
Меморандумот што го потпишаа двата уставни суда, меѓу другото, предвидува дека страните потписнички се согласуваат да ја продлабочат својата соработка преку утврдување и изработка на заеднички стратегии и програми што ќе придонесат за развој на пријателските односи, институционалните капацитети и споредбено-правните истражувања.
Исто така, предвидена е можност за спроведување заеднички програми за обука поврзани со нивниот делокруг на работа и други активности за кои заемно ќе се договорат, меѓусебно поканување за учество во програми за обука, размена на предавачи, материјали и информации за обуки, како што се наставни пакети, публикации и аудиовизуелни материјали подготвени од нивните организациски единици надлежни за обука.
Меморандумот предвидува и можност за спроведување заеднички истражувања за прашања поврзани со надлежностите, размена на експерти за заеднички утврдени истражувачки теми, размена на истражувачки материјали и други релевантни информации добиени од други институции што се од интерес за другата страна.
Понатаму, предвидено е меѓусебно поканување за учество на научни конференции и семинари организирани во рамки на нивните институции, организирање заеднички научни конференции и семинари за теми договорени меѓу страните, размена на знаења, информации и искуства, организирање периодични посети на делегации и други форми на соработка меѓу судиите, советниците и судскиот персонал, со цел размена на знаења и искуства и зајакнување на институционалните капацитети.
Предвидено е и двете страни да си пружаат меѓусебна поддршка во унапредувањето и заштитата на независноста и интегритетот на уставното судство и владеењето на правото, вклучително и преку заемна помош, консултации и координација во меѓународни форуми, тела и организации, како и, по потреба, преку усогласување и изразување заеднички ставови за заштита на овие начела.




