Уставните судови на Република Северна Македонија и Република Србија ќе потпишат Протокол за соработка

Уставниот суд на Република Северна Македонија и Уставниот суд на Република Србија ќе потпишат Протокол за соработка, со кој по повеќе од петнаесет години одржување на бројни регионални средби и конгреси, дополнително ќе се зацврсти и унапреди соработката меѓу двата суда.

Протоколот ќе биде потпишан во рамки на дводневната официјална посета на делегацијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија која ќе се реализира на 9 и 10 јули 2026 година во Белград.

Делегацијата ја предводи претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, а во нејзин состав се судиите Добрила Кацарска, проф. д-р Осман Кадриу и проф. д-р Ана Павловска-Данева, како и м-р Симона Герасимова-Јовановска, самостоен советник за протокол.

Во рамки на посетата ќе се одржат стручни разговори меѓу делегациите на двата уставни суда на тема „Извршување на одлуките на Уставниот суд“, посветени на размена на искуства, судска практика и предизвиците поврзани со спроведувањето на одлуките на уставните судови. Главни излагачи на стручната сесија ќе бидат судијката на Уставниот суд на Република Србија, д-р Наташа Плавшиќ, и судијката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, проф. д-р Ана Павловска-Данева.

За време на посетата, предвидено е претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски да се потпише во Книгата на впечатоци на Уставниот суд на Република Србија.

Потпишувањето на Протоколот претставува значаен чекор во натамошното институционално поврзување на двата уставни суда и создава основа за поинтензивна размена на знаења, искуства и добри практики, преку реализација на заеднички активности од областа на уставното судство.

Уставниот суд континуирано ја зајакнува својата позиција на меѓународен план, што претставува еден од клучните приоритети во мандатот на актуелниот претседател, д-р Дарко Костадиновски. Во таа насока, во изминатиот период беа преземени значајни активности за продлабочување на билатералната и меѓународната соработка преку склучување повеќе меморандуми и протоколи за соработка. Меѓу нив се Протоколот за соработка со Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, потпишан во февруари оваа година, како и Меморандумот за соработка со Уставниот суд на Косово, потпишан во септември 2025 година. Дополнителна потврда за меѓународниот углед на Судот е и претседавањето со Балканскиот форум на уставни судови, кое годинава му е доверено на Уставниот суд.

Паралелно со интензивирањето на меѓународната соработка, Уставниот суд посветено ја унапредува и соработката со домашните институции и стручната јавност. Во таа насока, во февруари оваа година беше потпишан Меморандум за соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, во јули 2024 година беше склучен Меморандум за соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, а во октомври 2024 година беше потпишан Меморандум за соработка со Здружението на правниците. Овие партнерства придонесуваат за унапредување на правната наука, размена на искуства, стручно усовршување и промоција на уставното судство.