
Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.17/2025
Скопје, 29.04.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 29 април 2026 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УВАЖУВА барањето на Југослав Миленковиќ од Скопје, застапуван од Жаклина Караниколова Пинзовска, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓанинот по основ на социјална припадност.
2. СЕ УТВРДУВА повреда на правото на забрана на дискриминација на Југослав Миленковиќ од Скопје, по основ на социјална припадност, сторена со Пресудата РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година на Основниот суд Скопје и Пресудата РОЖ бр.1670/24 од 02.07.2025 година на Апелациониот суд Скопје.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Југослав Миленковиќ од Скопје, преку полномошникот, адвокат Жаклина Караниколова Пинзовска од Скопје, до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата за кои смета дека му се повредени со поединечни акти и тоа Пресудата РОЖ-1670/24 од 02.07.2025 година на Апелациониот суд Скопје и Пресудата РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година, на Основниот граѓански суд Скопје, како и со дејствија на Државното правобранителство на Република Северна Македонија. Подносителот на барањето наведува дека со наведените судски одлуки, како и со дејствието на Државното правобранителство на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Државно правобранителство), преку поднесување жалба на првостепена судска одлука му е повредено правото на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.
Во барањето подносителот изнесува податоци за неговото вработување како административен службеник во стручната служба на Уставниот суд со звање државен советник за стручно-аналитички работи, од кое работно место ги исполнува и условите за стекнување со право на старосна пензија.
Во продолжение на барањето, подносителот хронолошки ги изнесува настаните за водените постапки, наведувајќи дека во текот на работниот однос, со утврдувачко-задолжувачка Пресуда РО бр.3063/18 од 26.03.2019 година на Основниот граѓански суд Скопје II Скопје, на подносителот на ова барање, му било утврдено право на додаток на плата за кариера „В“ во висина од 15% од додатокот на плата за звање сметано од 01.01.2015 година, а тужениот Уставен суд на Република Северна Македонија, бил задолжен да уплати придонеси од плата во надлежните фондови на име на сега подносителот, за период од 14.05.2012 година до 13.02.2015 година. Пресудата станала правосилна на ден 20.05.2019 година и извршна на ден 29.05.2019 година.
Со налог за извршување И бр.879/19 од 07.10.2019 година, извршена е Пресудата РО бр.3063/18 од 26.03.2019 година.
Со Решението Су бр.602/19 од 30.08.2019 година, генералниот секретар на Уставниот суд, на подносителот на ова барање му утврдил 77,4 дополнителни бодови за пресметување плата сметано од 01.09.2019 година, што според наводите на ова барање, е спротивно на Пресудата РО бр.3063/18, според која исплатата на дополнителните бодови требало да се пресмета сметано од 01.01.2015 година.
Во продолжението на барањето се наведува дека во Одлуката бр.09-486/4 донесена од Комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, жалбата на Југослав Миленковиќ била одбиена, а стекнатото втасано парично побарување подносителот може да го оствари со спогодба со првостепениот орган или во нова постапка за спроведување на правосилната Пресуда РО бр.3063/18.
Понатаму наведува дека Основниот граѓански суд Скопје, со Пресудата РО бр.3407/19 од 13.10.2020 година, го усвоил тужбеното барање на Југослав Миленковиќ и ја поништил точка 2 од Решението на Уставниот суд во која било определено дека пресметката на плата ќе се врши сметано од 01.09.2019 година, а утврдил право на пресметка на исплата на плата сметано од 14.02.2015 година. По изјавена жалба од страна на Државното правобранителство, оваа пресуда била укината од страна на Апелациониот суд со Решението РОЖ 1796/21 од 10.03.2022 година и предметот бил вратен на повторно судење.
Основниот граѓански суд Скопје со Пресудата РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година, го одбива тужбеното барање на сега подносителот, како неосновано и го задолжува да ги надомести трошоците во постапката на тужениот.
Подносителот наведува дека вложил жалба на оваа пресуда, врз основа на која Апелациониот суд во Скопје, ја донел Пресудата РОЖ 1067/24 од 02.07.2025 година, со која ја одбива како неоснована жалбата на тужителот Југослав Миленковиќ и ја потврдува Пресудата РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година.
Подносителот смета дека, заедничка специфичност кај двете оспорени судски одлуки е немање одговор и образложение во врска со повредата на начелото на еднаквост при истоветна фактичка и правна состојба како и тоа дека во двете оспорени судски одлуки, како аргумент во нивните изреки, судот се повикал на донесено Правно мислење на Врховниот суд од 12.07.2022 година.
Во барањето се наведуваат четири физички лица како компаратори со кои правно се споредува подносителот. Имено, подносителот кој имал статус кај тужениот Уставен суд на Република Северна Македонија како и лицата М.Т.; М.Л. и З.Б.; сите административни службеници во работен однос во стручната служба кај ист работодавач, со исто звање – државен советник за стручно аналитички работи и сличен статус како и лицето Л.М. – со звање советник.
Подносителот и лицата со кои се споредува имале правосилни и извршни утврдувачко-задолжувачки пресуди донесени од ист суд со кои истоветно им се утврдува право на додаток на плата за кариера „В“ и зголемување на плата за 15% од додатокот за звање сметано од 01.01.2015 година.
Сите овие лица имале решенија од генералниот секретар на Уставниот суд на Република Северна Македонија, донесени на ист ден кои биле истоветно засновани и образложени со правосилни и извршни утврдувачко-задолжувачки пресуди. Со овие решенија им биле утврдени дополнителни бодови за пресметување на плата во висина од 15% сметано од 01.09.2019 година.
Поради непотполно извршување на пресудите донесени за сите пет физички лица, биле поднесени нови тужби со ново тужбено барање, четири од поднесените тужби биле истоветни и изготвени од ист полномошник, по кои тужбени барања биле донесени нови пресуди со различна содржина, од кои една пресуда била донесена врз основа на признание од тужениот Уставен суд, по три поднесени тужбени барања не биле поднесени жалби од страна на законскиот застапник – Државното правобранителство и истите станале правосилни и извршни, додека за тужбеното барање на подносителот, законскиот застапник поднел жалба која била уважена и Пресудата била укината и во второстепена постапка Пресудата била потврдена.
Подносителот наведува дека со оспорените пресуди, се постапувало понеповолно спрема него во однос на група лица, со што смета дека е сторена директна дискриминација со несторување и индиректна дискриминација со сторување. Фактот дека дискриминацијата била извршена кон едно лице повеќепати врз иста дискриминаторска основа преку повторена дискриминација, укажува на интензитетот на повредите предизвикани со оспорените пресуди, што резултирало со спречување во остварување на права на определено лице, во конкретниот случај Југослав Миленковиќ.
Во барањето, подносителот се повикува и на повреди направени со дејствија на Државното правобранителство, наведувајќи дека при потполно истоветна фактичка и правна состојба помеѓу сега подносителот и останатите четири физички лица наведени како компаратори, Државното правобранителство како законски застапник на тужениот Уставен суд на Република Северна Македонија, преземало различни дејствија во текот на постапката по петте истоветни тужбени барања. Имено, по однос на пресудите донесени за лицата М.Т.; М.Л. и Л.М.; Државното правобранителство не поднело жалби и пресудите станале правосилни и извршни, а по однос на пресудата за сега подносителот Југослав Миленковиќ, била поднесена жалба со што на подносителот му била сторена директна дискриминација во однос на останатите лица компаратори.
Државното правобранителство, според подносителот, не дало одговор ниту образложение на наводите на Југослав Миленковиќ во врска со повредата на начелото на еднаквост и забрана за дискриминација со што била сторена директна дискриминација со несторување. Ваквите дејствија укажуваат на интензитетот на повредите што му биле предизвикани од страна на Државното правобранителство.
Според сето горенаведено, се предлага Уставниот суд да утврди повреда на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, на подносителот Југослав Миленковиќ, што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност и воедно, истакнат е посебен предлог за одржување јавна расправа и донесување решение за запирање на извршувањето на оспорените пресуди до донесување конечна одлука.
II
На седницата Судот, врз основа на целосната анализа на поднесеното барање, како и од анализата на прибавените одговори, ја утврди следната фактичка состојба како што е наведено подолу.
Подносителот, до исполнување на условите за стекнување со право на старосна пензија, бил вработен како административен службеник, со звање државен советник за стручно-аналитички работи во стручната служба на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Во текот на работниот однос, со утврдувачко-задолжувачка Пресуда РО бр.3063/18 од 26.03.2019 година на Основниот граѓански суд Скопје II Скопје, му било утврдено право на додаток на плата за кариера „В“ во висина од 15% од додатокот на плата за звање сметано од 01.01.2015 година, а тужениот Уставен суд на Република Северна Македонија, бил задолжен да уплати придонеси од плата во надлежните фондови на име на сега подносителот, за период од 14.05.2012 година до 13.02.2015 година. Пресудата станала правосилна на ден 20.05.2019 година и извршна на ден 29.05.2019 година.
Со налог за извршување И бр.879/19 од 07.10.2019 година, извршена е Пресудата РО бр.3063/18 од 26.03.2019 година, во делот на задолжението за уплата на придонеси и персоналниот данок.
Генералниот секретар на Уставниот суд, со Решението Су бр.602/19 од 30.08.2019 година, на подносителот на ова барање, му утврдил 77,4 дополнителни бодови за пресметување на плата, во член 2 од ова решение утврдено е дека пресметката на плата ќе се врши сметано од 01.09.2019 година.
Подносителот, незадоволен од решението Су бр.602/19 од 30.08.2019 година, постапувајќи согласно со правната поука на ден 05.09.2019 година, вложил жалба до Агенцијата за администрација, којашто одлучувајќи по жалбата на ден 24.09.2019 година, донела одлука бр.09-486/4 со која ја одбила жалбата на тужителот и го потврдила побиваното решение.
Во образложението е наведено дека за периодот од стекнувањето на правото до платата за месец август 2019 година, жалителот стекнатото стасано парично побарување може да го оствари со спогодба со првостепениот орган или во постапка за присилно извршување на правосилна судска пресуда.
По приемот на оваа одлука, сега подносителот, против Уставниот суд поднел тужба за поништување решение и одлука.
Основниот граѓански суд Скопје, со Пресудата РО бр.3407/19 од 13.10.2020 година, го усвоил тужбеното барање на Југослав Миленковиќ и ја поништил точка 2 од Решението на Уставниот суд во која се определувало дека пресметката на плата ќе се врши сметано од 01.09.2019 година, а утврдил право на пресметка на исплата на плата сметано од 14.02.2015 година.
По изјавената жалба од тужениот преку застапникот по закон Државното правобранителство, Апелациониот суд Скопје го донел Решението РОЖ 1796/21 од 10.03.2022 година, со кое жалбата на тужениот ја уважил и Пресудата на Основниот граѓански суд Скопје РО бр.3407/19 од 13.10.2020 година ја укинал и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно судење.
Основниот граѓански суд Скопје со Пресуда РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година, го одбил тужбеното барање на тужителот Југослав Миленковиќ како неосновано и го задолжува да ги надомести тошоците во постапката на тужениот.
Против оваа пресуда навремена жалба вложил сега подносителот, преку полномошникот Жаклина Караниколова Пинзовска, адвокат од Скопје.
Апелациониот суд во Скопје, по разгледување на жалбата, обжалената пресуда и списите во предметот, ја донел Пресудата РОЖ 1067/24 од 02.07.2025 година, со која ја одбил жалбата на тужителот Југослав Миленковиќ како неоснована и ја потврдил Пресудата РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година на Основниот граѓански суд Скопје.
Во барањето се наведуваат четири физички лица како компаратори со кои правно се срамнува сега подносителот. Подносителот, во периодот кој е опфатен со двете оспорени пресуди, има статус кај тужениот Уставен суд на Република Северна Македонија како и лицата М.Т.; М.Л. и З.Б. -административни службеници во работен однос во стручната служба кај ист работодавач, со исто звање – државен советник за стручно аналитички работи, како и лицето Л.М. – со звање советник кај истиот работодавач.
Подносителот и лицата со кои се споредува имаат правосилни и извршни утврдувачко-задолжувачки пресуди донесени од Основниот граѓански суд Скопје, со кои им се утврдува право на додаток на плата за кариера „В“ и зголемувње на плата за 15% од додатокот за звање сметано од 01.01.2015 година како и задолжение на тужениот – Уставен суд да доплати придонеси на плата во надлежните фондови.
Генералниот секретар на Уставниот суд на Република Северна Македонија, постапувајќи по правосилните и извршни пресуди, донел решенија за утврдување дополнителни бодови за пресметување на плата, сите со идентична содржина, односно, кај државните советници за стручно-аналитички работи се утврдени 77,4 дополнители бода за пресметување на плата, а кај лицето посочено како компаратор Л.М – советник, утврди се 42,1 дополнителни бодови за пресметување на плата.
Во точка 2 на овие решниеја утврдено е дека прсметката на плата ќе се врши сметано од 01.09.2019 година.
Уставниот суд на Република Северна Македонија, постапувајќи по извршност на пресудите, на име на тужителите (подносителот на ова барање и наведените 4 лица како компаратори и други тужители вработени во Уставниот суд), извршил доплата на придонеси на плата во надлежните фондови и институции за период од 14.02.2015 година до 01.10.2019 година (за подносителот и лицата М.Л.; З.Б. и Л.М.), а за лицето М.Т. за период од 14.02.2015 година до 30.11.2019 година.
Сега подносителот, заедно со лицата М.Л.; З.Б. и Л.М. (и други лица вработени во Уставниот суд), незадоволни од решенијата на генералниот секретар на Уставниот суд, со нови поединечни идентични тужбени барања, ги оспориле истите и тоа во однос на точката 2 од решенијата со која е утврден датумот 01.09.2019 година од кога ќе почне да се врши пресметката на плата, односно, со барање за пресметка и исплата на плата согласно решенијата да се врши сметано од 01.01.2015 година, како и парично побарување за неисплатена разлика на нето плати по основ додаток на плата за степен на кариера „Б“ и „В“ како и исплата на разлика на придонеси во надлежните фондови и институции за период сметано од 01.01.2015 година.
Основниот граѓански суд Скопје, постапувајќи по поднесените тужбени барања, за сите погоре наведени лица помеѓу кои и на сега подносителот, донел 4 поединечни пресуди со кои ги усвоил тужбените барања на тужителите, им утврдил стекнато право на пресметка и исплата на плати сметано од 14.02.2015 година, ги поништил решенијата на Уставниот суд во точката 2 и Одлуката на Комисијата на Агенција за администрација за одлучување по жалби и приговори во втор степен, го задолжил Уставниот суд на тужените да им ги доплати придонесите на плата во надлежните фондови за период од 14.02.2015 година до 01.10.2019 година како и да им исплати на име на тужителите по основ разлика на плата како додаток не нето плата за степен на кариера „Б“ и „В“ за период од 01.10.2016 година до 01.10.2019 година.
Државното правобранителство како застапник на тужениот Уставен суд на Република Северна Македонија, по приемот на пресудата донесена во корист на Југослав Миленковиќ, во законски предвидениот рок, вложило благовремена жалба, по што оваа пресуда била укината од страна на Апелациониот суд со Решението РОЖ 1796/21 од 10.03.2022 година и предметот бил вратен на повторно судење.
Основниот граѓански суд Скопје со Пресудата РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година, го одбил тужбеното барање на сега подносителот, како неосновано и го задолжува да ги надомести трошоците во постапката на тужениот.
По изјавената жалба на оваа пресуда, Апелациониот суд во Скопје, ја донел Пресудата РОЖ 1067/24 од 02.07.2025 година, со која ја одбива како неоснована жалбата на тужителот Југослав Миленковиќ и ја потврдува Пресудата РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година.
По однос на лицето М.Т. посочено како копаратор, Судот утврди дека за разлика од останатите тужители, во овој случај со тужбата не било барано поништување на точка 2 од решението на генералниот секретар како во претходните тужбени барања, односно, била поднесена тужба за парично побарување од работен однос. Државното правобранителство како застапник на тужениот – Уставен суд, вложило писмен одговор на тужба со кој го оспорил тужбеното барање во целост. Тужениот – Уставен суд до Граѓанскиот суд Скопје доставил писмен поднесок со кое го признал во целост тужбеното барање по основ и висина онака како што биле поставени во тужбениот петитум, по што Граѓанскиот суд постапувајќи по оваа правна работа, донел пресуда врз основа на признание со која тужбеното барање на лицето М.Т. го усвоил и го задолжил тужениот на име на тужителот да ги доплати придонесите од плата и персонален данок во надлежните фондови и институции за период од 14.02.2015 година заклучно со 30.11.2019 година, како и да му исплати на тужителот на име разлика во плати за додаток на плата за степен на кариера „В“ за период од 01.12.2016 година до 30.11.2019 година.
Согласно со член 54 од Актот на Судот, барањето за заштита на слободи и права се достави на одговор до првостепениот и второстепениот суд, како доносители на поединечните акти, како и до органот којшто го презел дејствието.
Со одговор се произнесе Основниот граѓански суд – Скопје, во кој се наведува дека согласно со Законот за парничната постапка, првостепениот суд е должен да постапува согласно со напатствијата на повисокиот суд што во конкретниот случај е сторено. Дотолку повеќе што основ за донесување на првостепената Пресуда РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година било и веќе донесеното правно мислење на одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија од 12.07.2022 година, според кое со унапредување на административниот службеник се укинува додатокот за степен на кариера предвиден со Законот за државните службеници, од причина што согласно со член 87 став 3 од Законот за административни службеници, додатокот за степен на кариера вредносно се изразува во делот од плати за ниво на кое е распореден унапредениот административен службеник. Ваквото правно мислење било донесено токму заради воедначување на судската пракса по конкретно правно прашање и кое е задолжително за пониските судови.
Со одговор се произнесе и Апелациониот суд Скопје кој наведе дека судот во Пресудата РОЖ-1670/24 од 02.07.2025 година, дал доволно образложени причини за донесување на второстепената одлука, па судот надвор од жалбената постапка нема ниту законско ниту деловничко овластување да достави одговор на наводите наведени во конкретното барање имајќи предвид дека судот при донесување на своите одлуки одлучува единствено врз основа на Устав, законите и меѓународните ратификувани договори.
Во одговорот од Државното правобранителство, се наведува дека согласно со Законот за државното правобранителство, државните правобранители се самостојни во вршењето на својата функција, ги штитат имотните права и интереси на Република Северна Македонија и државните органи основани со закон пред судовите и другите органи во земјата и во странство. Во конкретниот случај, државниот правобранител согласно со Амандманот XXI на Уставот со кој се заменува член 15 од Уставот и член 337 од Законот за парничната постапка го користел правото на жалба како и самиот подносител.
Во одговорот се наведува дека подносителот имал право во изјавената жалба по предметот VIII РО бр.1067/22, да бара судот да дозволи ревизија, согласно со член 372 став 4 од Законот за парничната постапка.
III
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита.
Согласно со став 3 на овој член, барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
Став 5 на истиот член предвидува дека со барањето се поднесува и оспорениот поединечен акт, доказите дека се исцрпени правните средства, како и други докази од значење за одлучувањето.
IV
Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на еднаквост односно забраната за дискриминација е право коешто Уставниот суд на Република Северна Македонија го штити во постапка по поднесено барање за заштита на слободите и правата.
Повикувајќи се на член 110 алинеја 3 од Уставот и член 53 од Актот на Судот, подносителот пред Уставниот суд, истакна барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, во кое наведува дека дискриминацијата по наведениот основ му е сторена со:
– поединечни конечни акти и тоа Пресудата РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година на Основниот граѓанскиот суд Скопје и Пресудата РОЖ-1670/24 од 02.07.2025 година на Апелациониот суд Скопје, како и со
– дејствие на државниот правобранител во рамки на постапката пред надлежен суд во врска со работниот спор на подносителот кое е во облик на сторување – поднесување жалба против првостепена пресуда VIIIРО-3409/19 од 13.10.2020 со која туженото барање на подносителот било усвоено.
По однос на наводите изнесени во барањето за сторена дискриминација со Пресудата РО бр.1067/22 од 21.03.2024 година на Основниот граѓанскиот суд Скопје и Пресудата РОЖ-1670/24 од 02.07.2025 година на Апелациониот суд Скопје, Судот утврди дека тоа се поединечни судски акти од воден судски спор помеѓу подносителот на барањето како тужител и Уставниот суд на Република Северна Македонија како тужена страна, за поништување решение и одлука со вредност на спорот 40.000,00 денари, којшто бил окончан со одбивање на тужбеното барање.
Со член 53 став 5 од Актот на Уставниот суд, е утврдена обврска на подносителот на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, со самото поднесување на барањето, да достави докази дека се исцрпени сите редовни и вонредни правни средства. Ваквата обврска не е формална по природа, туку претставува суштинска процесна претпоставка за дозволеност на уставно-судската заштита.
Во овој дел, првично бешe испитано постоењето процесни претпоставки согласно Актот на Судот за да може барањето мериторно да се оценува.
При оценувањето на претпоставките, Судот го имаше предвид член 372 од Законот за парничната постапка и утврди дека согласно со одредбите од членовите 372-288 од Законот, подносителот немал право на ревизија.
По однос на наводите за дискриминација изнесени во барањето, предмет на оваа анализа е прашањето дали со оспорените судски пресуди, донесени во конкретен работен спор, може да се смета дека е сторена дискриминација по основ на социјална припадност, имајќи ги предвид наводите на подносителот дека во други, според него идентични случаи, судовите одлучиле поинаку, при што тужбените барања на други вработени во Уставниот суд биле усвоени.
Имено, подносителот како компаратори наведува четири лица – административни службеници кај ист работодавач, со слично звање и со правосилни пресуди со кои им е утврдено право на додаток на плата за кариера „В“.
Подносителот на барањето наведува дека во повеќе судски постапки поведени од страна на вработени со идентична правна и фактичка состојба, надлежните судови донеле различни одлуки во однос на правото на додаток на плата врз основа на достигнатото ниво во кариерата.
Имено, во четири случаи судовите ги усвоиле тужбените барања, додека во конкретниот случај на подносителот, барањето било одбиено, иако се работи за спор со исти релевантни факти и исто правно прашање.
Имајќи ги предвид наводите во барањето, како и доставената документација, Судот утврди дека станува збор за ситуации кои се споредливи по својата суштина, односно дека подносителот се наоѓа во иста или суштински слична правна и фактичка положба како и останатите лица на кои им било признаено правото.
Според уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, како и принципот на владеење на правото, судовите се должни да обезбедат конзистентна примена на правото и еднаков третман на субјектите во исти или слични ситуации. Различното постапување во случаи со идентична фактичка и правна основа, без постоење на објективно и разумно оправдување, претставува повреда на начелото на еднаквост и може да доведе до дискриминација.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека во одлуката со која е одбиено барањето на подносителот не се наведени релевантни причини со кои би се оправдало отстапувањето од претходно воспоставената судска пракса. Отсуството на јасно, разумно и објективно образложение за ваквото различно постапување упатува на арбитрарност во одлучувањето.
Дополнително, правната сигурност како составен дел на владеењето на правото подразбира предвидливост во примената на правните норми. Кога судовите во идентични случаи носат различни одлуки без соодветно образложение, се нарушува довербата на граѓаните во правниот систем.
Европскиот суд за човекови права смета дека правната сигурност, како елемент на владеењето на правото, подразбира судовите да обезбедуваат разумна предвидливост и конзистентност во примената на правото. Самото постоење на различна судска пракса не претставува автоматски повреда на Конвенцијата, бидејќи развојот на судската пракса е природен дел од судскиот систем. Меѓутоа, кога постојат длабоки и долготрајни противречности во праксата на највисоките судови во државата за идентични или суштински споредливи ситуации, а домашниот правен систем не содржи ефикасен механизам за нивно надминување или тие механизми не се применуваат, таквата состојба може да доведе до повреда на принципот на правна сигурност и на правото на правично судење од член 6 став 1 од Европската конвенција.
Европскиот суд особено нагласува дека спротивставени одлуки на највисоките судови можат да создадат состојба на правна несигурност која ја поткопува довербата на јавноста во судството, а токму довербата во судскиот систем претставува една од темелните компоненти на владеењето на правото.
Во таа насока, Судот не бара апсолутна униформност на судската пракса, туку бара постоење механизми преку кои противречностите ќе бидат надминати во разумен рок и на конзистентен начин.
Во однос на прашањето за различно судско постапување во исти или споредливи правни и фактички околности и неговата поврзаност со правната сигурност, Европскиот суд за човекови права има развиено релативно конзистентна пракса. Меѓу најрелевантните пресуди и параграфи е European Court of Human Rights – Beian v. Romania (no. 1), бр. 30658/05, Пресудата од 6 декември 2007 година.
Оваа пресуда се однесува за правната сигурност и противречната судска пракса. Особено релевантни се параграфите 32–39 во кои Европскиот суд за човекови права ја објаснува улогата на правната сигурност како елемент на владеењето на правото, параграф 37 во кој се нагласува дека улогата на највисоките судови е токму да ги разрешуваат противречностите во судската пракса и параграф 39 во кој се констатира дека длабоките и долготрајни разлики во праксата на највисокиот суд довеле до правна несигурност и повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата.
Особено значајна е смислата на параграф 39, според кој постоењето на длабоки и долготрајни противречности во судската пракса на највисокиот суд ја поткопува правната сигурност и довербата на јавноста во судскиот систем.
Друга пресуда на ЕСЧП, донесена во овој контекст е Пресудата European Court of Human Rights – Lupeni Greek Catholic Parish and Others v. Romania [GC], бр. 76943/11, Пресуда од 29 ноември 2016 година.
Во оваа пресуда релевантни се параграфите 116–123 кои се однесуваат на повторување и доразвивање на стандардите за правна сигурност, кој принцип гарантира одредена стабилност во правните ситуации и придонесува доверба на јавноста во судовите, како и параграф 123, според кој Судот истакнува дека правната сигурност не бара апсолутна униформност, но бара механизми за обезбедување конзистентност.
Од овие пресуди може да се извлече следниот општ стандард на Европскиот суд, а тоа е дека противречната судска пракса сама по себе не е доволна за повреда на член 6 став 1 од Конвенцијата. Повреда постои кога се утврдуваат длабоки, трајни и необразложени разлики во одлучувањето во суштински идентични случаи, особено на ниво на највисоките судови, а домашниот правен систем не обезбедува ефективен механизам за уедначување на судската пракса, со што се нарушуваат правната сигурност и довербата во судството.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека различниот третман на подносителот во однос на другите лица во иста положба не е заснован на објективни и разумни причини, поради што претставува повреда на начелото на еднаквост и забрана на дискриминација.
Со оглед на тоа дека, од фактичката состојба и правната анализа се утврди дискриминаторски основ – поинаков третман во уставноправна смисла, Судот оцени дека оспорените судски одлуки довеле до повреда на забраната на дискриминација.
Што се однесува до наводот на подносителот дека бил дискриминиран со дејствие преземено од страна на Државното правобранителство на Република Северна Македонија, на начин што била поднесена жалба во неговиот конкретен работен спор, додека во други спорови со вработени во Уставниот суд тоа не било сторено, за Судот овој навод е ирелевантен за одлучување по барањето.
Поднесувањето жалба од страна на Државното правобранителство претставува процесно средство предвидено со закон и дискрециона оценка во функција на заштита на правните интереси на органот што го застапува и не претставува prima facie дискриминација во уставноправна смисла. Ова од причина што поднесувањето или неподнесувањето правен лек од страна на застапникот на државен орган претставува процесна стратегија и дискрециона оценка во конкретен предмет, а не поинаков третман заснован на лична карактеристика на подносителот.
Жалбата не претставува поединечен акт што самостојно создава правни последици, со неа не се дејствува директно врз правата на тужителот и истата не доведува автоматски до промена на правната положба на тужителот. Напротив, правните последици произлегуваат исклучиво од одлуката на второстепениот суд, кој независно ја цени основаноста на жалбените наводи.
Оттука, самото поднесување жалба (без разлика на тоа што во случајот станува збор за државен орган) не може да се смета за дејствие во смисла на Актот на Судот, бидејќи станува збор за користење на законски дозволен процесен механизам, а не за акт или постапување со директни и конечни правни ефекти.
Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека за покренатите пет граѓански постапки од пет тужители, со ист статус со идентична ситуација, за исто прашање од работни односи, по ист правен основ за ист временски период сите пет подносители на тужби во иста фактичка и правна положба, по четирите тужбени барања за четири тужители со посебни судски одлуки и одлучил позитивно, додека за барателот на барањето одлучил негативно. Повредата на начелото за забрана на дискриминација е очигледна.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски
Издвоено мислење по предметот БЗСП бр.17/2025 од судијата м-р Фатмир Скендер
Издвоено мислење по предметот БЗСП бр.17/2025
Издвоено мислење по предметот БЗСП бр.17/2025 од судијата Добрила Кацарска
Издвоено мислење по предметот БЗСП бр.17/2025