У.бр.77/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.77/2025
Скопје, 10.06.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 10 јуни 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 84 став 3 алинеја 4 од Законот за вработените во Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 53/2024).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Николче Мушаревски од Скопје, со Решението У.бр.77/2025 од 25 февруари 2026 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и член 14 став 2 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека член 84 став 3 алинеја 4 од Законот за вработените во Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 53/2024), определува дека, меѓу другото, дисциплински престап претставува потешка повреда на службената должност, работната дисциплина, угледот на институцијата или угледот на вработен во Министерството со одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува.

III

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со точка 1 став 1 на Амандманот XX на Уставот, е пропишано дека за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Согласно со член 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Со член 4 став 1 од Протоколот бр.7 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи е пропишано дека никој не може да биде изведен пред суд или повторно осуден во кривична постапка од суд на истата држава за дело за кое веќе бил конечно ослободен или осуден во согласност со законот и кривичната постапка на таа држава.

IV

Од уставно-судската анализа, произлегува дека со член 84 став 2 алинеја 3 од Законот за вработените во Министерството за одбрана, се нормира дека одбивањето на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува претставува дисциплинска неуредност, додека во став 3 алинеја 4 од истиот член е предвидено дека истото дејствие односно одбивањето на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува, претставува дисциплински престап.

При немање конкретни критериуми врз кои Министерството би го оценило видот на одговорност, Судот оцени дека ваквото повторување во облик на дисциплински престап е во спротивно на Уставот, односно ја повредува правната сигурност и принципот на јасност и предвидливост на правните норми, којшто е составен дел на владеењето на правото. Ова од причина што граѓанинот (вработениот) не може однапред да знае дали неговото однесување ќе биде квалификувано како „полесна“ или „потешка“ повреда од една страна, и можноста за двојно санкционирање од друга страна што претставува повреда на принципот ne bis in idem.

Во претходна постапка беше прибавено мислење од Владата на Република Северна Македонија, во кое се наведува дека при изработката на предметното законско решение коешто се однесува на дисциплинска одговорност за одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува, биле земени предвид постојните искуства и законската регулатива којашто го регулира ова прашање за персоналот на служба во Армијата. Притоа било утврдено дека поради честите прекршувања, ова решение немало воспитно влијание врз вработените, ниту пак имало намалување на вакви прекршувања, коишто во Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија се квалификувани како дисциплинска неуредност.

Исто така, се наведува дека самото предложено законско решение упатува на карактерот и видот на дисциплинската одговорност, односно дали одбивањето на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува, ќе се квалификува како дисциплинска неуредност или како дисциплински престап, не се утврдува автоматски, туку се оценува врз основа на конкретни околности за секој поединечен случај.

Во даденото мислење Владата образложува дека Министерството за одбрана при утврдувањето на тоа за каков вид одговорност се работи, односно дали се работи за дисциплинска неуредност или дисциплински престап ги има предвид критериумите како што се: обемот на финансиските импликации кои можат да произлезат за Министерството од непојавување на планираните активности, фактот дали одбивањето се повторува повеќепати од страна на исто лице, степенот на нарушување на угледот на Министерството, влијанието врз соработката со домашните и меѓународните партнери и слично.

Сепак наспроти наведеното, евидентен е фактот дека тие критериуми не се предвидени во Законот за вработените во Министерството за одбрана, ниту во конкретен подзаконски акт, така што при определувањето дисциплинска одговорност, преостанува можноста Министерството по свое дискреционо убедување да одлучи.

Имајќи предвид дека законодавецот едно исто дејствие го санкционирал двапати и тоа, во едниот случај како полесна, а во другиот како потешка повреда, со што им остава дискрециона оценка на дисциплинските органи да го квалификуваат однесувањето според субјективна проценка, според Судот, укажува на постоење можна повреда на темелната вредност владеење на правото.

Во конкретниот случај, според Судот, е применлив принципот од член 14 став 2 од Уставот, бидејќи двапати се санкционира едно исто дејствие. Согласно со ова, оспорената одредба од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и член 14 став 2 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски