У.бр.102/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У. бр.102/2025
Скопје, 13.05.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 13 мај 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 105-а став 2 точка 4 во делот „раководно” од Законот за домување („Службен весник на Република Македонија” бр. 99/2009, 57/2010, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 55/2013, 163/2013, 42/2014, 199/2014, 146/2015, 31/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.302/2020, 150/2022, 224/2024 и 160/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од одредбата од Законот за домување не е во согласност со член 9 став 2 и член 32 од Уставот.

Спорната законска определба го ограничува правото на пристап до работно место, бидејќи како услов за избор на претседател, односно член на Регулаторната комисија за домување, се предвидува претходно искуство на раководно место. Ваквиот услов ги става во понеповолна положба лицата кои, иако можеби ги исполнуваат другите стручни и професионални услови, немале можност претходно да извршуваат раководна функција, поради што не би можеле да се пријават на евентуален оглас за избор на претседател или член на Комисијата.

Понатаму се наведува дека оспореното законско решение доведува и до повреда на начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, односно до нееднаков третман врз основа на општествената положба, бидејќи пристапот до наведената функција се условува со претходна професионална позиција која не им била еднакво достапна на сите лица.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот за домување.

Истовремено, имајќи предвид дека Законот е во сила се предлага до донесување конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот дел од Законот, согласно со член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд.

II

На седницата Судот утврди дека во член 105-а став 2 точка 4 од Законот за домување („Службен весник на Република Македонија” бр. 99/2009, 57/2010, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 55/2013, 163/2013, 42/2014, 199/2014, 146/2015, 31/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.302/2020, 150/2022, 224/2024 и 160/2025) е определено дека за претседател и член на Регулаторна комисија за домување меѓу другото, може да биде именувано лице кое има најмалку шест години работно искуство на раководно место, по дипломирањето.

III

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според став 2 на истиот член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно со член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност а според став 2, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Во член 1 од Законот за домување е утврдено дека со овој zакон се уредуваат видовите на објекти во домувањето, управувањето со станбените згради, односите меѓу сопствениците на посебните делови и трети лица, заедницата на сопствениците, евиденцијата на становите, закупничките односи во домувањето, начинот на управување и одржување на објектите, правата и обврските на Републиката, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во домувањето, инспекцискиот и управниот надзор и други прашања од областа на домувањето.

Со членовите 104 – 111 систематизирани во глава XI насловена „Регулаторна комисија за домување“, се уредени: Регулаторната комисија и нејзината задача (член 104), составот и начинот на избор на Регулаторната комисија (членовите 105 и 105-а), услови за член на Регулаторната комисија (член 106), престанок на мандатот на член на Регулаторната комисија (член 107), принципите на работа на Регулаторната комисија (член 108), надлежностите на Регулаторната комисија (член 109), доставувањето на податоци и извештаи (член 110) и јавност во работата на комисијата (член 111).

Член 105 став 1 од Законот, утврдува дека Регулаторната комисија има својство на правно лице и е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон, а според став 2, Регулаторната комисија е составена од претседател и четири члена, со мандат од пет години, со право на реизбор на уште еден мандат.

Според став 3 на истиот член од Законот, претседателот и членовите на Регулаторната комисија на предлог на Владата на Република Северна Македонија, ги именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија а според став 4, функцијата член на Регулаторната комисија се врши професионално.

Според член 105-а став 2 од Законот е определено дека за претседател и член на Регулаторна комисија може да биде именувано лице кое ги исполнува следните услови: 1) има државјанство на Република Северна Македонија; 2) во моментот на изборот со правосилна судска пресуда не му е изречена казна затвор или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност; 3) има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен; 4) има најмалку шест години работно искуство на раководно работно место, по дипломирањето; 5) поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англиски јазик:- ТОЕФЕЛ ИБТ – најмалку 74 бода,- ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,- ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,- ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,- БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или- АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2) и 6) поседува потврда за активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење.

Според член 106 став 1 од Законот, еден член на Регулаторната комисија треба да биде експерт за правни прашања експерт за прашања од областа на архитектурата и градежништвото кој треба да ги познава стандардите и нормативите за проектирање на објекти од областа на домувањето и еден член експерт за економски прашања од областа на домувањето.

IV

Од содржината на релевантните одредби од Законот за домување произлегува дека законодавецот ја уредил Регулаторната комисија за домување како независно регулаторно тело со својство на правно лице, составено од претседател, четири члена и стручна служба. Претседателот и членовите ги именува Собранието на Република Северна Македонија, по спроведен јавен оглас објавен од Владата, за период од пет години, со право на повторен избор.

Во член 105-а од Законот се пропишани условите што треба да ги исполнува лицето кое може да биде именувано за претседател или член на Регулаторната комисија за домување. Меѓу тие услови е и оспорениот услов, лицето да има најмалку шест години работно искуство на раководно место, по дипломирањето.

Имајќи ја предвид правната положба на Регулаторната комисија за домување, нејзината независност, јавните овластувања и надлежностите што ги врши во областа на домувањето, Судот оцени дека законодавецот основано пропишал посебни услови во поглед на стручната подготовка и професионалното искуство за лицата кои се именуваат во нејзиниот состав. Ова особено произлегува од природата на Комисијата како регулаторно тело коешто треба да обезбеди стручна, одговорна и институционално стабилна примена на Законот за домување.

Оспорениот услов не може да се разгледува изолирано, туку во системска врска со останатите одредби од Законот, особено со член 106, со кој се определуваат потребните стручни квалификации на членовите на Регулаторната комисија. Законодавецот предвидел во составот на Комисијата да има лица со соодветни стручни знаења и искуства од областа на правото, архитектурата, градежништвото, проектирањето, како и економско-финансиското работење во областа на домувањето. Оттука, Судот оцени дека условот за претходно раководно искуство е поставен во функција на обезбедување соодветно ниво на професионална подготвеност, организациско искуство и способност за одговорно вршење на јавната функција.

Во однос на наводите за повреда на член 32 од Уставот, Судот имаше предвид дека правото на работа го опфаќа правото на граѓанинот да работи, слободно да избере вработување и под еднакви услови да му биде достапно секое работно место. Меѓутоа, ова уставно право не значи дека секое лице, независно од исполнувањето на законски пропишаните услови, има право да биде избрано или именувано на определена јавна функција. Уставната гаранција за достапност на работните места под еднакви услови не ја исклучува можноста законодавецот, зависно од природата на функцијата, да утврди посебни стручни, професионални и искуствени услови.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека оспорениот услов не го ограничува правото на работа во уставноправна смисла, туку претставува законски критериум за пристап до конкретна јавна функција во регулаторно тело. Тој услов важи однапред, јасно е пропишан со закон и подеднакво се применува на сите лица кои се пријавуваат на јавниот оглас. Од тие причини, Судот оцени дека не може да се прифатат аргументите дека со самото пропишување на услов од шест години работно искуство на раководно место се повредува член 32 од Уставот.

Во однос на член 9 став 2 од Уставот, односно начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, според оценка на Судот, не произлегува основано уставноправно сомнение. Оспорената одредба не прави разлика меѓу граѓаните според лични својства или општествена положба, туку воспоставува објективен и однапред пропишан услов кој се однесува еднакво на сите кандидати. Секое лице кое ги исполнува законските услови може да учествува во постапката за избор и именување, а лицата кои не ги исполнуваат условите се наоѓаат во различна правна и фактичка положба во однос на оние кои ги исполнуваат.

Оттука, Судот оцени дека не станува збор за нееднаков третман во уставноправна смисла, туку за законско уредување на условите за вршење конкретна јавна функција. Начелото на еднаквост не значи дека законодавецот не смее да пропишува различни услови за различни функции, туку дека тие услови мора да бидат општи, објективни, недискриминаторски и еднакво применливи за сите лица кои се наоѓаат во иста правна положба.

Иако подносителот на иницијативата не се повикува на член 23 од Уставот, според кој секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, Судот ја ценеше оспорената одредба и од овој аспект. Членството во Регулаторната комисија за домување, со оглед на нејзиниот статус, надлежности и јавни овластувања, претставува вршење јавна функција. Меѓутоа, уставното право на учество во вршењето јавни функции не е апсолутно право за стекнување на секоја јавна функција, туку право кое се остварува под услови утврдени со закон.

Уставот не ги пропишува конкретните услови за именување на претседател и членови на регулаторни тела, туку тоа прашање е препуштено на законодавецот. Законодавецот, притоа, има овластување да ги утврди посебните услови за вршење на конкретната функција, водејќи сметка за природата, надлежностите, одговорноста и јавниот интерес поврзани со таа функција. Во таа смисла, Судот оцени дека условот за претходно раководно искуство претставува законски критериум кој е поврзан со спецификите на функцијата и не го исклучува уставното право на граѓаните да учествуваат во вршењето јавни функции, туку го уредува начинот на негово остварување.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 105-а став 2 точка 4 во делот „раководно” од Законот за домување е во согласност со член 9 став 2, член 23 и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, а согласно со тоа, барањето за изрекување времена мерка, согласно со член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд и запирање на извршувањето на поединечните акти што се преземени врз основа на оспорените законски одредби, е неосновано.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски