
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.45/2025
Скопје, 08.04.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 8 април 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустрискиот неопасен отпад на територијата на Општина Велес, бр.25-2818/4 од 15.06.2023 година, донесена од Советот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.10/2023 од 16.06.2023 година).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустрискиот неопасен отпад на територијата на Општина Велес, бр.25-1145/5 од 24.02.2023 година, донесена од Советот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.3 од 27.02.2023 година);
– Заклучокот за објавување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустрискиот неопасен отпад на територијата на Општина Велес, бр.08-1170/26 од 27.02.2023 година, донесена од Советот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.3 од 27.02.2023 година) и
– Заклучокот за објавување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустрискиот неопасен отпад на територијата на Општина Велес бр.08-2840/3 од 16.06.2023 година, донесена од Советот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.10/2023).
Образложение
I
Друштвото за шпедиција, транспорт, промет и услуги Дачо-Комерц 95 Зафирова Елена ДООЕЛ експорт-импорт Велес; Друштвото за транспорт, шпедиција и услуги ЛКВ Костовски ДООЕЛ с. Долно Караслари Велес и Друштвото за трговија и услуги Веус здружение на возачи извоз-увоз ДОО Велес, преку полномошникот Грозданчо Сутинов, адвокат од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од диспозитивот на ова решение.
Се наведува дека оспорените акти се спротивни на темелните вредности на Уставот – основните права и слободи на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и Уставот, владеењето на правото од причина што граѓаните на Општина Велес се ставаат во нееднаква положба и им се повредува правото на управувањето и определувањето на цената на комуналниот отпад. Висината на цената на комуналниот и индустрискиот отпад и водата за пиење е определена спротивно на постапката утврдена со Законот за управување со отпадот и Методологијата за пресметување на цената за собирање и транспортирање на отпад, што укажува на нееднаков третман и пристап на граѓаните и правните лица кои живеат на територијата на Општина Велес.
Во иницијативата се посочува Одлуката У.бр.143/2009 на Уставниот суд, од 23 декември 2009 година, со која Судот ги укинал Одлуката за висината на цените за собирање и транспортирање на комунален отпад, бр.02-168 од 08.02.2008 година, донесена од Управниот одбор на ЈКП ДЕРВЕН Велес и Решението за давање согласност на Одлуката за висината на цената за собирање и транспортирање на комунален отпад, бр.07-916/16 од 19.02.2008 година, донесено од Советот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.3/2008).
Оспорените акти се спротивни на членовите 8, 9, 51, 52 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на членовите 107, 108, 109 и 110 од Законот за управување со отпадот, со кои се утврдуваат постапките за утврдување на цената на собирање комунален отпад. Дополнително, оспорените одлуки се донесени врз основа на членовите 36 и 50 од Законот за локалната самоуправа од кои не произлегува правна основа за донесување на истите.
Поради горенаведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оспорените акти, а до донесување конечна одлука да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените акти, бидејќи со нивното извршување настануват тешки и неотстранливи последици.
II
На седницата Судот утврди дека:
Врз основа на член 36 став 1 точка 1 и член 50 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), а согласно со член 45 став 1 од Статутот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.12/2006, 3/2009, 18/2010, 15/2014, 15/2018, 6/2019 и 8/2021), од Советот на Општина Велес, на седницата одржана на ден 23.02.2023 година, е донесена Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес, бр.25-1145/5 од 24.02.2023 година.
Одлуката содржи 4 члена и според член 1 алинеи 1-4 во Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 15/2010 и 5/2018), се врши изменување и дополнување и тоа: во член 3 став 1 алинеја 1 бројот 1,50 ден/м2 се брише и се заменува со бројот 3 ден/м2; во алинеја 2 бројот 0,20 ден/м2 се менува и гласи 0,40 ден/м2; алинеја 3 бројот 3,50 ден/м2 се брише и се заменува со бројот 8,75 ден/м2; и алинеја 4 бројот 0,50 ден/м2 се брише и се заменува со бројот 1,25 2 ден/м2.
Во член 2 од Одлуката се предвидува дека во член 3 став 2 и став 3 после зборовите „од оваа Одлука“ се додава следниот текст „кои во текот на една календарска година создаваат повеќе од 100 тони неопасен отпад“.
Со член 3 од истата одлука се задолжува Комисијата за статут и прописи да изготви пречистен текст на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес.
Според член 4 од оваа одлука, истата влегува во сила нареден ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Велес“, а ќе се применува од 01.03.2023 година.
Врз основа на член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), и член 27 од Статутот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.12/2006, 3/2009, 18/2010, 15/2014, 15/2018, 6/2019 и 8/2021), градоначалникот на Општина Велес донел Заклучок за објавување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустрискиот неопасен отпад на територијата на Општина Велес бр.08-1170/26 од 27.02.2023 година.
Врз основа на член 36 став 1 точка 1 и член 50 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), а согласно со член 45 став 1 од Статутот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.12/2006, 3/2009, 18/2010, 15/2014, 15/2018, 6/2019 и 8/2021), од Советот на Општина Велес, на седницата одржана на ден 14.06.2023 година, е донесена Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустрискиот неопасен отпад на територијата на Општина Велес бр.25-2818/4 од 15.06.2023 година.
Оспорената одлука содржи 5 члена и според член 1 алинеи 1 и 2 од истата, во Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 15/2010, 5/2018 и 3/2023), се врши изменување и дополнување во член 3 став 1 и тоа: алинеја 3 бројот 8,75 ден/м2 се брише и се заменува со бројот 7 ден/м2; и алинеја 4 бројот 1,25 ден/м2 се брише и се заменува со бројот 1 ден/м2,
Во член 2 од Одлуката се предвидува дека во член 3 став 2 и став 3 се брише текстот „кои во текот на една календарска година создаваат повеќе од 100 тони неопасен отпад“.
Со член 3 од Одлуката е предвидено дека во член 3 став 2 и став 3 алинеите 463 ден/м3 се бришат и се заменуваат со 926 ден/м3.
Согласно со член 4 од истата одлука, се задолжува Комисијата за статут и прописи да изготви пречистен текст на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес.
Според член 5 од Одлуката, истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Велес“, а ќе се применува од 01.07.2023 година.
Врз основа на член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), и член 27 од Статутот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.12/2006, 3/2009, 18/2010, 15/2014, 15/2018, 6/2019 и 8/2021), градоначалникот на Општина Велес донел Заклучок за објавување на Одлуката за изменување и дополнување на одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустрискиот неопасен отпад на територијата на Општина Велес бр.08-2840/3 од 16.06.2023 година.
III
Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 9 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 9 став 1 од Уставот се предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Во став 2 од истиот член е предвидено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Во став 2 од истиот член е предвидено дека законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Согласно со став 3 од овој член, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Со став 4 од овој член се предвидува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Со став 2 од истиот член се предвидува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Согласно со став 3 од од овој член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Според став 4 од истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 36 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.84/2020 и 202/2024), Советот го донесува статутот на општината и другите прописи.
Во член 50 став 1 точка 6 од истиот закон се предвидува дека градоначалникот иницира и предлага донесување прописи од надлежноста на Советот.
Според член 62 став 4 од Законот, прописите се објавуваат во службениот гласник на општината најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, а согласно со став 5 од истиот член, прописите од ставот 1 на овој член влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено.
Со член 1 од Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.216/2021 и 3/2025) се предвидува дека со овој закон се уредуваат начелата и целите за управување со отпад, стратегиите, плановите и програмите за управување со отпадот, правата и обврските на правните и физичките лица во врска со управувањето со отпадот, начинот и условите под коишто може да се врши собирање, транспортирање, повторна употреба, третман, складирање, преработка и отстранување на отпадот, увозот, извозот и транзитот на отпадот, воспоставување на информативниот систем, како и финансирањето и надзорот над управувањето со отпадот.
Согласно со член 81 од овој закон тарифата за депонирање на отпадот ја определува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија со Правилник за утврдување на тарифа на услуга за управување со комунален отпад.
Член 107 од истиот закон во ставовите од 1 до 13 ја уредува постапката за иницирање и подготовка на утврдување на тарифата за управување со комунален отпад, при што централна улога има Регулаторната комисија, која ја определува тарифата поединечно за секој давател на услуга врз основа на доставен План за тарифи. Давателот на услугата е должен навремено да поднесе детално барање поткрепено со нацрт-план, бизнис план, веродостојни финансиски и инфраструктурни податоци, како и индикатори за успешност, со цел тарифата да се заснова на реални трошоци, планирани инвестиции и финансиска достапност за домаќинствата. Членот воспоставува јасна временска рамка, обврска за користење точни податоци и подзаконско доуредување преку правилник, со што се обезбедува транспарентна, предвидлива и стручна основа за утврдување на тарифите.
Со член 108 од Законот во ставовите од 1 до 19 се уредува начинот на утврдување на тарифата за отпад и донесувањето на решението од страна на Регулаторната комисија, при што детално се пропишуваат критериумите за оценка на барањето, вклучувајќи ги трошоците, финансиската достапност, ефикасноста на услугата и планираните инвестиции. Членот предвидува можност за разгледување забелешки, водење преговори и, доколку тие не успеат или не се постигне согласност, донесување регулаторна тарифа. Дополнително, се уредува постапката за вклучување на органите на управување и локалната самоуправа, роковите за постапување, објавувањето на решенијата и правната заштита преку управен спор, со што се воспоставува целосен и функционален регулаторен механизам.
Член 109 во ставови од 1 до 6 од Законот ја уредува примената на веќе утврдената тарифа за отпад, односно обврската на давателот на услуга во точно определени рокови да започне со нејзино спроведување, било да станува збор за тарифа одобрена од надлежен орган или за регулаторна тарифа. Давателот е должен да ги усогласи своите акти со решенијата на Регулаторната комисија, да ги почитува условите и поставените цели, како и редовно да известува за спроведувањето на тарифата. На овој начин се обезбедува континуитет, контрола и отчетност во примената на тарифниот систем.
Во член 110 во ставови од 1 до 12 од истиот закон, се уредува постапката за утврдување на регулаторна тарифа за отпад во случаи кога давателот на услуга не поднел барање или не соработува со Регулаторната комисија. Комисијата добива овластување самостојно или со помош на овластена ревизорска куќа да изготви Регулаторен план за тарифи, врз основа на кој се донесува решение со фиксен износ на тарифата. Членот предвидува обврска за доставување податоци, можност за ревизија и вештачење на трошоците, како и јасни рокови за донесување и примена на регулаторната тарифа, при што решението е конечно, со обезбедена судска заштита преку управен спор, што ја зацврстува регулаторната улога на Комисијата и јавниот интерес.
IV
Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека законодавецот доследно ги операционализирал посочените темелни вредности на уставниот поредок со донесувањето на Законот за управување со отпадот со кој јасно и прецизно ги определил начелата и целите за управување со отпад, стратегиите, плановите и програмите за управување со отпадот, правата и обврските на правните и физичките лица во врска со управувањето со отпадот, начинот и условите под кои може да се врши собирање, транспортирање, повторна употреба, третман, складирање, преработка и отстранување на отпадот, увозот, извозот и транзитот на отпадот, воспоставување на информативниот систем, како и финансирањето и надзорот над управувањето со отпадот.
Наводите дека Советот на Општина Велес нема надлежност да ги донесе оспорените одлуки, Судот, оцени дека се неосновани. Согласно со Законот за локалната самоуправа, Советот е надлежен орган за донесување прописи од локално значење, вклучувајќи и одлуки поврзани со вршење на комунални дејности, додека градоначалникот е надлежен за нивно објавување. Оспорените одлуки се донесени од овластен орган и се објавени во согласност со закон, поради што Судот оцени дека е исполнет формално-правниот услов за нивна законитост.
Во однос на наводите со кои се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката бр.25-2818/4 од 15.06.2023 година од причина што не била спроведена постапката за утврдување тарифа од страна на Регулаторната комисија согласно со членовите 107–110 од Законот за управување со отпадот, Судот оцени дека се неосновани.
Имено, во однос на ваквите наводи треба да се има предвид дека со одредбите од членовите од 104 до 112 од главата XIII со наслов „Финансирање“ од Законот за управување со отпадот, меѓу другото, уредено е воспоставувањето на тарифа за утврдување на цената на услугата за управување со комуналниот отпад. Понатаму, регулирани се надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија при воспоставување на истата, постапката за определување на тарифата за отпад и определувањето на тарифата за отпад и примената на истата. Исто така, во овие законски одредби е регулирано дека цената на услугите поврзани со управување со отпадот ќе биде утврдена од страна на Регулаторната комисија за секој регион поодделно, со цел обезбедување на одржливост на системот за управување со отпадот, врз основа на изготвен План за тарифи за отпад и Правилникот за тарифа за отпад.
Членовите 138 до 150 систематизирани во глава XVI „Преодни и завршни одредби“ од Законот, го утврдуваат временскиот период за донесување на стратешки и плански документи, затворање на нестандардните депонии и воспоставување на регионална депонија за неопасен отпад. Исто така, се дефинираат роковите во кои субјектите што управуваат со отпад треба да го усогласат своето работење со законот, како и роковите за воспоставување на регионалниот систем и тарифите за отпад. Дополнително, се утврдуваат рокови за примена на новите законски одредби, усогласување на подзаконските акти и носење нови акти во согласност со надлежностите на Регулаторната комисија, вклучувајќи го и Правилникот за утврдување на тарифата за отпад, кој ќе ја замени постојната Методологија за пресметување на цените за собирање, транспортирање и отстранување на отпад („Службен весник на Република Македонија” бр.30/2013).
Имено, согласно со член 149 став 1 од Законот за управување со отпадот, новиот Закон влегол во сила на 25 септември 2021 година, при што престанал да важи претходниот Закон за управување со отпадот. Во член 149 став 2 е предвидено дека Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад ќе престане да важи дури со примената на новиот Правилник за утврдување на тарифа за отпад, предвиден во член 107 од Законот.
Во овој контекст, член 144 став 1 од Законот пропишува дека подзаконските прописи за тарифите треба да бидат донесени до 31 декември 2022 година од страна на Регулаторната комисија за енергетика. По нивното донесување, давателите на услуги за собирање и транспортирање на отпад имаат обврска да поднесат барање за утврдување на тарифата во периодот од 1 август 2023 година до 31 декември 2023 година.
Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена на 15 јуни 2023 година, во време кога новите тарифи сè уште не биле утврдени и новиот правилник не бил во примена, произлегува дека сè уште била применлива Методологијата за пресметување на цената за отпад.
Новиот Закон за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.216/2021), влегол во сила на 25 септември 2021 година. Методологијата за пресметување на цените останува во сила сè додека не започне примената на новиот Правилник за тарифи, согласно со член 149 став 2 од истиот закон. Регулаторната комисија требало да ги донесе новите прописи за тарифи до 31 декември 2022 година, но нивната примена била планирана по поднесувањето на барањата од давателите на услуги, што требало да започне на 1 август 2023 година. Примената на новите правила за наплата на тарифите за отпад е предвидена да започне на 1 јуни 2024 година. Одлуката на Општина Велес е донесена на 15 јуни 2023 година, во период кога сè уште се применувала постојната Методологија, а не новите тарифни правила.
Имајќи го предвид наведеното, неосновани се наводите дека оспорената одлука е незаконска. Таа е донесена во период кога новите правила за тарифирање сè уште не биле во примена, а постојната Методологија сè уште важела. Со тоа, Општина Велес имала законски основ да ја донесе Одлуката согласно со важечките прописи во моментот на нејзиното донесување.
Исто така, од уставно-судската анализа на оспорената одлука произлегува дека од страна на Советот на Општина Велес не е донесена нова Одлука за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад согласно со Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.216/2021), туку е направена измена и дополнување на постоечката Одлука донесена на 29.10.2010 година од страна на Советот на Општина Велес во согласност со важечките закони, поради што, Судот, оцени дека оспорената одлука е донесена во согласност со Законот за управување со отпад од 2021 година и со Законот за локалната самоуправа.
Во однос на наводите дека донесувањето на оспорените одлуки доведува до повреда на темелната вредност – владеење на правото и правната сигурност како нејзин составен дел, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што одлуките се донесени врз основа на детални економски и финансиски анализи на трошоците на ЈКП „Дервен“, со цел обезбедување континуирано и квалитетно вршење на јавната услуга. Зголемувањето и подоцнежното коригирање на цените претставува легитимно остварување на јавниот интерес, а не произволно постапување. Со тоа се обезбедува функционалност на системот за управување со отпад, што е во согласност со темелните вредности – заштита и унапредување на животната средина и локалната самоуправа.
Од аспект на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 9 и 10 и член 51 од Уставот, оспорените одлуки се донесени врз основа на закон и во рамки на законските овластувања на општината. Не постои несогласност меѓу одлуките и Законот за управување со отпадот, ниту пак повреда на темелните вредности на уставниот поредок. Напротив, со нив се овозможува остварување на јавен интерес и законито вршење на комуналната дејност.
Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба и врз основа на направената анализа, Судот оцени дека Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес бр.25-2818/4 од 15.06.2023 година („Службен гласник на Општина Велес“ бр.10/2023) е донесена врз основа на релевантна законска регулатива која била на сила и произведувала правно дејство во моментот на донесување на Одлуката, како и дека се испочитувани законските одредби кои биле важечки во моментот на донесување на истата. Цената на услугата се определува врз основа на Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад која има важност сè до денот на започнување на примена на Правилникот за утврдување на тарифи за отпад. Оттука, Судот оцени дека не може да се доведе под сомнение уставноста на оспорената одлука во однос на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 9 и 10 и членовите 9, 51, 52 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија, како и членовите 107, 108, 109 и 110 од Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.216/2021 и 3/2025), со кои се утврдуваат постапките за постапките за утврдување на цената на собирање комунален отпад.
Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решението У.бр.68/2023 од 12.09.2024 година, не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасен отпад на територијата на Општина Велес, бр.25-1145/5, донесена од Советот на Општина Велес на 24 февруари 2023 година („Службен гласник на Општина Велес“ бр.3 од 27.02.2023 година).
Со оглед на фактот дека пред Судот повторно се оспорува уставноста и законитоста на истата одлука од аспект на истите наводи за кои Судот веќе се произнел и зазел став со наведеното решение, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради пресудена работа, а во услови кога нема основи за поинакво одлучување.
По однос на оспорените заклучоци за објавување на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустрискиот неопасен отпад на територијата на Општина Велес бр.08-1170/26 од 27.02.2023 година и бр.08-2840/3 од 16.06.2023 година, донесена од Советот на Општина Велес, Судот оцени дека заклучоците по својот карактер не се прописи подобни за уставно-судска оцена од причина што истите се донесени со цел да се објави конкретна одлука, истите имаат еднократно дејствие и претходат на постапката за објавување на одлуката, поради што не се акти коишто на општ начин ги уредуваат односите на неопределен број субјекти на неопределено време, поради што Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува согласноста на заклучоците со наведените законски одредби.
Тргнувајќи од анализата на овие наводи, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.
Оттука, Судот оцени дека дека не се исполнети условите од член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд, за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените акти, до донесување конечна одлука.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски