УЗ.бр.41/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.41/2025
Скопје, 20.05.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување на дозволеност на градба исклучиво во границите определени со планскиот опфат на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година, бр.08-3381/2 од 20.07.2023 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.11/2023).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за објавување на Одлуката за определување на дозволеност на градба исклучиво во границите определени со планскиот опфат на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година, бр.09-3381-3 од 20.07.2023 година донесено од градоначалникот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.11/2023).

Образложение

I

Филип Алексоски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точки 1 и 2 од диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорените акти се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 и член 30 од Уставот.
Според наводите, донесената одлука е спротивна на член 11 од Законот за земјоделско земјиште којшто дозволува изградба на помошни објекти. Територијата на Општина Центар зафаќа простор надвор од Генералниот урбанистички план од кој поголемиот дел е земјоделско земјиште што се наоѓа во парк-шумата Водно како заштитено подрачје и на кое согласно со Законот за земјоделско земјиште е дозволено изведување на земјоделски активности и градба на помошни објекти за земјоделски активности, под услов тие да се во согласност со прописите и да не ја нарушуваат заштитата на природата. Тоа подразбира дека, секој конкретен случај треба да биде оценет во контекст на локалните урбанистички планови и други релевантни прописи.

Со оспорените акти без правен основ во Законот за локалната самоуправа се забранува градење што е во рамки на законите. Се наведува дека оспорената одлука е спротивна на Законот за градење и Законот за заштита на природата без да се наведат конкретни одредби од наведените закони на кои одлуката е спротивна.

Со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти и
истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека Одлуката за определување на дозволеност на градба исклучиво во границите определени со планскиот опфат на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година, бр.08-3381/2 од 20.07.2023 година, е донесена од страна на Советот на Општина Центар-Скопје и е објавена во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.11/2023.

Советот на Општина Центар-Скопје на 26.седница одржана на 04.07.2023 и на 20.07.2023 година ја донел Одлуката врз основа на член 36 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024) и член 26 од Статутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.1/2006, 12/2015, 9/2019, 14/2019, 1/2021 и 11/2021).

Член 1 од Одлуката уредува дека со истата Општина Центар-Скопје определува дозволеност на градба исклучително во границите определени со планскиот опфат на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година.

Согласно со член 2 од оваа одлука, се дозволува градба исклучително во границите определени со планскиот опфат на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година.

Со член 3 се уредува дека Одлуката стапува на сила на денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје”.

На седницата Судот утврди дека Решението за објавување на Одлуката за определување на дозволеност на градба исклучиво во границите определени со планскиот опфат на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година, бр.09-3381-3 од 20.07.2023 година, е донесено од страна на градоначалникот на Општина Центар-Скопје и е објавено во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.11/2023.

Градоначалникот на Општина Центар-Скопје го донел Решението врз основа на член 36 став 1 точка 3 од Законот за локална самоуправа и член 64 став 1 од Статутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.1/2006, 12/2015, 9/2019, 14/2019, 1/2021 и 11/2021).

Со Решението се уредува дека се објавува Одлуката за определување на дозволеност на градба исклучиво во границите определени со планскиот опфат на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година, која Советот на Општина Центар-Скопје ја донесе на 26.седница одржана на 04.07.2023 и на 20.07.2023 година.

III

Владеењето на правото, локалната самоуправа и уредува­њето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, утврдени во член 8 став 1 алинеи 3, 9 и 10 од Уставот.

Со член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот.

Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), во член 2 став 1 точкa 2 уредува дека „прописи“ се општи акти со кои советот го уредува вршењето на надлежностите на општината.

Според член 21 став 1 од овој закон, општините самостојно, во рамки на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење.

Во член 22 став 1 алинеја 1 од истиот закон е пропишано дека општините се надлежни, меѓу другото, за вршење на урбанисти­чкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон и уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште, заштита на животната средина и природата, како и за комунални дејности меѓу кои и одржувањето и користењето на парковите, зеленилото, парк-шумите и рекреативните површини. Според став 2 на овој член, надлежностите од став 1 на овој член се извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон.

Надлежностите на Советот се определени во член 36 став 1 од овој закон, којшто во точка 1 утврдува дека советот го донесува статутот на општината и други прописи, додека точка 15 на истиот став, предвидува дека врши и други работи утврдени со закон.

Во член 62 став 1 од Законот, е пропишано дека во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Според член 2 точки 6, 7 и 24 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020, 111/2023, 171/2024, 224/ 2024, 40/2025, 101/2025 и 127/2025) „градежно земјиште“ е земјиште што со урбанистички план е наменето за изградба на населени места и градби; „градба“ е објект што настанал со изградба над и под површината на теренот и е поврзан со земјиштето на коешто е изграден како недвижност, а претставува целисходен состав на поврзани архитектонски, градежни и технички елементи, градежни производи, инсталации, постројки и опрема; „граница на плански опфат“ е планска одредба во урбанистички план во форма на линиски графички симбол кој ја ограничува површината на планскиот опфат и во чиишто рамки се спроведува урбанистичкиот план; „намена на земјиштето и градбите“ е начинот на уредувањето, изградбата и употребата на просторот односно на градежното земјиште и на градбите согласно дејностите и активностите што се вршат и одвиваат во нив, што се уредува со урбанистички план.

Според член 5 став 1 од овој закон, во просторот опфатен со урбанистичките планови, јавен интерес е уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како и зачувувањето на природните и културните вредности на просторот.

Во член 11 став 1 од истиот закон е определено дека Генералниот урбанистички план се донесува за населено место град утврдено со Законот, којшто, според став 3 од истиот член, содржи особено меѓу другото, граница на планскиот опфат која претставува граница на градот, граници на плански опфати на деталните урбанистички планови односно граници на просторните планерски единици за детално планирање, граници на зони според намената на земјиштето, режим на градење и употреба на градежното земјиште.

IV

Од анализата на горенаведените одредби од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека една од основните надлежности на општината како единица на локалната самоуправа е урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште. Со оглед на тоа дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на урбанистичките планови е во надлежност на општините и дека советот на општината во вршењето на работите од својата надлежност донесува прописи, меѓу кои и одлуки, неспорно е дека Советот на Општина Центар-Скопје има надлежност да донесува прописи со коишто се уредуваат прашања од локално значење од оваа област.

Имајќи предвид дека општините самостојно ги извршуваат своите надлежности, во функција на операционализација на одредбите од член 22 и член 36 став 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општина Центар ја донел оспорената одлука со која определува дозволеност на градба исклучително во границите определени со планскиот опфат на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата од причина што оспорената одлука е донесена во рамки на законските надлежности на Советот на Општината и истата, како општ акт е во согласност со уставните одредби и со одредбите на Законот за локалната самоуправа и Законот за земјоделско земјиште.

Член 11 од Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 135/2007, 17/2008, 18/2011, 42/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013, 164/2013, 39/2014, 130/2014, 166/2014, 72/2015, 98/2015, 154/2015, 215/2015, 7/2016 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019, 178/2021 и 91/2023), уредува дека на земјоделско земјиште може да се градат само објекти предвидени со овој закон, а под услови и на начин предвидени со овој или друг закон.

Според член 51-а став 1 од овој закон, на земјоделско земјиште по претходна согласност од Министерството и издадено одобрение согласно со овој закон, може да се изградат оранжерии, објекти за промоција на земјоделски производи и објекти за спортско рекреативни активности и помошни објекти, како и објекти за примарна обработка на земјоделски производи. За објектите од ставот 1 на овој член, одобрение за градење по претходно поднесено барање, во управна постапка издава општината на чие подрачје се наоѓа земјоделското земјиште, во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето, според став 2 од истиот член. Претходно, во член 4 став 1, точки 10, 11, 11-а, 11-б и 12 од Законот е објаснето значењето на поимите на наведените објекти, односно точно е опишан и уреден видот на градбите.

Член 51-а став 3 од истиот закон уредува дека за изградбата на градбите – објекти за примарна обработка на земјоделски производи, изработката на проектната документација, ревизијата на проектна документација, надзорот над изградбата, измените во текот на градбата, промената на инвеститорот, отстранувањето на објектот и прекршочните одредби се применуваат одредбите од Законот за градење.

Понатаму, член 51-б став 1 од истиот закон уредува дека барање за издавање согласност од Министерството за градење на помошни објекти, оранжерија, објекти за промоција на земјоделски производи, објекти за спортско рекреативни активности или објект за примарна обработка на земјоделски производи на земјоделско земјиште поднесува сопственикот, односно закупецот на земјоделското земјиште во државна сопственост. Постапката за издавање на согласноста, образецот на барањето, како и потребната документација за добивање на согласност ги пропишува министерот, според став 3 од истиот член, а според став 4, против решението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за одбивање на барањето за издавање на согласност од ставот 1 на овој член, барателот има право на жалба во рок од 15 дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос.

Според изнесените одредби на Законот за земјоделско земјиште, овој закон уредува посебен режим за градба на предвидените објекти со Законот, по индивидуално поднесени барања до надлежните органи во управна постапка. Имајќи ги предвид аспектите на оспорување изнесени со иницијативата, Судот смета дека оспорената одлука не го попречува остварувањето на правата предвидени со материјалните закони.

Врз основа на направената анализа, Судот оцени дека оспорената одлука е во согласност со наведените уставни и законски одредби.

Во однос на оспореното решение со кое се објавува Одлуката за определување на дозволеност на градба исклучиво во границите определени со планскиот опфат на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година, донесено од градоначалникот на Општина Центар-Скопје, Судот утврди дека не е пропис подобен за уставно-судска оцена во смисла на член 110 од Уставот, туку е конкретен управен акт, поради што, исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозити­вот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски