
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.22/2026
Скопје, 17.06.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 72 алинеја 1 и член 88 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 17 јуни 2026 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ член 14 во делот „претседател на Уставниот суд на Република Македонија,“ и член 15 во делот „судија на Уставниот суд на Република Македонија,“ од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Сoцијалистичка Република Македонија” бр.36/1990; „Службен весник на Република Македонија” бр.44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.51/2023, 65/2023, 51/2024, 272/2024 и 39/2026).
2. Деловите од одредбите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, престануваат да важат на 1 октомври 2026 година.
3. По истекот на рокот од точката 2 на оваа одлука, а заради нејзино извршување, за пресметката на платата на претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија и судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе се применува Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во РепубликаМакедонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024), до уредувањето на ова прашање со закон, согласно со ставовите на Судот во оваа одлука.
4. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија по сопствена иницијатива оформи предмет и со Решението У.бр.22/2026 од 4 февруари 2026 година, поведе постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот означен во точката 1 на оваа одлука, поради тоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 11, членовите 51 и 108 од Уставот на Република Северна Македонија.
Ова решение беше доставено до Собранието и до Владата на Република Северна Македонија со барање да се произнесат по наводите содржани во истото. Во дадениот рок за произнесување, не беше доставен одговор од страна на истите.
Воедно, со наведеното решение, а врз основа на член 36 став 2 од Актот на Уставниот суд, на Собранието на Република Северна Македонија му беше определен рок од 60 дена за измена и/или дополнување на Законот во кој се содржани оспорените делови, во согласност со ставовите на Судот изнесени во образложението на Решението. До истекот на определениот рок од 60 дена, од страна на Собранието не беше постапено согласно со ова решение.
II
На седницата Судот утврди дека со член 14 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Сoцијалистичка Република Македонија” бр.36/1990; „Службен весник на Република Македонија” бр.44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.51/2023, 65/2023, 51/2024, 272/2024 и 39/2026), е определен коефициентот за утврдување на плата за претседателот на Уставниот суд на Република Македонија и потпретседателот на Собранието, којшто изнесува 2,81.
Според член 15 од истиот закон, коефициентот за утврдување на плата на член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, судија на Уставниот суд на Република Македонија, гувернер на Народната банка на Република Македонија, државен правобранител на Македонија, народниот правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата, изнесува до 2,60.
III
Владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, согласно со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 од Уставот, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, при што секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.
Според член 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија е орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста.
Согласно со член 109 став 1 од Уставот, Уставниот суд го сочинуваат девет судии.
Во член 110 од Уставот е уредено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт, решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа, одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката, одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.
Во член 112 став 1 од Уставот е определено дека Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот, а според став 3 на овој член, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Согласно со член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд може по сопствена иницијатива да одлучи да оформи предмет за оценување уставност на закон.
Според член 88 од Актот на Уставниот суд, Судот, по свое наоѓање може во одлуката да го определи начинот и рокот на нејзиното извршување или да донесе посебно решение за начинот на извршувањето.
Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија во член 1 став 1 определува дека право на плата во месечен износ за вршење на функцијата имаат претседателот на Републиката, функционерите избрани од редот на пратениците, функционерите и лицата кои ги избира или именува Собранието, како и функционерите кои ги именува претседателот на Републиката и Владата. Согласно со член 2 став 1 од овој закон, платата на наведените функционери и раководни работници ја утврдува Собранието или телото што ќе го овласти.
IV
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок се нераскинливо поврзани со принципот на самостојност и независност на судството. Принципот на поделбата на власта подразбира таква организација на државната власт во која трите власти (законодавна, извршна и судска) се вршат независно една од друга, со контролни механизми што не дозволуваат доминација на едната власт врз другите две.
Иако Уставот на Република Северна Македонија не содржи посебни одредби за финансирањето на судството, од општиот принцип за самостојност и независност на судството произлегува дека и материјалната независност на судиите, претставува значаен аспект на независноста на судството, при што начинот на уредување на платите на судиите и другите надоместоци се значаен елемент за гаранција на нивната индивидуална независност.
Неспорно е дека Уставниот суд не е дел од организацијата на државната власт во која спаѓа судството, туку е посебен орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста, но во суштина може да се каже дека врши т.н.уставно-судска функција во рамки на уставно утврдените надлежности, меѓу кои спаѓаат одлучувањето за согласноста на законите со Уставот, согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и одлучувањето за слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Имајќи ја предвид целината на Уставот, неспорно произлегува дека уставотворецот на ист начин обезбедил претпоставки за независноста на судиите, обвинителите и уставните судии и во смисла на тоа уредил дека судиската функција е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на друга јавна функција или професија утврдена со закон (точка 2 на Амандманот XXVII на Уставот), функцијата избран член на Судскиот совет е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функциии и професии утврдени со закон (точка 1 став 10 на Амандманот XXVIII на Уставот) и функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функциии и професии утврдени со закон (точка 1 став 10 на Амандманот XXX на Уставот). Токму во насока на обезбедување на статусната и функционалната независност на судиите на Уставниот суд, уставотворецот со член 111 ги утврдува гаранциите за остварување на истата на начин што предвидува имунитет, неспојливост на функцијата судија на Уставниот суд со вршење друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија, утврдување на основите за престанок и разрешување со Уставот итн. Начинот на избор, пак, и мандатот на уставните судии, утврден со точка 1 на Амандманот XV на Уставот дополнително ја потенцираат неговата посебна и автономна положба во уставниот поредок.
Оттука, ваквата уставна поставеност на Уставниот суд како орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста, надвор од системот на класичната поделба на власта, не претставува само формална карактеристика, туку и суштинска гаранција за неговата самостојност и независност. Токму таа поставеност му овозможува на Судот да ја врши својата функција како чувар на Уставот и заштитник на уставноста и законитоста. Тоа значи дека секое законодавно постапување што директно или индиректно ја засега независноста и самостојноста на Уставниот суд мора да се оценува според најстроги уставни стандарди, имајќи предвид дека Судот внимава на начелото на поделба на власта и на принципот на рамнотежа и заемна контрола меѓу законодавната, извршната и судската власт, при што преку своите конечни, извршни и општозадолжителни одлуки ги контролира актите и дејствијата на сите државни власти во смисла на нивната усогласеност со Уставот.
Во околности на непостоење на посебен Закон за Уставниот суд поради отсуството на уставен основ за донесување ваков закон, неспорно е дека уредувањето на платите на судиите на Уставниот суд е materiae legis, односно прашање што е во исклучив домен на законодавната власт. Законодавецот има право да ги определува платите во јавниот сектор, вклучувајќи ги и платите на носителите на јавните функции, меѓу кои се и судиите на Уставниот суд. Но, притоа законодавецот не може и не смее да ја игнорира уставната поставеност на Уставниот суд и уставните судии кои имаат најцврсти можни гаранции за нивната независност и самостојност. Имајќи го предвид фактот дека од содржината на членовите 14 и 15 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, произлегува дека коефициентот за утврдување плата на претседателот на Уставниот суд е ист со коефициентот на потпретседателот на Собранието, додека коефициентот за утврдување плата на судија на Уставниот суд е ист со член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, гувернер на Народната банка, државниот правобранител, народниот правобранител, секретарот на Собранието и секретарот на Владата, несомнено произлегува дека со наведените одредби платите на претседателот и судиите на Уставниот суд се уредуваат во ист нормативен режим и со иста законска логика како платите на другите носители на јавни функции од законодавната, извршната, монетарната власт итн.
Со цел обезбедување вистинска и ефективна независност на уставните судии, имајќи ја предвид уставната поставеност на Уставниот суд како единствен орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста, како и словото и намерата на уставотворецот, Судот смета дека е неприфатливо прашањето за нивните плати – како елемент нераскинливо поврзан со нивниот статус, да биде уредено со исти критериуми за определување на коефициентите за утврдување на платите, како и платите на другите носители на јавни функции, бидејќи таквиот пристап ја неутрализира уставната специфика и заштитната функција на нивниот статус.
Независноста на Судот не е декларативна, туку подразбира реални институционални гаранции, меѓу кои значајно место зазема материјалниот статус на уставните судии. Платата и начинот на нејзиното утврдување се составен дел од нивниот статус и при нивното уредување законодавецот е должен да ја има предвид целината на Уставот и начинот на кој уставотворецот го поставил Уставниот суд во уставноправниот поредок. Оттука, Уставниот суд може да ја исполнува својата улога само во услови кога неговата независност и самостојност и сè што може да влијае на истите, се целосно загарантирани. Ваквата уредена независност и самостојност на Уставниот суд не претставува цел сама по себе, туку неопходен услов за обезбедување на супрематијата на Уставот, за ефикасна заштита на основните слободи и права, како и гаранција на темелните вредности – владеењето на правото и поделбата на власта.
Дополнително, разгледувајќи го прашањето за повторното намалување на коефициентите на платите на судиите од судската власт, Судот утврди став дека ваквото постапување од страна на законодавецот не е во согласност и со меѓународните стандарди во оваа област. Имено, Уставниот суд со Одлуката У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025 од 8 април 2026 година со која го поништи Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.39/2026), заклучи дека „повторното намалување на коефициентите на платите на судиите, според мислењето на Судот, исто така, не е во согласност со прифатените меѓународни стандарди во оваа област, посебно со Европската повелба за статусот на судиите, според која „судските плати мора да бидат адекватни, за да се обезбеди вистинска економска независност и тие не смеат да бидат намалени за време на нивниот мандат“ и дека висината на платата на судијата треба да биде на тој начин утврдена така што ќе ги заштити од притисоци коишто имаат за цел влијание врз нивните одлуки со што се загрозува нивната независност и непристрасност“.
Со Препораката ЦМ/РЕЦ(2010)12 од 17 ноември 2010 година за независноста, ефикасноста и одговорностите на судиите, Комитетот на министри на Советот на Европа укажал дека платите на судиите треба да одговараат на нивната професија и одговорностите и да бидат доволни за да ги заштитат од притисоци заради влијание врз нивните одлуки; и дека треба да се воведат посебни правни правила за заштита од намалување на платите на судиите. Понатаму, Консултативниот совет на европските судии при Советот на Европа во своето Мислење бр.1 укажува дека „особено важно за новите демократии е да постои посебна правна одредба со која ќе бидат гарантирани судските плати од намалување и за да се обезбеди de facto зголемување на платите согласно трошоците на животот“.
Во смисла на наведеното, неспорно е дека гаранциите за независноста на судиите се применуваат и на уставните судии. Впрочем, независноста и самостојноста на Уставниот суд, согласно со меѓународно утврдените стандарди, претставува статусна состојба која е нераскинливо поврзана, меѓу другото, со буџетот на Судот и со платите на уставните судии, при што нивната материјална сигурност не претставува привилегија, туку уставна нужност. Клучна потврда на овој факт произлегува од Мислењето на Венецијанската комисија, дадено како аmicus curiae, во врска со предмет покренат од Уставниот суд У.бр.159/2010 (по сопствена иницијатива) за системот на плати и надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, вклучувајќи ги и судиите на Уставниот суд, судиите на редовните судови, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, (CDL-AD(2010)038), усвоено на пленарната седница на Венецијанската комисија, одржана на 17 и 18 декември 2010 година. Во ова мислење, Венецијанската комисија нагласува дека не е во согласност со положбата на Уставниот суд тој да се смета за нешто друго освен суд на кој му припаѓа принципот на судска независност, и тоа со засилено дејство (a fortiori).
Оттука, според Судот, уредувањето на платите на претседателот и судиите на Уставниот суд во ист нормативен режим, кој подразбира идентични критериуми и поистоветување на природата на нивните уставно утврдени надлежности со надлежностите на другите носители на јавни функции, претставува суштествена повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Ваквиот пристап води кон негирање на институционалната и функционалната автономија на Уставниот суд и ја релативизира неговата уставна положба како посебен орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста. Поради наведеното, Судот утврди дека член 14 во делот „претседател на Уставниот суд на Република Македонија,“ и член 15 во делот „судија на Уставниот суд на Република Македонија,“ од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 11, членовите 51 и 108 од Уставот на Република Северна Македонија.
Уставниот суд, врз основа на овластувањето од член 88 од Актот на Уставниот суд, го определи начинот на извршување на оваа одлука во точките 2 и 3 од диспозитивот. Притоа, Судот не го оспорува уставното овластување на законодавецот да го уредува системот на плати во јавниот сектор, вклучувајќи ги и платите на носителите на јавни функции, меѓу кои се и уставните судии. Меѓутоа, при уредувањето на ова прашање, законодавецот е должен да ги почитува уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд и неговите судии. Ова особено поради фактот што Уставниот суд, согласно со својата уставна положба, претставува единствен орган на Републиката надлежен за заштита на уставноста и законитоста.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски