
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.81/2025
Скопје, 06.05.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 6 мај 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 74 од Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење на евиденција и документација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 177/2015).
Образложение
I
Дарко Јаневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означена во диспозитивот на ова решение.
Според наводите со оспорената одредба се повредуваат член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот, како и член 35 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести.
Во член 35 став 1 од Законот не е предвиден исклучок, додека од друга страна министерот за здравство со подзаконски акт – правилник пропишал норма дека вакцинацијата може да се изврши и надвор од здравствените домови и без присуство на доктор по медицина, односно здравствен работник со вишо или средно медицинско училиште, но во присуство и под надзор на доктор по медицина, со што се ставил во улога на законодавец.
Од наведените причини, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и истата да ја поништи. Воедно, се предлага да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба.
II
На седницата Судот утврди дека Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење на евиденција и документација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 177/2015), е предвидено дека по исклучок, при активно откривање на невакцинирани или некомплетно вакцинирани, вакцинацијата може да се врши и на терен, надвор од здравствените установи, со запазување на принципите на „студен синџир“ за транспорт и чување на вакцините и соодветна диспозиција на медицински отпад, како и обезбедена антишок терапија (ампули адреналин, кортизонски препарат со брзо дејство и антихистамински препарат).
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 39 од Уставот е определено дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.
Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015 и 37/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.257/2020) во член 1 ги уредува прашањата коишто се однесуваат на заштитата на населението од заразни болести.
Според член 2 точка 1 од Законот, „заразна болест“ е дефинирана како заболување предизвикано од биолошки агенс (бактерии, вируси, паразити, габи) или нивни токсини кое може на директен или индиректен начин да се пренесе на луѓето.
Во член 4 од Законот е уредено дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување.
Согласно со член 5 од Законот, заштитата од заразни болести се остварува преку планирање, организирање, постојано следење на епидемиолошката состојба и спроведување на мерките пропишани со овој закон, како и на надзор и контрола над спроведените мерки.
Во член 6 од Законот е уредено дека спроведувањето на мерките за заштита од заразните болести имаат приоритет во однос на спроведувањето на другите мерки за здравствена заштита, како и во однос на обезбедувањето на материјални и други средства.
Согласно со член 7 став 2 од овој закон во спречувањето и сузбивањето на заразните болести одредени мерки спроведуваат и други правни и физички лица согласно со закон.
Член 8 од Законот уредува дека Министерството надлежно за вршење на работите од областа на здравството го следи движењето на заразните болести во Републиката и во светот и за тоа ги известува надлежните органи, донесува програми за заштита на населението од заразни болести, усогласува активности и одредува мерки за спроведување на програмите.
Согласно со член 11 од Законот, заштитата на населението од заразни болести опфаќа општи и посебни мерки за спречување на појавата, раното откривање, спречувањето на ширење и сузбивањето на заразните болести и на инфекциите.
Како посебни мерки за заштита на населението, меѓу другото, согласно со член 13 став 1 точка 5 од Законот, се имунопрофилакса и хемиопрофилакса.
Во член 33 став 1 од Законот е уредено дека имунопрофилакса се спроведува со вакцини (вакцинација) или со примена на специфични имуноглобулини (серопрофилакса).
Според член 35 став 1 од овој закон, вакцинацијата ја врши доктор по медицина во здравствена установа за вршење на вакцинација овластена од министерот за здравство. Во став 2 од истиот член е уредено дека докторот од ставот 1 на овој член е должен претходно да изврши преглед на секое лице што треба да се вакцинира, при што одредува контраиндикација за вакцинација ако постои. Согласно со став 3 од истиот член, вакцинацијата можат да ја вршат и здравствените работници со вишо или средно медицинско образование, но само во присуство и под надзор на доктор по медицина.
Според член 37 од Законот, имунопрофилаксата, хемиопрофилаксата, лица кои подлежат на овие мерки, начинот на изведувањето, водењето на евиденцијата и документацијата ги пропишува министерот, а за воените лица ги пропишува министерот кој раководи со министерството надлежно за вршење на работите на одбраната.
Согласно со член 38 од овој закон, имунопрофилакса и хемиопрофилакса се спроведува согласно со годишната програма на Владата на Република Македонија што се донесува согласно со прописите за здравствената заштита.
Во член 57 став 1 од Законот е уредено дека во случај на епидемија, како и во случај на поголеми елементарни и други несреќи кои можат да предизвикаат појава на епидемија на заразна болест, можат да се наредат следниве времени мерки: обврска здравствените работници и здравствените соработници да вршат здравствена дејност во вонредни услови; ограничување на правото на штрајк; ставање на располагање и користење на работни и други простории, опрема, лекови и превозни средства за вршење на здравствена дејност; одредување на посебни задачи на здравствените установи и други мерки пропишани со овој закон. Во став 2 од истиот член од Законот мерките од ставот 1 на овој член траат додека постои опасност од ширење на епидемија. Согласно со став 3 од истиот член од Законот, Владата на Република Македонија на предлог на Министерството одлучува кои од мерките од ставот 1 на овој член ќе се применат и за кој временски период.
Согласно со член 59 став 1 од Законот, министерот формира Комисија за заразни болести како советодавно тело. Во став 2 од истиот член е уредено дека членовите на Комисијата од ставот 1 на овој член се избираат за време од четири години од редот на истакнати стручњаци од областа на епидемиологијата, инфектологијата, микробиологијата, педијатријата, ветерината и други специјалности.
Во член 1 став 1 од Правилникот е уредено дека со овој правилник, поблиску ги пропишал имунопрофилаксата, хемиопрофи- лаксата, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење на евиденција и документација.
Согласно со член 12 од Правилникот, имунизацијата против одредени заразни болести опфаќа: задолжителна активна имунизација на лица на одредена возраст; задолжителна имунизација на лица експонирани на одредени заразни болести по епидемиолошки индикации; активна имунизација на лица по клинички и епидемиолошки индикации и активна имунизација на патници во меѓународниот сообраќај.
Во глава VII насловена „Начин на изведување на имунизација и хемиопрофилакса против одредени заразни болести“ од Правилникот во член 69 став 1 е уредено дека имунизацијата и хемиопрофилаксата против заразни болести ја организираат и спроведуваат овластени здравствени установи и здравствени работници според утврден план за имунизација и според стручно-методолошко упатство, во согласност со закон.
Согласно со оспорениот член 74 од Правилникот, по исклучок, при активно откривање на невакцинирани или некомплетно вакцинирани, вакцинацијата може да се врши и на терен, надвор од здравствените установи, со запазување на принципите на „студен синџир“ за транспорт и чување на вакцините и соодветна диспозиција на медицински отпад, како и обезбедена антишок терапија (ампули адреналин, кортизонски препарат со брзо дејство и антихистамински препарат).
Според член 76 систематизиран во глава VIII „Евиденција и документација за извршена имунизација и хемиопрофилакса“ од Правилникот став 1, лекарот што извршил имунопрофилакса и хемиопрофилакса води соодветна евиденција и издава потврда за вакциналниот статус на барање на родителот. Согласно со став 2 од истиот член здравствените установи кои вршат имунизација по епидемиолошки и клинички индикации и незадолжителна имунизација, водат евиденција за извршената вакцинација во здравствената легитимација и амбулантен дневник.
IV
Заради обезбедување на правото од член 39 став 2 од Уставот, уставно оправдано е со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на Републиката.
Вакцинацијата е една од специфичните мерки на заштита од заразните болести. Нејзината задолжителност се утврдува само за одредени заразни болести и на определена возраст утврдена со календарот за имунизација, за што има медицинско оправдување. Со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Целта на вакцинацијата е да се развие активната и пасивната заштита од заразни болести.
Задолжителната вакцинација е регулирана во Законот за заштита на населението од заразни болести, а кои лица подлежат на овие мерки, начинот на изведувањето, водењето на евиденцијата и документацијата ги пропишува министерот согласно со годишната програма на Владата на Република Северна Македонија што се донесува согласно со прописите за здравствената заштита.
Разгледувајќи ги наводите за неуставноста и незаконитоста на оспорената одредба од Правилникот, Судот го зазеде својот став во овој предмет, поради причините изложени подолу.
Според член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Со Законот за заштита на населението од заразни болести се дадени законски определени рамки врз основа на кои министерот со подзаконски акт ќе го операционализира, меѓу другото, и начинот на изведување на имунопрофилаксата, хемиопрофилаксата. Правилникот е донесен врз основа на член 37 од Законот каде е уредено дека министерот со акт пропишува кои лица подлежат на имунопрофилакса, хемиопрофилакса, начин на изведување, водење на евиденција и документација.
Според Судот, со Правилникот се доуредува начинот на остварување на мерките утврдени со закон за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести. Во суштина со истиот се врши операционализација на законските норми за остварување на наведените мерки, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на одредбата со Уставот и Законот за заштита на населението од заразни болести.
Со оспорениот член 74 од Правилникот е уреден исклучок, во случаи кога ќе се открие невакцинирано или комплетно невакцинирано население, вакцинацијата да може да се извршува и на терен, надвор од здравствените установи со запазување на принципите на „студен синџир“ за транспорт и чување на вакцините и соодветна диспозиција на медицинскиот отпад, како и обезбедување антишок терапија.
Според Судот, ваквиот исклучок има легитимна цел којашто е општествено оправдана – заштита на здравјето на населението од заразни болести и на тој начин државата дополнително овозможува секој граѓанин да може да си го оствари правото на здравствена заштита утврдено во член 39 од Уставот.
Со член 74 од Правилникот, според Судот, не се пречекоруваат надлежностите на министерот и со истиот не се излегува надвор од границите утврдени во законските решенија, односно нема изворно регулирање на прашања што се законска материја, туку се врши операционализација на одредби пропишани со закон. Имено, оспорената одредба не ја исклучува примената на законската норма со која се уредува дека вакцинацијата ја врши доктор по медицина, односно здравствените работници со вишо или средно медицинско образование, но само во присуство и под надзор на доктор по медицина во здравствена установа за вршење на вакцинација овластена од министерот за здравство.
Врз основа на направената анализа, Судот оцени дека оспорената одредба е во согласност со наведените уставни и законски одредби во иницијативата.
Имајќи предвид дека Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба, не се исполнети условите за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба од Правилникот, согласно со член 37 став 1 од Актот на Судот.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски