У.бр.90/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.90/2025
Скопје, 13.05.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 13 мај 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 31-a во делот „вработени во Бирото за судски вештачења“ од Законот за процена („Службен весник на Република Македонија” бр.115/2010, 158/2011, 185/2011, 51/2012, 64/2012, 188/2014, 104/2015, 153/2015 и 192/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.86/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел „вработени во Бирото за судски вештачења“ од член 31-а од Законот за процена не е во согласност со член 9 од Уставот на Република Северна Македонија бидејќи создава нееднаква правна положба меѓу лица кои припаѓаат на иста категорија – проценувачи.

Во прилог на ваквото тврдење, во наводите се повикува на член 2 точки 1 и 4 од Законот за процена, на оспорениот член 31-а од истиот закон, како и на член 619 од Законот за облигационите односи и член 62 став 1 од Законот за вештачење. Од овие одредби произлегува дека Законот за процена не воспоставува суштинска разлика меѓу проценувач кој е вработен кај трговец поединец или трговско друштво и проценувач вработен во Бирото за процена, односно дека сите проценувачи, независно од тоа каде се вработени, настапуваат како лица со ист стручен статус во правниот промет.

Понатаму, се наведува дека сите проценувачи го поминуваат истиот законски предвиден процес за стекнување на статусот „проценувач“, поради што, нема уставно оправдана основа за различно уредување на нивната положба во поглед на правото на надоместок и награда за извршена процена. Единствената разлика, се состои во тоа што проценувач вработен во Бирото за процена, кога врши процена која не е за потребите на државната управа, има право на надоместок и награда за таквата процена.

Оттука, со оспорениот дел од член 31-а од Законот за процена се доведуваат во различна правна положба лица кои се наоѓаат во иста или слична правна положба, со што се повредува уставното начело на еднаквост од член 9 од Уставот.

Од тие причини, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата и истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека во член 31-а од Законот за процена („Службен весник на Република Македонија” бр.115/2010, 158/2011, 185/2011, 51/2012, 64/2012, 188/2014, 104/2015, 153/2015 и 192/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.86/2025), е определено дека за процена извршена од страна на проценувачи вработени во Бирото за судски вештачења, за потребите на органите на државната управа не се исплатува награда за извршената работа ниту надоместок за реално потребните трошоци.

III

Во член 9 став 1 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Според став 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според став 2 на истиот член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во Законот за процена се уредува вршењето на процената, областите, условите и начинот на вршење на процена, субјектите што вршат процена, условите и постапката за полагање на стручен испит заради издавање или одземање на лиценца за процена, наградата и надоместокот на трошоците за извршената процена, надлежноста, организацијата и работењето на Комората на проценители на Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на процената што произлегува од содржината на член 1 од Законот.

Според член 7 од Законот, процена може да врши: 1) физичко лице – трговец поединец кое е регистрирано согласно со Законот за трговските друштва за вршење на процена и му е издадена лиценца за процена, е запишано во соодветен регистар за овластени проценувачи; 2) физичко лице вработено во банка или штедилница регистрирана во Република Македонија, физичко лице вработено во единица на локалната самоуправа кое врши работи од областа на процена на пазарна вредност на недвижен имот за пресметување на данок на имот и во Бирото за судски вештачења кое врши работи од областа на процена за потребите на органите на државната управа, кое има положено стручен испит за проценувач; 3) друштво за процена регистрирано согласно со Законот за трговските друштва за вршење на процена и има лиценца за процена и е запишано во соодветен регистар за овластени проценувачи.

Наградата и надоместокот на овластениот проценувач е регулирана со член 31 од Законот. Според став 1 на овој член, овластениот проценувач за извршената процена има право на награда за извршената работа и право на надоместок за реално потребните трошоци.
Според став 2 на истиот член, висината на наградата за извршената работа се утврдува според висината на паричната вредност на предметот на процена, сложеност на процената, потребното време за прибирање на податоците и изработка на процената.

Со став 3 од овој член е определено дека висината на реално потребните трошоци се утврдува врз основа на реално потребните патни и дневни трошоци и материјалните трошоци додека начинот за пресметување на наградата и надоместокот од овој член ги пропишува надлежниот министер по претходно мислење од Комората на проценувачи, регулирано со став 4.

Со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за процена („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2012), Законот е дополнет со нов член 31-а и според образложението за донесување на ова дополнување на Законот е предвидено дека вработените проценувачи во Бирото за судски вештачења кое е буџетска институција процените за потребите на органите на државната управа да ги врши без надоместок.

Проценувачите се организираат во Комора на проценувачи (во натамошниот текст: Комората) видно од член 32 став 1 од Законот. По исклучок, физичките лица со положен стручен испит за проценувач, вработени на работи на процена во банките и штедилниците во Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа и во Бирото за судски вештачења, не се членови на Комората видно од став 2 на истиот член од Законот.

Со член 46 став 1 од Законот за вештачење (*) („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 154/2023) е регулирано дека Бирото за процена (во натамошниот текст: Бирото) е орган на државна управа во состав на Министерството за правда, со својство на правно лице. Според став 2 на овој член, Бирото врши стручни работи од областа на процената во согласност со одредбите од Законот за процена.

Во член 47 од истиот закон е регулирано дека Бирото врши процена во согласност со Законот за процена, со примена на пропишаните методологии во домашното законодавство и во согласност со Европските и Меѓународните стандарди за процена.

Според член 62 став 1 од Законот, со денот на влегувањето во сила на овој закон, Бирото за судски вештачења продолжува да работи како Биро за процена, орган во состав на Министерството за правда.

Согласно со став 2 од истиот член на Законот, вработените, опремата, документацијата и другите средства за работа, со денот на влегувањето во сила на овој закон, од Бирото за судски вештачења се преземаат од Бирото за процена.

IV

Врз основа на анализата на цитираните уставни и законски одредби, Судот утврди дека со Законот за вештачење е извршена промена на називот на Бирото за судски вештачења во Биро за процена, при што овој орган го задржал својот институционален и функционален континуитет и продолжил да работи како орган во состав на Министерството за правда.

Иако во оспорениот дел од член 31-а од Законот за процена, законодавецот сè уште не извршил соодветно терминолошко усогласување на називот на органот, Судот оцени дека станува збор за прашање од номотехничка природа, односно за потреба од формално усогласување на законскиот текст со веќе извршената промена на називот во Законот за вештачење.

Во таа смисла, употребата на претходниот назив „вработени во Бирото за судски вештачења” во член 31-а од Законот за процена не го менува фактот дека Бирото продолжило да функционира како Биро за процена, како орган во состав на Министерството за правда. Оттука, проценувачите вработени во Бирото ја вршат процената во рамки на законски утврдената надлежност на овој орган, согласно со Законот за процена.

Притоа, Судот имаше предвид дека уставно-судската контрола во конкретниот предмет се однесува на оценување на согласноста на одредба од Законот со Уставот, а не на вршење номотехнички интервенции во законскиот текст. Поради тоа, прашањето за формално усогласување на називот на органот во оспорената одредба претставува прашање од надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, како законодавен орган, а не прашање коешто може да биде предмет на уставно-судска интервенција во смисла на член 110 од Уставот.

Процената, особено кога се врши за потребите на органите на државната управа, има карактер на дејност од јавен интерес, која се остварува во рамки на уреден систем на надлежности, постапување и одговорност. Кога процената ја вршат вработени во Бирото за процена, таа не претставува самостоен, надворешен или дополнителен професионален ангажман, туку извршување на работни обврски кои влегуваат во редовниот делокруг на органот во кој тие се вработени.

Оттаму, вршењето процена од страна на вработените во Бирото за процена не може да претставува дополнителна работа за која би следел посебен надоместок во вид на награда. Станува збор за работна обврска која произлегува од нивниот статус на административни службеници во орган во состав на Министерството за правда и за чие извршување тие остваруваат плата во рамки на редовниот работен однос. Процената што ја вршат за потребите на органите на државната управа е функционално поврзана со нивната службена положба и со законските надлежности на Бирото, а не со посебен или дополнителен ангажман надвор од нивните редовни службени задачи.

Во таа насока Судот ги ценеше и наводите во иницијативата дека со оспорениот дел од член 31-а од Законот за процена се повредува член 9 од Уставот, од причина што се воспоставува нееднаквост меѓу лица кои припаѓаат на иста категорија – проценувачи.

Правото на еднаквост од член 9 од Уставот подразбира дека граѓаните, кога се наоѓаат во иста или споредлива правна положба, треба да бидат ставени во еднаква правна положба пред Уставот и законите. Меѓутоа, начелото на еднаквост не ја исклучува можноста законодавецот различно да уреди правни ситуации кои суштински се разликуваат според нивната правна природа, основот на ангажирање и функционалната поврзаност со вршењето јавна служба.

Во конкретниот случај, проценувачите вработени во Бирото за процена не се наоѓаат во идентична правна положба со проценувачите кои процената ја вршат надвор од таков службен однос. Разликата произлегува од фактот што вработените во Бирото постапуваат во рамки на орган на државната управа, при вршење работи кои се дел од законската надлежност на тој орган. Наспроти тоа, проценувачите кои не се вработени во Бирото ја вршат процената врз друга правна основа и во поинаков професионален, организациски и правен контекст.

Оттука, Судот оцени дека не станува збор за нееднакво постапување кон лица кои се наоѓаат во иста правна положба, туку за законско разликување засновано врз објективна и разумна основа. Таа основа се состои во различниот статус на лицата, различната правна основа за вршење на процената, како и различната функционална поврзаност на процената со надлежностите на државниот орган.

Оспорената законска определба, според која вработените во Бирото за процена не остваруваат посебен надоместок во вид на награда за процените што ги вршат во рамки на службените задачи е во функција на законито, рационално и економично извршување на работите на државната управа. Имајќи предвид дека Бирото е орган во состав на Министерството за правда и се финансира од Буџетот на Републиката, законодавецот имал уставно оправдана основа да предвиди дека работите кои се извршуваат во рамки на службениот обем на работни обврски не создаваат посебно право на дополнителен надоместок.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се прифати наводот дека со оспорениот дел од член 31-а од Законот за процена се повредува начелото на еднаквост од член 9 од Уставот. Оспорената одредба не воспоставува неоправдано ограничување меѓу проценувачите, туку прави разлика меѓу различни правни и фактички положби, што е уставно дозволено кога таквото разликување има објективна, разумна и законски оправдана основа.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски