
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.73/2025
Скопје, 10.06.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија и член 39 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 10 јуни 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на членовите 11, 12 и 18 од Деловникот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, донесен од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на 30.01.2024 година, број 0101-1/1.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 15 октомври 2025 година, расправајќи по предметот У.бр.241/2024 по повод иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 2, 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.208/2024), врз основа на член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива одлучи да оформи предмет УЗ.бр.73/2025 и да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во диспозитивот на ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот, како и со член 373 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
II
На седницата Судот утврди дека според член 11 од Деловникот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (донесен од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на 30.01.2024 година, број 0101-1/1), членовите на Советот имаат право на месечен надоместок – паушал.
Членовите на Советот, надворешните соработници и експерти ангажирани од Советот, имаат право на надомест за учество на состаноците на работните тела, комисиите или работните групи за извршување на задачи доверени од страна на Советот, во функција на реализација на Програмата за работа на Советот, а се одржуваат во Советот или надвор од него.
Членовите на Советот имаат право на надоместок за патни трошоци, со исклучок на членовите кои користат службено моторно возило, надоместок за дневни трошоци, како и трошоците направени во извршувањето на задачите што им ги доверил Советот.
Висината на надоместоците од ставовите 1 и 2 на овој член се определува со одлука на Советот, по предлог на Комисијата за финансирање на активностите и распределба на финансиските средства.
Претседателот на Советот има право на трошоци за репрезентација и користење на службено возило на Советот. Советот за реализација на кампањите од Програмата за работа на Советот, изготвува посебен документ (Елаборат).
Во Елаборатот, покрај конкретните задачи за реализација на кампањите, се утврдува и висината на надоместокот за учество на членовите на Советот, надворешните соработници и експерти ангажирани од Советот. Претседателот на Советот ја утврдува висината на надоместокот, во зависност од комплексноста и тежината во извршувањето на конкретната задача.
Во член 12 од Деловникот е предвидено дека на членот на Советот му престанува мандатот ако поднесе оставка или во случај на смрт. Советот го известува Собранието на Република Северна Македонија за покренување постапка за разрешување на член на Советот, во следните случаи:
-кога е осуден со правосилна пресуда за кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку шест месеци, и
– заради неоправдано отсуство подолго од шест месеци.
Член 18 пропишува дека за извршување на одделни задачи од Програмата за работа на Советот, по потреба Советот може да ангажира членови на Советот, како и надворешни експерти или стручни лица, кои примаат надоместок согласно со одлуката на Советот и овој Деловник.
Решението за поведување постапка УЗ.бр.73/2025 од 15 октомври 2025 година, беше доставено на одговор на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој со допис бр.0302-458/1 од 25.11.2025 го извести Судот дека на седницата одржана на 25.11.2025 година донел одлука за изменување на Деловникот за работа бр.0101-1/1 од 30.01.2024 година и го усвоил Деловникот за изменување на Деловникот за работа бр.0101-1/1 од 25.11.2025 со кој членот 12 од Деловникот се брише.
Во однос на членовите 11 и 18 од Деловникот, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со писмен допис од 12.02.2026 година го извести Судот дека во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.258/25 е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со кој е додаден нов член 373-а, кој гласи:
“Финансиските средства неопходни за работа на Републичкиот совет се обезбедуваат во рамките на средствата со кои располага Републичкиот совет согласно со овој закон.
Републичкиот совет, со посебен акт усвоен на седница ги утврдува надоместоците за претседателот и членовите на Републичкиот совет и лицата од членот 373 став (5) од овој закон, заради остварување на надлежноста од членот 370 од овој закон, за извршување на задачите од членот 371 од овој закон и за вршење на работите од членот 373 став (3) од овој закон, како и заради извршување на планирани програмски активности утврдени во елаборат донесен врз основа на Програма за работа на Републичкиот совет, кој вкупен месечен износ на надоместоците не може да биде поголем од две третини од просечно исплатена нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика.
Претседателот и членовите на Републичкиот совет, кои не користат службено моторно возило имаат право на надоместок на трошоците за превоз во висина на цената на возен билет во јавен сообраќај, а доколку користат автомобил во лична сопственост, се исплаќаат трошоци за користење на автомобил во лична сопственост од 20% од продажна цена на еден литар гориво за соодветното возило, по поминат километар.“
Врз основа на овој нов член во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет на седница одржана на 29 јануари 2026 година го усвоил Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштатa и во член 1 предвидел дека во Деловникот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата број 0101-1/1 од 30.01.2024 и бр.0101-1/1 од 25.11.2025 членот 11 се менува и гласи:
„Член 11
Претседателот на Советот има право на репрезентација, право на користење на службено возило на Советот, право на надоместок на патарини при службени патувања и надоместок за службено патување во странство.
Членовите на Советот имаат право на користење на службено возило на Советот, право на надоместок за патарини при службени патувања и надоместок за службено патување во странство.
Право на користење на службено возило на Советот, со писмено овластување од претседателот на Советот имаат и надворешно ангажираните лица, заради вршење на работите од членот 373 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Службено возило од ставовите 1, 2 и 3 на овој член се користи согласно Процедура на Советот за дефинирање на условите и начинот на користење на службено возило и реализација на службените патувања.
Надоместоците за службени патувања во странство од ставовите 1 и 2 на овој член се утврдуваат и исплаќаат согласно посебен акт на Владата на Република Северна Македонија за издатоците за службени патувања во странство што на органите на државната управа им се признаваат во тековни трошоци“.
Во член 3 од изменетиот Деловник е предвидено дека во членот 18 зборовите „со одлуката на Советот и овој Деловник“ се заменуваат со зборовите „посебен акт на Советот со кој се утврдени надоместоците согласно закон“.
Во член 4 од изменетиот Деловник е предвидено дека овој Деловник влегува во сила со денот на неговото донесување.
Деловникот бил донесен на 29.01.2026 година и истиот ден тој влегол во сила.
III
Член 110 алинеја 2 од Уставот предвидува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 39 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115 /2024), Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката, законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето.
IV
Од увидот во Деловникот за изменување на Деловникот за работа на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата донесен од страна на Советот на 25.11.2025 година Судот утврди дека е избришан член 12 од Деловникот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата број 0101-1/1 од 30.01.2024.
Од доставениот Деловник за изменување на Деловникот за работа на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата донесен од страна на Советот на 29.01.2026 година Судот утврди дека членовите 11 и 18 се изменети и имаат нова содржина, како што е наведено погоре.
Врз основа на наведеното Судот констатира дека по донесување на Решението УЗ.бр.73/2025 оспоренaта одредба од членот 12 од оспорениот Деловник е бришана и не е веќе во правниот поредок, додека пак оспорените одредби од членовите 11 и 18 се изменети со подоцнежните измени на Деловникот и имаат нова содржина, со што исполнети се условите за запирање на постапката согласно со член 39 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски