
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.36/2025
Скопје, 03.06.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 112 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1, од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 3 јуни 2026 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 7 став 2 од Законот за изменување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 187/2024).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Миа Ношпал Чорак, адвокат од Скопје и Друштвото за трговија и услуги „Локо трејд” доо – Скопје, го донесе Решението У.бр.36/2025 од 28 јануари 2026 година, со кое поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на оваа одлука затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека според член 7 став 2 од Законот за изменување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 187/2024), постапките за издавање дозволи за вршење јавен железнички превоз на патници и стока и постапките за издавање сертификати за сигурност за вршење на јавен железнички превоз на патници и стока согласно со Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија“ бр. 48/2010, 23/2011, 80/2012, 155/2012, 163/2013, 42/2014, 130/2014, 152/2015, 31/2016, 178/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 302/2020 и 253/2023), започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе запрат со денот на влегувањето во сила на овој закон.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Уставот со член 51 утврдува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 1 од Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија” бр. 48/2010, 23/2011, 80/2012, 155/2012, 163/2013, 42/2014, 130/2014, 152/2015, 31/2016, 178/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 302/2020, 253/2023 и 187/2024), со овој закон се уредуваат развојот на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура, организацијата на железничкиот систем, начинот и условите за извршување на железничкиот превоз и видовите превоз, управувањето, организирањето, заштитата на железничката инфраструктура и пристапот до железничката инфраструктура, наплата за пристап за користење на железничката инфраструктура, доделувањето на инфраструктурните капацитети, објавата на мрежа, основањето на независно и самостојно регулаторно тело, доделувањето и видовите на концесија, финансирањето на железничката инфраструктура и услугите од јавен интерес во железничкиот превоз на патници.
Со член 2 став 1 точка 1 од Законот, се уредува дека барател е железнички превозник и/или меѓународна групација на железнички превозници, кои поседуваат дозвола и сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз, како и други правни субјекти што вршат јавна услуга или имаат комерцијален интерес за користење на инфраструктурен капацитет и превозници, шпедитери и оператори на комбиниран транспорт за извршување на железничка услуга.
Член 2 став 1 точка 10 од Законот, пропишува дека дозвола за вршење на јавен железнички превоз е јавна исправа издадена од надлежен орган, со која на правното лице му се признава статусот на железнички превозник кој може да биде ограничен на обезбедување посебни видови услуги.
Според член 2 став 1 точка 13 од Законот, железнички превозник е јавно или приватно, домашно или странско правно лице кое поседува дозвола и сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз, каде што главно занимање е давање на превозни услуги на стока и/или патници по железница под услов превозникот да обезбеди влечно возило; вклучувајќи и превозници кои обезбедуваат само влеча. Според точка 50 од истиот член, сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз е јавна исправа издадена на железнички превозник од Управата за сигурност во железничкиот систем во согласност со овој закон.
Согласно со член 5 став 3 од Законот, превозникот може да врши услуги од јавен интерес во железничкиот превоз на патници врз основа на склучен договор за вршење на тие услуги со Владата на Република Северна Македонија или надлежен орган на општините, односно на Градот Скопје, за давање на јавна патничка услуга, согласно со овој закон.
Во глава V со наслов „Дозволи и сертификати на превозник и управител на инфраструктура“ од Законот, се содржани потточката 1. Дозвола за вршење на јавен железнички превоз (членови од 15 до 18) и потточката 2. Сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз (членови 19, 20, 20-а и 20-б).
Според член 15 став 1 од Законот, јавен превоз на патници и/или стока се врши врз основа на дозвола за вршење на јавен железнички превоз. Согласно со став 2 од истиот член, секое јавно или приватно, домашно или странско правно лице има право да поднесе барање за добивање на дозвола за вршење на јавен превоз, ако е регистриран за таа дејност. Според став 3 од истиот член, дозволата за вршење на јавен железнички превоз (во натамошниот текст: дозвола) на барање на јавно или приватно, домашно или странско правно лице ја издава Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор (во натамошниот текст: Агенцијата). Согласно со став 4 од истиот член, Агенцијата нема да издаде дозвола или да ја продолжи важноста на дозволата на правното лице од став 2 на овој член, доколку не ги исполнува условите пропишани со овој закон, а според став 5 од истиот член, на правното лице од став 2 на овој член кое ги исполнува условите од овој закон му се издава дозвола. Според став 9 од истиот член, покрај дозволата од став 1 на овој член превозникот за да има право на пристап на железничка инфраструктура потребно е да има и сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз, а според став 10 од истиот член, за издавање на дозволата од ставот 1 на овој член се плаќа надоместок.
Во член 16 став 1 точки од 1) до 7) од Законот, предвидени се условите коишто правното лице мора да ги исполни за добивање дозвола за вршење на јавен железнички превоз.
Според член 17 став 1 од Законот, дозволата е важечка додека превозникот ги исполнува условите утврдени во член 16 став 1 од овoj закон, а според член 18 став 1 од Законот, на територијата на Република Северна Македонија се признаваат дозволите издадени на превозници од надлежни органи на други држави во согласност со законодавството на Европската Унија.
IV
Од погоре наведените законски одредби произлегува дека Законот за железничкиот систем овозможува приватните субјекти (домашни и странски) да се јават како баратели со цел да се стекнат со дозвола и сертификат за вршење дејност јавен железнички превоз и дека со Законот е уредена постапката и неопходната документација за добивање дозвола за вршење на јавен железнички превоз и сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз. Воедно, произлегува и дека Законот уредува право на приватните субјекти (домашни и странски) да се јават како баратели во постапки со цел да се стекнат со потребната дозвола и сертификат за вршење јавен железнички превоз.
Од анализата на оспорената одредба од член 7 став 2 од Законот, Судот утврди дека со истата по сила на закон се врши запирање на постапките коишто започнале пред влегувањето во сила на Законот, со денот на неговото влегување во сила.
Имајќи ги предвид одредбите од Законот за железничкиот систем, Судот утврди дека од истите не произлегува ограничување за издавање дозвола и сертификат за вршење јавен железнички превоз, напротив Законот им дава право на приватните субјекти (домашни и странски) да се јават како баратели во постапки со цел да се стекнат со потребната дозвола и сертификат за вршење јавен железнички превоз. Според Законот, дозволата за вршење на јавен железнички превоз е јавна исправа издадена од надлежен орган, со која на правното лице му се признава статусот на железнички превозник, и истата е важечка додека превозникот ги исполнува условите, утврдени во член 16 став 1 од овoj закон.
Според Судот, запирањето на започнатите постапки, не е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и принципот на правна сигурност како нејзин составен дел. Имено, граѓаните, како баратели во постапка за издавање дозволи и сертификати за вршење јавен железнички превоз на патници и стока, имале легитимни очекувања дека ќе се стекнат со потребната документација доколку ги исполнат условите согласно со Законот, но, во конкретните околности не е јасна правната судбина на започнатите постапки коишто со денот на влегувањето во сила на Законот се запираат.
Воедно, според Судот, оспорената одредба од член 7 став 2 од Законот создава нееднаквост помеѓу правните лица – баратели во постапките, бидејќи оние баратели кои ги завршиле постапките, се стекнале со дозвола со која им се признава статусот на железнички превозник, додека другите поради запирањето на постапките, нема да добијат статус на железнички превозник што е спротивно на член 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот оцени дека член 7 став 2 од Законот за изменување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 187/2024), не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,