
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.64/2025
Скопје, 20.05.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта од Општина Кочани за учебната 2025–2026 година, бр.09-1326/1 од 27.08. 2025 година, донесен од Советот на Општина Кочани („Службен гласник на Општина Кочани“ бр.11/2025).
Образложение
I
Вршителот на должноста градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека Советот на Општина Кочани на одржаната редовна седница на 27.08.2025 година, го донел оспорениот Заклучок за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта од Општина Кочани за учебната 2025 – 2026 година, бр.09-1326/1, при што примената ја условил по добивање на позитивно мислење од Министерството за образование и наука.
Се наведува дека од увидот во документацијата е утврдено дека Општина Кочани до одржување на седницата на Советот на Општина Кочани нема добиено позитивно мислење од Министерството за образование и наука, со што предметниот Заклучок е незаконски и спротивен на член 53 став 7 од Законот за основното образование.
Решението за запирање на објавувањето на оспорениот Заклучок, бр.08-1349/1 од 03.09.2025 година („Службен гласник на Општина Кочани“ бр.10/2025), донесено од в.д. градоначалникот на Општина Кочани, било разгледано во утврдениот рок на седницата на Советот на Општина Кочани, одржана на 12.09.2025 година и истото не било прифатено.
Врз основа на сето наведено, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот заклучок.
Воедно, во иницијативата нема аргументи за противуставност на Заклучокот и не се наведени одредби од Уставот со кои оспорениот акт е во спротивност.
II
На седницата Судот утврди дека Заклучокот за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта од општина Кочани за учебната 2025-2026 година, е донесен од Советот на Општина Кочани на седницата одржана на 27.08.2025 година, врз основа на член 53 став 6 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.229/2020, 229/2020, 3/2025 и 74/2025).
Согласно со глава I од овој заклучок, се усвојуваат барањата на општинските основни училишта за формирање паралелки со помал број на ученици и се дава согласност за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта од Општина Кочани за учебната 2025-2026 година.
Составен дел на овој заклучок, согласно со глава II од истиот, се:
Преглед бр. I – Паралелки со помал број ученици во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ с. Оризари – Кочани, за учебната 2025-2026 година;
Преглед бр. II – Паралелки со помал број ученици во ОУ „Никола Карев“ – Кочани, за учебната 2025-2026 година;
Преглед бр. III – Паралелки со помал број ученици во ОУ „Св.Кирил и Методиј“ – Кочани, за учебната 2025-2026 година;
Преглед бр. IV – Паралелки со помал број ученици во ОУ „Раде Кратовче“ – Кочани, за учебната 2025-2026 година;
Преглед бр.V – Паралелки со помал број ученици во ООУ „Малина Попиванова“ – Кочани, за учебната 2025-2026 година и
Преглед бp.VI – Паралелки со помал број ученици (и комбинирани), во ОМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани за учебната 2025-2026 година.
Според глава III од Заклучокот, истиот влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува по добивањето на позитивно мислење од Министерството за образование и наука и ќе се објави во „Службен гласник на Општина Кочани“.
III
Во врска со наводите во иницијативата, како и други прашања коишто беа покренати во рамки на претходната постапка, а врз основа на доставената документација и одговори од Советот на Општина Кочани и од Министерството за образование и наука, Судот ја утврди фактичката состојба како што е изложено подолу во оваа точка на Решението.
В.д. градоначалникот на Општина Кочани на 26.08.2025 година до Министерството за образование и наука – Сектор за основно образование, доставил две барања за мислење за паралелки со помал број на ученици во основните училишта во Општина Кочани за учебната 2025/2026 година, заведени под бр.08-1307/1 и бр.08-1308/1.
Советот на Општина Кочани на редовна седница одржана на 27.08.2025 година, покрај другото, го донел и оспорениот заклучок со бр.09-1326/1.
В.д. градоначалникот на Општината, утврдил дека до одржување на седницата на Советот на Општината немало добиено позитивно мислење од Министерството и на 03.09.2025 година донел Решение за запирање на објавувањето на Заклучокот, бр.08-1349/1, („Службен гласник на Општина Кочани“ бр.10/2025 од 03.09.2025 година).
По објавувањето на Решението за запирање на објавувањето на Заклучокот, Министерството за образование и наука – Сектор за основно образование, до в.д. градоначалникот на Општина Кочани на 05.09.2025 година доставил Одговор под бр.12-11597/2 во кој се дава позитивно мислење, бидејќи се работи за веќе затекната состојба и паралелките се веќе формирани од страна на училиштата. Мислењето на Министерството, в.д. градоначалникот го добил на 15.09.2025 година.
Советот на Општина Кочани на седницата одржана на 12.09.2025 година не го прифатил Решението за запирање на објавувањето на Заклучокот донесено на 03.09.2025 година и му наложил на градоначалникот да го објави оспорениот заклучок во службеното гласило на Општината.
На 17.09.2025 година, в.д. градоначалникот на Општина Кочани, донел Заклучок за објавување на акт (оспорениот заклучок) донесен на седницата на Советот на Општина Кочани одржана на 27.08.2025 година, во кој е наведено дека се објавува актот (оспорениот заклучок) донесен на седницата на Советот на Општина Кочани одржана на 27.08.2025 година, чиешто објавување беше запрено со Решението за запирање на објавувањето на Заклучок за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта од Општина Кочани за учебната 2025-2026 година. Овие два акта се објавени во „Службен гласник на Општина Кочани“ бр.11/2025 од 17.09.2025 година.
Министерството за образование и наука во врска со дописот од градоначалникот на Општина Кочани, во кој се известува дека Општина Кочани сè уште нема добиено позитивно мислење за формирање паралелки со помал број ученици, го известува градоначалникот дека Министерството на 05.09.2025 година има доставено позитивно мислење, истото е доставено и по електронска пошта на 11.09.2025 година и упатува да се постапи согласно со член 53 од Законот за основното образование. Овој допис на Министерството со бр.12-12505/2 е испратен на 29.09.2025 година, а Општината го примила на 02.10.2025 година со бр.08-1308/3.
IV
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија уредува дека Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во точка 1 на Амандманот XVII на Уставот, е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а меѓу другите области и во областа на образованието.
Согласно со член 53 став 4 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/ 2019, 229/2020, 3/2025, 74/2025 и 250/2025), бројот на ученици во паралелката е од 20 до 30 ученици.
Во ставот 6 на овој член е предвидено дека паралелка може да се формира и со помалку од 20 ученици по добиена согласност од основачот, a согласно со став 7, основачот може да формира паралелка од ставот 6 на овој член, по претходно позитивно мислење од Министерството.
Според став 11 на овој член, основачот може да формира комбинирана паралелка од ставот 10 на овој член, по претходно позитивно мислење од Министерството.
Согласно со член 22 став 1 точка 8 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2024) општините се надлежни за вршење на работи од областа на образованието – основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови.
Во член 50 од овој закон се уредени надлежностите на градоначалникот, при што согласно со став 1 точка 2 на овој член, градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот, а според точката 3, ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината.
Согласно со член 51 став 1 од Законот, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.
Според став 2 на истиот член, советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него.
Ставот 3 на овој член пропишува дека ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Северна Македонија.
V
Со иницијативата се оспорува Заклучокот за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта од Општина Кочани за учебната 2025–2026 година, донесен од претседателот на Советот на Општина Кочани на 27.08.2025 година, како спротивен на член 53 став 7 од Законот за основно образование поради недобиено позитивно мислење од Министерството за образование и наука.
Имајќи предвид, дека во наводите на иницијативата не се наведени аргументи за несогласност на оспорениот заклучок со ниту една одредба од Уставот, а воедно ни Судот не најде уставни основи за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт, анализата на оспорениот заклучок беше направена само во однос на неговата законитост.
При анализата на наводите во иницијативата, најпрвин пред Судот, како спорно се постави прашањето дали оспорениот заклучок претставува пропис подобен за уставно-судска оцена. Во одговор на ова прашање, според Судот, оспорениот заклучок по својот формален и материјален аспект недвосмислено претставува пропис подобен за уставно-судска оценка, од причини што правен основ за донесување на оспорениот заклучок е член 53 став 6 од Законот за основното образование и истиот е условен со давање согласност од Министерството за образование и наука. Воедно, правните последици што произлегуваат од оспорениот заклучок имаат општо правно дејство врз неопределен број граѓани – постојни и идни ученици, нивни родители како законски застапници, постоен и иден наставен кадар, административен кадар итн. во основните училишта во Општина Кочани во кои се врши јавна услуга од јавен интерес во областа на образованието.
Врз основа на утврдената фактичка состојба и анализата на содржината на цитираните законски одредби, увидот во документацијата доставена од Советот на Општина Кочани и од Министерството за образование и наука, Судот оцени дека оспорениот заклучок не може да се доведе под сомнение за неговата согласност со член 53 став 7 од Законот за основното образование.
Евидентно од доставената документација е дека Советот на Општина Кочани го донел оспорениот заклучок пред да се добие позитивното мислење на Министерството за образование и наука. Од увидот во донесените акти на Советот, в.д. градоначалникот утврдил дека нема добиено позитивно мислење поради што донел Решение за запирање на објавување на Заклучокот, согласно со член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа.
Советот постапувајќи согласно со неговите надлежности утврдени во Законот за локалната самоуправа, не го прифатил Решението за запирање на објавување на Заклучокот, по што в.д градоначалникот поднел иницијатива до Уставниот суд на 17.09.2025 година и истиот ден го објавил оспорениот заклучок во службеното гласило на Општината, иако во меѓувреме Министерството доставило позитивно мислење, коешто било примено на 15.09.2025 година.
Имено, Министерството за образование и наука доставило позитивно мислење на 05.09.2025 година, коешто Општината го добила на 15.09.2025 година, а на 29.09.2025 година Министерството доставило уште еден допис со кој го известува в.д. градоначалникот дека веќе е дадено позитивно мислење по однос на формирање паралелки со помал број ученици за учебната 2025/2026 година и истото е примено на 02.10.2025 година.
Со оглед на тоа што оспорениот заклучок по добиеното позитивно мислење на Министерството за образование и наука е објавен во „Службен гласник на Општина Кочани“ бр.11/2025 од 17.09.2025 година, исполнет е условот, даден во Заклучокот, за неговата примена по добиено позитивно мислење од Министерството. Оттука, Судот оцени дека Заклучокот за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици во општинските основни училишта од Општина Кочани за учебната 2025–2026 година е во согласност со член 53 став 7 од Законот за основното образование, од аспект на наводите во иницијативата.
VI
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски