
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.197/2025
Скопје, 13.05.2026 год.
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 13 мај 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 21-б став 2, став 3 реченица прва во делот „Советот од ставот 2 на овој член” и реченица втора во делот „советот”, став 4 во делот „Советот”, став 5 во делот „советот за верификација од ставот (2)” и член 21-к став 3 во делот „Советот за спорт” од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” бр.29/2002, 66/2004, 83/2005, 81/2008, 18/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016 и 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.52/2019, 98/2019, 244/2019, 53/2024, 74/2024, 170/2024 и 59/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата и деловите од одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, истите се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека со член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.170/2024), член 25 од основниот текст на Законот е избришан и не е повеќе дел од правниот поредок сметано од 15.08.2024 година. Согласно со ова Советот за спорт како тело веќе не постои, а сепак со оспорените делови остануваат надлежностите на телото и следствено доведува до забуна во примената на оспорените делови со кое не е во согласност со начелото на владеењето на правото.
Поради сето горенаведено, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и делови од одредбите од Законот за спортот и истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека според член 21-б став 2 од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” бр. 29/2002, 66/2004, 83/2005, 81/2008, 18/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016 и 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.52/2019, 98/2019, 244/2019, 53/2024, 74/2024, 170/2024 и 59/2025) прашањата од првиот дел од испитот и прашањата и практичните примери од вториот дел од испитот ги верификува Советот за спорт од членот 25 од овој закон.
Согласно со став 3 од истиот член од Законот, Советот од ставот 2 на овој член врши и ревизија и ажурирање на базите на прашања и базите на практичните примери за испитот најмалку еднаш годишно. При ревизијата советот особено ги има предвид промените на практиката и стандардите на кои е засновано прашањето, односно практичниот пример, бројот на кандидати кои го одговарале, успешноста во одговарањето на истите, како и други критериуми кои можат да влијаат на подобрувањето на квалитетот на базите од ставот 1 на овој член.
Во став 4 од истиот член од Законот е предвидено дека врз основа на извршената ревизија и ажурирање на базите на прашања и базите на студии на случај, Советот одлучува најмалку 30% од прашањата и студиите на случај да бидат изменети или целосно отстранети и заменети со нови од базите од членот 21-ѓ од овој закон.
Со став 5 од членот се предвидува дека научните работници од ставот 1 на овој член и членовите на советот за верификација од ставот 2 на овој член имаат право на паричен надоместок што го определува органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.
Според член 21-к став 3 од Законот, функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот формира комисија за ревизија на одржаните испити, која во својата работа ги користи материјалите од ставот (2) на овој член и во која членуваат еден претставник од органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, еден претставник од Советот за спорт, еден претставник од Владата на Република Македонија на предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата и еден претставник на Министерството за информатичко општество и администрација (информатичар).
III
Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
IV
Од анализата на оспорените одредби од Законот произлегува дека станува збор за технички пропуст од номотехничка природа за што законодавецот бил должен да интервенира во законските одредби во насока на усогласување на содржината на Законот со новите измени и дополнувања. Имено, со Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.170/2024) е избришан член 25 од основниот текст на Законот со кој бил формиран Советот за спорт, којшто со бришењето на оваа одредба престанал да постои како тело.
Според Судот, во случајов всушност станува збор за барање за исправка на технички пропуст од номотехничка природа за што Судот согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Судот не е надлежен да постапува.
Судот оцени дека законодавецот е должен да врши соодветно усогласување на законите, толкување на нормите, пополнување на номотехничките пропусти и празнини во практичната примена на законите во функција на обезбедување на правната сигурност.
Имајќи предвид дека наводите се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд за прашање за кое надлежен е законодавниот орган кој ги креира, изменува и дополнува законите кои ги донесува, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за нејзино отфрлање.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски