УЗ.бр.52/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.52/2025
Скопје, 13.05.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 13 мај 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за поништување на одобрен урбанистички проект за село со намена А4.7 – куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште, бр.02-1509/1 од 29.05.2025 година, донесена од Советот на Општина Сопиште („Службен гласник на Советот на Општина Сопиште“ бр.6/25).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Државниот инспекторат за локална самоуправа преку неговиот директор, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека примената на оспорената одлука донесена од Советот на Општина Сопиште, е запрена со Решението бр.02-118/1 од 16.07.2025 година, донесено од Државниот инспекторат за локална самоуправа, согласно со член 23 став 1 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа.

Според наводите, донесената одлука не е во согласност со член 36 од Законот за локалната самоуправа, од причина што советот нема законска надлежност да поништува урбанистички проект, а како основ за нејзино донесување е наведен член 62 став 1 и член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа и поднесено барање за поништување на Урбанистички проект за КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште-Вонград, Општина Сопиште од жители на ул.14.

Се наведува дека оспорената одлука донесена од Советот на Општина Сопиште е донесена спротивно на Законот за локалната самоуправа, не може да произведе правно дејствие и како таква не може да остане во правниот промет, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на оспорената одлука и да го поништи „запрениот пропис на Советот на општина Сопиште“ како незаконит.

Во прилог на иницијативата е доставено и Решението на Државниот инспекторат за локална самоуправа бр.02-118/1 од 16.07.2025 година со кое се запира примената на оспорената одлука и се наведува дека останува во важност до конечната одлука на Уставниот суд по повод поднесената иницијатива.

II

На седницата Судот утврди дека Одлуката за поништување на одобрен урбанистички проект за село со намена А4.7 – куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште, бр.02-1509/1 од 29.05.2025 година е донесена од страна на Советот на Општина Сопиште и е објавена во „Службен гласник на Советот на Општина Сопиште“ бр.6/2025.

Советот на Општина Сопиште на 6-та седница одржана на 23.05.2025 година ја донел Одлуката врз основа на член 62 став 1 и член 22 став 1 точка 1 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024) и поднесено барање бр. 08-1154/1 од 24.04.2025 година за поништување на Урбанистички проект за КП1526/8 и 1532/5КО Сопиште – Вонград од жители на ул.14.

Член 1 од Одлуката уредува дека се донесува Одлука за поништување на одобрен Урбанистички проект за село со намена А4.7 – куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште од инвеститорите Горан Ханџиски и Сунчица Ханџиска, изработена од Друштво за проектирање и услуги ПЛАН ДИЗАЈН ДОО Скопје со техн.бр. 265/23 од февруари 2024 година и Потврда за заверка од Општина Сопиште, Одделение за урбанизам со бр. 28-868/9 од 09.04.2024 година.

Согласно со член 2 од оваа одлука, истата се донесува врз основа на поднесено барање од страна на жители од ул.14 Сопиште во кое се наведени причините: постојаната инфаструктура е недоволна и несоодветна за поддршка на дополнителна урбанизација, застареност на водоводната и канализациона мрежа, преоптовареност на електричните инсталации како и неприлагодената патна мрежа за зголемен сообраќај.

Со член 3 став 1, се задолжува Одделението за урбанизам и градоначалникот на Општина Сопиште да не издаават одобрение за градење со намена А4.7 – куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП1526/8 и КП1532/5 КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште.

Согласно со став 2 на овој член, се задолжува Одделението за урбанизам и градоначалникот на Општина Сопиште да донесат Решение за одбивање на барањето за издавање на одобрение за градење на КП1526/8 и КП1532/5КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште со намена А4.7 – куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште, а согласно со донесената одлука од страна на Советот на општина Сопиште.

Донесената Одлука од Советот на Општина Сопиште се доставува до Одделението за урбанизам во Општина Сопиште за понатамошно постапување, согласно со став 3 на член 3 од оваа одлука.

Според член 4 од Одлуката, истата влегува во сила со денот на донесувањето и истата ќе се објави во „Службен гласник на Општината Сопиште“.

III

Во врска со наводите во иницијативата, како и други прашања коишто беа покренати во рамки на претходната постапка, Судот, врз основа на доставената документација и одговори од Советот на Општина Сопиште и од градоначалникот на Општина Сопиште, ја утврди фактичката состојба како што е изложено подолу во оваа точка на Решението.

Урбанистичкиот проект за село со намена А4.7 – куќи за потребите за селскиот туризам, во урбанистичкиот план за село Сопиште на КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште-Вонград, Општина Сопиште со техн.бр.265/23 од февруари 2024 година, доставен преку информацискиот систем е-Урбанизам, со број на постапка 59617, е одобрен од градоначалникот на Општина Сопиште на 09.04.2024 година со Потврда за заверка од Општина Сопиште, Одделение за урбанизам, број 28-868/3.

Врз основа на одобрениот урбанистички проект, на 16.05.2025 година склучен е Договор за плаќање на надомест на градежно земјиште бр.23-52/5 помеѓу Општина Сопиште и Горан Ханџиски и Сунчица Ханџиска, кои претходно на 02.04.2025 година преку информацискиот систем е-дозволи за градба, како инвеститори поднеле Барање за одобрение за градење (бр.23-52/2025) со прилог: основен проект, Извод од план, ИЗИИС, административна такса, полномошно, имотен лист, податоци за градба ДЗС, геодетски елаборат за нумерички податоци, елаборат за енергетска ефикасност и ревизија. Врз основа на комплетната документација и добиените согласности и позитивни мислења од субјектите надлежни за енергетска, водоводна и канализациона инфраструктура во постапката за издавање на одобрение за градба, на 16.05.2025 година, Општина Сопиште издала Пресметка за надоместок за уредување на градежно земјиште бр.23-52/4, при што надоместокот е уплатен на 23.05.2025 година во висина од 1.321.320,00 денари.

На седницата одржана на 23.05.2025 година, Советот на Општина Сопиште, ја донел сега оспорената одлука за поништување на одобрен урбанистички порект за село со намена А4.7-куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште-Вонград, Општина Сопиште, со бр. 02-1509/1 од 29.05.2025 година и објавена во „Службен гласник на Советот на Општина Сопиште“ бр.6/2025 од 03.06.2025).

Градоначалникот на Општина Сопиште, на 29.05.2025 година донел Заклучок за прогласување на Одлуката за поништување на одобрен Урбанистички проект за село со намена А4.7-куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистичкиот план за село Сопиште на КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште – Вонград, Општина Сопиште, со бр.08-1509/2 („Службен гласник на Општина Сопиште“ бр.6/2025 од 03.06.2025 година).

На 16.07.2025 година, директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа – Скопје, врз основа на член 23 став 3 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа, го донел Решението бр.02-118/1, со кое примената на оспорената одлука се запира.

Во образложението на ова решение се наведува дека Државниот инспекторат за локална самоуправа, врз основа на член 18 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа и член 71 од Законот за инспекциски надзор, извршил вонреден инспекциски надзор над законитоста на прописите донесени од Советот на Општина Сопиште, по поднесена претставка од физичко лице. При извршениот вонреден инспекциски надзор е утврдено следното:

На седницата на Советот на Општина Сопиште одржана на 23.05.2025 година, било дискутирано за барањето од жители на улица 14 Општина Сопиште, за поништување на урбанистичко планска документација за КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште, со бр.08-1154/1 од 24.04. 2025 година. За предлогот гласале 11 члена на Советот „За“, 0 – „Против“ и 0 – „Воздржани“ при што е констатирано дека е усвоена точката на дневен ред и било задолжено Одделението за урбанизам и градоначалникот да донесат решение за одбивање на барањето за издавање одобрение за градење.

При увидот во целокупната документација приложена од Советот на Општина Сопиште, како субјект на инспекциски надзор, Државниот инспекторат констатирал дека Одлуката за поништување на одобрен Урбанистички проект за село со намена А4.7-куќи за потребите на селскиот туризам, во урбанистички план за село Сопиште на КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште-Вонград, Општина Сопиште, не била во согласност со член 36 од Законот за локалната самоуправа, односно Советот немал законска надлежност да поништува урбанистички проект.

Во ова решение е наведено дека решението ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа во делот на Државниот инспекторат за локална самоуправа.

IV

Владеењето на правото, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, утврдени во член 8 став 1 алинеи 3, 9 и 10 од Уставот.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот.

Согласно со точка 1 став 1 на Амандманот XVII на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено од областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Во член 22 став 1 алинеја 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), е пропишано дека општините се надлежни, меѓу другото, и за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон и уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.

Надлежностите на советот се утврдени во член 36 од овој закон, при што Советот: 1. Го донесува статутот на општината и други прописи; 2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на општината; 3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамките утврдени со закон; 4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа; 5. Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа; 6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала општината; 7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината; 8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон; 9. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината; 10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината; 11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на буџетот на општината, во согласност со закон; 12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон; 13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител; 14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и 15. Врши и други работи утврдени со закон.

Во член 62 став 1 од Законот, е пропишано дека во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020, 111/2023, 171/2024, 224/ 2024, 40/2025, 101/2025 и 127/2025), во член 1 ја уредува системската и хиерархиската уреденост на урбанистичкото планирање во системот на просторното и урбанистичкото планирање, целите и начелата на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот, видовите и содржината на урбанистичките планови, условите за вршење на работите од областа на урбанистичкото планирање, постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови, надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон, како и други работи од областа на урбанистичкото планирање.

Согласно со член 6 став 4 од овој закон, урбанистичките планови од член 10 став 1 точки 2, 3, 4 и 5 од овој закон, се спроведуваат со поединечни акти како што се урбанистичкиот проект и актите за градење, согласно со Законот за градење.

Според член 20 став 6 од Законот, органите надлежни за донесување на урбанистички планови од ставови 1, 2, 3, 4 и 5 од овој член, се надлежни за нивно изменување и дополнување, како и спроведување и следење на спроведувањето.

Во член 23 со наслов „Важење на урбанистички планови и нивна суспензија“ во ставот 2 е уредено дека ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине во целост, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на нов урбанистички план за истиот плански опфат по постапка од член 21 од овој закон, а ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине за дел од планот односно за одредени негови плански одредби, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на изменување и дополнување на укинатиот дел од планот по постапка од член 31 од овој закон.

Урбанистички план од член 10 став 1 точките 1, 2, 3, 4 и 5 негов дел или планска одредба, согласно ставот 5 на член 23 од Законот, се суспендира од применување од страна на донесувачот на планот, доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес.

Акти со кои се спроведуваат урбанистичките планови согласно со член 56 став 1 овој закон се урбанистички проект и урбанистички проект со план за парцелизација.

Прашањата за начинот и постапката за одобрување на урбанистичкиот проект, како акт со кој се спроведуваат урбанистичките планови, се уредени во членовите 58 – 62 од Законот за урбанистичко планирање.

Согласно со член 58 со наслов „Урбанистички проект“ од Законот, во став 1 е пропишано дека урбанистички проект е планско-проектна документација што се изработува врз основа на урбанистичките планови од член 10 став 1 точки 2, 3, 4 и 5 од овој закон и служи за нивна разработка и спроведување. Со урбанистичкиот проект се врши детално разработување на градежни парцели и на градежното земјиште за општа употреба за кои во урбанистичките планови не се дадени детални одредби за градење и уредување на земјиштето.

Во став 2 точка 5 на овој член од Законот е утврдено дека во зависност од видот и намената на градежното земјиште и градбите што се предмет на разработка, урбанистичкиот проект може да биде урбанистички проект за разработување на урбанистички план за село од член 14 став 2 точки 2 и 3 од овој закон, каде што не се формирани градежни парцели, а катастарските парцели ги задоволуваат условите за формирање на градежна парцела пропишани согласно со член 24 од овој закон.

Постапката за одобрување на урбанистички проект е утврдена во член 62 од Законот и според став 1 на овој член, постапката за изработување на урбанистичкиот проект започнува на иницијатива на државниот орган, единицата на локална самоуправа или правно лице кое е надлежно за реализацијата на планот и изградба на планираните градби, физичкото или правното лице кое е учесник во изградбата на планираните градби како инвеститор согласно со Законот за градење.

Согласно со став 5 на истиот член, стручна ревизија на урбанистички проект изработува правно лице со лиценца за изработување на урбанистички планови кое ги исполнува условите за вршење на тие работи согласно овој закон.

По извршената стручна ревизија и вградувањето на забелешките од стручната ревизија во урбанистичкиот проект, субјектот од ставот 1 на овој член, го доставува урбанистичкиот проект со барање за одобрување до органот надлежен за неговото одобрување (став 6 од член 62).

За одобрувањето на урбанистичките проекти што служат за спроведување на урбанистичките планови од член 10 став 1 точки 2, 3 и 4 од овој закон, надлежен е градоначалникот на општината и општината во градот Скопје, кој е надлежен за одобрување и на урбанистичкиот проект од членот 58 став 6 од овој закон (став 7 реченица прва на член 62).

Урбанистичкиот проект со стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија и барањето за одобрување на урбанистичкиот проект, субјектот од ставот 1 на овој член, го доставува до органот надлежен за неговото одобрување (став 9).

Надлежниот орган од ставовите 7 и 8 на овој член, го одобрува урбанистичкиот проект во рок од 15 работни дена од доставувањето на барањето, по добиеното позитивно мислење од комисијата за урбанизам од член 38 од овој закон, со кој се потврдува дека урбанистичкиот проект е изработен во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон (став 10 реченица прва).

V

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок уредена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, меѓу другото, подразбира органите на општините (совет и градоначалник) своите овластувања и надлежности да ги извршуваат врз основа и во рамки на Уставот и законите преку донесување акти и преземање дејствија само во границите на овластувањата. Од тие причини, законодавецот има уставно овластување со закон да ги дефинира надлежностите на единиците на локална самоуправа и да ги пропише условите и начинот на донесување на правните прописи од нивната страна.

Начелото на законитост, како составен елемент на владеењето на правото, се изразува во општата обврска за почитување на Уставот и законите, како и обврската за доносителите на правни акти да обезбедат нивна усогласеност со Уставот и со законите со што се обезбедува хиерахијата и супремацијата на Уставот во правниот поредок. Оваа обврска се однесува и на општините кога тие носат правни акти со коишто се уредува остварувањето нивните уставни и законски овластувања.

Оспорената одлука е донесена врз основа на член 62 став 1 и член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа коишто ги уредуваат прашањата за надлежностите на општините и прописите што ги донесува советот, како и поднесено барање од група жители за поништување на Урбанистичкиот проект за КП 1526/8 и КП 1532/5 КО Сопиште – Вонград.

При оценката на надлежноста на Уставниот суд во однос на оспорената одлука се постави прашањето за правната природа на актот, односно дали претставува пропис којшто подлежи на уставно-судска оценка.

Во конкретниот случај, оспорениот акт е донесен од Советот на Општината во форма на одлука, како вид пропис што советот е овластен да го донесе, согласно со Законот за локалната самоуправа. Иако содржината на одлуката со која се поништува урбанистички проект којшто се однесува на конкретно определени катастарски парцели и на конкретна урбанистичка ситуација, тоа само по себе не е доволно за да се исклучи нејзината подобност за уставно-судска оцена.

Имено, за оцена на природата на актот не е од значење единствено дали неговото дејство фактички се однесува на индивидуализирана ситуација, туку и дали актот е донесен како пропис, од орган којшто е овластен да донесува прописи и во постапка предвидена за донесување прописи. Во случајот, Советот постапил во рамки на својата нормативна надлежност и донел одлука како општ правен акт.

Оттука, фактот дека Одлуката со која се поништува одобрен урбанистички проект, и покрај тоа што се однесува на точно определени катастарски парцели, не ја исклучува можноста истата да биде предмет на уставно-судска оцена, бидејќи во спротивно би се создала правна состојба во која акти донесени во форма на прописи, со непосредно правно дејство во правниот поредок, би останале надвор од уставно-судската контрола само поради нивната конкретна содржина. Таквиот пристап не би бил во согласност со улогата на Уставниот суд на Република Северна Македонија во обезбедувањето на уставноста и законитоста на актите во правниот поредок.

Од анализата на горенаведените одредби од Законот за локална самоуправа, произлегува дека општините се надлежни, меѓу другото и за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон и уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште (член 22 став 1 алинеја 1 од Законот).

Предметната одлука се оспорува од аспект на нејзината несогласност со член 36 од Законот за локалната самоуправа во кој се утврдени надлежностите на советот на општината. Од анализата на оваа одредба произлегува дека при утврдување на надлежностите на советот на општината во овој член не се уредени прашањата за надлежноста на советот на општината за донесување, изменување, дополнување на урбанистичките планови ниту пак за одобрување или поништување урбанистички проекти.

Прашањата за постапките за изработување, донесување, изменување, спроведување, суспензија на урбанистичките планови, како и прашањата за постапката за одобрување на урбанистички проект се уредени со Законот за урбанистичкото планирање.

Од одредбите на член 23 од Законот за урбанистичкото планирање, произлегува дека ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине за дел од планот односно за одредени негови плански одредби, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на изменување и дополнување на укинатиот дел од планот, урбанистички план, негов дел или планска одредба, се суспендира од применување од страна на донесувачот на планот доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес не биле воочени во постапката за негово донесување.

Во конкретниот случај од утврдената фактичка состојба произлегува дека не е извршено изменување или дополнување на донесениот урбанистички план, ниту пак е извршена негова суспензија поради постоење на јавен интерес, ниту пак е утврдено постоење на јавен интерес за поништување на урбанистичкиот проект.

Оттука, Советот на Општина Сопиште не донел одлука за суспензија на урбанистичкиот план или негов дел туку донел одлука за поништување на урбанистичкиот проект, поради што, Судот смета дека додека е во важност донесениот урбанистички план не може Советот на Општината по барање на граѓани и без утврдување на јавен интерес да го поништи урбанистичкиот проект за спроведување на урбанистичкиот план.

Од одредбите на член 58 од Законот за урбанистичко планирање што се однесуваат на урбанистички проект, произлегува дека урбанистички проект е планско-проектна документација што се изработува врз основа на урбанистичките планови и служи за нивна разработка и спроведување. Воедно, пропишана е соодветна постапка за изработување на урбанистичкиот проект, но не е предвидена можност за поништување, укинување или суспензија на урбанистичкиот проект за спроведување на важечки урбанистички план.

Во конкретниот случај, по спроведената постапка предвидена со закон, градоначалникот со Потврда го одобрил урбанистичкиот проект. Меѓутоа, Советот на Општина Сопиште по барање на група граѓани со одлука го поништил урбанистичкиот проект поради несоодветна инфраструктура, нарушување на квалитетот на животот на жителите и недостаток на транспарентност и јавна расправа иако пред истиот да биде поништен од Советот на Општината, инвеститорите за поништениот урбанистички проект, склучиле Договор за плаќање надомест за уредување на градежно земјиште со Општината, извршиле и уплата на средства за надоместок за уредување на градежно земјиште.

Со одобрувањето на урбанистичкиот проект, одредени правни субјекти се стекнуваат со право да можат да градат на градежните катастарски парцели опфатени со истиот, но во конктретниот случај според Судот, поради поништувањето на урбанистичкиот проект со Одлуката на Советот на Општината се оневозможува правниот субјект, којшто се стекнал со одредени права, истите да ги оствари.

Од друга страна, од наведените одредби од Законот за урбанистичко планирање, произлегува дека одобрувањето на урбанистичкиот проект е во надлежност на градоначалникот на општината, а не на советот на општината (член 62 став 7 од Законот).

Сето ова наведено, доведува до основано сомнение дека со постапувањето на Советот на Општина Сопиште односно со донесената Одлука за поништување на урбанистичкиот проект би довело до поднесување на ново барање за издавање на Одобрение за градба за катастарските парцели што се дел од овој урбанистички проект, а со тоа и изработка на нов урбанистички проект, започнување на нова постапка, нови надоместоци за уредување на земјиштето, што ги изложува заинтересираните лица на непланирани материјални издатоци и правна несигурност.

Владеењето на правото како една од темелните вредности на правниот поредок предвидува дека сите учесници вклучени во постапката за урбанистичко планирање, а особено локалната самоуправа како носител на процесот на урбанистичко планирање, треба да го обезбедат системот на урбанистичко планирање преку континуираниот процес на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на плановите бидејќи тоа е единствениот начин преку кој може да се обезбеди правната сигурност на граѓаните во важењето и спроведувањето на донесените акти додека со постапувањето на Советот на Општина Сопиште и поништување на предметниот урбанистички проект се нарушува континуитетот на планирањето, а тоа доведува до правна несигурност.

Оттука, според Судот, со донесената Одлука за поништување на конкретниот урбанистички проект без законско овластување на Советот на Општината за тоа, доведува до основано сомнение за повреда на владеењето на правото како темелна вредност на Уставот, а со тоа и на принципот на правна сигурност како нејзин составен елемент од причина што доколку постоела несомнена штета по јавниот интерес истата требало да се утврди во текот на донесувањето на урбанистичкиот план и во постапката за одобрување на урбанистичкиот проект, како акт за негово спроведување, а не по целосно спроведена постапка за донесување и одобрување на урбанистичкиот проект.

Oд наведените одредби од Законот за локалната самоуправа и Законот за урбанистичко планирање, Судот оцени дека совет на општина нема овластување за поништување на донесен урбанистички проект како планска документација за спроведување на донесен урбанистички план со што всушност се оневозможува спроведување на веќе донесениот и важечки урбанистички план. Советот може да измени, дополни или стави вон сила исклучиво акт којшто тој го донел, односно советот на општината е надлежен да ги донесува, изменува, дополнува или суспендира урбанистичките планови. Во конкретниот случај, Советот поништил акт одобрен од друг орган, односно од градоначалникот на Општина Сопиште, што е надвор од неговите законски овластувања.

Имајќи го предвид наведеното, во отсуство на законско овластување и со закон пропишана постапка за поништување на одобрен урбанистички проект, според Судот, оспорената одлука донесена од Советот на Општина Сопиште, како и последиците коишто произлегуваат од истата, доведуваат до основано сомнение за повреда на правната сигурност на субјектите во правото, како составен дел од темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото, како и за нејзина несогласност со член 36 од Законот за локалната самоуправа, од аспект на наводите во иницијативата.

VI

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски