У.бр.103/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.103/2025
Скопје, 25.02.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски , претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 февруари 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 29 став 1 точка 4 од Законот за рибарство и аквакултура (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 64/2024 и 160/2025).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Игорчо Точев од Скопје, за поведување постапка за оценување на уставноста на член 29 став 5 од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука, согласно со член 23 став 4, а во врска со член 26 од Актот на Судот, по сопствена иницијатива одлучи да ја оцени уставноста и на член 29 став 1 точка 4 од истиот закон.

Имајќи предвид дека основано се постави прашањето за уставноста на член 29 став 1 точка 4 од Законот, на седницата одржана на 11 декември 2025 година, Судот со Решението У.бр.103/2025 поведе постапка за оценување на неговата уставност.

II

На седницата Судот, утврди дека член 29 став 1 точка 4 од Законот за рибарство и аквакултура (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.64/2024 и 160/2025), уредува дека врз основа на предлог на Комисијата, министерот, а за заштитените подрачја управителот на правното лице кое управува со заштитеното подрачје, донесува решение за поништување на постапката, меѓу другото и во случај на откажување на потпишување на понуден договор за користење од најповолниот понудувач.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Член 29 став 1 точки 1 – 4 од Законот за рибарство и аквакултура (*), уредува дека врз основа на предлог на Комисијата, министерот, а за заштитените подрачја управителот на правното лице кое управува со заштитеното подрачје, донесува решение за поништување на постапката во следните случаи: 1. ако се дознаат такви околности кои, доколку би биле познати пред започнување на постапката за доделување на рибите и другите водни организми на користење, не би се објавил јавниот повик, или суштински би се разликувал или 2. нема ниту една пристигната понуда до истекот на рокот за доставување на понуди или 3. нема доставено ниту една прифатлива понуда или 4. откажување на потпишување на понуден договор за користење од најповолниот понудувач.

Според став 2 на овој член од Законот, копија од решението за поништување на постапката, со копија од записникот од јавното отворање и копија од извештајот за евалуација се доставува до секој понудувач, на начин со кој може да се докаже доставата.

Согласно со став 3 од истиот член, понудувачите имаат право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението од ставот 2 на овој член до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен.

Став 4 од овој член предвидува дека нова постапка за доделување на користење риби и други водни организми може да се спроведе откако решението за поништување на постапката за доделување на користење ќе стане конечно, согласно со Законот за општата управна постапка.

Во став 5 од истиот член е утврдено дека доколку најповолниот понудувач се откаже од потпишување на договорот за користење, министерот, а за заштитените подрачја управителот на правното лице кое управува со заштитеното подрачје, рибите и другите водни организми ги доделува на користење на следниот по ред рангиран понудувач. Во случај никој од рангираните понудувачи да не го потпише договорот, министерот, а за заштитените подрачја управителот на правното лице кое управува со заштитеното подрачје донесува решение за поништување на постапката.

IV

Владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката се остварува преку надлежноста на Уставниот суд да одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Предмет на уредување на Законот за рибарство и аквакултура, се риболовните води и риболовот, управувањето и користењето на рибите и другите водни организми, аквакултурата, заедничкото уредување на пазарот на производите од рибарство и аквакултура, надлежните органи за спроведување на одредбите на овој закон, заштитата на рибите и другите водни организми и други прашања од значење за областа на рибарството и аквакултурата.

Со овој закон, се врши усогласување на нашето законодавство со законодавството на Европската Унија и европските стандарди во областа на рибарството и аквакултурата, односно, со начелата и правилата содржани во регулативите на Европската Унија.

Целта на законодавецот за донесување на овој закон, е да воспостави јасна и ефикасна правна рамка за одржливо управување со рибниот фонд и водните ресурси и да се овозможи одржливо користење, заштита и унапредување на рибниот фонд и водните екосистеми, како и развој на аквакултурата на начин што ќе обезбеди економски развој без да се загрози животната средина, со балансиран однос меѓу заштитата на природата и економските интереси на општеството.

Член 29 од Законот, со наслов „Поништување на постапка“, систематизиран во глава III насловена „Управување и користење на рибите и другите водни организми“, ги пропишува случаите поради кои ќе се донесе решение за поништување на постапката за доделување на рибите и другите водни организми на користење.

Во член 29 од Законот се утврдени исклучителните ситуации во кои министерот или управителот на правното лице кој управува со заштитеното подрачје, имаат овластување да донесат решение за поништување на постапката. Имено, станува збор за ситуации во кои има очигледна техничка пречка за понатамошно продолжување на постапката (промена на околности кои доколку биле познати претходно би влијаеле на објавувањето на јавниот повик, непристигнување на ниту една понуда до истекот на рокот за доставување, недоставување на ниту една прифатлива понуда и откажување на потпишување на понудениот договор за користење од најповолниот понудувач). Но, и покрај очигледните технички пречки во постапката, сепак на ваквото решение, согласно со член 29 став 3 од Законот, понудувачите иако се откажале од понудениот договор, може да поднесат жалба во рок од 15 дена од приемот до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, односно, нова постапка за доделување на користење на риби и други водни организими, може да се спроведе откако решението за поништување ќе стане конечно, согласно со член 29 став 4 од Законот.

При уставно-судската оцена на член 29 од Законот во целина, Судот утврди дека став 1 точка 4 од овој член е спротивен со темелното уставно начело на правна сигурност, од причини наведени подолу.

Со член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за рибарство и аквакултура („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.160/2025), се дополнува член 29 од Законот за рибарство и аквакултура со сега оспорениот став 5, воедно ставот 1 е дополнет со нова точка 4 во која се предвидува случај за донесување решение за поништување постапка во случај на откажување на потпишување на понуден договор за користење од најповолниот понудувач.

Ова значи дека во точка 4 од овој член од Законот, се исклучени останатите рангирани по ред понудувачи на начин што после одбивањето на понудениот договор да биде потпишан од страна на најповолниот понудувач, се носи решение за поништување на постапката коешто, согласно со став 2 од овој член, се доставува до секој понудувач кој има право на жалба истото да го обжали во рок од 15 дена од приемот на истото до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен.

Ваквата уреденост на одредбата, доведува до одолговлекување на постапката со оглед на тоа дека нова постапка за доделување на користење на рибите и другите водни организми, може да се спроведе откако решението за поништување ќе стане правосилно и конечно, согласно со Законот за општата управана постапка. Ова има влијание врз заштитата и одржливото управување на рибите и водните организми, а тие како заштитно добро се дел од природните ресурси со еколошка, економска и социјална вредност.

Даденото законско овластување на министерот, односно, управителот на правното лице кој управува со заштитеното подрачје, врз основа на предлог на Комисијата, да донесе решение за поништување на постапката доколку најповолниот понудувач се откаже од потпишување на понуден договор за користење, остава простор за арбитрарност и нееднаков третман на останатите по ред рангирани понудувачи, под објективни и еднакви услови да го остварат правото на понуден договор за користење под исти можности и критериуми за сите, што е спротивно на темелната вредност владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според Судот, нејасно е која била интенцијата на законодавецот во истиот Закон за изменување и дополнување, за исто прашање да изврши дополнувања во член 29 став 1 со нова точка 4, иако во дополнувањето на член 29 со нов став 5 прецизно, јасно и недвосмислено е уредено истото прашање. Уредувањето во член 29 став 1 точка 4 е контрадикторно на уредувањето во ставот 5 од истиот член и како такво остава простор за арбитрарно постапување спротивно на темелната вредност владеење на правото, дотолку повеќе што примената на член 29 став 1 точка 4 од Законот, доведува до исклучување од примена на ставот 5 од истиот член од Законот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваa одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски