
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.25/2026, У.бр.26/2026
и У.бр.33/2026
Скопје, 11.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеи 1 и 3, член 73 алинеја 3 и член 79 став 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 март 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 28 став 8, член 29 став 4, членовите 48-а, 48-б, 48-в, 48-г и член 83 став 8 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 253/2023 и 13/2026).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Зијадин Села од Струга, Илире Даути од Тетово и Елми Азири од Куманово, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, Или Пачуку од Скопје и политичката партија „Алијанса на Албанците“ од Тетово, преку нејзиниот претседател Арбен Таравари до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа три одделни иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.
Според наводите во првата иницијатива поднесена од пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, по која е оформен предметот У.бр.25/2026, член 28 став 8 од Законот за прекршоците (означен од подносителите како член 4, последниот став од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците) не е во согласност со член 7, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7, член 9 и член 18 од Уставот од причина што се создава обврска за граѓанинот да мора да поседува мобилен телефон или електронска адреса, а со тоа и постојана поврзаност со интернет мрежа, поради што се поставува прашањето дали државата може да создава ваква законска обврска за граѓанинот.
Се наведува дека оспорените одредби се спротивни на член 7 од Уставот, според кој во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и дека во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба покрај македонскиот јазик и кирилското писмо се и јазикот и писмото на националностите под услови и на начин утврдени со закон. Меѓутоа, со оспорените одредби не е предвидено известувањето, односно телефонската порака или електронска комуникација со што не се почитува овој уставен амандман.
Понатаму во иницијативата се укажува дека оспорените одредби се спротивни на темелните вредности на уставниот поредок како што се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и дека со тоа што овие одредби се применуваат само во градовите Тетово, Скопје и Куманово се повредуваат основните права на човекот и граѓанинот и владеењето на правото. Според наводите, Законот ги става во нееднаква положба граѓаните во овие градови во споредба со граѓаните од другите градови, што е спротивно на меѓународното право и на принципите на хуманизам, социјална правда и солидарност од член 8 алинеја 7 од Уставот. Со примената на овие одредби од Законот за прекршоците под лупа се става албанското население што сочинува 80% во споредба со другите територии од државата, а таквата селективна и дискриминаторска примена на Законот на одделни територии е спротивна на член 9 од Уставот.
Оспорените одредби се спротивни и на член 18 од Уставот којшто ја гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци, како и со обврските коишто произлегуваат од Законот за заштита на лични податоци, Конвенцијата бр.108 на Советот на Европа, Повелбата за основните права на Европската Унија, судската практика на Европскиот суд за човекови права и Судот на правдата на Европската Унија. Посебно се потенцира Повелбата за основните права на Европската Унија којашто со Договорот од Лисабон е правно обврзувачка, а со тоа и правото на заштита на личните податоци добива статус на посебно основно право и дека Република Северна Македонија е потписничка на сите наведени документи согласно со кои бил донесен и Законот за заштита на личните податоци со јасни насоки за заштита и употреба на личните податоци.
Во однос на истите горенаведени уставни одредби со иницијативата се оспорува и член 29 став 4 од Законот за прекршоците (означен во иницијативата како член 5 последен став од Законот за изменување и дополнување), при што дополнително се цитираат одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација коишто се однесуваат на дефинициите на директна и индиректна дискриминација и одредбата од член 38 од истиот закон за товарот на докажување. Според оваа одредба, докажувањето дека нема дискриминација паѓа на товар на спротивната странка, а според ставот 2 на овој член, тој не се применува во прекршочната и казнената постапка, поради што во иницијативата се извлекува заклучок дека граѓаните на кои се применуваат оспорените одредби нема да можат да ги заштитат своите права и дека поради тоа оспорените одредби коишто се применуваат само во Тетово, Скопје и Куманово, градови населени претежно од Албанци, се дискриминаторски по национално и етничко ниво.
Во однос на оспорените членови 48-а со наслов „Достава“, член 48-б со наслов „Издавање на записник за сторен сообраќаен прекршок со сообраќаен патен налог“, член 48-в со наслов „Прифаќање на одговорност за сторен прекршок“ и член 48-г со наслов „Неприфаќање на одговорност за сторен прекршок“ се наведува дека истите не се во согласност со член 7, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7, член 9 и член 18 од Уставот, со укажување дека Уставниот суд треба да постапи согласно со член 108 од Уставот. Имено, се укажува дека поради предвидениот рок за преземање на записникот за сторен прекршок, граѓаните би требало да ги остават сите свои секојдневни обврски за да можат да го „демнат“ линкот на Министерството за внатрешни работи. Понатаму, се наведува дека оспорениот член 48-г е контрадикторен и дека би било пологично сторителот кој не се согласува со прекршочниот платен налог и доказите, да може да поднесе приговор по кој конечно треба да одлучи суд како независен орган, во постапка во која товарот на докажувањето би бил на Министерството за внатрешни работи.
Со иницијативата се бара Уставниот суд да ја оцени уставноста на наведените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоци донесен во скратена постапка на 23 јануари 2026 година и истите да ги укине. Како посебен предлог се истакнува барање за времена мерка – забрана на примена на наведениот Закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците поради потребата за спречување на штетни дејствија и повреда на основните човекови слободи и права на дел од граѓаните на Република Северна Македонија кои живеат во Тетово, Скопје и Куманово.
Со втората иницијатива поднесена од Или Пачуку од Скопје, по која е формиран предметот У.бр.26/2026, се оспорува уставноста на примената на одредбите од Законот за прекршоците коишто се однесуваат на функционирањето на електронскиот систем за надзор на сообраќајот Safe City (членови 48-б, 48-в и 48-г) од причина што тој се применува само во Скопје, Куманово и Тетово, а не на целата територија на државата. Со наведените членови се повредува начелото на правна сигурност и предвидливост, начелото на еднаквост пред законот, од причина што идентични сообраќајни прекршоци во одредени градови се санкционираат автоматски, преку електронски систем, додека во други делови од територијата на државата тие не подлежат на ист степен на контрола и санкционирање, со што се создава различен правен третман на граѓаните кои се наоѓаат во идентична фактичка состојба, единствено врз основа на географската локација. Понатаму, се наведува дека законите во Република Северна Македонија имаат општа територијална важност и дека нивната примена не може да зависи од моменталните технички капацитети, така што Законот формално важи за сите, но неговото правно дејство реално се остварува само кон одредена група граѓани што е спротивно на член 51 од Уставот. Од законските одредби не произлегува по кои критериуми биле избрани токму овие градови, ниту пак е определено колку време ќе трае оваа ограничена примена, кога и под кои услови системот ќе се прошири на целата територија на државата, со што се создава правна несигурност и простор за арбитрарност во примената на Законот што е спротивно на Уставот и на досегашната практика на Уставниот суд. Пилот-фазата на примената не е јасно уредена со закон, не содржи јасни механизми за евалуација и завршување, ниту е временски ограничена, поради што истата не претставува уставно оправдување за отстапување од основните уставни начела.
Поради наведените причини, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на примената на Законот за прекршоците во делот на селективната територијална примена на системот Safe City, да утврди дека таквата примена ги повредува начелата на еднаквост и на општа важност на законите и истите да ги поништи. Како заклучок, во иницијативата се наведува дека не се оспорува легитимната цел на Законот заради унапредување на безбедност на сообраќајот, туку начинот на неговата примена којашто не е во согласност со темелните уставни начела.
Предмет на оспорување во третата иницијатива, поднесена од политичката партија „Алијанса на Албанците“ преку претседателот Арбен Таравари, по која е формиран предметот У.бр.33/2026, се новововедените членови 48-б, 48-в и 48-г со Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, објавен на 23 јануари 2026 година. Се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и да ги укине од причина што не се применуваат низ целата територија државата, туку се спроведуваат само во градовите Скопје, Тетово и Куманово, а согласно со Уставот законите треба да важат еднакво за сите граѓани и на целата територија.
II
На седницата Судот утврди дека оспорените одредби од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 253/2023 и 13/2026), ја имаат следната содржина:
„Престанок на важење на возачка дозвола
Член 28
(1) Судот ќе изрече прекршочна санкција престанок на важење на возачка дозвола, доколку е сторен прекршок во областа на сообраќајот на патиштата со кој е предизвикана опасност за настанување на тешка последица или доколку е поднесен доказ дека сторителот постигнал 100 негативни бодови во сообраќајот на патиштата во последните три години.
(2) Ако возачот за период од последните три години постигне или надмине 100 негативни бодови во сообраќајот на патиштата, судот ќе изрече прекршочна санкција престанок на важење на возачката дозвола во категоријата на моторното возило со која постигнал 100 негативни бодови.
(3) Изречената прекршочна санкција престанок на важење на возачка дозвола, нема да биде извршена, ако поминале повеќе од три години од правосилноста на одлуката за прекршок.
(4) Во случаите од ставот (1) на овој член, возачката дозвола престанува да важи согласно со ставот (8) на овој член.
(5) Судот ќе изрече прекршочна санкција престанок на важење на возачка дозвола за сторен сообраќаен прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција забрана за управување на моторно возило, доколку возачот во последните четири години има најмалку три правосилни прекршочни санкции – забрана за управување со моторно возило од истата категорија, сметано од денот на правосилноста на одлуката за првата прекршочна санкција. Доколку првата изречена глоба е платена од страна на сторителот врз основа на издаден записник со прекршочен платен налог, временскиот период од четири години се смета од денот на плаќањето на глобата.
(6) Сторителот на кој му е изречена прекршочна санкција престанок на важење на возачка дозвола од определена категорија не може да започне со постапка за полагање на возачки испит за истата категорија, пред истекот на 12 месеци од денот на престанокот на важењето на возачката дозвола.
(7) Судот е должен најдоцна во рок од 15 дена од денот на правосилноста на одлуката за изречената санкција престанок на важење на возачка дозвола истата да ја достави до Министерството за внатрешни работи заради нејзино внесување во евиденција.
(8) Министерството за внатрешни работи по приемот на одлуката од ставот (7) на овој член, истата ја внесува во евиденцијата и на сторителот на прекршокот му испраќа текстуална порака на мобилниот телефон или на електронската адреса со известување дека осмиот ден од денот на испраќањето на известувањето престанува да важи возачката дозвола. Осмиот ден од денот на испраќањето на првата порака на сторителот на прекршокот му се испраќа втора порака со известување дека од тој ден престанува да важи возачката дозвола. (оспорен став)
Забрана на управување со моторно возило
Член 29
(1) За прекршок против безбедноста на јавниот сообраќај, за кој е пропишана прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило за категорија на моторно возило со кое е сторен прекршокот, забраната ќе се изрече во траење од 30 дена до една година.
(2) За тој што нема возачка дозвола, а стори прекршок од ставот (1) на овој член, забраната на управување со моторно возило опфаќа забрана за стекнување на возачка дозвола во период од 30 дена до една година.
(3) Судот е должен најдоцна во рок од 15 дена од денот на правосилноста на одлуката за изречената забрана за управување со моторно возило истата да ја достави до Министерството за внатрешни работи заради нејзино внесување во евиденција.
(4) Министерството за внатрешни работи по приемот на одлуката од ставот (3) на овој член истата ја внесува во евиденцијата и на сторителот на прекршокот му испраќа текстуална порака на мобилниот телефон или на електронската адреса со известување дека осмиот ден од денот на испраќањето на известувањето ќе започне да тече изречената забрана. Осмиот ден од денот на испраќањето на првата порака на сторителот на прекршокот му се испраќа втора порака со известување дека од тој ден започнува да тече санкцијата забрана за управување со моторно возило. (оспорен став)
(5) Ако прекршочната санкција од ставот (1) на овој член му биде изречена на лице кое има странска дозвола за управување со моторно возило, оваа прекршочна санкција опфаќа забрана на управување со моторно возило на територијата на Република Македонија за што ќе се извести граничната полиција заради извршување на забраната.
. . .
Глава седма-а
Достава
Член 48-а
(1) По исклучок од членовите 56 и 57 од овој закон, доставата за прекршоците констатирани од посебен електронски систем се врши со испраќање на известување преку текстуална порака на мобилниот телефон или електронската адреса кои ги пријавил сопственикот на возилото, односно одговорното лице во правното лице согласно со закон.
(2) Во известувањето од ставот (1) на овој член, ќе биде доставен линк за преземање на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
(3) Доколку сопственикот на возилото, односно одговорното лице во правното лице во рок од 24 часа од испраќањето на првото известување не го отвори истото, ќе му биде испратено второ известување со линкот за преземање на записникот со прекршочниот платен налог.
(4) Рокот за преземање на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог од доставениот линк е осум дена од денот на приемот на известувањето.
(5) По истекот на рокот од осум дена од испраќањето на второто известување за преземање од линкот се смета дека доставата е уредно извршена без преземање.
(6) Доставата може да се врши и преку дигитална апликација согласно со закон.
Издавање на записник за сторен сообраќаен
прекршок со прекршочен платен налог
Член 48-б
(1) Кога полицискиот службеник ќе констатира дека е сторен прекршок, кога прекршокот е констатиран со помош на технички средства и уреди за снимање или кога прекршокот е констатиран од посебен електронски систем се издава записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
(2) Записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог ги содржи битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса, број на лична карта, матичен број, број на мобилен телефон и електронска адреса, ако се работи за странец број на патната исправа и држава, а за правно лице – назив, седиште и даночен број, времето, местото и начинот на сторувањето на прекршокот, описот на дејствието, правна квалификација на прекршокот, лицата затекнати на самото место, износ на глобата пропишан за прекршокот и прекршочна санкција – забрана за управување со моторно возило за определена категорија (доколку е пропишана за тој прекршок), податоци на возилото (сопственост, вид, марка и број на регистарски таблици), податоци за уредот со кој е констатиран и документиран сторениот прекршок, бројот на сметката за плаќање и правни поуки.
(3) Записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог го потпишува полицискиот службеник и сторителот на прекршокот, освен во случаи кога прекршокот е констатиран од посебен електронски систем, кога истиот се потпишува согласно со закон.
(4) Формата и содржината на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог ја пропишува министерот за внатрешни работи.
Глава седма-б
Прифаќање на одговорност за сторен прекршок
Член 48-в
(1) Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог ќе плати половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука содржана во прекршочниот платен налог.
(2) Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок, а истекол рокот од ставот (1) на овој член, ќе го плати целиот износ на изречената глоба, најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот од ставот (1) на овој член.
(3) Во постапката која ќе заврши со плаќање на глобата во рокот од ставовите (1) и (2) на овој член, не се плаќаат трошоци на постапката.
(4) Во случај од ставовите (1) и (2) на овој член, кога за прекршокот е предвидена и санкција забрана за управување со моторно возило му се изрекува забрана од Министерството за внатрешни работи во траење од половина од минимално пропишаното времетраење на забраната за тој прекршок.
(5) Во случај од ставот (4) на овој член на сторителот му се доставува известување преку текстуална порака на мобилниот телефон или електронска адреса кои ги пријавил сопственикот на возилото за изречената забрана од ставот (4) на овој член. Министерството за внатрешни работи забраната ја внесува во евиденција и на сторителот му испраќа текстуална порака на мобилниот телефон или на електронската адреса со известување дека осмиот ден од денот на испраќањето на известувањето престанува да важи возачката дозвола. Осмиот ден од денот на испраќањето на првата порака на сторителот на прекршокот му се испраќа втора порака со известување дека од тој ден престанува да важи возачката дозвола.
(6) Сторителот којшто со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен прекршок со прекршочен платен налог да ја плати изречената глоба.
Неприфаќање на одговорност за сторен прекршок
Член 48-г
(1) Доколку прекршокот е констатиран од посебен електронски систем и сопственикот на возилото во време на сторување на прекршокот не го управувал возилото, а знае кој го управувал, е должен во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочниот платен налог:
-лично да дојде во надлежната организациска единица на Министерството за внатрешни работи заедно со лицето кое во време на сторување на прекршокот управувало со возилото при што лицето дава известување дека во време на сторување на прекршокот управувало со возилото и дава податоци и за неговиот број на мобилен телефон и електронска адреса или
– тој или лицето кое го управувало возилото во времето на сторување на прекршокот во надлежната организациска единица на Министерството за внатрешни работи да приложи изјава заверена на нотар дадена од лицето кое управувало со возилото во која истото ќе потврди дека го управувало возилото во време на сторување на прекршокот. Изјавата задолжително содржи и податоци за број на мобилен телефон и електронска адреса.
(2) Доколку сопственик на возилото од ставот (1) на овој член е правно лице приложува патен налог или друг соодветен документ за лицето кое било овластено да го управува возилото во време на сторување на прекршокот.
(3) Во случаите од ставот (1) на овој член, во надлежната организациска единица на Министерството за внатрешни работи се изготвува нов записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог во кој се внесуваат податоци за лицето кое управувало со возилото во време на сторување на прекршокот, со кој претходно креираниот записник со прекршочен платен налог се става вон сила. Новиот записник со прекршочен платен налог се доставува до лицето кое управувало со возилото, на начин утврден во членот 48-а од овој закон.
(4) Доколку сторителот од ставот (1) на овој член не прифаќа одговорност за сторениот прекршок, има право во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, лично или по пошта да го достави до надлежниот суд записникот со прекршочен платен налог потпишан од негова страна. Во овој случај, записникот за сторен прекршок со прекршочен платен налог се смета за барање за поведување на прекршочна постапка и по истиот се постапува согласно со одредбите од овој закон.
(5) Во случаите од ставот (4) на овој член, товарот на докажување на обележјата на прекршокот и прекршочната одговорност е на надлежниот орган што го констатирал прекршокот во записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
(6) Доколку сторителот на прекршокот кој е констатиран од посебен електронски систем, се откаже од барањето за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот суд на првото рочиште кое е закажано по поднесеното барање или достави писмен поднесок пред одржувањето на првото закажано рочиште или доколку е уредно повикан, а не се јави на рочиштето, ниту го оправда своето отсуство, судот ќе констатира дека се откажал од барањето за поведување на прекршочна постапка. Во овие случаи судот ќе донесе одлука со кое ќе потврди дека записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог има сила на извршна исправа, ќе го задолжи сторителот да ги плати настанатите трошоци на прекршочната постапка и ќе му изрече и друга пропишана прекршочна санкција согласно со закон.
(7) Судот е должен веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог од ставот (4) на овој член или во случаите од ставот (6) на овој член да го извести органот кој му го доставил записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочниот платен налог на сторителот, со барање за негово произнесување.
(8) Доколку сторителот не прифаќа одговорност за сторениот прекршок кој е констатиран од посебен електронски систем, доброволно не ја плати глобата изречена во прекршочниот платен налог или во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен прекршок со прекршочен платен налог не постапи согласно со ставот (4) на овој член, записникот за сторен прекршок со прекршочен платен налог има сила на извршна исправа и Министерството за внатрешни работи ќе го достави до органот надлежен за присилна наплата, за негово извршување, а доколку за тој прекршок е пропишана и забрана за управување со моторно возило, за изрекување на забраната Министерството за внатрешни работи ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.
(9) Доколку прекршокот е констатиран лично од страна на полициски службеник или со технички средства и уреди и сторителот не ја прифаќа одговорноста, односно не постапил согласно со членот 48-в ставови (1) и (2) од овој закон, Министерството за внатрешни работи поднесува барање за поведување на прекршочна постапка.
. . .
Барање за поведување на прекршочна постапка
Член 83
(1) Прекршочната постапка се поведува по барање на овластениот орган.
(2) Овластени органи за поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка се: органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и други органи и организации што вршат јавни овластувања во чија надлежност спаѓа непосредното извршување или надзор над извршувањето на законите во кои се предвидени прекршоци.
(3) Овластен орган по службена должност е и јавниот обвинител во случаи кога тоа е неопходно заради заштита на јавниот интерес.
(4) Овластените органи од ставот (2) на овој член се должни во рок од 90 дена од денот по констатирањето на прекршокот или по поднесена пријава од страна на оштетениот за сторен прекршок да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка секогаш кога постои основано сомневање дека е сторен прекршок.
(5) Ако рокот од ставот (4) на овој член е истечен или ако е добиено известување дека барањето е неосновано, оштетениот има право да поднесе приговор до повисокиот орган надлежен за вршење надзор над работата на органите од ставот (2) на овој член, чија одлука е конечна.
(6) Оштетениот доколку има имотно правно барање истото може да го остварува во парнична постапка.
(7) Барањето за поведување на прекршочна постапка се поднесува писмено или по електронски пат определено со закон, во доволен број примероци за надлежниот орган и лицата против кои е поведена прекршочна постапка.
(8) По исклучок од ставовите (1) и (2) на овој член, сторителот на прекршокот може да го поднесе записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог до судот и истиот се смета за барање за поведување на прекршочна постапка согласно со членот 48-г од овој закон.(оспорен став).
III
Според Амандманот V на Уставот, со кој е заменет член 7, на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член. Во ставот 5 на точка 1 од овој амандман е определено дека во органите на државната власт во Република Северна Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.
Во член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот се определува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Амандман XX точка 1 став 1 на Уставот, предвидува дека за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.
Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Член 18 од Уставот ја гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци и гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.
Во член 50 став 2 од Уставот се определува дека се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно со член 38 алинеја 1 и 3 од Актот на Уставниот суд, ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за постапување по иницијативата.
Предметот на уредување на Законот за прекршоците е определен во член 1 според кој, со овој закон се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишуваат прекршочните постапки.
Во член 2 од Законот за прекршоците се упатува на примена на други закони, па така според став 1, за прекршокот и прекршочната одговорност соодветно се применуваат одредбите од општиот дел на Кривичниот законик. Според став 2 на овој член, ако со одредбите од овој закон поинаку не е определено, судовите во прекршочната постапка ги применуваат одредбите од Законот за кривичната постапка кои се однесуваат на основните начела: јазикот, месната надлежност, последици од ненадлежност, судир на надлежности, изземање, обвинет, бранител, поднесоци, записници, рокови, имотно-правно барање, донесување и соопштување на одлуките, достава на писмена и редовни и вонредни правни лекови. Согласно со став 3 на истиот член, прекршочниот орган при водењето на прекршочната постапка соодветно ги применува одредбите од Законот за општата управна постапка, освен ако со овој закон поинаку не е определено. Во ставот 5 предвидено е дека одредбите од законот кој ја регулира употребата на јазиците во Република Северна Македонија и во единиците на локалната самоуправа соодветно се применуваат во прекршочната постапка.
Согласно со член 4 од Законот за прекршоците, никому не може да му биде изречена прекршочна санкција за прекршок кој пред да е сторен не бил со закон определен како прекршок и за кој со закон не била пропишана прекршочна санкција.
Во член 5 од Законот е утврдена забрана за двојно изрекување санкции, според која никој не може повторно да биде санкциониран за прекршок за кој веќе била водена постапка и за истото дејствие му била изречена кривична или прекршочна санкција.
Прекршочните санкции се утврдени во член 22 од Законот, според кој за прекршоци на прекршочно одговорни сторители може да им се изречат следниве прекршочни санкции:
1) опомена;
2) општокорисна работа;
3) глоба;
4) негативни поени;
5) престанок на важење на возачка дозвола;
6) забрана на управување со моторно возило;
7) забрана на вршење професија, дејност или должност;
8) протерување на странец од земјата;
9) забрана за влез и присуство на спортски натпревари и
10) забрана на користење на субвенции и други средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија.
Во член 23 од овој закон предвидено е дека глобата се изрекува како главна прекршочна санкција; негативните поени се изрекуваат како замена на глобата или заедно со глобата во случаи определени со закон; престанок на важење на возачка дозвола или забрана на управување со моторно возило се изрекуваат со глоба, опомена или како самостојни прекршочни санкции во случаите определени со закон; забраната на вршење професија, дејност или должност се изрекува како самостојна прекршочна санкција, а во случај на повторно сторување на прекршокот се изрекува заедно со глоба.
Според член 44 од Законот за прекршоците, целта на постапките за порамнување и спогодување е постигнување на согласност на сторителот на прекршокот и надлежните органи овластени за поведување на прекршочна постапка за отстранување на штетните последици од сторениот прекршок и спречување на повторно вршење на прекршоци и поради тоа избегнување на водење прекршочна постапка пред надлежниот суд, односно прекршочен орган.
Постапката за порамнување е уредена со член 45 од истиот закон кој предвидува дека постапката на порамнување се води како постапка за издавање на прекршочен платен налог.
Дејствијата во оваа постапка се предмет на уредување на член 46 од Законот според кој, кога овластеното службено лице ќе констатира прекршок составува записник во кој ги забележува битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, времето, местото и начинот на сторувањето на прекршокот, описот на дејствието, правната квалификација на прекршокот и лицата затекнати на самото место, како и дава предлог за порамнување со издавање на прекршочен платен налог. Записникот го потпишува овластено службено лице и сторителот. По исклучок од ставот (1) на овој член, ако овластеното службено лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, односно со податоци од службена евиденција записникот го потпишува само овластеното службено лице. (3) Доколку во постапката на сторителот му бил издаден прекршочен платен налог, тоа ќе се забележи во записникот за констатиран прекршок. (4) Доколку сторителот не се согласи да му биде издаден прекршочен платен налог или со закон не е пропишано издавање на прекршочен платен налог, истото ќе се забележи во записникот за констатиран прекршок, a овластеното службено лице поднесува барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд односно прекршочен орган.
Содржината и постапката за издавање на прекршочен платен налог е предмет на уредување на член 47 став 1 според кој, кога овластеното службеното лице ќе утврди дека е сторен прекршок за кој со закон е предвидено издавање на прекршочен платен налог, на сторителот на прекршокот ќе му го врачи прекршочниот платен налог. Согласно со став 2 на овој член, во прекршочниот платен налог се наведени битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање, правна поука како и други податоци во согласност со закон. Според став 3, во постапката за порамнување глобата во прекршочниот платен налог се изрекува во фиксен износ пропишан со закон, а ако глобата е пропишана во распон се изрекува минималниот пропишан износ за прекршокот. Во став 4 се предвидува дека по приемот на прекршочниот платен налог сторителот е должен да ја плати глобата изречена согласно со ставовите 2 и 3 на овој член во рок од осум дена од денот на приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во прекршочниот платен налог. Според ставот 5, сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот 4 на овој член ќе плати половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука. Согласно со став 6, во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци на постапката. Според став 7, сторителот којшто со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш да ја плати глобата изречена со прекршочниот платен налог. Согласно со став 8, ако сторителот не ја плати глобата во рокот од ставовите 4 и 7 на овој член, овластеното службено лице поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд односно прекршочен орган. Според став 9, органот надлежен за покренување на прекршочна постапка може привремено да ги одземе патната исправа или личната карта на странец и возачката исправа, додека не биде доставен доказ дека глобата е платена, но најдолго осум дена од денот на одземањето на патната исправа или личната карта на странец и возачката исправа.
Постапката за издавање на прекршочен платен налог кога прекршокот е констатиран со помош на технички средства и уреди за снимање, односно кога прекршокот е констатиран од посебен електронски систем, е уредена со членовите 48-а, 48-б, 48-в и 48-г од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.13/2026).
Според завршната одредба од член 20 на Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.13/2026), овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 февруари 2026 година.
Законот е донесен на 23 јануари 2026 година и истиот ден е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.13/2026.
Во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија” бр. 169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018, 83/2018 и 191/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.70/2019, 98/2019, 302/2020, 122/2021, 33/2024, 208/2024, 193/2025 и 258/2025), е содржана глава VIII-a со наслов „Сообраќајни прекршоци дoкументирани со технички средства и уреди за снимање“ (членови 369-369-г).
Во член 369 став 1 од овој закон, предвидено е дека полицијата е овластена да постави технички средства и уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата, односно употреба на видеонадзор и системи кои користат напредна технологија, со цел документирање на сообраќајните прекршоци, начинот на сторување, откривање на сторителите и следење на безбедноста и протокот на сообраќајот, во согласност со надлежноста утврдена со закон. Според ставот 2, под снимање, во смисла на овој закон, се подразбира видеонадзор над јавните места од ставот 1 на овој член. Согласно со ставот 3, снимањето од ставот 1 на овој член може да се врши со технички средства, посебен електронски систем и со посебни возила на Министерството за внатрешни работи, опремени со посебни уреди за таа намена. Според став 4, технички средства, и посебен електронски систем во смисла на ставот 3 на овој член, се соодветни уреди и направи за снимање и фотодокументирање кои може да користат напредна технологија, со кои се врши електронски запис и документирање на сторени прекршоци од областа на сообраќајот. Согласно со ставот 5, снимениот материјал од ставовите 1, 2 и 3 на овој член се чува во полицијата 30 дена од денот на неговото создавање, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува согласно со закон.
Со член 65 од Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2006, 148/2008, 6/2009, 145/2012, 41/2014, 33/2015, 31/2016, 106/2016, 120/2016, 21/2018 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/2021, 89/2022, 160/2025, 258/2025 и 15/2026) меѓу другото, се уредува дека под снимање на јавни места во смисла на овој закон, се подразбира видео и аудиоснимање над јавните места каде зачестено се извршуваат кривични дела или прекршоци, односно употреба на видеонадзор и системи кои користат напредна технологија, со цел документирање на кривичните дела и прекршоците, начинот на сторување, откривање на сторителите и останатите инволвирани лица, следење на безбедносната состојба, со процес на обработка на личните податоци, односно биометриските податоци согласно со надлежностите на полицијата утврдени со закон.
Според член 1 од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020, 294/2021 и 101/2025), со овој закон се уредува заштитата на личните податоци и правото на приватност во врска со обработката на личните податоци, а особено начелата поврзани со обработката на личните податоци, правата на субјектот на личните податоци, положбата на контролорот и обработувачот, преносот на личните податоци во други држави, основањето, статусот и надлежностите на Агенцијата за заштита на личните податоци, посебните операции на обработка на личните податоци, правните средства и одговорноста при обработката на личните податоците, супервизијата над заштита на личните податоци, како и прекршоците и прекршочната постапка во оваа област.
Во член 2 од наведениот закон е уреден неговиот материјален опфат, така што е предвидено дека овој закон се применува на целосно или делумно автоматизирана обработка на личните податоци и на друга обработка на личните податоци коишто се дел од постојна збирка на лични податоци или се наменети да бидат дел од збирка на лични податоци. Согласно со став 3, одредбите од овој закон се применуваат врз обработката на личните податоци ако контролорот или обработувачот е основан на територијата на Република Северна Македонија, без разлика дали обработката на личните податоци се врши на територијата на Република Северна Македонија или надвор од нејзините граници.
Според дефинициите од член 4 на Законот, „контролор“ е физичко или правно лице, орган на државната власт, државен орган или правно лице основано од државата за вршење на јавни овластувања, агенција или друго тело, кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци, а кога целите и начинот на обработка на личните податоци се утврдени со закон, со истиот закон се определуваат контролорот или посебните критериуми за негово определување.
Законот за заштита на личните податоци содржи посебна одредба којашто се однесува на обработката на личните податоци во врска со казнени осуди и казнени дела (член 14), според кој, обработката на личните податоци во врска со казнени осуди и казнени дела или која е поврзана со заштитни мерки засновани на членот 10 став 1 од овој закон, се врши само под контрола на надлежен орган на државната власт или кога обработката е дозволена со закон во кој се утврдени соодветни мерки за заштита во согласност со правата и слободите на субјектите на личните податоци. Секој сеопфатен регистар на казнени осуди и казнени дела се води под контрола на надлежен орган на државната власт, согласно со закон.
IV
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, дека граѓаните се еднакви пред Уставот и законот и дека секој е должен тие правни акти да ги почитува. Уставното начело на законитост во сферата на казненото право значи дека со закон се утврдуваат делата кои се сметаат за казниви и се определува казна за нив, дека за прекршоците определени со закон санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, дека против првостепен поединечен правен акт донесен од наведените органи е гарантирано право на жалба или друг вид на правна заштита, а гарантирана е и заштита на законитоста пред суд. Со други зборови, Уставот определува дека во уставно определените рамки законодавецот со закон ги определува видовите на прекршоци, санкциите за нив и прекршочната постапка.
Од наводите во иницијативите произлегува дека со истите се оспоруваат одредбите во Законот за прекршоците коишто се однесуваат на проектот „Безбеден град“ (Safe City) од повеќе аспекти како што се: службената употреба на јазиците во прекршочната постапка, начелото на еднаквост и недискриминација поврзано со територијалната примена на законот, владеењето на правото и слободите и правата на граѓаните, правото на заштита на личните податоци, товарот на докажувањето.
Од аспект на употребата на јазиците, спорно според наводите во иницијативата, е тоа што при испраќање на текстуалната порака со која граѓанинот се известува за сторениот сообраќаен прекршок, не е предвидено дека треба да се почитува член 7 од Уставот.
Во врска со овие наводи, Судот, најпрвин укажува дека во иницијативата се посочува на неважечки член од Уставот – член 7 кој всушнот е заменет со Амандманот V. Со овој амандман, меѓу другото, предвидено е дека во органите на државната власт, службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон. Во конкретниот случај, станува збор за Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019) којшто во член 2 предвидува дека граѓаните имаат право да употребуваат кој било од наведените службени јазици и нивните писма од член 1 став 1 и 2 од овој закон, а институциите од член 1 став 3 од овој закон како и другите институции имаат обврска да им овозможат на граѓаните користење, употреба и примена на тие службени јазици и нивните писма во која било постапка како и спроведување на тие постапки на тој службен јазик и писмо. Во согласност со правото на граѓаните да употребуваат кој било од наведените службени јазици од член 1 ставови 1 и 2 од овој закон во судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, постапка за извршување на санкции, како и други постапки предвидени со други закони, судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции се обврзани да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици од член 1 ставови 1 и 2 и нивните писма во тие и други постапки.
На употребата на Законот за употреба на јазиците во прекршочната постапка упатува и самиот Закон за прекршоците. Имено, во делот на општите одредби, во член 2 став од Законот за прекршоците е определено дека одредбите од законот кој ја регулира употребата на јазиците во Република Северна Македонија и во единиците на локалната самоуправа соодветно се применуваат во прекршочната постапка.
Со оглед на наведеното, Судот укажува дека во случај кога кој и да било закон, вклучувајќи го и Законот за прекршоците, содржи генерална упатувачка одредба на посебен закон кој децидно уредува определено прашање, правно неосновано е тоа прашање (во случајов – употребата на јазиците за известувањето) повторно да се регулира во други поединечни одредби од Законот. Следствено, Судот смета дека одредбите од член 28 став 8, член 29 став 4 од Законот за прекршоците, не може да се доведат во прашање од аспект на употребата на јазиците, бидејќи ова прашање не е предмет на нивното уредување. Двете оспорени одредби имаат сосема друг предмет на уредување, а тоа е регулирање на прекршочните санкции престанок на важење на возачка дозвола (член 28) и санкцијата забрана на управување со моторно возило (член 29). Прашањето за употребата на јазиците е уредено со одредбата од член 2 став 5 од општиот дел на Законот за прекршоците според кој, одредбите од законот којшто ја регулира употребата на јазиците во Република Северна Македонија и во единиците на локалната самоуправа соодветно се применуваат во прекршочната постапка. Оттука, Судот констатира дека граѓаните и во прекршочната постапка имаат право на употреба на службените јазици согласно со правилата и одредбите во Законот за употреба на јазиците. Но, како тие правила се применуваат во практиката, е прашање што излегува од рамки на надлежноста на Уставниот суд, којшто е надлежен за уставна контрола на нормите in abstracto, а не и за нивната практична примена.
Во врска со наводите дека со оспорените одредби државата, спротивно на закон, воведува обврска за поседување мобилен телефон, за Судот се неприфатливи од причина што не станува збор за наметнување на законска обврска за поседување мобилен уред и електронска адреса, туку за уредување на брз и ефикасен начин на известување на граѓаните за датумот од кога им престанува важењето на возачката дозвола (член 28 став 8), односно за датумот од кога почнува да тече санкцијата забрана за управување со моторно возило (член 29 став 4). Станува збор за две прекршочни санкции што ги изрекува судот во прекршочна постапка, така што основот за нивното изрекување е судската одлука, а не текстуалната порака што на граѓаните им ја испраќа Министерството за внатрешни работи. Текстуалната порака во оспорените член 28 став 8 и член 29 став 4 од Законот за прекршоците претставува всушност известување од страна на Министерството за внатрешни работи до граѓанинот дека веќе постои правосилна судска одлука со која му е изречена санкција престанок на важење на возачка дозвола односно правосилна одлука за изречена забрана за управување со моторно возило и за датумите од кога започнува правното дејство на тие одлуки. Со оспорениот член 48-а, исто така, се уредува доставувањето по електронски пат на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
Судот смета за потребно да укаже дека во услови кога мобилниот телефон како средство за комуникација се користи од речиси секој граѓанин и кога неговото поседување е неопходно за извршување на секојдневни активности на информирање, комуницирање и користење на различни јавни услуги, праќањето известување од страна на Министерството за внатрешни работи за датумот од кога почнува да тече санкцијата забрана на управување со моторно возило или кога престанува важноста на возачката дозвола, е неспорно во полза на граѓанинот за да се спречи повторно сторување на прекршок, а доколку е сторен прекршокот на брз и лесен начин да се изврши доставата на записникот и прекршочниот патен налог.
Електронското доставување не претставува новина што за прв пат се воведува со оспорените измени на Законот за прекршоците, ниту пак, за прв пат со овој закон се предвидува комуницирање по електронски пат на граѓаните со државните органи. Имено, со Законот за данокот на личен доход („Службен весник на Република Македонија“ бр. 241/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/2019, 290/2020, 85/2021 и 274/2022) со примена од 1 јануари 2019 година, е воведена годишна даночна пријава (е-ПДД) при што пријавите и пресметките се доставуваат по електронски пат, за што е неопходно граѓанинот да има електронска адреса (мејл). Тоа значи дека секој даночен обврзник, односно секое лице кое остварува доход од работен однос, пензија, имот, како и приходи по други основи, со Управата за јавни приходи комуницира со електронска адреса (мејл) на која му се доставуваат даночни управни акти, пресметки, пријави и други акти. Бројот на граѓани во државата кои остваруваат доход по различни основи е неспоредливо поголем од бројот на лица кои се возачи на моторни возила и кои, сметано од 1 јануари 2025 година, при регистрација на возила, согласно со прописите, биле должни да достават мобилен телефонски број и електронска адреса заради достава по електронски пат.
Несомнено, во современиот начин на живеење и галопирачка дигитализација на сериозни процеси во светски рамки, со посебни закони со децидни одредби во нашата држава веќе се регулирани сите прашања за електронски документи и електронска достава на документи и електронска комуникација, како на пример, Законот за електронско управување и електронски услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 244/2019 и 3/2025), Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, 275/2019 и 3/2025), Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.135/2025 и 269/2025). Во услови на изедначување на важноста на електронските документи со оригиналните документи во писмена форма, користење на е-банкарство преку мобилни апликации и пренос на пари во државата и странство од страна на граѓаните во нашата држава, во услови на пандемија кога наставата во училиштата се одвиваше онлајн преку електронски уреди, со спроведување на онлајн обуки, онлајн конференции со учесници на далечина, несомнено е дека комуникацијата по електронски пат и функционирање со електронска адреса (мејл) не е новина, туку редовен начин за функционирање, брза комуникација и доставување на различни акти и документи.
Од аспект на заштитата на личните податоци, во првата иницијатива се цитира член 18 од Уставот и се укажува дека сите одредби од законските измени не се во согласност со истиот бидејќи во Законот не се наведени обврските на Министерството за внатрешни работи што произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци. Во врска со овие наводи, Судот повторно укажува дека областа на заштита на личните податоци во целина е предмет на уредување на Законот за заштита на личните податоци кој согласно горенаведените одредби, се применува на сите контролори и обработувачи на лични податоци, коешто својство можат да го имаат физички и правни лица, вклучително и сите органи на државната власт, правни лица што вршат јавни овластувања, агенции и други тела и органи во кои спаѓаат и мнинистерствата, вклучувајќи го и Министерството за внатрешни работи. Сите законски обврски коишто настануваат во однос на заштитата на личните податоци до кои доаѓа Министерството за внатрешни работи, збирките и регистрите на податоци што ги создава и води вршејќи ги своите надлежности, Министерството е должно да ги почитува и остварува врз основа на Законот за заштита на лични податоци што се применува и на него, без да има потреба од посебно упатување. Ова дотолку повеќе што во самиот Закон за заштита на лични податоци постојат посебни одредби коишто се однесуваат на обработка на лични податоци поврзани со казнени осуди и казнени дела (член 14) и за кои постојат посебни мерки на заштита и контрола при обработката.
Заради воспоставување на проектот „Безбеден град“ извршени се измени на повеќе закони, а не само на Законот за прекршоците. Ова од причина што севкупните прашања за регулирање на целиот процес од констатирање на сообраќаен прекршок, па сѐ до санкционирање на сторителот е предмет на уредување на повеќе закони. Во тој контекст, извршени се измени и на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.193/2025), поточно на член 369 став 5 во однос на рокот на чување на снимениот материјал со поставените технички средства и уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќајот и на кои може да се извршуваат прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата, со цел документирање на сообраќајните прекршоци, начинот на сторување, откривање на сторителите и следење на безбедноста и протокот на сообраќајот во согласност со надлежноста на Министерството за внатрешни работи. Имено, со измената на член 369 став 5, скратен е рокот на чување на снимените материјали на 30 дена, наместо шест месеци, како што беше во наведената законска одредба пред измената. Согласно со предметната законска одредба, по истекот на рокот материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува согласно со закон.
Во функција на заштита на личните податоци, од страна на Министерството за внатрешни работи во соработка со Агенцијата за заштита на лични податоци, се изготвени и донесени сите акти, документи и процедури, со цел обезбедување гаранции за заштита на личните податоци и правото на приватност во врска со обработката на личните податоци. Оттука, согласно со доставеното мислење од Министерството за внатрешни работи, во изминатиот период се донесени повеќе подзаконски акти како што се: Правилникот за технички и организациски мерки за безбедност на обработката на личните податоци во Министерството за внатрешни работи бр.16.3.3 – 19378/1 од 28.01.2026 година; План за начинот на постапување по нарушување на безбедноста на личните податоци и управување со инциденти бр. 16.3.3-19392/1 од 28.01.2026 година; Методологија за процена на ризик „Безбеден град“ бр.16.3.3-19389/1 од 28.01.2026 година; Проценка на ризик за безбедност на обработката на лични податоци – Систем: Безбеден град бр.16.3.3-19383/1 од 28.01.2026 година; Процедура за начинот на регистрација на кориснички профил на дигиталната платформа на Министерството е-МВР и начинот на верификација на е-пошта и број на мобилен телефон за електронско известување за сторен сообраќаен прекршок преку системот „Безбеден град“ бр.16.3.3-19394/1 од 28.01.2026 година; Процедура за правото на пристап и исправка на личните податоци од страна на субјектот на личните податоци бр.16.3.3-19384/1 од 28 јануари 2026 година; Изјава за заштита на лични податоци кои се обработуваат преку системот „Безбеден град“ на Министерството за внатрешни работи бр.16.3.3-19380/1 од 28 јануари 2026 година.
Од наведеното произлегува дека гаранциите за заштита на личните податоци не се предмет на уредување само на Законот за прекршоците, туку и на други закони, како што се Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и посебниот закон – Законот за заштита на личните податоци, како и подзаконски акти донесени согласно со тој закон чиешто спроведување е под надзор на Агенцијата за заштита на лични податоци. Агенцијата, како самостоен и независен орган, е надлежна да врши надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци, да ја следи примената на овој закон, да врши супервизија над заштитата на личните податоци што подразбира системска и независна контрола над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци и нивната заштита во спроведувањето на овој закон.
Според тоа, Судот смета дека прашањето за заштита на личните податоци не е и не може да биде предмет на уредување на предметните одредби во Законот за прекршоците, коишто не може да бидат оспорени од аспект на заштитата на лични податоци, бидејќи ова прашање е предмет на уредување на посебен закон. Меѓутоа, прашањето дали тие одредби за заштита на податоците се применуваат во практиката е прашање што излегува од надлежноста на Уставниот суд и не може да се оценува во постапката за апстрактна контрола на законите.
Во однос на наводите во иницијативите со кои се оспоруваат членовите 48-а, 48-б, 48-в и 48-г од Законот за прекршоците коишто се однесуваат на системот „Безбеден град“, а се применуваат само во три града – Скопје, Тетово и Куманово, а не на целата територија на државата, Судот утврди дека во Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците од јануари 2026 година, не постои одредба со која примената на наведените членови е ограничена само на територијата на Скопје, Тетово и Куманово.
Снимањето на јавни места на територијата на целата земја, вклучувајќи ги и сообраќајниците и патиштата, што е од безбедносни причини и заради откривање на кривични дела и прекршоци, има основ и во други закони. Имено, како што произлегува од горенаведените одредби од Законот за полицијата и од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, снимањето на јавни места е полициско овластување што се презема под услови утврдени со закон заради документирање и откривање на кривични дела и прекршоци на целата територија на земјата, вклучувајќи ги и јавните места на кои се одвива сообраќајот заради откривање на сообраќајни прекршоци и кривични дела поврзани со сообраќајот, така што сите овие овластувања полицијата ги презема на целата територија на државата.
Тоа што имплементацијата на проектот „Безбеден град“ започнува постепено и сукцесивно, произлегува од оценката на Владата, како носител на политиката на извршување на законите, и нејзините анализи за тоа во кои делови од земјата треба најпрво да се воведат мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот, зајакнување на сообраќајната дисциплина на возачите и почитување на прописите. На ваков начин ќе се доведе до намалување на бројот на сообраќајни незгоди, а со тоа и заштита на животот и здравјето на граѓаните. Факт е, исто така, дека по првичниот старт на проектот во трите наведени градови, тој продолжи да се имплементира и во други градови (Охрид, Струга, како и долж коридорите 8 и 10). Оттука, Судот оцени дека со наводите во иницијативите за селективна и дискриминаторска примена на Законот на делови од територијата на државата, не се напаѓа конкретна содржина на оспорените норми, туку нивната примена во практиката, за што Судот укажува дека не е надлежен да постапува.
Во однос на член 48-г од Законот, којшто го регулира товарот на докажување за сторениот прекршок, според наводите во првата иницијатива спорно и контрадикторно е предвиденото решение лицето кое не прифаќа одговорност за сторениот прекршок, да има право во рок од осум дена од денот на приемот на записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, лично или по пошта да го достави до надлежниот суд записникот со прекршочен платен налог потпишан од негова страна. Во овој случај, записникот се смета за барање за поведување прекршочна постапка, со образложение дека би било пологично сторителот кој не се согласува со прекршочниот платен налог и доказите, да може да поднесе приговор против прекршочниот платен налог по кој конечно треба да одлучи суд како независен орган во постапка во која товарот на докажувањето би бил на министерството за внатрешни работи.
За Судот, во врска со овие одредби суштествено е дека со нив на секое лице му се гарантира судска заштита во случај кога не прифаќа одговорност за сторен прекршок, при што во поглед на начинот на поведување на судската постапка заради остварување на тоа право на судска заштита, лицето само ја поведува постапката и нема законска обврска за изнесување на какви било факти, докази и аргументи со кои евентуално би приговарал за сторениот сообраќаен прекршок. Ова од причина што единствениот начин сторителот да изрази несогласување со наводите во прекршочниот платен налог е да побара поведување постапка пред надлежен прекршочен суд. Притоа, значајно е што товарот на докажување на обележјата на прекршокот и прекршочната одговорност е исклучиво и само на Министерството за внатрешни работи согласно со член 48-г став 5 од Законот за прекршоците. Од друга страна, во прилог на вака поставената регулатива во делот на поведување на постапката е фактот дека во случај на констатирање на сообраќајниот прекршок со камерите во рамки на „Безбеден град“, заедно со записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, на лицето му се доставува и фотозапис на кој јасно може да се види возилото со кое е сторен сообраќајниот прекршок, бројот на регистарската таблица и битните обележја на прекршокот.
Документирањето на сторениот сообраќаен прекршок од страна со верификувани технички уреди со законски утврдени докази, и добивањето на сила на извршност на записникот со прекршочен платен налог е во прилог на законското решение дека судската постапка се води само ако лицето не ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок, само со поднесување на записникот со прекршочен платен налог до надлежен суд во законски рок од 8 дена, со што само ја поведува постапката со што му се гарантира правото на судска заштита, а товарот на докажување е на државниот орган којшто го констатирал прекршокот. Неостварувањето на правото на судска заштита, има за последица записникот со прекршочен платен налог да се стекне со својство на извршна исправа и да се достави до надлежен орган од страна на Министерството за внатрешни работи до надлежен орган за присилна наплата.
Во иницијативата поднесена од пратениците на Собранието, Зиадин Села, Илире Даути и Елми Азири, како оспорен е означен и член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците со кој се дополнува член 83 од интегралниот текст на Законот. Меѓутоа во однос на овој член во иницијативата воопшто не се дадени аргументи за неговата неуставност, поради што во однос на овој член постојат процесни пречки за одлучување.
Од анализата на содржината на член 28 став 8, член 29 став 4, членовите 48-а, 48-б, 48-в, 48-г и член 83 став 8 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 253/2023 и 13/2026) vis-a-vis наводите во трите иницијативи и од гледна точка на погоре анализираните аспекти на оспорување, произлегува дека означените одредби од Законот за прекршоците коишто се однесуваат на проектот „Безбеден град“ се оспоруваат поради нивната примена во практиката, а не поради конкретните решенија што тие ги содржат. Во врска со ова прашање, Уставниот суд има цврсто утврден став дека е надлежен за уставно-судска контрола на законски норми само доколку сомнежот за нивната неуставност произлегува од нивната содржина in abstracto, а не врз основа на тоа дали и како тие норми се применуваат во практиката на конкретни случаи. Поради наведеното, според Судот, исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативите поради ненадлежност на Уставниот суд.
Во врска со предлогот истакнат во првата иницијатива, Судот да донесе решение за забрана на примена на Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоци, донесен на 23 јануари 2026 година, имајќи ја предвид Одлуката за отфрлање на иницијативите, Судот утврди дека не се исполнети условите за изрекување на ваква мерка.
V
Врз основа на сето наведено, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски