УЗ.бр.62/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.62/2025
Скопје, 06.05.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 6 мај 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 7 од Статутот на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, донесен од Собранието на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија на седниците одржани на 2 и 3 ноември 2024 година.

Образложение

I

Јовица Јовевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите, оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 20 став 2 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 19 став 1 од Законот за здруженија и фондации. Во иницијативата се наведува и дека одредбата е спротивна на Законот за вршење сметководствени работи, без притоа да се прецизираат конкретни одредби од тој закон.

Со член 7 од Статутот се воспоставува автоматско членство во Институтот за сите лица кои стекнале уверение за сметководител или овластен сметководител и се запишани во Регистарот на сметководители, односно во Регистарот на овластени сметководители. Се наведува дека таквото членство настанува без претходно изразена волја на лицето за пристапување во Институтот, поради што оспорената одредба фактички воведува задолжително, односно присилно зачленување.

Во оваа насока, се истакнува дека оспорената статутарна одредба е спротивна на уставно загарантираната слобода на здружување од член 20 став 2 од Уставот, бидејќи слободата на здружување ја опфаќа не само можноста граѓанинот да се здружува, туку и неговата слобода да не биде член на здружение спротивно на сопствената волја.

Понатаму, се наведува дека член 7 од Статутот е спротивен и на член 19 став 1 од Законот за здруженија и фондации, според кој членувањето во здружение е доброволно. Според наводите, Статутот како акт на Институтот не може да воспостави членство по автоматизам, доколку такво задолжително членство не е јасно и изречно предвидено со закон.

Исто така, оспорената одредба е спротивна и на Законот за вршење сметководствени работи, бидејќи во овој закон не постои одредба според која стекнувањето уверение за сметководител или овластен сметководител и уписот во соодветниот регистар автоматски создаваат членство во Институтот. Оттука, според наводите во иницијативата, Статутот со оспорената одредба уредил прашање коешто нема законска основа.

Се наведува дека и преку ваквото задолжително членство Институтот остварува значителни финансиски приходи од лицата кои по автоматизам се сметаат за негови членови. Ваквите финансиски последици произлегуваат од членство кое не е засновано на доброволна волја, туку на статутарно наметната обврска.

Врз основа на изнесеното се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и истата да ја поништи.

II

На седницата Судот утврди дека во член 7 од Статутот на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, донесен од Собранието на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 02.11.2024 година и на ден 03.11.2024 година, е определено дека член на Институтот е секое лице кое се стекнало со уверение за сметководител или овластен сметководител кое е запишано во Регистарот на сметководители, односно во Регистарот на овластени сметководители.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок во Републиката.

Согласно со член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања а согласно став 2, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите

Согласно со член 1 од Законот за вршење на сметководствени работи (*) („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 173/2022 и 47/2025), со истиот се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, основањето и надлежностите на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.

Во член 2 точки 1-29 од овој закон, се содржани дефиниции на одделни поими употребени во Законот.

„Сметководствени работи“ се идентификување, сортирање и обработка на податоци врз основа на сметководствени документи и водење на трговски/деловни книги за финансиските трансакции на обврзник за водење на сметководство, нивно анализирање, евидентирање и составување на годишна сметка и/или финансиски извештаи во согласност со закон (точка 1 на овој член).

„Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија“ е професионално здружение на сметководители и овластени сметководители основано согласно со овој закон (точка 3).

„Вршител на сметководствени работи“ е вработено лице кое може да биде со статус на сметководител или овластен сметководител (точка 5).

„Сметководител“ е физичко лице кое има најмалку две години работно искуство во вршење сметководствени работи под менторство на сметководител и/или овластен сметководител и има положено испит за стекнување на статус на сметководител односно има уверение за сметководител од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија и кое е запишано во Регистарот на сметководители согласно со овој закон (точка 7).

„Овластен сметководител“ е физичко лице кое има најмалку две години работно искуство во вршење на сметководствени работи под менторство на сметководител и/или овластен сметководител и има положено испит за стекнување на статус на овластен сметководител односно има уверение за овластен сметководител од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија и кое е запишано во Регистарот на овластени сметководители согласно со овој закон (точка 8).

„Испит за стекнување статус на сметководител и/или овластен сметководител“ е испит што го организира и спроведува Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија согласно со одредбите од овој закон (точка 9).

„Трговец поединец – сметководител“ е физичко лице регистрирано за вршење на сметководствени работи согласно со закон, со лиценца за работа издадена од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, регистрирано во Регистарот на трговци поединци – сметководители согласно со овој закон (точка 10).

„Трговец поединец – овластен сметководител“ е физичко лице регистрирано за вршење на сметководствени работи согласно со закон, со лиценца за работа издадена од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија и е регистрирано во Регистарот на трговци поединци – овластени сметководители согласно со овој закон (точка 11).

„Друштво за вршење сметководствени работи“ е трговско друштво за вршење на сметководствени работи регистрирано согласно со закон, со лиценца за работа издадена од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија и е регистрирано во Регистарот на друштва за вршење на сметководствени работи согласно со овој закон (точка 12).

„Уверение за сметководител односно за овластен сметководител“ е документ издаден од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија на лицата кои го положиле испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител (точка 23).

Заради унапредување и надзор на сметководствената професија, Владата на Република Северна Македонија основа Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на Република Северна Македонија како самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон (во натамошниот текст: Советот), согласно член 3 став 1 од Законот.

Сметководителите и овластените сметководители на територијата на Република Северна Македонија се организираат во Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Институтот), според член 14 став 1 од Законот.

Институтот има својство на правно лице со јавни овластувања. Статусот на правно лице го стекнува со упис во Регистарот на други правни лица кој се води во Централниот регистар (став 2 на член 14).

Според член 14 став 7 од Законот, Институтот има статут. Со Статутот на Институтот особено се уредува организацијата, управувањето, работењето, финансирањето и претставувањето на членовите на Институтот во сите негови органи.

Според член 17 став 1 од Законот, Собранието на Институтот го сочинуваат сите сметководители и овластени сметководители претставени преку избрани претставници од подружниците на Институтот.

Согласно со став 12 точка 4 на истиот член, Собранието на Институтот, го донесува Статутот на Институтот.

Член 25 од истиот закон предвидува дека со статус на сметководител или овластен сметководител се стекнува лице кое положило испит за стекнување статус на сметководител или овластен сметководител и има најмалку две години работно искуство во вршење на сметководствени работи под менторство на сметководител и/или овластен сметководител.

Во член 27 став 1 од истиот закон е уредено дека лицето кое има уверение за сметководител, односно уверение за овластен сметководител се запишува во Регистарот на сметководители, односно во Регистарот на овластени сметководители врз основа на поднесено лично барање до Институтот на пропишан образец, согласно со ставот 9 на овој член.

IV

Со член 1 од Статутот се уредуваат називот и седиштето на Институтот, јавноста во работата, делокругот на надлежности, членството, правата и обврските на членовите, организацијата, составот и управувањето, начинот на избор, надлежностите и траењето на мандатот на органите, начинот на одлучување, финансирањето, водењето на регистрите, изменувањето и дополнувањето на Статутот, како и други прашања од значење за работењето на Институтот.

Со оспорениот член 7 од Статутот е определено дека член на Институтот е секое лице кое се стекнало со уверение за сметководител или овластен сметководител и кое е запишано во Регистарот на сметководители, односно во Регистарот на овластени сметководители.

Со законската дефиниција на статусот сметководител и овластен сметководител е утврдено дека станува збор за лице кое има положен испит, уверение од Институтот и упис во соодветниот регистар што го води Институтот. Законот истовремено предвидува дека сметководителите и овластените сметководители се организираат во Институтот и дека органите на Институтот се формираат од тие лица преку претставнички облик на дејствување.

Од наведените законски одредби произлегува дека Институтот нема карактер на класично здружение на граѓани основано врз доброволна иницијатива, туку претставува професионално тело со јавни овластувања, основано врз основа на Законот за вршење сметководствени работи и интегрирано во регулаторниот систем на професијата сметководители. Неговите надлежности водење регистри, издавање уверенија и лиценци и регулирање на професионалните и етички стандарди на работењето се јасно дефинирани во Законот.

Поради тоа, правниот облик на уредување на Институтот е поблиску до професионална комора и институти коишто имааат јавни овластувања основани со закон каде што членувањето е законски поврзано со вршење на регулирана професија, отколку здружение на граѓани и фондации регистрирано согласно со Законот за здруженија и фондации кадешто членувањето е целосно врз основа на добра волја на членовите.

Во оваа насока е и член 2 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија” бр. 52/2010, 135/2011, 55/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.239/2022) кој регулира дека одредбите на овој закон не се однесуваат на политичките партии, црквите, верските заедници и религиозните групи, синдикатите, коморите и други видови на здружување уредени со посебни закони.

Статутот на Институтот е донесен врз основа на изречно законско овластување и има функција да ги операционализира законските одредби коишто се однесуваат на внатрешната организација, постапката за упис, членството и функционирањето на Институтот.

Оспорениот член 7 од Статутот не воведува нов услов за членство што не е предвиден со закон, туку ја конкретизира законската поставеност дека лицата кои го стекнале статусот преку законската постапка и се запишани во регистарот што го води Институтот, се дел од професионалната организациска структура.

Воедно, Судот ги оцени како неосновани наводите дека Институтот врши присилно зачленување на сметководителите и овластените сметководители без нивна согласност. Постапката за упис во регистрите е законски регулирана и е на доброволна основа заснована на лично барање. Од член 27 од Законот за вршење сметководствени работи, недвосмислено произлегува дека лицето кое има уверение за сметководител, односно уверение за овластен сметководител се запишува во соодветниот регистар врз основа на поднесено лично барање до Институтот, на пропишан образец. Оттука, јасно произлегува дека уписот во соодветните регистри, а со тоа и стекнувањето статус член на Институтот, започнува исклучиво по иницијатива и слободно изразена лична волја на самото лице. Во статутарните одредби, а и во самиот закон не е предвидено стекнување статус – член на Институтот по автоматизам или по присилен пат како што се наведува во иницијативата.

Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Статутот има јасна определба кога лицето се стекнува со статус член на Институтот, а имајќи ја предвид правната природа на Институтот како професионално тело со јавни овластувања, како и фактот дека оспорената статутарна одредба претставува разработка на законски утврдена организациска поставеност и не ја ограничува слободата на здружување во нејзината уставна смисла и е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 20 став 2 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски