У.бр.18/2026

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.18/2026
Скопје, 29.04.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 29 април 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 67 став 1 алинеи 1, 2, 3, 4, 5 и 6 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Mакедонија” бр.37/1997, 4/1998, 14/1999, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 7/2002, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 88/2007, 102/2008, 142/2008, 144/2008, 161/2008, 162/2008, 50/2010, 88/2010, 171/2010, 51/2011, 86/2011, 11/2012, 80/2012, 114/2012, 153/2012, 39/2014, 44/2014, 44/2014, 112/2014, 113/2014, 56/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 27/2016, 119/2016, 21/2018 и 113/2018 и „Службен весник на Република Северна Mакедонија” бр.124/2019, 89/2020, 103/2021, 274/2022, 132/2025 и 269/2025).

Образложение

I

Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите, истите се спротивни на член 8 став 1 алинеја 8, член 9, член 32 ставoви 1 и 5 и член 54 од Уставот.

Оспорената одредба од Законот, исклучува право на паричен надоместок за лица на кои работниот однос им престанал поради: сопствена писмена изјава, спогодбено престанување на работниот однос, остварување права спротивно на закон, престанок по сила на закон, како и престанок со отказ, спротивно на член 32 ставови 1 и 5 од Уставот. Овие уставни норми не му даваат неограничена слобода на законодавецот, туку дозволуваат уредување на начинот, условите и постапката, но не дозволува укинување на уставно загарантираното право.

Ова подразбира дека голем дел од реално невработени лица се трајно исклучени од материјална обезбеденост, без оглед на должината на стажот, уплатените придонеси, како и фактичката состојба на невработеност. Со оспорената одредба правото е условено со начинот на престанок на работниот однос, а не со невработеност.

Лицата кои работеле, плаќале придонеси и останале без работа, се ставаат во иста правна положба како лица кои никогаш не биле осигурени само затоа што престанокот бил спогодбен или по нивна иницијатива, спротивно на член 9 од Уставот.

Начинот на престанок на работниот однос не ја менува фактичката состојба на невработеност и не ја намалува егзистенцијалната потреба, што значи дека употребениот критериум е неразумен.

Според наводите, со оспорената законска одредба се воведува нееднаквост меѓу еднакви осигуреници без разумна и уставно оправдана основа и со апсолутен и казнен ефект.

На ваков начин се игнорира фактичката социјална состојба и се санкционира невработеното лице без проценка на неговите животни околности.

Социјалната правда бара распределба на социјалните ризици, заштита на послабата страна, што не е случај со оспорената одредба којашто го префрла целиот ризик од невработеност врз поединецот и воопшто не ги зема предвид дотогаш платените придонеси и работен стаж како учество во системот, што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот.

Според наводите, дури и ако се прифати легитимната цел, мерката не е соодветна, неопходна и пропорционална поради што се наведува дека законодавецот ја надминал дозволената уставна рамка, вовел апсолутна забрана со што се повредува член 54 од Уставот.

Поради наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот и истите да ги укине.

II

На седницата Судот утврди дека член 67 став 1 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Mакедонија” бр.37/1997, 4/1998, 14/1999, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 7/2002, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 88/2007, 102/2008, 142/2008, 144/2008, 161/2008, 162/2008, 50/2010, 88/2010, 171/2010, 51/2011, 86/2011, 11/2012, 80/2012, 114/2012, 153/2012, 39/2014, 44/2014, 44/2014, 112/2014, 113/2014, 56/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 27/2016, 119/2016, 21/2018 и 113/2018 и „Службен весник на Република Северна Mакедонија” бр.124/2019, 89/2020, 103/2021, 274/2022, 132/2025 и 269/2025), предвидува дека право на паричен надоместок не може да оствари невработено лице на кое работниот однос му престанал поради:

-давање писмена изјава на работникот дека сака да му престане работниот однос, освен ако таквата изјава е дадена поради промена на местото на живеење на брачниот другар или склучување на брак (алинеја 1);
-спогодбено престанување на работниот однос (алинеја 2);
-остварува права од работен однос спротивно на закон (алинеја 3);
-престанок на работен однос по сила на закон, освен во случај на престанок на правното лице поради стеча (алинеја 4);
-неоправдано изостанување од работа последовно три работни дена или пет работни дена со прекин во текот на една година (алинеја 5); како и
-престанокот на работниот однос со отказ од страна на работодавач за кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа (алинеја 6).

III

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 2 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд, во неколку предмети одлучувал по поднесени иницијативи за оценување на уставноста на сега оспорените законски одредби, при што со Решението У.бр. 247/2007 од 9 април 2008 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 67 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006 и 29/2007).

Оспорената одредба, Судот ја ценел од аспект на член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 став 1, членовите 51 и 54 од Уставот.

Според ставот на Судот во ова решение „Како начин за обезбедување на социјалната правда, Уставот го прокламирал и утврдил правото на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Меѓутоа, под кои услови, во кој обем, за колкаво времетраење и на кој начин ќе се остварува ова право не е во домен на уставната регулатива. Тоа е препуштено на уредувањето со закон и со колективни договори. Имено, правото на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност е регулирано со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Оспорениот член 67 од Законот, ги утврдува условите поради кои невработено лице не може да оствари право на паричен надоместок. Имено, од анализата на оспорената одредба произлегува дека правото на паричен надоместок е право со кое на невработеното лице му се обезбедува материјална и социјална сигурност за време на невработеност, но само во услови кои ги предвидел законодавецот во оспорениот член 67 од Законот.

Имајќи ги предвид изнесените уставни норми како и оспореното законско решение, од аспект на наводите во иницијативата за оспорената одредба според Судот не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот. Ова поради тоа што оспорената одредба еднакво се однесува на невработените граѓани чиј работен однос престанал по ист основ. Имено, најчести основи и случаи за стекнување на правото на паричен надоместок е престанокот на работниот однос поради стечај или деловни причини. Што се однесува пак до спогодбениот престанок на работниот однос, Судот оцени дека истиот како основ не спаѓа во овие основи за остварување право на паричен надоместок и истиот е исклучен од условите за остварување на право на паричен надоместок од причина што се работи за категорија на лица кои го оствариле правото на работа, биле во работен однос и по нивна волја истиот е раскинат.

Според Судот, овие лица не се во иста положба со работниците на кои работниот однос им престанал поради стечај и деловни причини, од причини што со нивна волја го прекинале работниот однос и на тој начин се довеле себеси во состојба на социјален ризик. Оттука, и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека овие лица се од иста категорија и на тој начин се довеле во нееднаква положба со наведените невработени лица и со тоа им било спречено да го остварат правото на паричен надоместок.

Тргнувајќи од тоа дека станува збор за две категории на лица, не постои нееднаквост, односно станува збор за лица кои со спогодба го раскинале, односно прекинале работниот однос, кои го оствариле правото на работа, биле во работен однос и имале соодветна материјална и социјална сигурност во споредба со лица на кои работниот однос им престанал без нивна волја, вина и се нашле во положба на социјален ризик. Оттука, според Судот, тоа било појдовна основа Законот да ги определи условите за стекнување на право на паричен надоместок.“

Судот со Решението У.бр.213/2010 од 2 февруари 2011 година, ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 67 став 1 алинеи 1, 2, 7 и 8 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, како пресудена работа.

Во овој предмет, одредбата била оспорена од аспект на член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 11 став 2, член 32 ставови 1 и 2, член 35 став 1, член 34, член 51 и член 54 ставови 1, 2 и 3 од Уставот.

Со предметната иницијатива, се оспоруваат истите одредби коишто веќе биле предмет на оценување пред Уставниот суд, од аспект на уставни норми коишто Судот ги имал предвид при одлучувањето.

Имајќи предвид дека содржината на оспорените одредби не е променета, а причините и аргументите изнесени во предметната иницијатива не се од влијание за поинакво одлучување од она што Судот одлучил со Решението У.бр.247/2007, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување поради што се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски