
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.84/2025
Скопје, 13.05.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 13 мај 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Пресудата УПРЖ бр. 359/2023 од 27.11.2023 година на Вишиот управен суд, Решението IВПП1 бр. 166/21 од 21.03.2023 година на Основниот граѓански суд Скопје и Решението ГЖ-1793/23 од 11.02.2025 година на Апелациониот суд Скопје.
Образложение
I
Марјан Здравковски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во дизпозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, Пресудата на Вишиот управен суд е спротивна на член 8 алинеи 1 и 3, член 14 став 2, член 50 ставови 1 и 2 од Уставот, додека Решението на Основниот граѓански суд Скопје и Решението на Апелационен суд Скопје се спротивни на член 3, член 17 и член 18 став 2 од Законот за сопственост и други стварни права, член 238 ставови 1 и 2 од Законот за вонпарнична постапка, како и со член 8 алинеи 1 и 3, член 30 став 1 и член 50 ставови 1 и 2 од Уставот.
Поради наведеното, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените решенија и пресудата и истите да ги поништи со посебно барање за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените акти.
II
На седницата Судот утврди дека против подносителот на иницијативата во 2020 година била поведена прекршочна постапка за сторен прекршок по член 4 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и со Решението ПП бр19.1.3-1227/20 од 27.08.2020 година било утврдено дека е одговорен за сторен прекршок. Незадоволен од донесеното решение, истиот повел управен спор пред Управниот суд. Управниот суд со Пресудата УПР бр. 1883/2021 од 29.11.2021 година тужбата ја уважил и го поништил оспореното решение.
На 27.04.2023 година од страна на Комисијата за прекршоци е донесено ново Решение ПП бр19.1.3-1227/20 со кое е утврдено дека подносителот е одговорен за сторениот прекршок. Незадоволен од донесеното решение повел управен спор пред Управниот суд. Управниот суд на 14.07.2023 година со Пресудата УПР.бр.291/2023 ја одбил тужбата како неоснована. Незадоволен од Пресудата, подносителот поднел жалба до Вишиот управен суд. На 27.11.2023 година Вишиот управен суд со Пресудата УПРЖ бр. 359/2023 ја одбил жалбата како неоснована и ја потврдил Пресудата УПР.бр.291/2023 на Управниот суд.
Подносителот пред Основниот граѓански суд водел постапка за уредување на меѓи. На ден 21.03.2023 година, Основниот граѓански суд го донел Решението IВПП1 бр.166/21 со кое е усвоен предлогот на предлагачот Драган Јорданов од Скопје. Незадоволен од Решението подносителот поднел жалба до Апелациониот суд во Скопје. На 11.02.2025 година Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-1793/23, жалбата на противниците Марјан Здравковски, Александар Здравковски и Василка Здравковска, сите од Скопје, ја одбил како неоснована и го потврдил Решението на Основниот граѓански суд Скопје ВПП1-266/21 од 21.03.2023 година.
III
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
IV
Согласно со изнесените наводи во иницијативата од страна на подносителот, со иницијативата се бара Судот да ја оцени уставноста и законитоста на решенијата (Решение IВПП1 бр. 166/21 од 21.03.2023 година на Основен граѓански суд Скопје и Решение ГЖ-1793/23 од 11.02.2025 година на Апелационен суд Скопје) и пресудата (Пресуда УПРЖ бр. 359/2023 од 27.11.2023 година на Виш управен суд) и истите да ги поништи.
Во конкретниот случај, станува збор за поединечни акти коишто не се оспоруваат од аспект на заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, туку од аспект на нивната уставност и законитост, така што Судот не е надлежен да постапува, согласно со член 110 од Уставот.
Со оглед на наведеното, овие акти не се прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, а Уставниот суд не е инстанционен суд којшто преиспитува пресуди на судовите донесени во судска постапка, што значи дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата.
По однос на предлогот за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените акти, не се исполнети условите, согласно со член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски