Организирана обука за советниците на Уставниот суд за унапредување на правната аргументација на одлуките преку ИПА 3 проектот

Советниците на Уставниот суд учествуваат на четиридневна обука на тема „Образложување на одлуките на Уставниот суд“, која се реализира во рамки на проектот „Зајакнати капацитети на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените нормативни акти и заштита на основните права“, поддржан од Европската Унија.

Обуката ќе се реализира во две фази. Првата фаза е спроведена во текот на 4 и 5 јуни и беше посветена на презентација на новоизработените образци и насоки за изготвување и образложување на одлуките на Уставниот суд, како и на подготовката на извештаи за комуникација со доносителите на актите и надлежните органи, во текот на водење на постапките

Учесниците ја анализираа и дискутираа структурата, задолжителните елементи и методологијата за подготовка на одлуки во предмети за оценување на уставноста и законитоста, како и со насоките за подготовка на извештаи за комуникација во овие постапки.

Во текот на обуката беа претставени и нови пристапи за подготовка на извештаи за комуникација со надлежните органи и институции, чија цел е појасно идентификување на правните прашања, унапредување на правната аргументација и обезбедување поголема конзистентност и ефикасност во постапувањето на Судот.

Втората фаза од обуката ќе се реализира на 11 и 12 јуни 2026 година и ќе биде посветена на практична примена и тестирање на изработените алатки. Во рамки на работилниците, учесниците ќе ги презентираат изготвените нацрт-одлуки и извештаи за комуникација во предмети од областа на уставноста и законитоста, како и во предмети за заштита на човековите права и слободи.

Како обучувачи на оваа работилница се ангажирани Штефица Стажник, и Мартин Сопронов, сениор правни експерти и дел од тимот на ЕУ проектот.