
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.142/2024
Скопје, 15.10.2025
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 15 октомври 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 точка 62 во делот „Извршниот одбор“ од Законот за платежни услуги и платни системи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2022, 64/2024, 37/2025 и 144/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот дел од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со член 46 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/20215, 6/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2021) како и во целината на истиот закон, со кој се уредуваат работата, организацијата и овластувањата на истата, „Извршниот одбор“ не се предвидува како еден од органите на Народната банка, а во оспорениот дел на член 2 став 1 точка 62 од Законот за платежни услуги и платни системи се предвидува токму тој орган на Народната банка.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека во правниот промет потребно е да постојат јасни и прецизни норми, а нормите со кои се пропишува нешто, потребно е да бидат јасни и прецизни, без можност за двосмилено или арбитрарно толкување, како не би дошло до забуна при нивната примена. Исто така, кога се пропишуваат надлежности на органи, неминовно е органот да е предвиден во пропис и за истиот да се пропишани овластувања или надлежности. Поради тоа, подносителот смета дека примената на оспорениот дел може да доведе до забуна и заблуда, што не е во духот на владеењето на правото, утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Поради горенаведеното, подносителот бара, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел „Извршниот одбор“ од член 2 став 1 точка 62 од Законот за платежни услуги и платни системи, и истиот да го укине, а до донесување на конечната одлука, поради можната забуна во однос на надлежностите на Народната банка на Република Северна Македонија и настанување на несакани последици, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот дел.
II
На седницата Судот утврди дека со член 2 став 1 точка 62 од Законот за платежни услуги и платни системи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2022 и 64/2024, 37/2025 и 144/2025) е предвидено дека „мерки кон субјектите на надзор“ се дејствија преземени од страна на Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Извршниот одбор) за отстранување на слабостите, неусогласеностите и/или непочитувањата на одредбите од овој закон во работењето на субјектите на надзор.
Исто така, Судот утврди дека со член 26 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.74/2024) е изменет член 46 став 1 и истиот гласи „Органи на Народната банка се Советот на Народната банка и Извршниот одбор“.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во член 110 алинеја 1 од Уставот, е утврдено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 38 алинеja 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.
IV
Иницијативата е поднесена на 27 март 2024 година и со неа се оспорува делот „Извршниот одбор“ од член 2 став 1 точка 62 од Законот за платежни услуги и платни системи, како одредба што упатува на член 46 став 1 од Законот за Народната банка, во кој во тоа време не постоел наведениот орган.
Меѓутоа, на 28 март 2024 година, Собранието на Република Северна Македонија го донело Законот за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.74/2024), со кој член 46 став 1 е изменет и со таа измена „Извршниот одбор“ е воведен како нов орган на Народната банка.
Со оглед на тоа дека со наведените законски измени е отстранета причината поради која е поднесена иницијативата, истата повеќе нема предмет на оспорување, па оттаму постојат процесни пречки за нејзино понатамошно разгледување.
Во однос на наводите во иницијативата со кои се оспорува одредбата од Законот за платежни услуги и платни системи поради тоа што упатува на одредба од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија со која не е усогласена во однос на предметот на уредување, Судот оцени дека се однесуваат на прашање за кое Уставниот суд нема надлежност да одлучува согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, бидејќи наводите за меѓусебна усогласеност немаат карактеристики и квалитет на аргумент кој може да ја проблематизира уставноста, поради тоа што се однесуваат на наводна меѓусебна неусогласеност помеѓу два закони.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.
Од ваква утврдена правна и фактичка состојба, Судот оцени дека е беспредметно барањето за донесување решение со кое ќе се запре извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот дел од одредбата се до донесување на конечна одлука, бидејќи не се исполнети условите согласно членот 37 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски