У.бр.68/2022

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.68/2022
Скопје, 21.01.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 21 јануари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за дел од блок 1, опфат 2, урбана единица Центар, четврт А, КО Гостивар 2, Општина Гостивар, бр.08-1369/1 од 29 јули 2021 година („Службен гласник на Општина Гостивар” бр.5/2021 од 29 јули 2021 година).

Образложение

I

Тасин Мухаџири од Гостивар, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означена во диспозитивот на ова решение.

Според наводите, со оспорениот акт се повредувaаат темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 од Уставот, како и членовите 4, 5, 9 и 27 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Повредата на темелните вредности и основните слободи и права на човекот и граѓанинот значи дека се повредува правната заштита на сопственоста како темелна вредност на уставниот поредок. Во конкретниот случај, со донесениот Детален урбанистички план се врши директно загрозување на правото на сопственост на семејната куќа на подносителот со деловен простор на приземје, изградена пред повеќе од 30 години, согласно со законските прописи и со уредна документација. Со оспорената одлука неговата сопственост е ставена вон функција со цел остварување на приватни интереси на соседот, кој имал намера во централното подрачје да изгради шесткатна зграда на државно земјиште, при што тоа се оценува како постапување на штета на имотот на подносителот на иницијативата и на јавниот интерес.

Во иницијативата е наведено дека со Деталниот урбанистички план којшто е донесен спротивно на Генералниот урбанистички план на Општина Гостивар се предвидуваат објекти за колективно домување А2 со катност П+4 во блок предвиден за индивидуално домување, коишто се на штета на јавните површини предвидени за паркинг простор.

Наведеното е спротивно на тоа дека плановите од пониска категорија задолжително треба да бидат усогласени со плановите од повисока категорија како што е предвидено со член 4 став 3 од Законот за урбанистичко планирање. Со посочените градежни парцели ГП.1.244 и ГП.1.212 за Општина Гостивар, спротивно на јавниот интерес и јавните површини предвидени за сообраќај и паркинг место во строго централно подрачје, се повредува темелната вредност на уставниот поредок – уредувањето и хуманизацијата на просторот, како и се нанесува штета на имот во сопственост на државата.

Подносителот наведува дека е сопственик на постоен објект на КП.бр.5358 со ИЛ.бр.100161 за КО Гостивар 2, којшто е изграден пред повеќе од 20 години со комплетна градежно-техничка документација, одобрение за градење и платени комуналии, поставен на правец север-југ, со деловен простор во приземје и со излози на северната страна и означен како ГП-1.244 за Општина Гостивар. Имено, за сообраќајниот влез до неговиот објект има добиено правосилна судска пресуда, со која му е утврдено право на службеност од северна страна, преку КП.бр. 5384 за КО Гостивар 2 и тоа право, како товар е запишано во Имотниот лист под број 6361 за КО Гостивар 2 во лист Г7.1 како право на службеност.

Се наведува дека во неколку наврати од страна на неговите соседи, кои се сопственици на парцелата ГП.1.212, се прават обиди преку промена на Деталниот урбанистички план да се направи пренамена за градба со цел да му се оневозможи досуденото сообраќајно решение и наместо паркинг простор е предвидено проширување на градежната парцела на делот од земјиштето предвидено за паркинг простор. Исто така, се формира нова ГП.1.212 за изградба на објект висококатница П+4+Пк и се брише паркинг просторот во сите досегашни урбанистички планови, а пристапната улица се стеснува на ниво на пристапна патека недоволна за сообраќаен пристап и се блокира влезот во неговата семејна куќа.

Со поднесената иницијатива се оспорува уставноста и законитоста на урбанистичкото решение и последната измена на деталниот урбанистички план донесен со оспорената одлука и се бара нејзино укинување.

II

На седницата Судот утврди дека, врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.05/2002) и во врска со член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), на предлог на градоначалникот на Општината, Советот на Општина Гостивар на 36. Седница, одржана на 29.07.2021 година, ја донел оспорената одлука со која се усвојува конечeн Детален урбанистички план за дел од блок 1 – опфат 2, УЕ Центар, четврт А, КО Гостивар 2– Општина Гостивар за плански период 2020-2025, со површина на планскиот опфат од 9.86 ха. Според член 1 од Одлуката границите се помеѓу улиците: На северозападна страна, границата започнува од вкрстување на ул.„Борис Кидрич“ со бул.„Гоце Делчев“, продолжува кон исток по бул.„Гоце Делчев“ сè до вкрстување со ул.„Беличица“, свртува кон југ по ул.„Беличица“ и оди сè до вкрстување со ул.„Младен Симоноски“, свртува кон југозапад по ул.„Младен Симоноски“ и оди сè до вкрстување со ул.„И.Лола Рибар“ продолжува кон запад по ул.„И.Лола Рибар“ до вкрстување со ул.„Тоде Богданоски“ каде што свртува кон север по ул.„Тоде Богданоски“сè до вкрстување со ул.„Димитар Влахов“ оттука свртува кон запад по ул.„Димитар Влахов“ сè до вкрстување со ул.„Борис Кидрич“ каде свртува кон север сè до вкрстувањето со бул.„Гоце Делчев“. Согласно со член 2 од истата одлука, Деталниот урбанистички план се прикажува во текстуалниот и графичкиот приказ што претставува составен дел на оваа одлука, којашто стапува на сила со денот на донесување, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Гостивар“ според членот 3 од истата.

III

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 10 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, согласно со член 9 став 2 од Уставот.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 119/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016 и 64/2018), предмет на уредување на овој закон се условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Според член 26 од Законот, урбанистичките планови се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат и истата се состои од текстуален и графички дел.

Согласно со член 28 став 1 од Законот, стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесување на детален урбанистички план се спроведува само доколку не била спроведена стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесувањето на генералниот урбанистички план врз основа на кој е изработен предметниот детален урбанистички план. Согласно со став 2 од истиот член од Законот, донесувачот на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација од ставот 1 на овој член е должен по донесување на годишната програма од член 20 став 1 на овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Според член 29 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, деталниот урбанистички план се изработува во една фаза, како предлог на план.

Во член 31 од Законот е определено дека предлогот на деталниот урбанистички план го изработува изработувачот на урбанистичкиот план, во согласност со одобрената планска програма од член 26 на овој закон.

Член 33 став 1 од Законот, предвидува дека по изготвување на предлогот на деталниот урбанистички план, надлежната комисија за урбанизам од членот 23 на овој закон, должна е во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, да даде стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на планот со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот. Според став 2 од истиот член од Законот, надлежната комисија од членот 23 на овој закон е должна мислењето од став 1 на овој член да го даде во рок од осум работни дена од денот на доставување на предлогот на детален урбанистички план од страна на изработувачот на урбанистичкиот план, а во спротивно ќе се смета дека е издадено позитивно мислење. Согласно со член 33 став 3 од Законот, изработувачот на урбанистичкиот план, должен е да постапи по стручното мислење од ставот 1 на овој член и да го достави предлогот на планот до донесувачот на урбанистичкиот план.

Согласно со член 35 од Законот, јавна презентација и јавна анкета се спроведува на предлог на детален урбанистички план, по добивање на стручно мислење на предлогот на план согласно со член 33 на овој закон (став 1). Општината, односно општината во Градот Скопје, започнува постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета за предлогот на деталниот урбанистички план, најдоцна во рок од пет работни дена по приемот на предлогот на урбанистичкиот план за кој е дадено стручно мислење, согласно со член 33 на овој закон(став 2).

За одржувањето на јавна презентација и јавна анкета се известуваат субјектите од член 32 став 1 на овој закон, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета. Јавната анкета од ставот 1 на овој член истовремено се спроведува и во електронска и во писмена форма. Јавната анкета во електронска форма се спроведува преку информацискиот систем е-урбанизам, а јавната анкета во писмена форма се спроведува со излагање на планот на јавно место коешто се наоѓа во општината или во просториите на општината. Јавната презентација е стручно презентирање на планот коешто се организира во рамките на јавната анкета и трае еден работен ден.

Јавната анкета за предлог на детален урбанистички план трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од член 32 став 1 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат на анкетни листови да достават забелешки и предлози по предлогот на планот, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма. Доколку во роковите утврдени во ставот 8 на овој член субјектите од член 32 став 1 на овој закон и другите учесници, не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.

За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, односно општината на Градот Скопје, која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Извештајот од ставот 10 на овој член се изработува најдоцна во рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета и истиот е составен дел на предлогот на планот, а се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам. Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 10 на овој член е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став 1 на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено.

Доколку комисијата од ставот 10 на овој член оцени дека предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета. Повторената јавна анкета и јавна презентација трае најмалку пет работни дена. Изработувачот на планот изработува конечен предлог на урбанистичкиот план, најдоцна во рок од 10 работни дена од изготвувањето на извештајот од ставот 10 на овој член и истиот го доставува до донесувачот на урбанистичкиот план.

Според член 36 од Законот, донесувачот на урбанистичкиот план е должен веднаш по приемот на конечен предлог на детален урбанистички план, преку информацискиот систем е-урбанизам во електронска форма, да достави барање за мислење до органот надлежен за заштита на културното наследство, органот надлежен за заштита на животната средина, органот надлежен за здравствената заштита, органот надлежен за социјалната заштита, органот надлежен за образованието, Агенцијата за катастар за недвижности, на општините во Градот Скопје и до Градот Скопје.

Агенцијата за катастар на недвижности е должна да даде мислење за утврдената состојба по извршеното споредување на податоците од урбанистичкиот план со податоците од катастарскиот план, а Градот Скопје дали предлогот на детален урбанистички план на општините во Градот Скопје е во согласност со Генералниот урбанистички план и дали се почитувани одредбите за примарната сообраќајна мрежа на Генералниот урбанистички план на Градот Скопје. Субјектите од ставот 3 на овој член се должни во рок од пет работни дена од приемот на барањето од ставот 1 на овој член, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам да дадат мислење, а во спротивно ќе се смета дека немаат забелешки и дека е дадено позитивно мислење, при што евентуалните идни штети настанати поради непостапувањето, ќе бидат на товар на органот којшто не постапил по барањето.

До органот надлежен за заштита на културното наследство и до органот за заштита на животната средина, се доставува барање за мислење, само доколку истите доставиле забелешки и предлози на урбанистичкиот план во текот на јавната анкета, а до органот надлежен за здравствена заштита доколку во планскиот опфат има градби со намена здравствена заштита, до органот надлежен за социјална заштита доколку во планскиот опфат има градби со намена социјална заштита и до органот надлежен за образование доколку во планскиот опфат има градби со намена образование и наука и со намена групно домување во функција на образование.

Во член 37 од Законот е регулирана постапката за стручна ревизија на планот и е предвидено дека на конечниот предлог на урбанистичкиот план се врши стручна ревизија со која се утврдува дали е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Стручна ревизија врши правно лице кое поседува лиценца за ревизија на урбанистички планови. За извршената стручна ревизија, се изготвува извештај за стручна ревизија на урбанистичкиот план, во кој се констатира дали е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот или има недостатоци коишто треба да се отстранат.

Член 38 од Законот ја уредува постапката за давање согласност на урбанистичкиот план од страна на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Надлежниот орган е должен во рок од 20 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање на согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам. Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, при повторно разгледување на урбанистички план за кој претходно било издадено известување за недостатоци согласно ставот 2 на овој член, не може да наведе нови недостатоци коишто претходно не биле наведени во известувањето за недостатоци, освен доколку повторно е спроведена јавна анкета, или кога постојат нови податоци коишто не биле приложени со барањето за добивање согласност на урбанистичкиот план за кој претходно било издадено известување за недостатоци. По добивањето на согласноста, урбанистичкиот план се доставува до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам.

Во член 39 од Законот е предвидено дека градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна три работни дена по добивање на согласноста од член 38 став 2 на овој закон, а доколку не е издадена согласност и не е доставено известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план, по истекот на рокот за издавање на согласност утврден во член 38 став 2 на овој закон, да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на Советот е должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на Советот, а Советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Според ставот 9 на член 39 од истиот закон, урбанистичкиот план се смета дека е донесен доколку за одлуката за донесување на урбанистичкиот план гласале најмалку 1/3 од вкупниот број членови на советот на општината, општината во Градот Скопје односно Градот Скопје, а притоа нивниот број не е помал од бројот на членовите на советот на општината, општината во Градот Скопје, односно Градот Скопје кои гласале против одлуката за донесување на урбанистичкиот план.

IV

Во врска со наводите во иницијативата, како и други прашања коишто беа покренати во рамки на претходната постапка, Судот, врз основа на доставената документација, ја утврди фактичката состојба како што е изложена во продолжение на оваа точка на Решението.

Во врска со постапката поврзана со урбанистичкото планирање во Општина Гостивар, Судот утврди дека во април 2017 година биле прибавени мислења од МЕПСО (04.04.2017 година) и ЈП „Македонски железници“ (08.04.2017 година), а на 28.04.2017 година Комисијата за урбанизам поднела предлог за одобрување на планска програма до градоначалникот на Општината. Во септември и октомври 2018 година следело донесување на одлука на градоначалникот за неспроведување на стратешка оцена за влијание врз животната средина (10.09.2018), како и доставување на известување од Министерството за животна средина по одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијанието на животната средина (04.10.2018) и донесување на Решение за одобрување анекс за заштитно-конзерваторски основи (12.10.2018). Во август 2019 година било прибавено мислење од Министерството за образование и наука.

На 26.12.2019 година Советот на Општина Гостивар ја усвоил Годишната програма за урбанистички планови за 2020 година. Во мај 2020 година бил изработен геодетски елаборат (11.05.2020 година), а градоначалникот донел решение за одобрување планска програма (19.05.2020 година) по што следела потврда за заверка (20.05.2020 година). Истовремено, „Пологпроект-Про“ ДОО подготвил планска програма (техн. бр. 25/2020 година). Во јуни 2020 година биле доставени податоци од Електродистрибуција (02.06.2020 година) и мислење од ЈП „Комуналец“ (22.06.2020 година). На 14.07.2020 Општината донела решение за формирање Комисија за урбанизам.

Во август 2020 година „Пологпроект-Про“ изработил предлог-ДУП и конечен предлог-ДУП за Центар – блок 1, опфат 2, а на 13.08.2020 година, Комисијата за урбанизам дала стручно мислење. Потоа, на 14.08.2020 година, градоначалникот донел одлука за организирање јавна анкета и презентација, издал соопштение и решение за формирање комисија. На 07.09.2020 година бил составен записник од јавната анкета, а на 09.09.2020 година Комисијата изготвила извештај. Подоцна, на 22.09.2020 година ЈП за државни патишта доставило известување, а на 30.10.2020 година повторно било прибавено мислење од Електродистрибуција. Следеле мислењата од Управата за заштита на културното наследство (17.11.2020 година), од Македонски Телеком (26.11.2020 година) и од ЈП „Комуналец“ (12.2020 година).

На 25.12.2020 година градоначалникот доставил предлог до Советот за усвојување на конечниот предлог на планот, а истиот ден Советот ја донел одлуката за усвојување на конечниот предлог на планот. На ден 01.03.2021 година, Општината издала известување за исправка, на 23.03.2021 година биле донесени решение за измена и заклучок за исправка од Комисијата за урбанизам, а на 29.04.2021 година Советот усвоил Годишна програма за урбанистички планови за 2021 година и било прибавено мислење од Агенцијата за катастар. На 22.07.2021 година АД „ГАМА“ доставило мислење, на 23.07.2021 година Комисијата заклучила дека нема потреба од нова јавна анкета, а во јули 2021 година „НЕИМАР“ ДОО Струга изготвил извештај од стручна ревизија. На 29.07.2021 година Министерството за транспорт и врски издало согласност.

Подносителот на иницијативата, според доставената документација, водел постапки пред редовните судови за утврдување право на службеност, при што Основниот суд во Гостивар ја донел Пресудата П1.бр.806/09 на 29 март 2013 година.

V

Прашањето дали постапката е во целост спроведена согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање е суштинско при контрола на законитоста на урбанистичките планови. Притоа, се оценува надлежноста, односно дали органот кој ја донел одлуката или планот бил овластен според Законот; постапката, односно дали биле почитувани сите пропишани чекори како јавната анкета, стручната расправа, прибавувањето мислења и согласности од надлежни институции и усогласувањето со повисоките планови; содржината, односно дали планот ги содржи сите задолжителни елементи предвидени со Законот и подзаконските акти; правната сигурност и транспарентноста, односно дали постапката била спроведена на достапен и отворен начин за јавноста преку објавување на планот и известување на граѓаните; како и роковите и формалните услови, односно дали биле запазени роковите за постапување и обезбедена уредна документација и записници. Заклучокот за тоа дали постапката е целосно спроведена согласно со Законот зависи од анализата на сите овие елементи, при што пропуст во кој било од нив води кон констатација дека постапката не е во целост законита.

Во иницијативата не се укажува на повреда на фази од постапката за донесување на планот, туку само на карактерот на катастарските парцели опфатени во просторот којшто е предмет на конкретниот урбанистички план, меѓутоа Судот го анализираше и спроведувањето на постапката во смисла на одредбите на Зaконот за просторно и урбанистичко планирање.

Имено, според оцената на Судот, општината како единица на локалната самоуправа има законски овластувања да ги утврдува условите и начинот на просторното и урбанистичкото планирање, како и видовите и содржината на плановите, да ги спроведе изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, вршење на надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање коишто се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Оттука, произлегува дека општината има законска обврска и можност да го уредува просторот и да врши урбанистичко планирање.

Во конкретниот случај, според Генералниот урбанистички план на Општина Гостивар се предвидува изградба на објекти за колективно домување А2 со катност П+4 во блок кој првично бил предвиден за индивидуално домување, на што се укажува во иницијативата.

Тргнувајќи од утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека Општина Гостивар ги испочитувала сите фази на постапката за донесување на Детален урбанистички план како што предвидува Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во време на донесување на истиот.

Суштинско при уставно-судската контрола на деталните урбанистички планови е да се утврди дали се донесени во согласност со член 11 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со кој е уредено дека деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план односно со регулацискиот план на генерален урбанистички план доколку истиот е донесен.

Во однос на оспорениот детален урбанистички план, Судот исто така, оцени дека оспорениот детален урбанистички план е донесен во согласност со Генералниот урбанистички план за Гостивар од 2016 година.

Подносителот на иницијативата, според доставената документација, учествувал во постапката на донесување на оспорениот Детален урбанистички план, добил извод од Деталниот урбанистички план на 25 октомври 2018 година, пополнил анкетен лист на 26 јули 2017 година и 30 април 2019 година, како и поднел приговор односно забелешка на нацрт-предлогот на урбанистичкиот план објавен на јавна презентација на 12 мај 2017 година и 18 септември 2019 година, по што му бил доставен одговор.

Со Допис бр. 23-1673/117-1 од 01.08.2019 година, по завршувањето на Јавната анкета за Предлог-детален урбанистички план за блок 1, КО Гостивар 2-Општина Гостивар, подносителот бил известен од Општината дека му бил прифатен приговорот за разгледување и анализирање доколку дозволуваат условите за урбанистичко планирање.

Во приговорот подносителот барал да се предвиди објект како што е во планот којшто е на сила, односно да се примени постоечкото решение донесено со Одлуката 07-188/7 од 27.02.2009 година.

Со уште еден Допис бр. 23-1673/102-1 од 01.08.2019 година, Општина Гостивар му испратила Известување на подносителот, со кое по завршување на јавната анкета на Предлог-детален урбанистички план за блок 1, КО Гостивар 2-Општина Гостивар, во однос на неговиот приговор го известила дека приговорот му бил делумно прифатен, на начин да се вцрта соодветен пристап до ГП 1.603 и постоечката трафостаница за да им служи за влез и излез на ГП 1.603 при што ќе се чуваат добиените права со техничката документација на истата, но и за сервисирање на постоечката трафостаница.

Што се однесува до вцртувањето на јавниот паркинг во Предлог-детален урбанистички план (ДУП) за блок 1, Општина Гостивар истото не може да се прифати бидејќи во ГУП од 2016 година, не била предвидена таква намена во тој дел и е спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2015, 217/2015, 222/2015, 228/2015, 35/2016, 99/2016, 134/2016, 33/2017 и 86/2018).

Овој допис е одговор на писмено барање за задржување и реализација на урбанистичко решение за јавен паркинг простор, поднесено на 28.04.2019 година од жителите на ул. „Тоде Богданоски“ кои се сопственици на семејни куќи коишто гравитираат и се во близина на локацијата „Стар Декон.“

Тие наведуваат дека во сите досегашни урбанистички планови заклучно со планот од 2009 година, била предвидена изградба на паркинг простор на земјиште сопственост на Република Македонија, што било предвидено да биде јавно достапен за користење, пред сè на жителите на оваа улица. Но, со промената на сопствениците на објектот Стар Декон, во предлог-измената на ДУП-от и покрај приговорите коишто биле доставени во просторот предвиден за паркинг се предвидува изградба на објект зграда А-2 колективно домување, со чија изградба дополнително ќе се блокира и онака тесниот простор за нормално одвивање на сообраќајот и нормално живеење. Поради ова жителите на оваа улица барале да се измени ова урбанистичко решение на начин што ќе се прифати старото решение и ќе се изгради предвидениот јавен паркинг простор.

Со Допис бр. 23-1673/144-1 од 29.01.2020 година, Општина Гостивар му испратила Известување на подносителот со кое по завршувањето на јавната анкета од 13.09.2019 година до 19.09.2019 година за Предлог-детален урбанистички план за блок 1, КО Гостивар 2-Општина Гостивар, подносителот бил известен од Општината дека приговорот не му е прифатен бидејќи бил вцртан сообраќаен пристап до ГП 1.603, а во однос на вцртувањето на јавниот паркинг во Предлог детален урбанистички план (ДУП) за блок 1, не бил прифатено бидејќи во ГУП од 2016 година не била предвидена таква намена во тој дел и воедно е спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Подносителот смета дека во конкретниот случај со донесениот Детален урбанистички план, директно е загрозено неговото право на сопственост на начин што неговиот објект – семејна куќа со деловен простор во приземјето, изградена пред повеќе од три децении согласно со законските прописи и со уредна документација, станал нефункционален. Се наведува дека оваа состојба произлегува од намерата на соседот да изгради шесткатна зграда на државно земјиште во централното подрачје, со што се нарушува не само сопственоста на подносителот, туку и јавниот интерес.

Во однос на овие наводи, потребно е да се нагласи дека со оспорената одлука не се уредуваат прашања коишто се однесуваат на сопственоста на градежното земјиште и постојните објекти, ниту пак се засега правото на градење или правото на службеност, па затоа уставноста на Одлуката не може да се испитува во однос на член 30 од Уставот, којшто го гарантира правото на сопственост.

Имено, деталниот урбанистички план не ја уредува сопственоста врз катастарските парцели, туку ја регулира нивната намена и условите за градење. Правото на сопственост се почитува доколку планот е донесен во согласност со законските одредби, со јавна презентација и со обезбедена можност за поднесување приговори и забелешки, согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ограничувањата што произлегуваат од планот се законски и не претставуваат отстапување од уставно загарантираното право на сопственост. Ако деталниот урбанистички план воведе ограничување што значително ја намалува вредноста или употребата на сопствената парцела, Законот предвидува можност сопственикот да добие компензација или да побара измена на планот. Ова обезбедува заштита на правото на сопственост додека се почитува јавниот интерес во уредувањето на просторот.

Кога се донесува детален урбанистички план, планот може да воведе ограничувања на тоа што сопственикот може да гради или користи на својата парцела. На пример, ако планот одредува дека една парцела треба да се користи за јавна намена или колективно домување, а претходно сопственикот планирал да гради семејна куќа, неговата можност за слободно користење на земјиштето е ограничена. Законот предвидува две можности ако ова ограничување предизвикува значителна штета на сопственикот, едната е компензација – сопственикот може да добие финансиски или друг вид надоместок за штетата предизвикана од ограничувањето или „прегласување“ – во некои случаи може да се разгледа измена на планот, ако ограничувањата се прекумерни или неправедни. Со други зборови, Законот се обидува да најде баланс помеѓу јавниот интерес (урбанистичкото планирање) и правото на сопственост на граѓаните.

Наводите во иницијативата се однесуваат на содржината на планот, што е прашање од технички карактер и излегува од надлежноста на Уставниот суд, којшто ја цени како постапката за донесување на урбанистичкиот план, така и она што уредува дали е во согласност со повисоките акти. Оттука, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената одлука се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 од Уставот, а се повредени и член 4, член 5, член 9 и член 27 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, Советот на Општина Гостивар во постапка предвидена со наведениот Закон за просторно и урбанистичко планирање ја донел сега оспорената одлука и ја исполнил својата законска обврска да го уредува просторот и да врши урбанистичко планирање.

Со оглед на фактот дека Советот на Општина Гостивар постапил во смисла на цитираните одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека оспорената одлука е донесена во согласност со истиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, што значи дека Советот на Општина Гостивар при донесувањето на оспорената одлука ги почитувал сите фази од постапката предвидени во наведениот закон, поради што Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 10 од Уставот, коишто се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како и на принципот на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

VI

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски