
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.160/2024
Скопје, 04.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 4 февруари 2026 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 9 во делот „толкување и“ од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1993, 20/2005, 22/2008, 153/2008, 147/2009, 164/2010, 35/2011, 122/2016, 126/2016 и 13/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.189/2019, 262/2019, 27/2020, 75/2020 и 41/2023).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Оливер Давидовски од Скопје, со Решението У.бр.160/2024 од 24 септември 2025 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинeја 3 и член 51 од Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека во член 9 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1993, 20/2005, 22/2008, 153/2008, 147/2009, 164/2010, 35/2011, 122/2016, 126/2016 и 13/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.189/2019, 262/2019, 27/2020, 75/2020 и 41/2023), е уредено дека толкување и тековно усогласување на оваа тарифа со порастот на трошоците за живот врши Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија.
Судот, исто така, утврди дека Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, врз основа на член 19 и член 34 став 2 од Законот за адвокатурата, член 23 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија и член 9 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, на седница одржана на ден 25.06.2015 година, го донел оспореното Автентично толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите бр.02-702/1 од 30 јуни 2015 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2015).
Со оспореното автентично толкување, Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија утврдил дека Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите е донесена и може да биде толкувана исклучиво од Управниот одбор на Адвокатската комора, а судовите немаат право да ја менуваат ниту висината ниту основаноста на наградата и трошоците, туку се должни само да ги применуваат тарифните одредби. Тарифата утврдува задолжителни минимални износи коишто не можат да се намалуваат, при што адвокатот и странката можат да договорат повисоки износи. Спротивната страна во постапката е должна да ги надомести сите трошоци и награди за дејствија што се предвидени и тарифирани, како на пример застапување од адвокат надвор од општината на судот, присуство на рочиште за објавување на пресуда дури и ако не се одржи, изготвување полномошно и трошковник, застапување во постапки со повеќе учесници, при делумен успех во спорот или намалување на тужбеното барање, како и при одложување на рочиште по вина на судот. Дополнително, се признава надомест за отсуство од канцеларија и трошоци за превоз со сопствено возило, за што доказ претставува патен налог заверен од адвокатот.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Член 51 став 1 од Уставот, предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно со член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Со член 2 став 1 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011 и 113/2012, 148/2015), адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош. Според став 2 од истиот член, адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.
Во член 19 од истиот закон е предвидено дека адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Согласно со член 33 став 1 од Законот, адвокатите во Република Северна Македонија се организираат во Адвокатска комора на Република Северна Македонија.
Според член 34 став 1 од овој закон, Адвокатската комора на Република Северна Македонија во својата работа е самостојна и независна, а согласно со став 2 алинеја 5 од истиот член, Адвокатската комора на Република Северна Македонија донесува тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите.
Врз основа на член 34 став 2 алинеја 5 од Законот, Адвокатската комора донела Тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, со која се одредува висината на наградата и трошоците на дадената правна помош.
IV
Во воведниот дел на Тарифата за награда и надоместок на трошоците на адвокатите е наведено дека истата е донесена врз основа на Законот за адвокатурата и Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2011, 68/2012, 76/2013 и 113/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.95/2019).
Со иницијативата беше оспорен член 9 од Тарифата во целина, но по спроведената уставно-судска анализа, Судот утврди дека уставно проблематичен е делот „Толкување и“ во цитираниот член 9 од Тарифата.
Член 9 од Тарифата, систематизиран во главата „Посебни одредби“, пропишува дека толкување и тековно усогласување на оваа тарифа со порастот на трошоците за живот врши Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија.
Врз основа на член 34 став 1 од Законот за адвокатурата и член 9 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 25.06.2015 година, донел Автентично толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Од анализата на содржината на оспорената одредба пропишана во член 9 од Тарифата, произлегува дека Адвокатската комора предвидела посебно правило – толкување на тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Законот за адвокатурата и Статутот на Адвокатската комора прецизно ги дефинираат надлежностите на Адвокатската комора, според кои Адвокатската комора, меѓу другото, е надлежна за донесување на тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, но нема законско овластување за толкување на тарифата, поради што Судот утврди дека со член 9 од Тарифата и оспореното автентично толкување, Адвокатската комора ги пречекорила своите овластувања.
При нормирањето на оспорената одредба, Адвокатската комора го употребила терминот „толкување“, којшто подоцна го користи како автентично толкување, врз основа на што е донесено автентичното толкување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Член 9 од Тарифата го содржи оспорениот дел „толкување“ без претходно да биде пропишано такво овластување на Комората. Поради тоа, Судот оцени дека предвидувањето на институтот „толкување“ на ваков начин, без претходно утврдување на такво овластување, создава правна нејасност, непрецизност и неконзистентност. Ваквото нормативно уредување е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдена во член 8 алинеја 3 од Уставот.
При формирањето на правното мислење, Судот ги имаше предвид сите околности од значење за заштита на уставноста и законитоста, односно фактот дека во правниот поредок не може да опстојуваат нејасни, непрецизни и недефинирани норми, коишто оставаат простор за слободно толкување и неконзистентна примена и како такви, навлегуваат во правната сигурност на граѓаните како составен дел на владеењето на правото.
При анализата на оспорениот дел од одредбата од член 9 од Тарифата, Судот го зеде предвид и оспореното автентично толкување.
Управниот одбор на Адвокатската комора, меѓу останатото, со точката 5 од Автентичното толкување, предвидел при определување на трошоци сторени за превоз со сопствено возило, што како право е пропишано со член 7 точка 1 од Тарифата и изворно гласи „За извршување на правна помош, странката е должна на адвокатот да му ги надомести и трошоците за превоз, до висина на трошоците на патниот билет за превозното средство што го користел адвокатот, а за употреба на сопствено возило ќе му надомести по 30% од цената на најскапиот бензин за секој изминат километар“, адвокатот како доказ да достави патен налог кој е пополнет, со потпис и печат од негова страна, без какви било прилози.“ На овој начин, Адвокатската комора ја искористила цитираната одредба од точка 5 од Автентичното толкување, како метод за измена на прописот и на тој начин ги пречекорила границите на веќе утврдена содржина на нормата којашто се толкува и што е објективна цел на прописот и причина за неговото донесување.
Врз основа на наведеното, по однос на терминот „Толкување и“ од оспорената одредба во член 9 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, Судот оцени дека не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Што се однесува до оценувањето на уставноста и законитоста на оспореното автентично толкување, имајќи го предвид неговиот правен карактер како составен дел на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, од процедурален аспект не е возможно истото посебно да се оценува, туку тоа може единствено да се земе предвид преку оценувањето на уставноста на член 9 од Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, што е сторено во овој случај.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваa одлука.
VI
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски