У.бр.104/2022

Пронајдени се 0 зборови

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.104/2022
Скопје, 21.01.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 21 јануари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 од Анексот за изменување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2019) и член 4 од Анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020).

Образложение

I

Ајрула Мустафа, Насер Муареми и други, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актите означени во диспозитивот на ова решение.

Според наводите, со оспорените одредби организациските директори се ставаат во нерамноправна положба во споредба со медицинските директори. Имено, предвидени се помали права за организациските директори и тоа во однос на висината на основниот коефициент за определување на нивната плата, иако Законот за здравствена заштита не прави разлика во обврските и одговорностите на овие две категории.

Наводите се однесуваат на потребата од еднакво вреднување во делот на основната плата за работите коишто ги врши работоводниот орган во јавните здравствени установи определени во членовите 104 и 105 од Законот за здравствената заштита.

Со иницијативата се бара определување на единствен коефициент на сложеност, односно единствено вреднување во делот на основната плата за работници и се прави ретроспектива на измените и дополнувањата на Колективниот договор за здравствената дејност којшто бил склучен 2006 година. Видно од содржината на член 1 од Анексот на Колективниот договор за здравствената дејност со кој се менува 73-а од Колективниот договор, организациските директори се ставени во нерамноправна положба со медицинските директори во поглед на висината на платата. Оваа нерамноправност е воведена со измените на Колективниот договор од 2019 година, а истата се продлабочила со последните измени на Колективниот договор за здравствена дејност од 2020 година. Односно, со ваквиот начин на договарање на Министерството за здравство и Синдикатот се создава нерамноправност помеѓу организацискиот и медицинскиот директор спротивно на Законот за здравствена заштита.

Понатаму, во иницијативата се цитираат членовите 104 и 105 од Законот за здравствената заштита и се наведува дека во овој закон има поделба на исклучителните надлежности според видот на образование на работоводниот орган, со еднаква одговорност во смисла на договорната казна и правата и обврските од менаџерскиот договор. Имено, во член 105 став 8 од Законот за здравствена заштита таксативно набројани заеднички надлежности и одговорности за работоводниот орган.

Во иницијативата не се наведени одредби од Уставот со кои се во спротивност оспорените одредби од Колективниот договор. Врз основа на изнесеното, подносителите предлагаат Уставниот суд да ја оцени уставноста и законитоста на оспорените одредби.

II

На седницата Судот утврди дека член 1 од Анексот за изменување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2019) е со следната содржина:

Член 1

Во Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/06, 156/07, 17/09, 88/09, 60/10, 33/11, 5/13, 172/14, 118/15 3/16 75/16 80/18 и 31/19), член 73-а се менува и гласи:

„Член 73-а

На директорите и на медицинските директори во јавните здравствени установи им се утврдува плата во вкупен коефициент и тоа:
– здравствени станици, поликлиники и здравствени домови до 150
вработени (директори, здравствени работници без специјализација) 5.553
– здравствени станици, поликлиники и здравствени домови до 150
вработени (директори, здравствени работници со специјализација) 5.818
– здравствени домови над 150 вработени и центри за јавно здравје
(директори, здравствени работници без специјализација) 6.007
– здравствени домови над 150 вработени и центри за јавно здравје
(директори, здравствени работници со специјализација) 6.293
– Институт за јавно здравје, центри, општи болници, специјални болници,
заводи и институти (директори, здравствени работници без специјализација
и здравствени соработници) 6.412
– Институт за јавно здравје, центри, општи болници, специјални болници,
заводи и институти (директори, здравствени работници со специјализација) 6.718
– клинички болници, клиники и универзитетски клиники
(директори, здравствени работници без специјализација) 6.698
– клинички болници, клиники и универзитетски клиники
(директори, здравствени работници со специјализација) 7.017
– универзитетски клинички центар, универзитетски институт
(директори, здравствени работници без специјализација) 7.001
– универзитетски клинички центар, универзитетски институт
(директори, здравствени работници со специјализација) 7.335

На организациските директори во јавните здравствени установи им се утврдува плата во вкупен коефициент:
– здравствен дом со над 1.000 вработени 5.721
– институти 6.107
– клинички болници, универзитетски институти и универзитетски клиники 6.379
– универзитетски клинички центар 6.668

Директорите, медицинските директори и организациските директори имаат право на 0,5% додаток на основната плата за секоја година работен стаж, а најмногу 20%.”

Судот на седницата утврди дека член 4 од Анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020) е со следната содржина:

Член 4

Во членот 73-а, ставот 1 се менува и гласи:
„На директорите и на медицинските директори во јавните здравствени установи им се утврдуваат коефициенти за плата започнувајќи со исплата на платата за месец февруари 2020 година и тоа:
– здравствени станици, поликлиники и здравствени домови до 150
вработени (директори, здравствени работници без специјализација) 6.386
– здравствени станици, поликлиники и здравствени домови до 150
вработени (директори, здравствени работници со специјализација) 6.691
– здравствени домови над 150 вработени и центри за јавно здравје
(директори, здравствени работници без специјализација) 6.908
– здравствени домови над 150 вработени и центри за јавно здравје
(директори, здравствени работници со специјализација) 7.237
– Институт за јавно здравје, центри, општи болници, специјални болници,
заводи и институти (директори, здравствени работници без специјализација
и здравствени соработници) 7.374
– Институт за јавно здравје, центри, општи болници, специјални болници,
заводи и институти (директори, здравствени работници со специјализација 7.726
– клинички болници, клиники и универзитетски клиники
(директори, здравствени работници без специјализација) 7.703
– клинички болници, клиники и универзитетски клиники
(директори, здравствени работници со специјализација) 8.070
– универзитетски клинички центар, универзитетски институт
(директори, здравствени работници без специјализација) 8.051
– универзитетски клинички центар, универзитетски институт
(директори, здравствени работници со специјализација) 8.435

Судот на седницата исто така утврди дека со член 3 од Анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.87/2025) во член 73-а од Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија се менуваат вкупните коефициенти за пресметка на плата на директорите во јавните здравствени установи и се бришат зборовите „медицинските директори и организациските директори”.

III

Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот, и со законите согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Законот за здравствената заштита којшто важел во времето на поднесувањето на иницијативата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 10/2013, 38/2013, 65/2013, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 101/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 93/2017, 20/2019, 101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 76/2020, 77/2021, 122/2021, 178/2021 и 150/2019) во член 104 определил дека директор е работоводниот орган на јавната здравствена уставова и ги утврдил условите за именување и неговите надлежности.

Во член 105 од Законот се содржани одредби коишто се однесуваат на должноста на директор која ја вршат две лица, условите за именување и надлежностите кои ги вршат. Според став 1 на овој член, по исклучок од членот 104 од овој закон во јавна здравствена установа: здравствен дом со над 1.000 вработени, универзитетски клинички центар, универзитетска клиника, клиничка болница, универзитетски институт и институт, се именуваат двајца директори и тоа организациски директор и медицински директор кои се одговорни за работењето на јавната здравствена установа и за обврските што се преземаат во правниот промет во согласност со надлежностите утврдени со овој или друг закон, подзаконските прописи и менаџерскиот договор. Медицинскиот и организацискиот директор се заеднички надлежни и одговорни за се она што не е во исклучива надлежност на медицинскиот или организацискиот директор, според став 7 од овој член.

По поднесувањето на иницијативата, Собранието го донело Законот за изменување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.170/2024), којшто влегол во сила на 15 август 2024 година, со денот на објавувањето, како што е уредено со член 21 од овој закон. Согласно со член 7 од овој закон, насловот на членот 105 и членот 105 се бришат.

Според содржината на членовите 1 и 2 од овој закон во одредбите од Законот за здравствена заштита во кои се содржани зборовите „медицински директор” се заменуваат со зборот „директор”.

IV

Според наводите во иницијативата со оспорените одредби организациските директори се ставени во нерамноправна положба во однос на медицинските директори при утврдувањето на основната плата, што е спротивно на Законот за здравствена заштита, кој во член 104 и член 105 утврдува дека организацискиот и медицинскиот директор заедно го сочинуваат работоводниот орган и имаат еднакви права, обврски и одговорности.

При градење на правното мислење Судот го имаше во предвид фактот дека во меѓувреме се донесени измени на Законот за здравствена заштита, на начин што со последните измени на овој Закон, коишто влегоа во сила на 15.08.2024 година, функциите на медицински и организациски директор се укинати. Според овие измени, во јавните здравствени установи се поставува единствен директор, кој ги презема сите надлежности и одговорности што претходно биле поделени помеѓу медицинскиот и организацискиот директор.

Во постапката по поднесената иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби, Судот утврди дека поради усогласување со законските измени на Законот за здравствена заштита, извршени се измени во содржината на оспорените одредби, што произлегува од член 3 од Анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.87/2025) со кој во член 73-а од Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија се менуваат вкупните коефициенти за пресметка на плата на директорите во јавните здравствени установи и се бришат зборовите „медицинските директори и организациските директори”.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот утврди дека содржината на одредбите што се предмет на оспорување се изменети поради што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски