Студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ го посетија Уставниот суд на Република Северна Македонија, во рамки на активностите предвидени со склучениот Меморандум за соработка меѓу двете институции.
Во текот на посетата, студентите имаа можност непосредно да се запознаат со надлежностите, организацијата и начинот на функционирање на Уставниот суд, како и со неговата улога во заштитата на уставноста и законитоста и човековите права и слободи. Посебен акцент беше ставен на постапките по иницијативи и барања, начинот на одлучување, како и значењето на аргументацијата и образложувањето во донесувањето на одлуките.
Студентите покажаа особен интерес за практичната примена на уставното право, поставувајќи прашања поврзани со тековни предмети од јавен интерес, улогата на Судот во современите општествени предизвици, како и можностите за воведување на уставна жалба како инструмент за заштита на правата на граѓаните.
Во рамки на посетата, тие беа информирани и за тековните активности на Судот насочени кон унапредување на транспарентноста, вклучително и новите практики за јавно емитување на седниците, како значаен чекор кон поголема отвореност и приближување на работата на Судот до граѓаните.
Оваа посета претставува дел од континуираната соработка помеѓу Уставниот суд и академската заедница, насочена кон продлабочување на знаењата на студентите и поттикнување на нивниот интерес за уставното судство како клучен сегмент на правниот систем.
Посетата се организираше на 7 април 2026 година во Уставниот суд.


