Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, денеска оствари работна средба со Сотириа Тоуни, претседателка на Судот за ревизија на Република Грција и со Антонис Никитанис заменик-генерален јавен обвинител при овој суд, кој претставува најстара судска институција во земјата, основана во 1829 година.
На средбата делегацијата беше запознаена со надлежностите, како и со улогата, целта и мисијата на Судот за ревизија. Грчката делегација информираше дека улогата на Судот е решавање на спорови кои произлегуваат од ревизијата на јавните финансии, како и придонес кон унапредување на квалитетот и ефикасноста на управувањето со јавните средства, што претставува значаен сегмент во обезбедувањето на финансиска дисциплина и отчетност, како основа на владеењето на правото.
Беа презентирани и клучните функции и приоритети на Судот, како што се обезбедување релевантни согледувања за Парламентот за поефикасно вршење на неговата надзорна улога, унапредување на финансиското управување и отчетноста на државните органи, зајакнување на системите за финансиска контрола, подобрување на управувањето преку внатрешни контролни механизми.
Посебен акцент беше ставен на превентивната контролна надлежност на Судот, согласно која јавните набавки над 300.000 евра подлежат на претходна контрола, како и на неговата советодавна улога, особено во однос на договорите што ги склучуваат државните органи. Овие механизми беа посочени како важни инструменти за спречување на неправилности и зајакнување на правната сигурност.
На работните средби организирани во Атина, дел од македонската делегација се и претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски и претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани. Македонската делегација ги презентираше институционалните надлежности на органите со слични овластувања. Меѓу останатото беше нагласено дека Уставниот суд, како гарант на уставноста и законитоста, има клучна улога во заштитата на владеењето на правото и обезбедувањето на правна сигурност. Во таа насока, размената на искуства придонесува за понатамошно јакнење на институционалните капацитети и унапредување на механизмите за контрола, отчетност и заштита на правата на граѓаните.

