
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.56/2025
Скопје, 04.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 4 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 71 став 1 точка б од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016, 142/2016, 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020 и 154/2023).
Образложение
I
Славица Крстевска од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Подносителот наведува дека во Законот за извршување постои ограничувачка норма содржана во оспорениот член 71 став 1 точка б, според која, именуваните извршители по навршување 64 години возраст им престанува можноста да ја вршат функцијата, без право на продолжување до 67 години, како што тоа е дозволено за други категории на именувани лица.
Во понатамошниот дел од својата иницијатива подносителот истакнува дека со донесување на член 104-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 39/2025), законодавецот им овозможил на именуваните лица, по сопствена волја и со писмена изјава, да го продолжат работниот однос до 67 години. Според толкувањето на подносителот, оваа одредба се однесува и на извршителите, бидејќи и тие се лица кои се именувани од надлежен орган – министерот за правда, кои вршат јавни овластувања.
Подносителот смета дека оспорената одредба од член 71 став 1 точка б од Законот за извршување е во спротивност со ова ново законско решение, бидејќи на извршителите им се ускратува правото на избор за продолжување на функцијата. Тоа, според нив, претставува нееднаков третман и ги става извршителите во дискриминирачка положба во однос на другите носители на јавни овластувања.
Во прилог на своите наводи, подносителот се повикува и на ставот на Уставниот суд изнесен во Решението У.бр.29/2018 од 03.10.2018 година, каде е утврдено дека нотарите се носители на јавни овластувања и не засноваат класичен работен однос според Законот за работните односи, туку истите се именувани од надлежен орган.
Оттука, подносителот смета дека со опстојување во правниот поредок на ваквата ограничувачка односно лимитирачка норма во Законот за извршување, се врши повреда на уставно загарантираните принципи на еднаквост, правичност и право на работа, како и дека не се почитува начелото на еднаков третман на сите лица кои вршат јавни функции, со што се создава неуставна состојба односно повреда на член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија во смисла на член 104-а од Законот за работните односи.
Според изнесеното, предлага оспорената одредба да биде укината од страна на Уставниот суд.
II
На седницата Судот утврди дека член 71 став 1 точка б од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016, 142/2016, 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020 и 154/2023) определува дека должноста на извршителот престанува во следните случаи: со навршување на 64 години возраст согласно закон.
III
Согласно член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката претставува владеењето на правото.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според став 2, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Во став 5 од истиот член е определено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Согласно членот 1 од Закон за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/ 2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/ 2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/ 2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 134/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/2019, 267/2020, 151/2021, 288/21, 111/23, 39/25 , 74/25 и 124/25), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување и работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување .
Законот за работните односи во член 3 став 1 ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено, а во став 2 од овој член е утврдено дека работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор.
Во член 5 од Законот, во кој е утврдено значењето на употребените изрази во точката 1 е определено дека “Работниот однос” е договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот; а во точката 6. е определено дека “Работодавач” е правно и физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локалната самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно претставништво), кои вработуваат работници врз основа на договор за вработување.
Во член 13 од Законот е утврдено дека со потпишување на договорот за вработување се заснова работен однос меѓу работникот и работодавачот.
Согласно член 104 од Законот за работните односи, договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со закон поинаку не е уредено.
Понатаму, со член 104-а законодавецот го регулирал продолжувањето на работниот однос на избрани и именувани лица, односно ги предвидел исклучоците од член 104 од Законот.
Така, според став 1, по исклучок од членот 104 од овој закон, лице кое остварува права од работен однос врз основа на одлука за избор или именување од надлежен орган, во согласност со законот што ги утврдува неговите права и обврски кои произлегуваат од вршењето на функцијата, има право да побара да продолжи со вршење на функцијата и по исполнување на условите за старосна пензија, а најмногу до 67 години возраст, со писмена изјава до органот кој го избрал или именувал. Според став 2, писмената изјава од ставот (1) на овој член, лицето ја дава еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на вршењето на функцијата за наредната година.
Извршувањето и статусот на извршителите се уредени со Законот за извршување.
Според член 1 од Законот за извршување, со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска. Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон како и на извршување на брод и на воздухоплов.
Согласно член 3 од Законот, извршителот го спроведува извршувањето.
Извршителот, заменикот на извршител и помошникот на извршител, согласно член 11 став 1 точка 7 од Законот за извршување, се дефинирани како лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани/назначени согласно одредбите на овој закон, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања за да се спроведе извршната исправа и да ги преземат извршните дејствија.
Според член 32 од Законот, извршителот е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон именувано од Министерството за правда, согласно со одредбите од овој закон.
Условите за именување на извршител, постапката за именување како и свечената изјава, повелбата за именување и започнување со работа се определени во член 33, член 34 и член 35 од Законот.
Понатаму, со член 39 од Законот, извршителот е обврзан дека не смее да врши јавни функции, или раководни, надзорни и управни функции во: трговски друштва, државни заводи и фондови, политички партии, служби за наплата, трговски дејности, посреднички, нотарски и адвокатски работи, не смее да биде во служба на верска заедница или религиозна група. Оваа забрана не се однесува за вршење научни, уметнички и наставни дејности, дејноста судски преведувач, како и за вршење должности во Комората и во меѓународните здруженија на извршители.
Причините за престанок на должноста на извршителот се утврдени во членот 71 од Законот, според кој должноста на извршителот престанува: а) со смрт – со денот на смртта на извршителот; б) со навршување на 64 години возраст согласно закон; (оспорен дел), в) по негово барање – со истекот на рокот определен во барањето за престанок на службата; г) ако биде осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци – со правосилноста на кривичната пресуда; д) ако му биде изречена казна-забрана за вршење на должноста извршител – со денот на правосилноста на одлуката на судот; ѓ) ако со одлука на дисциплинската комисија му е изречена дисциплинска мерка – трајно одземање на правото на вршење на должноста извршител – со денот на правосилноста на одлуката на дисциплинската комисија; и е) со разрешување – со правосилноста на одлуката за разрешување.
Според став 2, во случаите од ставот 1 точки а) до д) на овој член министерството во рок од 15 дена ќе донесе решение со кое констатира дека должноста на извршителот престанала. Против решението од ставот (2) на овој член извршителот нема право на жалба, а може да поведе управен спор. Министерството за правда е должно веднаш да го објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“ правосилното решение за престанокот на должноста извршител.
Во членот 72 е уреден престанокот на вршење на должноста извршител по барање на извршителот, а во членот 73 се утврдени основите поради кои извршителот може да биде разрешен a) престанат да постојат условите за именување од членот 33 од овој закон или дополнително се утврди дека при именувањето тие не постоеле; б) не даде свечена изјава; в) се вработи; г) со правосилна судска одлука му биде одземена или ограничена деловната способност; д) не го продолжува уредно своето осигурување од одговорност; ѓ) ако извршителот бил именуван, свесно прикривајќи го постоењето на законските пречки за именување на извршител; е) ако без оправдани причини не започне со работа во роковите утврдени во члeнот 35 ставови (6) и (7) од овој закон; ж) го променил седиштето на канцеларијата и престанал да ги исполнува просторните, техничките како и другите услови за вршење на должноста утврдени во членот 36 од овој закон.
IV
Од наведените уставни одредби произлегува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување и дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Од наведените одредби од Законот за работни односи произлегува дека тој претставува општ, генерален закон кој на општ начин ги уредува работните односи согласно уставната одредба од членот 32 став 5 од Уставот според која, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Во својата досегашна уставно-судска практика, Уставниот суд утврдил став дека постоењето на Законот за работните односи како lex generalis, не претставува пречка законодавецот во рамките на своите уставни овластувања со други, посебни закони да доуреди одредени прашања од оваа област и тоа само по себе не претставува повреда на уставниот принцип на еднаквост кој го гарантира член 9 од Уставот и на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок определена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Токму таквата можност е дадена со делот од одредбата од членот 104 став 2 од Законот за работни односи „доколку со закон поинаку не е утврдено“ .
Извршувањето не претставува уставна категорија. Положбата и статусот на извршителите е уредена со посебен Закон за извршување. Од анализата на претходно цитираните одредби од Законот за извршување, произлегува дека извршителите се лица што вршат јавни овластувања, тие се именувани од министерот за правда врз основа на конкурс и извршувањето го вршат како професионално занимање. Станува збор за именувани лица, кои не засноваат работен однос во смисла на Законот за работните односи, туку за носители на јавни овластувања.
Имајќи ги предвид специфичностите на извршителите, Законот за извршување уредил повеќе прашања поврзани со статусот на извршителите како што се нивното именување, обврската за осигурување, основите за престанокот на должноста извршител, основите за разрешување, правната заштита во случај на престанок и разрешување која што се остварува во постапка по управен спор пред управните судови, а не во форма на работен спор пред редовните граѓански судови. Притоа, во Законот за извршување законодавецот во ниту една одредба не упатил на супсидијарна примена на одредбите од Законот за работните односи во поглед на работно-правниот статус на извршителите.
Специфичните функции што ги извршуваат извршителите, според Судот го оправдува посебното регулирање на извршителската професија и статусот на извршителите, вклучително и нивното изземање од опфатот на Законот за работните односи. Извршителите освен тоа што се именувани лица, се и лица што вршат јавни овластувања. Јавните овластувања се функции на државата чие вршење се доверува на установи, организации и заедници и најчесто се однесува на одделни односи од пошироко значење (решавање во поединечни управни работи, водење на евиденција, издавање на јавни исправи и слично). Правото на овие субјекти да вршат јавни овластувања се пренесува со закон. По пренесувањето на јавното овластување, државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кои им е доверено тоа овластување. Имајќи го предвид наведеното, пренесувањето на јавните овластувања во делот на извршувањето од судовите, неминовно подразбира државата со закон јасно и прецизно да ги утврди условите под кои извршителите ќе ги вршат овие овластувања, како и нивните права, обврски и одговорности, вклучувајќи ја постапката за нивно именување и условите потребни за вршење и престанок на оваа функција кој меѓу другото експлицитно предвидел дека должноста на извршителот престанува со навршување на 64 годишна возраст согласно закон, без да биде дадена можност за продолжување на должноста, согласно прописите за работните односи.
Ваквиот пристап законодавецот на идентичен начин го има прифатено и во други посебни закони со кои се уредува статусот на носителите на одделни јавни функции како што е Законот за нотаријатот.
Споредбата на оспорената одредба од Законот за извршување наспроти одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, односно член 104-а според кој лице кое остварува права од работен однос врз основа на одлука за избор или именување од надлежен орган, во согласност со законот што ги утврдува неговите права и обврски кои произлегуваат од вршењето на функцијата, има право да побара да продолжи со вршење на функцијата и по исполнување на условите за старосна пензија, а најмногу до 67 години возраст, со писмена изјава до органот кој го избрал или именувал, како аргумент со кој се кршат темелните вредности на уставниот поредок односно владеењето на правото, еднаквоста на граѓаните и правото дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место се неосновани.
Во образложението на овие законски измени и дополнувања на Законот за работните односи е наведено дека причините за донесување на ова законско решение е во насока на надминување на проблемот со дефицитот на судии и јавно обвинители во судовите во Републиката а за што постои законски основ во посебните закони кои ја регулираат оваа област. Имено во посебните закони постои експлицитен правен основ за продолжување на судиската односно обвинителската функција и по исполнување на условите за старосна пензија, по сопствено барање на судијата односно обвинителот. Овие закони директно упатуваат на примена на Законот за работните односи.
Оттука, продолжувањето на вршењето на функцијата на избраното или именуваното лице треба да е во согласност со законот што ги утврдува неговите права и обврски, односно во законот да биде дадена можноста за продолжување на мандатот односно продолжување на должноста согласно со прописите за работните односи, што не е случај со статусот на извршителите регулиран со Законот за извршување.
Според ваквата законска регулатива членот 104-а од Законот за работните односи, не може да се применува за сите лица кои остваруваат права од работен однос врз основа на одлука за избор или именување од надлежен орган, и дека имаат право да побараат да продолжат со вршење на функцијата и по исполнување на условите за старосна пензија, а најмногу до 67 години возраст, со писмена изјава до органот кој го избрал или именувал.
Поради тоа, Судот оцени дека не постојат основи за доведување под сомнение на одредбата од член 71 став 1 точка б од Законот за извршување, со која е определено дека должноста на извршителот престанува со навршување на 64 годишна возраст, со член 8 алинеја 3, член 9 и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски