На 24.03.2026 година, во Уставниот суд се одржа тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба?“, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Во рамки на настанот, свое излагање имаше и правниот експерт ангажиран од ЕУ проектот, Мартин Сопоронов, кој истакна:
Сметам дека врз основа на целите дефинирани во Развојната секторска стратегија за правосудството 2024–2028 година во однос на Уставниот суд, како и ставовите изнесени на тркалезната маса за воведување на уставната жалба, постои широк консензус за потребата од зајакнување на системот на непосредна уставна заштита на човековите права во Република Северна Македонија. Иако постои општа согласност дека уставната жалба претставува важен и неопходен инструмент за унапредување на пристапот до уставна правда и заштита на човековите права, нејзиното воведување – унапредување е тесно поврзано со потребата од уставни измени.
Тоа произлегува од фактот што, иако во рамките на постојната уставна поставеност формално постои процесен инструмент за непосредна уставна заштита на човековите права (барањето за заштита на слободите и правата), неговата нормативна рестриктивност и ограничена ефективност го прават во голема мера симболичен и доведуваат до занемарување на неговата вистинска природа, па дури и на самото негово постоење. Оттука, дебатата за воведување „нова“ уставна жалба, всушност претставува дебата за сеопфатна реформа и унапредување на постојниот механизам, со цел негово трансформирање во функционално, достапно и ефективно правно средство.
Оттаму, секоја идна реформа треба да ги опфати клучните прашања, вклучително и проширување на опсегот на заштитените права, јасно дефинирање на условите за иницирање на постапка (критериумите за допуштеност и целосност) и на нејзините процесни гаранции, како и зајакнување на институционалните и оперативните капацитети на Уставниот суд. Посебно внимание треба да се посвети на обезбедување на тоа уставната жалба да функционира како супсидијарен механизам, да овозможува уставно-судска контрола на поединечни акти (конечни судски и управни акти), дејствија, но и пропуштања на органите на јавната власт по барање на поединецот, како и да обезбеди ефективна правна заштита. Во таа насока, потребно е на Судот да му се доделат јасни овластувања да укинува или поништува поединечни акти, да наложува повторување на постапки и да определува правично обесштетување, во согласност со меѓународните стандарди, особено со стандардите на Венецијанската комисија и Европскиот суд за човекови права.
