Делегација на Уставниот суд претставувана од претседателот д-р Дарко Костадиновски и судијата проф. д-р Ана Павловска-Данева, остварија работна средба со д-р Владан Петров претседател, д-р Добросав Миловановиќ и д-р Наташа Плавшиќ, судии од Уставниот суд на Република Србија.
Претседателите на двата суда изразија заемно задоволство од средбата и се согласија да работат на унапредување на соработката, особено земајќи го предвид пријателството меѓу двете држави и народи.
Претседателот Костадиновски ја истакна важноста од интензивирање на билатералната соработка меѓу двата суда и истакна дека целта на оваа посета во Белград, е во најскоро време делегациите на двата суда повторно да се сретнат и да учествуваат во заеднички активности.
Претседателот Петров нагласи дека претседателот Костадиновски е првиот претседател на Уставен суд кој го посетил Уставниот суд на Република Србија, откако тој е избран да раководи со институцијата.
Како што истакна, тоа има и симболично значење, бидејќи земјите од регионот, особено уставните судови, треба да соработуваат многу поинтензивно, потенцирајќи дека тие треба да бидат меѓу водечките институции во државите кои ќе придонесуваат во процесот на европските интеграции.
Претседателот Петров и претседателот Костадиновски разговараа и за надлежностите на двата суда, начинот на одлучување, како и за актуелните предизвици со кои се соочуваат.
На средбата беше искажана иницијатива за започнување на подготовки за изработка на Протокол со кој ќе се формализира соработката меѓу двата суда, со акцент за споделување на добрите практики уставно- судската пракса, како и за размена на искуства и знаења меѓу судиите и соработниците во уставните судови.

