Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, оствари работна средба со делегација на германската Фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), во состав од д-р Штефан Пирнер, раководител на проектот за Западен Балкан, и д-р Арнд Волер, самостоен менаџер на проектот.
Во рамките на средбата беа разменети мислења и информации за тековните активности, како и за можностите за нивно понатамошно унапредување и продлабочување. Беше изразена заедничка согласност за квалитетот и ефектите од досегашната соработка, која се оценува како значаен придонес кон јакнењето на институционалните капацитети и унапредувањето на стручната експертиза.
Соговорниците ја истакнаа важноста на ова партнерство за натамошно зацврстување на улогата на Уставниот суд во обезбедувањето на владеењето на правото и заштитата на уставноста, законитоста и човековите права, во согласност со европските и меѓународните стандарди.
Во тој контекст, беа разгледани и утврдени приоритетните насоки за идната соработка, вклучително и организацијата на регионална конференција во коорганизација со ИРЗ, во рамки на проектот „Поддршка на работата на Уставниот суд“, како дел од пошироките активности за регионална соработка во Западен Балкан. Конференцијата ќе овозможи платформа за стручна размена и унапредување на соработката меѓу уставните судови од земјите од словенското говорно подрачје.

