На 25 март 2026 година со почеток во 9:30 часот, Судот ќе ја одржи 8. седница со Дневен ред на кој ќе се дискутира по осум предмети за оценување на уставност и на законитост.
I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.241/2024
Оспорен акт: Членовите 1, 2, 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.208/2024).
Подносител на иницијативата: Тони Јакимовски
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 51, 52 став 4 и 54 став 1 од Уставот и укажува дека разрешувањето на претседателот и на членовите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишата, пред истеккот на мандатот од 4 години, е напревено без аргументи и без претходно утврден основ.
Забелешка: Рефератот беше разгледуван на дневен ред од 21. седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија, одржана на 15 октомври 2025 година. Предлогот на судијата-известител не го доби потребното мнозинство гласови. Предметот е во фаза на гласање.
2.Реферат У.бр.83/2025
Oспорен акт: Членовите 4-а, 4-б, 5, 5-а, 6, 6-а, 7 и 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија” бр.14/2007, 103/2008, 130/2008, 139/2009, 156/2010, 127/2012, 41/2014, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015, 173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016, 83/2018 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.13/2023, 59/2025 и 154/2025).
Подносител на иницијативата: Стопанска комора на Северо-Западна Македонија застапувана од Менди Ќура
Од наводите во ининијативата:
Подносителот наведува дека оспорениот закон предизвикува хаос во уставно-правниот поредок на територијата на Република Северна Македонија и ја нарушува еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот. Се тврди дека со овој закон е нарушена еднаквоста меѓу домашните и странските правни и физички лица регистрирани за вршење на дејност на територијата на Македонија, надвор од технолошките индустриски развојни зони преку предвидување на државна помош.
3.Реферат У.бр.118/2025
Оспорен акт: Член 34 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019) и член 3 став 1 точка 5, член 24 став 2 алинеја 3, како и член 69 точка 4 во делот „Жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган„ од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019).
Подносител на иницијативата: Адвокат Бранко Радојчиќ
Од наводите во иницијативата:
Се тврди дека со оспорените одредби се создава системски ризик за уставниот поредок пореди несоодветна и уставно неиздржана надлежност на Управниот суд да врши контрола врз акти на Собранието кои по својата природа не се управни, туку политички коишто произлегуваат директно од неговата уставна функција како законодавен и политички орган. Се наведува дека оваа поставеност директно го нарушува темелното уставно начело на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Подносителот наведува дека Одлука на Собранието за избор на судија на Уставниот суд, член на Судски совет, гувернер не претставува управен акт по својата природа и одлуката не се носи во управна постапка, туку во посебна собраниска процедура која е израз на политичка волја.
4. Реферат У.бр.156/2025
Оспорен акт: Член 18 став 5 во делот „во согласност со закон” од Законот за вештачење („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.154/2023).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорениот дел се овозможува враќање на уплатените средства согласно закон, доколку кандидатот за вештак во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот. Според иницијативата, нејасно е кој е тој посебен закон кој ќе регулира како и каде ќе се вратат средствата и не се содржани доволно причини зошто би се овозможило со посебен закон да се регулира враќањето на средствата, наместо тоа да се предвиди со Законот за вештачење.
5. Реферат У.бр.107/2025
Оспорен акт: Член 64 став 7, член 96 став 2 алинеја 1, член 97 став 1 и член 120 став 1 од Законот за вработените во Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 53/2024).
Подносител на иницијативата: Николче Мушаревски
Oд наводите во иницијативата:
Меѓу наводите има тврдења дека со оспорените одредби се пропишува оценувањето на вработените во Министерството, кои укажуваат на квалитетот, посветеноста на вработените при извршувањето на работните задачи, но се тврди дека не е дадена можност на вработениот да поднесе жалба или приговор против одлуката на овластениот одбор со што се ускратува можноста за заштита на евентуално повредените права.
6. Реферат У.бр.138/2025
Оспорен акт: Член 17 ставови 1 и 2 во делот „на судија” од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.129/2023 и 53/2024).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека одредувањето на платата на директорот и заменикот на директорот на Академијата за судии и јавни обвинители избрани од Управниот одбор, не треба да се пресметува во истиот закон, со останатите јавни функционери, бидејќи според неговото толкување Академијата не е орган кој може да се споредува со Собранието или Владата кои ги избираат или именуваат членовите. Според наводите, спорно е платите на директорот на Академијата да се воспоставени на ниво на врховен судија или судија на апелационен суд.
7. Реферат У.бр.159/2025
Оспорен акт: Делот „може да воведува и други финансиски инструменти доколку кај истите со подзаконски акт” од член 28 став 2 од Законот за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.154/2025 и 192/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорениот дел не е доволно јасен и прецизен, наспроти целината на одредбите од законот. Според неговото гледиште, од содржината на Законот за иновациска дејност не произлегува кој го „носи” подзаконскиот акт од одредбата од членот 28 став 2, а на Агенцијата и се дава можност да воведе и други финансиски инструменти. Се тврди дека со оспорениот дел се воспоставува и можноста надвор од правилата пропишани со законот, да се пропишуваат критериуми при воведувањето на „другите финансиски инструменти”.
8. Реферат У.бр.162/2025
Oспорен акт: Член 39 став 3 во делот „нема” од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.263/2023, 170/2024 и 132/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорената одредба се воспоставува привилегија за концесионерот од претходниот период на стопанисување наспроти идните концесионери на дивеч. Смета дека со наведените околности се прави дискриминација на една категорија на лица, на сметка на други кои веќе стекнале некое право во минатото.
