Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски гостување на поткастот „Каде се парите,” зборуваше за актуелни прашања поврзани со работењето на Уставниот суд, за предмети кои се од висок интерес на јавноста и за приоритетите во неговиот мандат.
Во врска со предметот во кој е оспорен член 218 од Законот за извршување, а се однесува на можноста физички и правни лица да си ги наплатат долговите од државните и локалните органи, Костадиновски изјави:
„Мене ми е многу драго што за овој предмет поведовме постапка. И пред 5 години овој ист суд го разгледуваше член 218 по друга иницијатива. И тогаш имаше судии, иако сега можам да кажам, тоа не е тајна дека во тој состав, јас и судијата Осман Кадриу изразивме сериозен сомнеж за уставноста на овој член 218, но мнозинството одлучи, за да не настанат огромни последици пред државата, одлучи да на некој начин прогледа низ прсти. Сега поведена е постапка за членот 218. И од самиот пример на подносителот на иницијативата може да се разбере дека станува збор за неуставна одредба. Тој ни дава два примера, вработен во општинско претпријатие се стекнува со право на пензија, друг вработен не се стекнува со правото на пензија бидејќи претпријатието не ги уплаќало придонесите. Вработениот ја тужи општината, добива правосилна пресуда и не може да ја изврши…токму поради постоењето на овој член 218. Тоа е толку нејасна, непрецизна норма, употребува дури некој правен стандард „неопходни за вршење на дејноста”, а во вториот став од овој член му се дава некое дискреционо право на претседателот на судот тој да определи кои средства се неопходни за вршење на дејноста. Многу лошо нормирана норма. Нам ни е јасна целта на Законодавецот, знаеме што сакал да постигне, јавен интерес е тоа се јавни претпријатија за смет, за вода итн…но кога ќе прочитам дека долгот на јавните претпријатија изнесува 200 милиони евра, па тие се нечии пари, тие не се виртуелни, тоа се пари кои некој ги побарува.
Оваа одлука ќе влијае на финансиска дисциплина и на поголема одговорност на јавните претпријатија. Не може да се најдат разумни оправдувања… Од способноста на раководствата на тие претрпијатија зависат како ќе работат. Значи правата на сопственост, побарувањата, дотолку повеќе се оние кои имаат правосилна пресуда.Тоа е право на сопственост, а сопственоста ужива уставна гаранција, тоа е темелна вредност на нашиот поредок. Тоа е право на граѓаните и може да бидат ограничени во вонредна и воена состојба, а не и на ваков начин. Тие 200 милиони евра се нечии пари, на некои компании кои исто така треба да исплатат свои вработени”.
На прашањето, дали за ваков важен закон може да има притисоци од извршната власт, претседателот Костадиновски категорично ги отфрли тезите во оваа насока.
„Кај мене не постои јавување, но и без да ми се јавува некој, ние кога ги носиме нашите одлуки сме должни да ги земеме предвид сите околности и ефектот врз правата на граѓаните. Без некој нам да ни кажува, ние сме должни да цениме. Каква ќе биде одлуката, ги цениме сите околности, што нашата одлука ќе значи за правниот поредок, за Буџетот.. Се ценат сите околности. Сум против да се блокираат сите јавни претпријатија, но секој еден граѓанин кога ќе се нафати да раковидои јавно претпријатие треба да биде одговорен. Мислам дека ќе треба еден период како би се ефектуирала нашата одлука”.
Во однос на примената на Законот за облигациони односи, по укинувањето на измените од страна на Судот минатата година, Костадиновски изјави:
„Законот со застарувањата од 5 години, бил во примена да речеме една година. Во таа една година, сите побарувања што навршиле пет години застареле и не можат веќе да се наплатат. Проблемот настанува што нашата укинувачка одлука, прашање е дали го оживува претходното правно правило. Укинувачка е, не е поништувачка, затоа што според мојот правен став, само доколку се поништи цел закон, само во тој случај се враќа во живот претходното правно правило…тоа е поништувачкиот ефект, меѓутоа овде имаме укинувачка одлука. Ние за ефектите и примената не сме надлежни, но овде сум должен да кажам, исто како Законодавецот, пречестата промена на законските решенија претставува правна несигурност, води кон правна непредвидливост, а истото се однесува и за нашите одлуки. Нашите одлуки ги имаат правните ефекти и карактеристики исто како законите…
На прашањето дали треба да се прошири надлежноста на уставните судови за да одлучува и оценува два закони меѓусебно, претседателот одговори:
„Ова ми е една од омилените теми. Јас сум осум години судија, скоро и да нема седница на која пред Судот не се поставува ваква дилема, ние ја викаме колизија на законите. Мој личен став и ме радува што Уставниот суд во последно време веќе почнува да си ја прифаќа таа надлежност…неспорен факт е дека не е таа експлицитно наведена надлежност, но Уставниот суд, штитејќи ги темелните вредности не може да се апстрахира кога ќе види случај на класичен пример на закони, одредби кои може да се применат арбитрарно, тоа значи јас на пример сега да бирам кој закон ќе го применам. Тоа значи дека не се задоволени темелните вредности на владеењето на правото. Јас мислам дека Судот треба да биде должен да ја решава таа несогласност на законите. Еве ви еден пример. Законот за платите на избраните и именуваните функционери. Јас бев известител на тој предмет. Во 2009 година како резултат на светската економската криза, во Законот се додава еден член да се даде фиксна основица на платата на сите именувани и избрани функционери. Фискно. И платата се одредува на начин што се пресметува таа фиксна основица помножена со коефициентот. Меѓутоа, што направил нашиот Законодавец? Кога го внел ова правно правило, не го ставил вон сила старото правно правило, а тоа гласи дека коефициентот помножен по просечната плата од претходната година, така ќе се пресметува. Е сега, да се отстранело тоа правно правило, немало да дојде до тоа ние да одлучуваме, изјави Костадиновски.
Костадиновски одговори и на прашања поврзани со солидарниот данок, линеарното зголемување, за доминацијата на законодавната и извршната власт врз судската власт, за што истакна:
Се поставуваат предоминантно кон судската власт и прават мобинг. На пример, како можете да очекувате од судската власт да биде ефикасна, кога не и ги давате законски определените средства. Граѓаните треба да влезат во судовите, да видат во каква атмосфера и каков амбиент се работи. Но, состојбата таму е очајна. Ако ги нема потребните ресурси, вработени, технички персонал, тоа не функционира. Не ја амнестирам судската власт и таа треба да најде начин да се бори со корумпирани и судии со политички афилијации. Тие судии го „резилат” образот на судската власт. Но, не можам да прифатам дека само судската власт има 2% доверба. И ако е така, што правеле овие други две власти? На годишен одмор биле? Не може да се апстрахираат, тоа е систем. Околу недовербата, тоа е недоверба во целиот државен апарат.
Во врска со предметот во кој Судот одлучуваше за коефициентите со кои се пресметуваат платите на судиите и на јавните обвинители Костадиновски кажа:
Повикувајќи се на тие меѓународни стандарди и на самостојноста и независноста сум за да не се намалуваат платите на судиите и обвинителите, но тие треба да бидат на нивото на задачата и да најдат начин да расчистат со тие т.н. „судии” кои го валкаат образот на цела една фела, изјави Костадиновски во поткастот „Каде се парите” со новинарот Горан Теменугов.
Целата емисија погледнете ја овде: https://www.youtube.com/watch?v=FmQrGoVu1U8
