
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.31/2025
Скопје, 04.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 4 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година, бр.08-125/7 од 23.01.2025 година, донесена од Советот на Општина Кичево („Службен гласник на Општина Кичево” бр.1/25 од 23.01.2025 година).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Државниот инспекторат за локална самоуправа преку неговиот директор, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата истиот не е во согласност со член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа.
Се наведува дека оспорениот акт е донесен од страна на Советот на Општина Кичево и е објавен во „Службен гласник на Општина Кичево” бр.1/25 од 23.01.2025 година. Државниот инспекторат за локална самоуправа врз основа на член 23 став 1 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа, го донел Решението бр. 02-85/1 од 10.04.2025 година, со кое ја запрел примената на оспорениот акт.
Причината за запирање на примената на Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година е што за нејзиното донесување гласале 12 советници од вкупно 23, а 11 советници гласале против.
Понатаму во иницијативата се наведува дека бил извршен вонреден инспекциски надзор во седиштето на Општина Кичево од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа на ден 26.03.2025 година.
Се наведува дека по деталниот увид во документацијата доставена од страна на претставникот на Општина Кичево, донесената Програма за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година не е во согласност со член 41 став 3 од Законот за локална самоуправа. Со оглед на тоа дека оспорената одлука е незаконита, таа не може да произведе правно дејствие и како таква не може да остане во правниот промет, па поради тоа предлага, Уставниот суд на Република Северна Македонија да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорениот акт и истиот да биде поништен.
II
На седницата Судот утврди дека Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година, бр.1/25 од 23.01.2025 година, е донесена од страна на Советот на Општина Кичево на седницата одржана на 23.01.2025 година, по предлог на Градоначалникот на Општина Кичево, врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и член 23 точка 14 од Статутот на Општина Кичево („Службен гласник на Општина Кичево“ бр.5/2013).
Програмата содржи V (пет) глави и во глава I е наведено дека истата има за цел да ja одрази и прослави богатата културна, етничка и верска разновидност на нашата заедница. Преку редица активности низ целиот годишен период, целта е да се зајакнат врските меѓу заедниците, да се промовира толеранција и разбирање, како и да се зачуваат и развиваат ценетите традиции. Овие настани обезбедуваат можности за граѓаните да се вклучат активно во културниот и социјалниот живот на општината, придонесувајќи за хармонична коегзистенција и за општ развој на општеството.
Во глава II се содржани целите на програмата а тоа се: промоција на коегзистенцијата и толеранцијата, зачувување и развој на локалната култура и традиции, ангажман на заедницата, едукација и свесност, промоција на општината, економски развој на локалниот пазар, поддршка на младите и едукацијата и соработка меѓу институциите и организациите. Во глава III се содржани празниците и значајните датуми со краток опис на истите и предвидени активности.
Во глава IV се утврдени изворите на финансирање, додека во глава V е предвидено дека оваа програма влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Кичево”.
III
Владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 алинеи 3 и 9 од Уставот.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, според член 51 став 2 од Уставот.
Според член 114 став 5 од Уставот на Република Северна Македонија, кој е заменет со точка 1 на Амандманот XVI, локалната самоуправа се уредува со закон којшто се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за Градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Согласно со член 115 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, кој е заменет со точката 1 на Амандманот XVII, во единиците на локалната самоуправа, граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Според член 31 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), органи на општината се советот и градоначалникот. Согласно со член 32 став 1 од истиот закон, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамки на надлежностите на општината.
Во член 41 став 3 од истиот закон е предвидено дека прописите кои се однесуваат на културата, употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општината, утврдувањето и употребата на грбот и знамето на општината, се усвојуваат со мнозинство гласови од присутните членови на советот, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината.
IV
Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година, бр.8-125/7 од 23.01.2025 година којашто е предмет на уставно-судска анализа, е донесена од страна на Советот на Општина Кичево на седницата одржана на 23.01.2025 година, по предлог на градоначалникот на Општина Кичево. Истата е донесена врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и член 23 точка 14 од Статутот на Општина Кичево („Службен гласник на Општина Кичево“ бр.5/2013). Програмата е објавена во („Службен гласник на Општина Кичево“ бр.1/2025 од 23.01.2025)
Претседателот на Советот на Општина Кичево го донел Решението бр.08-125/1 од 15.01.2025 година, за свикување на 44-тата седница на Советот на Општина Кичево, во кое е определено дека седницата ќе се одржи на ден 23.01.2025 година. Во истото решение е содржан и предлог-дневниот ред за седницата.
Од извршениот увид во Записникот од 44-тата седница на Советот на Општина Кичево бр.08-125/2 од 23.01.2025 година, произлегува дека седницата се одржала на ден 23.01.2025 година во просториите на Советот на Општина Кичево со почеток во 10 часот и на истата присуствувале сите 23 члена на Советот. Шеста точка од дневниот ред била Предлог-програма за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година. Во расправата било предложено од член на Советот по оваа точка да се гласа согласно со член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа, но овој предлог не бил прифатен од страна на претседателот на Советот. Предлог-програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година била ставена на усвојување и истата се усвоила со 12 гласа „ЗА“ и 11 гласа „ПРОТИВ“.
Од извршениот увид во евидентниот лист за присуство на членови на Советот на Општина Кичево на седницата бр.44, произлегува дека од вкупно 23 члена на Советот на Општина Кичево, 12 се Албанци и 11 се Македонци.
Директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, го донел Решението бр.02-85/1 од 10.04.2025 година, со кое ја запрел примената на оспорениот акт. Во образложението на истото е наведено дека по извршениот вонреден инспекциски надзор во седиштето на Општина Кичево и по деталниот увид во документацијата доставена од претставник на Општина Кичево, се утврдило дека во конкретниот случај донесувањето на Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година, не е во согласност со член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа.
Во одговорот кој го достави Советот на Општина Кичево како доносител на оспорениот акт, се наведува дека програмата е донесена со 12 гласови „ЗА“ и 11 гласови „ПРОТИВ“ и според етничката припадност сите советници кои гласале ЗА се Албанци и сите советници кои гласале ПРОТИВ се Македонци.
Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година, е пропис којшто има за цел да ja одрази и прослави богатата културна, етничка и верска разновидност на заедница и предвидува настани коишто се од суштинско значење на мултиетничкиот карактер на Општината и заштита на правата на заедниците.
Во конкретниот случај, од утврдената фактичка состојба и од анализата на наведените законски одредби неспорно произлегува дека оспорениот акт е пропис којшто разработува културни активности и одбележување на празници и истиот е донесен без потребното мнозинство од заедниците кои не се мнозинско население во Општината, како што предвидува член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа. Поради истата причина и директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, го донел Решението бр.02-85/1 од 10.04.2025 година, со кое ја запрел примената на оспорениот акт.
Смислата на член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа е да обезбеди вклученост и заштита на заедниците кои не се мнозински во процесот на донесување прописи на советот што засегаат прашања од културата. Вака предвиденото мнозинство ја штити рамноправноста на заедниците во процесот на донесување прописи коишто се однесуваат на културата и употребата на јазиците. Тоа произлегува и од содржината на Амандаманот XVI со кој се заменува ставот 5 на член 114 од Уставот на Република Северна Македонија.
Со донесувањето на оспорениот акт на овој начин, спротивно на член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општина Кичево не го обезбедил потребното мнозинство што го прави оспорениот акт незаконит и спротивен на Уставот.
Имајќи го предвид изнесеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот акт со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со член 41 став 3 од Законот за локалната самоуправа.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски