Десетици граѓани на првиот отворен ден кај претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски

Денеска, претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, го одржа првиот работен ден наменет за директни средби со граѓаните.
Во текот на денот, претседателот Костадиновски се сретна со десетици граѓани кои пројавија интерес да се информираат за начинот на поднесување поднесоци до Судот. Дел од нив ги споделија своите лични искуства поврзани со одредени правни прашања, побараа правни мислења и совети по одредени правни прашања, како и дополнителни појаснувања за надлежностите и улогата на Уставниот суд.
Меѓу првите гости кои пројавија интерес за ваквиот формат на отворени средби беше и група студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, организирани преку ЕЛСА(национален огранок на европска студентска асоцијација) кои имаа можност директно да се запознаат со работата на Судот и да постават прашања поврзани со уставно-судската заштита на правата и слободите.
Овие средби се дел од заложбите на претседателот Костадиновски за поголема транспарентност и отвореност на Судот кон јавноста.
Следната средба на претседателот со граѓаните е закажана за 2 април, првиот четврток во месецот. По тој повод, се повикуваат сите граѓани кои имаат интерес за средба да се пријават навремено, со цел да добијат можност директно да постават прашања, да се информираат за постапките пред Судот и за неговите уставни надлежности.