Советникот на Уставниот суд, Мајлинда Исмаили, беше дел од учесниците на студиската посета и проектниот завршен настан „Човекови права и одржлива животна средина во Југоисточна Европа“ во Стразбур.
Настанот беше посветен на унапредување на примената на стандардите за човекови права во областа на заштитата на животната средина, со посебен фокус на судската практика на Европскиот суд за човекови права, извршувањето на неговите пресуди, како и на развојот на нови механизми и правни инструменти во рамки на Советот на Европа. Во рамки на програмата беа разгледани теми поврзани со т.н. Рејкјавик процес и животната средина, Конвенцијата за заштита на животната средина преку кривично право, како и улогата на Бернската конвенција во заштитата на биодиверзитетот.
Целта на студиската посета беше зајакнување на капацитетите на претставниците на институциите од Југоисточна Европа за примена на европските стандарди во областа на човековите права и животната средина, како и продлабочување на соработката со релевантните тела на Советот на Европа.
На настанот учествуваа претставници на судството, уставните судови, министерствата за правда и животна средина, како и други правни и институционални чинители од регионот. Меѓу говорниците беа високи претставници и експерти од Советот на Европа, вклучително и претставници од Регистарот на Европскиот суд за човекови права, Одделот за извршување на пресуди, Одделот за „Рејкјавик процесот” и животна средина, Европскиот комитет за проблеми на криминалот, Канцеларијата на Комесарот за човекови права, како и експерти ангажирани во рамки на проектот.
Со учеството на овој настан, се потврдува посветеноста на Уставниот суд кон следење и примена на европските стандарди за заштита на човековите права во контекст на заштитата на животната средина и владеењето на правото.
