
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.5/2025
Скопје, 24.12.2025
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 и член 73 алинеја 1 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 24 декември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 ставови 1, 2 и 3 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 4 во делот „без образложение“ од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Александра Илиева – Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 9 став 1 во делот „на правосилноста“, член 9 став 2 во делот „на правосилната“, член 9 став 3 во делот „за правосилни“ и член 9 став 4 во делот „без образложение“ од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, истите не се во согласност со членовите 16 и 102 од Уставот на Република Северна Македонија, од причина што одлуките коишто се донесуваат од страна на судовите и нивната објава се јавни, а следствено на тоа, јавноста има право да биде запознаена со истите.
Се наведува дека е недозволиво само правосилните одлуки да се објавуваат, а неправосилните одлуки да не се објавуваат, со што на јавноста не ѝ е овозможено да биде запозната со истите. Оттаму, јавноста и обврската да се објавуваат одлуките на веб-страницата на судот значи и увид на граѓаните во начинот на донесување на одлуките, што е загарантирано со Уставот и не може да биде ограничено само на одредени спорови, затоа што според подносителот, со Уставот се гарантира јавноста на сите одлуки.
Понатаму, подносителот наведува дека согласно со член 125 став 3 од Законот за кривичната постапка, судовите се должни донесените одлуки во рок од два дена од изготвувањето да ги објавуваат на веб-страницата на судот, на начин утврден со закон, а во член 126 став 1 од Законот, е предвидено дека сите судски пресуди се јавни и достапни во електронски или печатени примероци, освен во случаите кога јавноста е исклучена согласно со Уставот на Република Северна Македонија, овој закон и меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Северна Македонија. Додека според став 2 на овој член, другите судски одлуки се достапни на увид и препис на секое заинтересирано лице, освен во случаи кога јавноста е исклучена, согласно со став 1 на овој член.
Дополнително, подносителот ги цитира и членовите 6 и 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права, во кои е пропишано дека пресудите се изрекуваат јавно, односно секој човек има право на слобода на изразувањето и ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи.
Со дополнувањето на иницијативата, доставено до Судот на 17 април 2025 година, подносителот предлага Судот да поведе постапка и да го укине и член 9 став 4 во делот „без образложение“ од Законот за управување со движењето на предметите во судовите, затоа што при донесувањето на одлуките законот и Уставот бараат истите да бидат образложени согласно со законот и со правилно утврдена фактичка состојба.
Тоа подразбира правилна примена на материјалното право, судска постапка спроведена согласно со закон и правилно утврдена фактичка состојба. Сите овие параметри коишто се основ за функционирање на правниот систем треба да бидат опфатени со образложението на судската одлука, коешто треба да биде логично и во согласност со законот.
Објавувањето на судските одлуки, според подносителот треба да биде анонимизирано, со соодветно образложение, со што јавноста би била запозната од истите и би се воспоставила поголема доверба во судството.
Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека Уставниот суд, водејќи се од принципот на владеење на правото и во насока на заштита на интегритетот и зголемување на довербата во судските одлуки којашто произлегува од начинот на нивното донесување и образложение на секоја судска одлука, ќе го заштити уставно загаранитираното право на слободен пристап до информации и слободата на примање и пренесување на информации и на страната на траспарентноста.
Врз основа на наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите, а потоа истите да ги укине, а до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените делови од член 9 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
II
На седницата Судот утврди дека во член 9 став 1 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020) е предвидено дека овластениот судски службеник на првостепениот суд е должен во рок од седум дена од денот на правосилноста на судската одлука, односно од денот на доставување на одлуката од страна на повисокиот суд, да ја објави на веб-страницата на судот со име и презиме на странките, односно називот на правното лице, при што се анонимизира адресата на живеалиште, односно престојувалиште или седиштето на странките, единствениот матичен број на граѓанинот или единствениот матичен број на субјектот на упис и личните податоци на сведоците и оштетените во постапката.
Став 2 од истиот член уредува дека овластениот судски службеник на повисокиот суд е должен во рок од седум дена од денот на верификацијата на правосилната судска одлука да ја објави на веб-страницата на судот.
Според став 3 од овој член, автоматизираниот систем генерира податоци за правосилни судски одлуки кои се објавуваат на веб-страницата на судот.
Согласно со став 4 од истиот член, во случаите кога јавноста е исклучена согласно со Уставот на Република Северна Македонија, законот и ратификуваните меѓународни договори во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, судските одлуки без образложение се објавуваат на веб-страницата на Судот.
Иако со иницијативата беа оспорени делови од ставовите 1, 2 и 3 од член 9 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите, Судот ги оценуваше истите во целост, согласно со член 26 од Актот на Судот.
III
Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, е предвидено дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Со став 2 од истиот член се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Во став 3 од овој член е предвидено дека се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Согласно со став 4 од истиот член, се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Со став 5 од овој член се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Став 6 на овој член предвидува дека се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета согласно со став 7 на член 16 од Уставот.
Во член 102 од Уставот на Република Северна Македонија е предвидено дека расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата се јавни (став 1). Јавноста може да биде исклучена во случаи утврдени со закон (став 2).
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
IV
Од анализата на целината на член 9 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите произлегува дека овластен судски службеник има обврска во рок од седум дена да објави правосилна судска одлука на веб-страницата на судот, при што се анонимизираат адресите на странките и нивните матични броеви, со цел заштита на личните податоци. Објавувањето се врши преку автоматизиран систем, а во случаи на исклучена јавност, одлуките се објавуваат без образложение. Постојат и рокови за бришење на одлуките од веб-страницата: кривичните одлуки се бришат со решение за бришење на последиците од осуда, додека останатите одлуки се бришат по пет години. Софтверот овозможува само печатење на документот, а не негова измена, копирање или обработка. Целата постапка е детално уредена со посебно упатство.
Пред Судот како спорно се постави прашањето дали ограничувањето на јавниот пристап до објавување на судските одлуки на веб-страниците на судовите само на правосилните одлуки е во согласност со уставните гаранции на јавноста од член 102, слободата на информирање од член 16 и другите релевантни уставни норми.
Член 16 од Уставот ја гарантира слободата на примање и пренесување информации. Оваа одредба има индивидуална димензија со кое секој граѓанин има право да биде информиран и да прима информации од јавен карактер и општествена димензија каде јавноста како целина има легитимен интерес да биде информирана за постапувањето на органите на државната власт, вклучително и судството.
Во демократско општество, слободата на информирање не може да се сведе само на неостварена уставна декларација, туку подразбира и позитивна обврска на државните органи да овозможат пристап до информации. Судските одлуки, коишто се носат во името на граѓаните, претставуваат извор на информации со највисок јавен интерес.
Член 102 од Уставот содржи два клучни елементи: (а) расправата пред судот мора да биде јавна и (б) изрекувањето на пресудите е јавно, чија цел е да обезбедат јавност и транспарентност во судското одлучување како начин за спречување од арбитрарност, гарантирање на владеењето на правото и унапредување на довербата во правосудството.
Толкувањето на оваа уставна одредба не може да се ограничи само на јавноста на усната расправа и јавното изрекување на пресудата од причина што современите стандарди бараат и јавност на самите текстови на одлуките, со што јавноста може да има увид во правното резонирање на судот.
Меѓутоа, уставната формулација не го исцрпува опфатот на начелото „јавност“ само на двата класични сегменти, туку поради дигиталната трансформација на општеството е потребна поширока и подинамична интерпретација.
Ако основната цел на ова начело е да обезбеди јавен надзор и доверба, ограничување на увидот само на правосилни одлуки, ќе го намали контролниот и информативниот ефект што би довело до повреда на темелната вредност на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 16 (слободата на информирање) од Уставот.
Нашето законодавство, поконкретно член 99 став 5 од Законот за судовите, воспоставува јасен механизам за транспарентност преку објавување на судските акти. Актуелната правна пракса налага задолжително јавно објавување на секоја правосилна одлука во законски утврдениот рок од седум дена.
Во оваа анализа, важно е да се потенцира дека постоењето на законска формулација којашто налага објавување само по правосилноста не ги елиминира уставните и европските обврски за транспарентност и јавен надзор, туку налага законодавецот да ги образложи легитимните интереси коишто се штитат и да обезбеди механизми, како што е објавување со анонимизација, објавување со ограничување на опфатот за одредени категории предмети, коишто ќе ја балансираат заштитата на приватните интереси и јавниот интерес.
По однос на наводот во иницијативата дека јавноста е ограничена само на правосилни одлуки, Судот оцени дека е основан од причина што член 102 од Уставот гарантира јавност на судските постапки како уставен принцип. Ограничувањето јавноста да важи само за правосилни одлуки е несразмерно и ја обесмислува уставната гаранција. Јавноста не може да се сфати само како „формален чин на читање пресуда“, туку како суштински пристап на јавноста до текот на постапката и образложението на судот.
Наводите во иницијативата дека со оспорените делови од член 9 од Законот се повредува слободата на информирање односно член 16 од Уставот, Судот оцени дека се основани, од причина што оваа одредба ја гарантира слободата на примање и пренесување информации и обврзува државните органи да обезбедат пристап до информации од јавен карактер. Судските одлуки, дури и неправосилните, имаат јавен карактер бидејќи се донесуваат во името на граѓаните. Исклучувањето на неправосилните одлуки го ограничува правото на јавноста да биде информирана за аргументите на судовите.
По однос на наводите дека со објавување само на правосилните одлуки се создава недоверба во судството, Судот оцени дека ограничената транспарентност дополнително ја поттикнува недовербата како сериозен демократски проблем, бидејќи со ограничувањето на објавување само на правосилни одлуки се стеснува слободата на информирање и јавноста, како основна слобода, при што истото не е пропорционално и не е неопходно во едно демократско општество.
Како резултат на тоа, Судот оцени дека член 9 ставови 1, 2 и 3 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите може да се доведат под сомнеж во поглед на нивната согласност со членовите 16 и 102 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во однос на оспорениот дел „без образложение“ од член 9 став 4 од Законот, Судот оцени дека, законодавецот предвидел основи за исклучување на јавноста и во случај на исполнетост на тие услови неправосилните судски одлуки се објавуваат без образложение, при што задолжително се врши посебна анонимизација на личните податоци. Ваквото законско решение не е спротивно на уставните одредби, бидејќи целта на законодавецот е заштита на правата на странките и обезбедување на рамнотежа помеѓу принципот на јавност и потребата од заштита на доверливи податоци.
По однос на предлогот во иницијативата за донесување решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствијата што се преземаат врз основа на оспорените делови од член 9 од Законот, Судот оцени дека не се исполнети условите предвидени во член 37 став 1 од Актот на Судот, од причини што од таквото решение би произлегле негативни последици врз функционирањето на системот за објавување на судските одлуки на веб-страниците на судовите.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски