Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, ќе биде говорник на Меѓународна конференција за современите предизвици на уставната правда, која ќе се одржи на 7 и 8 февруари 2026 година, во Арапската Република Египет.
Судијата Костадиновски ќе се обрати во сесијата посветена на независноста на уставната правда, при што ќе настапи и во својство на претставник и претседавач на Балканскиот форум на уставни судови(BCCF). Во своето излагање Kостадиновски ќе се осврне за „Уставното судство во Република Северна Македонија: патот од строг формализам до жив конституционализам”.
Во фокус на дискусиите ќе бидат и значењето на институционалните гаранции за независноста на уставните судови, механизмите за нивна заштита од политички и медиумски влијанија, како и на улогата на уставните судови во заштитата на уставниот поредок и владеењето на правото.
На конференцијата ќе се разгледуваат и прашања поврзани со влијанието на новите технологии и вештачката интелигенција врз уставната правда, особено во контекст на поддршката на судиското одлучување, заштитата на личните податоци и дигиталната трансформација на уставно-судските институции, како и прашањата за границите на надлежноста на уставната правда, уставното толкување и односот меѓу судската, законодавната и извршната власт.
На конференцијата ќе присуствуваат претседатели и судии на уставни и врховни судови, како и правни експерти и академици од повеќе земји.
Во рамки на посетата во Египет, е предвидена и билатерална средба со претседателот на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, Булос Фатимп Искандар, на која се очекува да биде потпишан Протокол за соработка меѓу двата суда.
Со овој протокол е предвидено да се продлабочи ширењето на правното знаење и унапредувањето на техниките на судско одлучување, да се воспостави рамка за размена на судска практика, искуства и експертиза, како и за унапредување на институционалната соработка меѓу двата уставни суда.